Нед
22 јуни
1. ИСУС ВО ВИТАНИЈА
а. Кога слушнала дека Исус доаѓа во Витанија, што направила Марта и какво уверување изразила? Јован 11:20–22.
„Меѓу ожалостените пријатели биле и роднини на тоа семејство, од кои некои заземале истакнати положби во Ерусалим. Меѓу нив се наоѓале и некои од најогорчените Христови непријатели. Христос ги знаел нивните намери и затоа не се појавил веднаш.
Веста ѝ била пренесена толку тивко на Марта, што никој друг во собата не ја слушнал. Обземена од својата болка, Марија не ги забележала зборовите. Марта веднаш станала и тргнала во пресрет на својот Господ. Мислејќи дека Марта заминала до гробот на Лазар, Марија останала тивка во својата тага, не плачејќи на глас.
Марта брзала да Го сретне Исуса, додека во нејзината душа се бореле спротивставени чувства. На Неговото изразливо лице повторно ја видела истата љубов и нежност кои секогаш зрачеле од Него. Нејзината доверба во Него не била поколебана, но не можела да не помисли на својот сакан брат, кого и Исус многу го сакал. Со болка што ѝ го раскинувала срцето затоа што Христос не дошол порано, но сепак со надеж дека Тој дури и сега може да направи нешто за да ги утеши, таа рекла: ‘Господи, да беше Ти овде, мојот брат немаше да умре.’ Среде вревата на оплакувачите, сестрите ги повторувале овие зборови одново и одново.“ — Копнежот на вековите, 529.
Пон
23 јуни
2. КОНЕЧНОТО ВЕТУВАЊЕ ЗА НАДЕЖТА
а. Каква сигурност ѝ дал Христос на Марта? Јован 11:23. Што разбрала таа под тоа? Јован 11:24.
„Исус ја охрабрил нејзината вера со зборовите: ‘Твојот брат ќе воскресне!’ Неговиот одговор не бил насочен кон тоа да ѝ разбуди надеж за некаква непосредна промена. Наместо тоа, Тој ги повел нејзините мисли од воскресението на нејзиниот брат во сегашноста кон идното воскресение на праведните. Христос го направил тоа за Марта да го сфати воскресението на Лазар како гаранција за воскресението на сите праведници и како уверување дека тоа ќе се исполни со силата на Спасителот.
Марта одговорила: ‘Знам дека ќе воскресне при воскресението во последниот ден.’“ — Копнежот на вековите, 530.
б. Со кои зборови Исус го потврдил уверувањето на Марта? Јован 11:25; 1 Јован 5:12.
„Сакајќи уште еднаш да ја насочи нејзината вера во вистинска насока, Исус рекол: ‘Јас сум воскресението и животот’. Во Христос се наоѓа живот – исконски, непозајмен, ненаследен. ‘Кој го има Синот, има живот’. (1. Јованово 5:12) Христовото божество е уверување за верникот за вечен живот.“— Копнежот на вековите, 530.
в. Кое ветување е темел на нашата надеж што гледа подалеку од гробот и како уверувањето на Марта е поврзано со Христовото чудо? Јован 5:26; 11:26, 27.
„„Тука Христос мисли на времето на Своето второ доаѓање. Тогаш мртвите праведници ќе воскреснат во нераспадливи тела, а живите праведници ќе бидат преобразени и вознесени на Небото, без да ја вкусат смртта. Чудото што Христос наскоро требало да го направи – воскреснувањето на Лазар од мртвите – го претставува воскресението на сите праведници што починале. Со Своите зборови и дела, Тој јасно покажал дека е Творецот на воскресението. Тој, Кој и самиот набргу ќе умре на крстот, ги држел клучевите на смртта. Како победник над гробот, го потврдил Своето право и сила да даде вечен живот.“ — Копнежот на вековите, 530.
Вто
24 јуни
3. ИСУС ПЛАЧЕ Вто, јуни
а. Опиши ги делата и зборовите на нажалената Марија. Јован 11:28–32.
б. Кога ја виде Марија и некои од Евреите како плачат, што направил Исус и зошто? Јован 11:33–35.
„’Исус, кога ја виде како плаче, и како плачат Евреите што дојдоа со неа, воздивна длабоко во душата и се вознемири.’ Тој ги читал срцата на сите собрани. Видел дека многумина од нив само се преправаат дека се тажни. Знаел дека некои од тие што сега лицемерно ја искажуваат својата болка, наскоро ќе почнат да смислуваат заговор, не само против Силниот Чудотворец, туку и против човекот кој требало да воскресне од мртвите. Христос можел да ја разоткрие нивната лажна тага, но го задржал Својот праведен гнев. Зборовите што можел да ги изговори со полно право, не ги кажал – поради оние драги души кои во својата болка клечеле покрај Неговите нозе и навистина верувале во Него.
‘Каде го положивте?’ – прашал. Тие му рекоа: ‘Господи, дојди и види.’ Заедно тргнале кон гробот. Била тоа тажна глетка. Мнозина го сакале Лазар, а неговите сестри, со скршени срца, плачеле по него. Неговите пријатели лееле солзи заедно со нив. Гледајќи ја таа сцена на човечка болка, и знаејќи дека нажалените пријатели тагуваат по покојникот додека покрај нив стои Спасителот на светот, ‘Исус заплака.’“ —Копнежот на вековите, 533.
в. Како овој момент од Исусовиот живот треба да ни биде пример? Римјаните 12:15.
„Прекрасниот пример на Христос, Неговата неспоредлива нежност со која ги освојувал чувствата на луѓето – плачејќи со оние што плачат и радувајќи се со оние што се радуваат – треба да остави длабоко влијание врз карактерот на сите што искрено Го следат. Патот за стапалата на изморените и изнемоштените треба да се израмни со љубезни зборови.“—Здравје и среќа, 157, 158.
Сре
25 јуни
4. СОРАБОТКА ПОМЕЃУ БОГА И ЧОВЕЧКИОТ РОД
а. Што им наредил Исус на оние што биле околу Него? Јован 11:39 (прв дел). Како реагирала Марта и што ѝ рекол Исус? Јован 11:39 (втор дел).
„Кога Господ има намера да направи некое дело, сатаната влијае врз некои да приговараат. Христос рекол: ‘Тргнете го каменот’. Подгответе го патот за Моето дело, онолку колку што е можно. Но, токму во овој момент манифестирала решителната и амбициозна природа на Марта. Таа не сакала другите да го видат телото што веќе се распаѓа. Човечкото срце бавно ги сфаќа Христовите зборови, а верата на Марта не го разбрала вистинското значење на Неговото ветување.
Христос ја укорил Марта, но Неговите зборови биле изговорени со најголема благост. ‘Нели ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?’ Зошто се сомневаш во Мојата моќ? Зошто размислуваш спротивно на Моите барања? Го имате Мојот збор – ако верувате, ќе ја видите Божјата слава. Она што по природен пат е невозможно, не може да го спречи делото на Семоќниот. Скептицизмот и неверието не се знак на понизност. Вистинска понизност и вистинско самопредавање се состојат во безусловната вера во Христовите зборови.
‘Поместете го каменот’. Христос можел да му заповеда на каменот да се отстрани, и тој ќе Му се покорел. Можел да им нареди на ангелите што стоеле покрај Него да го направат тоа. Со само една Негова наредба, невидливи раце ќе го тргнеле каменот. Но, Тој сакал да биде отстранет од човечки раце. Со тоа Христос сакал да им покаже на луѓето дека треба да соработуваат со Божјата сила. Божествената моќ не е повикана да го направи она што може да го направи човечката сила. Бог не ја отфрла човечката помош. Тој му дава сила на човекот и соработува со него, кога човекот ги користи силите и способностите што му се дадени.“—Копнежот на вековите, 535.
б. Кои Христови зборови нежно нè укоруваат за нашето неверување денес? Јован 11:40.
„Но мнозина немаат жива вера. Ова е причината зошто тие не гледаат повеќе докази за Божјата моќ. Нивната слабост е последица на нивното неверување... Планираат и смислуваат, но малку се молат и имаат малку вистинска доверба во Бога. Мислат дека имаат вера, но тоа е само моментна побуда. Не успевајќи да ги реализираат своите потреби или Божјата подготвеност истите да им ги задоволи, тие не се истрајни при изнесувањето на своите барања пред Бога.“—Христовите поуки, 145, 146.
Чет
26 јуни
5. ИСУС ГО ВОСКРЕСНУВА ЛАЗАР
а. Кoja молитва ја изговорил Исус покрај гробот? Јован 11:41, 42.
„Заповедта била извршена. Каменот бил отстранет. Сѐ било направено јавно и со јасна цел. Секому му била дадена можност да се увери дека не станува збор за никаква измама. Во гробот, во пештерата, лежело телото на Лазар – студено, неподвижно и мртво. Тажењето на оплакувачите запрело. Изненадени и во исчекување, мноштвото стоело околу гробницата, чекајќи да види што ќе се случи... Тогаш Христос повторно потврдил дека Бог е Негов Татко и со целосна доверба објавил дека Тој е Божјиот Син.“ — Копнежот на вековите, 535, 536.
б. Со кои зборови Исус го воскреснал Лазар? Јован 11:43. Што се случило веднаш потоа? Јован 11:43, 44.
„(Христовиот) глас, јасен и продорен, продрел до ушите на умрениот. Додека зборувал, божеството блеснало низ човечкото. Неговото лице, осветлено од Божјата слава, било уверување за Неговата сила. Секое око било насочено кон влезот на пештерата. Секое уво внимателно наслушнувало дури и најмал шум. Со силен и напрегнат интерес сите очекувале доказ за Христовото божество – доказ што ќе го потврди Неговото тврдење дека е Божјиот Син или, пак, засекогаш ќе ја изгасне надежта во тоа. Одеднаш, во тивкиот гроб нешто се поместило, и на влезот од гробницата се појавил оној што бил мртов. Погребниот повој со кој бил завиткан во гробот му ги попречувал движењата, и Христос им рекол на вчудовидените гледачи:
‘Одвиткајте го и пуштете го да оди.’ Повторно им било покажано дека човекот треба да соработува со Бога. Човекот треба да работи за човек. Го одврзале Лазар, и тој стоел пред мноштвото – не како човек исцрпен од болеста, со слаби и несигурни чекори, туку како човек во својата најдобра возраст, во полна сила и благородна мажественост. Од неговите очи блескала разумност и љубов кон Спасителот. Во чин на обожавање, тој се фрлил пред нозете на Исус.“ — Копнежот на вековите, 536.
Пет
27 јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА:
1. Опиши ја довербата што сестрите ја имале во Исус.
2. Што им ветил Исус на Марта, Марија и на сите верници?
3. Зошто Исус заплакал?
4. На кој начин човекот соработувал со Бога во ова чудо?
5. Опиши ги постапките на Лазар по Христовиот повик.