Недела
8. мај
1. ВЕЧЕРА ГОСПОДОВА
а. Зошто Исус го воспоставил обредот на светата вечера за нас - и каков треба да биде нашиот став кон тоа? Матеј 26:26-29; 1 Коринтјаните 11:26.
„Земајќи учество во лебот и виното заедно со своите ученици, Христос се заветувал себеси дека ќе биде нивен Откупител. Тој им го доверил Новиот завет, со кој сите што ќе го прифатат стануваат Божји деца и Христови сонаследници. Со тој завет се стекнува право на секој благослов што Небото може да го подари во овој и во идниот живот. Тој завет морал да биде потврден со Христовата крв. А намената на Светата вечера се состои во тоа постојано да ги потсетува учениците на неизмерната жртва за секој од нас поединечно како припадници на паднатиот човечки род“. – Копнежот на вековите, 656.
„Обредот Света вечера укажува и на Христовото повторно доаѓање“. – Копнежот на вековите, 659.
„Никој не треба да се исклучува себеси од Светата вечера затоа што е присутен некој недостоен. Секој ученик е повикан со јавно учество во овој обред да посведочи дека го прима Христа како свој личен Спасител. При таквите Негови состаноци, Христос се среќава со својот народ и со своето присуство ги охрабрува и зајакнува. Срцето и рацете на оние кои го извршуваат овој обред можат да бидат недостојни, но Христос е тука за да им послужи на своите деца“. – Копнежот на вековите, 656.
Понеделник
9. мај
2. ХРИСТОС, НЕБЕСНИОТ ЛЕБ
а. Како Христос се поистоветува себеси со лебот што дава живот? 1 Коринтјаните 11:23-25; Јован 6:33-35,50,51,63.
„Да се јаде Христовото тело и да се пие Неговата крв значи да се прими како личен Спасител, да се верува дека Тој ги простува нашите гревови и дека сме совршени во Него. Набљудувајќи ја Неговата љубов, размислувајќи за неа, напојувајќи се од неа, ние стануваме учесници во Неговата природа. Она што е храна за телото тоа Христос мора да биде за душата. Храната не ни е од полза ако не ја јадеме, ако не стане дел од нашето битие. Така Христос не ни е од никаква полза, ако не го примиме како свој личен Спасител. Теоретското знаење нема да ни биде од никаква полза. Мораме да се храниме со Него, да го примиме во своето срце, така што Неговиот живот да стане наш живот. Неговата љубов и Неговата благодат мора да станат дел од нас“. – Копнежот на вековите, 389.
„Христовиот живот, кој дава живот на светот се наоѓа во Неговата Реч. Со својата реч, Исус лекувал болни и истерувал демони. Со својата реч ја стивнал бурата и ги подигал мртвите и народот бил сведок дека Неговата реч имала сила. Тој ја зборувал Божјата Реч, како што зборувал преку сите пророци и учители во Стариот Завет. Целата Библија е манифестација на Христа и Спасителот сакал верата на своите следбеници да ја утврди кон Речта. Кога Неговото видливо присуство ќе биде повлечено, Речта мора да биде извор на нивната сила“. – Копнежот на вековите, 390.
б. Што треба да научиме од начинот на кој Христос одговорил на предизвикот на сатаната да ја злоупотреби својата креативна моќ за себични цели? Матеј 4:4.
„Како што својот телесен живот го одржуваме со помош на храна, така и нашиот духовен живот се одржува со помош на Божјата Реч. Секоја душа за себе треба да прима живот од Божјата Реч. Како што сами мораме да јадеме за да примиме сила, така и сами мораме да ја примиме Речта. Не можеме да ја добиеме со посредство на некој друг. Треба внимателно да ја проучуваме Библијата, молејќи му се на Бога со помош на Светиот Дух да можеме да ја разбереме Неговата Реч. Треба да земеме еден стих и да ги насочиме мислите, трудејќи се да ја пронајдеме смислата што Бог ја ставил за нас во него. Треба да размислуваме за таа мисла, сѐ додека таа не стане наша сопствена мисла и ние не дознаеме ‘што говори Господ’“. – Копнежот на вековите, 390.
„Како што Божјиот Син живеел преку вера во Отецот, така и ние мораме да живееме преку вера во Христа. Исус целосно бил предаден на Божјата волја, така што Отецот единствено се манифестирал во Неговиот живот. Иако бил искушуван во сѐ како и ние, стоел пред светот неизвалкан од гревот што го опкружувал. Така и ние треба да победиме, како што победил Христос“. – Копнежот на вековите, 389.
Вторник
10. мај
3. ВИНО
а. Какво вино понудил Христос на свадбата во Кана и при обредот Света вечера? Исаија 65:8.
„Виното што го обезбедил Христос за свеченоста и она што им го дал на учениците, како симбол на Својата крв бил чист гроздов сок. На тоа укажува и пророкот Исаија, зборувајќи за новото вино ‘во гроздот,’ кога вели: ‘Не го расипувај, зашто благослов е во него’ (Исаија 65:8)“. – Копнежот на вековите, 149.
„Обредот Света вечера укажува и на Христовото повторно доаѓање. Тој е одреден постојано да ја освежува оваа надеж во мислите на учениците. Секогаш кога ќе се сретнат во спомен на Неговата смрт, тие ќе се сеќаваат како Тој ‘ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде, велејќи: Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв на новиот завет, што се пролева за мнозина за простување на гревовите. Но, ви велам, отсега нема да пијам повеќе од овој лозов род до оној ден кога ќе го пијам со вас нов во царството на Мојот Татко’. Во своите неволји тие ќе најдат утеха во надежта за враќањето на својот Господ. Мислата: ‘секогаш кога го јадете овој леб и ја пиете оваа чаша, ја објавувате смртта Господова додека Тој не дојде’ (1. Коринтјаните 11:26), за нив била неискажливо драгоцена“. – Копнежот на вековите, 659.
б. Какво драгоцено ветување наоѓаме во 1 Јованово 1:7?
„Прекрасна е самата помисла дека Христовата праведност ни се припишува не поради некоја заслуга од наша страна, туку како бесплатен дар од Бога. Непријателот на Бога и човекот не сака оваа вистина јасно да биде претставена, бидејќи знае дека ако луѓето целосно ја прифатат, неговата моќ ќе биде скршена...
Луѓето треба да бидат охрабрени со онаа едноставна вера која ги наведува цврсто да се држат до Божјите ветувања. Божјиот народ мора да ја има онаа вера која полага право на божествената сила; ‘зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас - туку дар Божји’ (Ефесјаните 2:8). Оние кои веруваат дека Бог им ги простил гревовите заради Христа, не треба да се повлекуваат да се борат во добрата борба на верата, и покрај сите искушенија. Нивната вера треба да зајакнува, сè додека во своето христијанско искуство не се развијат до таа мера кога нивниот христијански живот, како и нивните зборови, со право можат да кажат: ‘Крвта на Исус Христос... нè очистува од секаков грев’ (1 Јованово 1:7)“. – Gospel Workers, p. 161.
Среда
11. мај
4. ДОСТОЈНОСТ
а. Кој може да учествува на Господовата вечера? 1 Коринтјаните 11:27,29. Наведи пример кога некој, во тој обред, недостојно учествувал. Јован 13:10,11,18.
„Предавникот Јуда присуствувал на овој свет обред. И тој од Христовата рака ги примил симболите на Неговото рането тело и Неговата пролеана крв. Тој ги слушнал зборовите: ‘Ова правете го за Мој спомен’. Седејќи во непосредно присуство на Божјото Јагне, предавникот размислувал за своите мрачни намери и бил задлабочен во своите подмолни, одмаздољубиви мисли“. – Копнежот на вековите, 653.
б. Иако припаѓал на дванаесетмината, зошто Јуда во срцето бил недостоен да се причести? Која подготовка била наменета да го омекне неговото тврдо срце —а која и нам ни е потребна? Јован 13:14,15.
„Силата на таа љубов ја почувствувал и Јуда. Кога Христос со Своите раце ги миел валканите нозе и ги бришел со крпа, Јудиното срце затреперило и почувствувал потреба веднаш да го признае својот грев. Но не сакал да се понизи. Тоа срце било премногу тврдо за да може да се покае и старите побуди, кои за момент биле потиснати, повторно завладеале со него. Јуда се соблазнил што Исус им ги миел нозете на Своите ученици. ‘Кога Исус можел да се понизи до таа мера’ мислел Јуда ‘тогаш Тој не е Израелски цар’. Сета надеж за световна чест во едно земно царство, пропаднала. Јуда бил уверен дека не може да добие ништо доколку и понатаму оди со Христа. Кога видел дека Христос според негово мислење сам се деградирал, Јуда уште поцврсто одлучил да се откаже од Него и да се прикаже како да бил измамен. Тој целосно се предал на власта на демоните и одлучил до крај да го спроведе планот на кој се согласил, предавајќи го својот Господ“. – Копнежот на вековите, 645.
„Тој му ги измил нозете и на Јуда, но срцето не можел да го измие, бидејќи Јуда не го дозволил тоа. Тој не се потчинил, ниту Му се предал на Христа“. – Копнежот на вековите, 649.
„Според својата природа, човекот е склон себеси да се смета за подобар од својот брат, да работи за себе, да копнее по највисока положба, а тоа често доведува до зли претпоставки и огорченост. Обредот кој и претходи на Господовата вечера има цел да ги отстрани тие недоразбирања и да го ослободи човекот од неговата себичност и пиедесталот на самовоздигнувањето и да го насочи кон понизност на срцето, што ќе го наведе да им служи на своите браќа“. – Копнежот на вековите, 650.
Четврток
12. мај
5. САМОИСПИТУВАЊЕ
а. Што треба да направиме пред обредот Света вечера? 1 Коринтјаните 11:28.
„На оваа свеченост (миење на нозете) е присутен светиот Стражар од Небото за да направи од истата време за самоиспитување, за уверување за гревот и за стекнување на блажено убедување за простени гревови. Тука се наоѓа Христос во сета полнина на својата благодат да го измени текот на мислите кои биле насочени по каналите на себичноста. Светиот Дух поттикнува чувствителност кај оние кои се угледуваат на примерот на нашиот Господ. Додека размислуваме за понизноста на Спасителот, нашите мисли се поврзуваат една со друга, се појавуваат многу спомени спомени за големата Божја добрина и за благонаклоноста и нежноста на земните пријатели. Тогаш се сеќаваме на заборавените благодети, злоупотребената милост, омаловажената љубезност. Се откриваат корените на горчина кои ја задушувале драгоцената билка на љубовта. Се сеќаваме на своите карактерни недостатоци, запоставувани должности и неблагодарност кон Бога и студенило кон своите браќа. Гревот се појавува во светлината во која го гледа Бог. Тогаш нашите мисли не се веќе мисли на самозадоволство, туку на остра самокритика и понизност. Умот добива сила да ја сруши секоја бариера која причинила отуѓување. Човекот веќе не мисли ниту пак зборува лошо за другите“. – Копнежот на вековите, 650.
б. Како можеме да бидеме достојни да учествуваме во Господовата вечера? Изреки 28:13; 1 Јованово 1:8,9.
„Гревовите се признаени и простени. Христовата благодат која потчинува ја освојува душата, а Неговата љубов ги привлекува срцата во едно благословено единство”. – Копнежот на вековите, 651.
„И вие, кои се чувствувате најнедостојни, не плашете се својот случај да му го препуштите на Бога. Кога се дал Себеси во Христа за гревовите на светот, Бог го презел случајот на секоја душа“ – Христовите поуки, 174.
Петок
13. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како Исус сака Светата вечера да ми биде од корист?
2. Зошто Господ зборува за Себе како за Леб на животот?
3. На што треба да се фокусираме кога земаме вино за време на Светата вечера?
4. Зошто треба да бидеме достојни да дојдеме на Господовата трпеза?
5. Како можам подобро да се подготвам за следната света вечера?