Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Евангелието според Марко

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 3. октомври 2020

Почеток на Евангелието на Исус Христос

„А потоа, откако Јован беше затворен, дојде Исус во Галилеја и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо, и велеше: ‘Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието’” (Марко 1:14,15).

„Немало ѕвечкање со оружје, ниту обивање на затворските врати; но лекувањето на болните, проповедањето на евангелието, окрепувањето на човечките души, сето тоа сведочело за Христовата мисија“. – Воспитување, 157.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на вековите, 109-113. 

Недела 27. септември

1. ПОЧЕТОК НА ЕВАНГЕЛИЕТО

а. Како Марко го започнува својот извештај за Христовиот живот? Што тој веднаш признава за Исуса? Марко 1:1.

б. Објаснете што е „евангелие“. Римјаните 1:16.

„(Божјата) милост и добрина се целосно незаслужени. Христовата благодат е доволна да го оправда грешникот без било какви заслуги или права од негова страна. Оправдувањето претставува целосно, комплетно простување на гревот. Моментот кога грешникот со вера ќе го прими Христа, е момент на негово помилување. Нему му се припишува Христовата праведност и тој повеќе не се сомнева дека Бог во својата милост му простил“. – Коментар на Библиските текстови, 635.

„Нема никакви недостатоци во Божјиот план за спасение на луѓето. Ако евангелието не е сила на спасување за секоја душа, тоа не е затоа што евангелието е несовршено, туку затоа што луѓето не се практични верници, практични приматели на благодатта и Христовата праведност... Оние што тврдат дека се верници не го прифаќаат Христа за свој личен Спасител, туку одат далеку од Исуса“. – This Day With God, p. 18.


Понеделник 28. септември

2. ПРЕДВЕСНИКОТ НА ХРИСТОС

а. Кое било делото на Јован Крстител? Марко 1:2; Лука 1:17.

„Во секоја фаза од историјата на оваа земја, Бог имал свои претставници кои имале задача да го спроведат Неговото дело на начин кој Тој го одредил. Јован Крстител имал особена задача, за која бил роден и за која бил назначен – задача да го подготви патот на Господ... Неговата пустинска мисија била највпечатлива, буквално исполнување на пророштвото“. – Коментар на Библиските текстови, 508.

„Во Јован Крстител Господ подигнал за себе гласник, за да го подготви патот на Господ. Тој требаше да му даде на светот непоколебливо сведоштво во укорување и осудување на гревот“. – Selected Messages, bk. 2, p. 147.

„Нашето дело во најавување на второто Христово доаѓање е слично на делото на Јован Крстител, Христовиот предвесник при Неговото прво доаѓање. Ние треба да му ја објавиме на светот пораката: ‘Близу е денот Господов’. ‘Приготви се да го дочекаш твојот Бог!’ Ние треба да направиме многу повеќе од она што досега сме го направиле“. – Reflecting Christ, p. 201.

б. Која била пораката на Јован, и кој доаѓал да го слуша? Марко 1:3- 5.

в. Кон кого Јован го насочувал народот? На кој начин делото на Јован било различно од она на Месијата што доаѓа? Марко 1:6- 8.

„Јован им кажал на своите ученици дека Исус е ветениот Месија, Спасител на светот. Бидејќи неговото дело се приближувало кон крај, ги упатил кон Исуса и ги поучил да го следат Него како Голем Учител. Животот на Јован Крстител бил исполнет со тага и самоодрекување. Тој го најавил првото Христово доаѓање, но не му било дадено да биде сведок на Неговите чуда и да и се радува на силата која што Тој ја манифестираше. Јован знаел дека неговата улога е завршена и дека мора да умре штом Исус ќе започне со својата мисија како учител. Неговиот глас, со исклучок во пустината, многу ретко се слушал. Животот му поминал во осаменост. Не бил поврзан со семејството на својот татко за да ја ужива благодатта на семејниот и општествениот живот, туку сѐ оставил настрана за да може да ја заврши својата мисија. Луѓето во големо мноштво ги напуштале прометните градови и села и оделе во пустината за да ги слушаат зборовите на необичниот пророк. Јован ја поставил секирата на коренот на дрвото. Го укорувал гревот, не плашејќи се за последиците и го подготвил патот за Божјото Јагне“. – Рани списи, 154.


Вторник 29. септември

3. СПАСИТЕЛОТ СЕ КРШТЕВА

а. Од која причина Исус дошол да го види Јована? Марко 1:9.

„Кога Исус дошол кај Јован да се крсти, Крстителот во Него видел чистота на карактерот, каква што никогаш порано не забележал кај ниеден човек... никогаш не дошол во допир со човек од кој толку зрачело божествено влијание. Сето тоа било во склад со она што му било откриено на Јован за карактерот на Месијата. Сепак, тој се притеснувал да го исполни Исусовото барање. Како тој, грешник, да го крсти Безгрешниот? И зошто Оној, Кому не му било потребно покајание морал да се потчини на еден обред што го претставува признавањето на вината која треба да се измие?

Кога Исус побарал да биде крстен, Јован извикал: ‘Ти треба мене да ме крстиш, а Ти доаѓаш при мене!’ Благо, а сепак решително, Исус одговорил: ‘Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме сета правда’. Попуштајќи, Јован го повел Спасителот до Јордан и го нурнал во водата. Исус ‘веднаш излезе од водата. И ете наеднаш се отворија небесата и Тој го виде Божјиот Дух како слегува како гулаб и се спушта на Него’“. – Копнежот на вековите, 110,111.

б. Како Светиот Дух се открил при Исусовото крштевање – како и Бог Отецот? Марко 1:10.

„Господ ветил дека ќе му даде знак на Јован со кој ќе знае кој е Месијата. И кога Исус излегол од водата, ветениот знак беше даден; бидејќи го видел небото отворено, и Божјиот Дух, во облик на сјаен гулаб како лебди над Христовата глава, и од небото се чу глас: ‘Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја’...

Поради гревот, земјата била отсечена од небото, но Христос со својата човечка рака го прегрнал паднатиот род, додека со својата божествена рака цврсто се држел до престолот на Бесконечниот. Така на земјата повторно и е вратена милоста на небото, а човекот повторно можел да воспостави заедница со Бога. Христовата молитва во корист на човечкиот род го расчистила патот низ секоја сенка што сатаната ја фрлил меѓу човекот и Бога и јасно го осветлила каналот за одржување на врска со престолот на славата. Вратата беа оставени подотворени, небесата се отворија, а Божјиот Дух во облик на гулаб се спуштил над Христовата глава, а од небото се слушнал Божјиот глас како вели: ‘Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја’“. – Коментар на Библиските текстови, 430,431.


Среда 30. септември

4. ОДВЕДЕН ВО ПУСТИНАТА

а. Каде отишол Исус веднаш по Неговото крштевање? Марко 1:12. Зошто¬?

„Зошто на почетокот на Неговата јавна служба Христос бил одведен во пустината за да биде искушуван?... Тој отишол не во свое име, туку во наше име; да надвладее заради нас... Тој требаше да биде искушан и испитан како претставник на нашата раса. Требаше лично да се сретне со непријателот за да го собори оној кој тврдел дека е владетел на царствата на светот...

Нашиот Спасител на секој чекор се спротивставил на искушението и на овој начин му овозможил и на човекот да стане победник“. – That I May Know Him, p. 32.

„Кога Исус бил поведен во пустината за да биде искушан, Него го водел Божјиот Дух. Тој не го повикал искушението. Тој отишол во пустината за да биде сам, за да размислува за Својата мисија и дело. Со пост и молитва морал да се подготви за крвавата патека по која морал да помине. Меѓутоа, сатаната знаел дека Спасителот отишол во пустината и сметал дека тоа е најповолен момент за да му пристапи“. – Копнежот на вековите, 114.

б. Со што Исус морал да се бори додека бил во пустината? Како Бог му помогнал? Марко 1:13.

„Ако не постои можност да попуштиме, искушението не е искушение. На искушението човекот му се спротивставува кога е под силно влијание да направи погрешно дело; и знаејќи дека тоа може да го стори, му се спротивставува со вера, цврсто држејќи се до божествената сила. Такви биле искушенијата низ кои Христос поминал“. – Selected Messages, bk. 3, p. 132.

в. Како Бог ни ветува дека ќе ни помогне кога тоа ќе ни биде потребно? Псалм 91:11; 34:7.

„Бог на Своите ангели им налага будно да бдеат над нас, и доколку ние се ставиме под нивна заштита, тие во секоја опасност ќе ни се најдат од десната страна. Често, додека ние не сме ни свесни од опасноста на лошите влијанија што нѐ опкружуваат, ангелите се покрај нас, нѐ поттикнуваат да тргнеме во подобар правец, бираат зборови за нас и влијаат на нашите постапки. Благодарејќи на тоа, нашето влијание може да стане тивка, несвесна, но моќна сила во придобивање на други души за Христа и за небесниот свет“. – Мојот живот денес, 302.


Четврток 1. октомври

5. ШИРЕЊЕ НА ЈОВАНОВАТА ПОРАКА

а. Откако Јован ја исполнил својата мисија, каква порака започнал Исус да проповеда – и зошто? Марко 1:14,15.

„Евангелската порака што ја објавил Спасителот се засновала на пророштвата. ‘Времето’ за кое Тој рекол дека се исполнило, бил периодот што ангелот Гаврил му го објавил на Даниел... ‘Затоа знај и разбери, од времето, кога ќе се издаде заповед Ерусалим повторно да се изгради, до Кнезот Помазаник, ќе поминат седум седмици, а потоа шеесет и девет седмици’, шеесет и девет седмици или четиристотини осумдесет и три години. (Даниел 9:25) Заповедта за обнова и ѕидање на Ерусалим што ја издал Артаксеркс Лонгиманус, стапила на сила есента во 457. година пред Христа. (Види Ездра 6:14; 7:1,9) Тој период од четиристотини и осумдесет и три години се протега до есента 27. година по Христа. Според пророштвото, тој период требало да достигне до Месијата Помазаникот. Во 27. година по Христа, при своето крштевање Исус Христос примил помазание од Светиот Дух и набргу потоа започнала неговата јавна служба. Тогаш била објавена веста: ‘Се исполни времето’“. – Копнежот на вековите, 233.

„Самиот Христос бил основачот на еврејскиот систем, темел на скапоцениот храм, антитипот на кого укажувале сите жртвени служби. Евреите со очигледно нетрпение го очекувале Христовото доаѓање. Книжниците, кои добро го познавале законот и биле запознаени со изјавите на пророците во врска со Неговото доаѓање, од пророчката историја знаеле дека времето на барање и чекање на Неговото доаѓање на свет истекло“. – The Spirit of Prophecy, vol. 3, p. 35.


Петок 2. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кога Бог ни простува? Колку е целосно ова простување?

2. Кое било посебното дело на Јован Крстител? Кое е нашето дело денес?

3. Што се случило при Исусовото крштевање? Зошто ова било значајно?

4. Како Христос станал победник заради нас во текот на своето искуство во пустината? Што значи тоа?

5. Што мислел Исус кога рекол времето е исполнето? На кое време мислел Тој?

 <<    >>