Исус, Симон и Марија „Затоа ти велам: нејзе и се простени многу гревови, зашто покажа многу љубов. А кому му е простено малку, тој мала љубов има“ (Лука 7:47).
Предлагаме да прочитате:
Сведоштва за Црквата, том 4, стр. 485–487, 550–552.
„Исус ги познава околностите во кои се наоѓа секоја душа. Ти можеш да кажеш: „Јас сум грешен, многу грешен”. Можеби и си грешен, но колку си погрешен, толку повеќе ти е потребен Исус. Тој не одбива никого кој му приоѓа со солзи и покајание. Тој никому не му кажува сѐ што би можел да открие, туку ја охрабрува секоја исплашена душа. Со задоволство им простува на сите кои доаѓаат кај Неги заради прошка и обновување.“ — Копнежот на вековите, 568.
1. ПОСЛЕДНАТА ПОСЕТА НА ВИТАНИЈА Нед, 29 јуни
а. Опишете ги околностите што го зафатиле Ерусалим во времето на Христовата посета на Витанија и на кој начин тоа влијаело врз некои од присутните на Симоновата гозба. Јован 11:55-57; Псалм 55:21.„Симон од Витанија се сметал за Исусов ученик. Тој бил еден од неколкуте фарисеи кои отворено им се придружиле на Христовите следбеници. Тој го признал Исуса за учител и се надевал дека Тој би можел да биде Месијата, но не го прифатил како Спасител. Неговиот карактер не се преобразил, неговите начела останале неизменети.“ – Копнежот на вековите, 557.б. Кој голем благослов го примил Симон и како ја изразил својата благодарност кон Исус? Лука 7:36.„Симон бил исцелен од лепра и тоа било она што го привлекло кон Исуса. Тој посакувал да ја покаже својата благодарност и, кога Христос последен пат бил во Витанија, тој подготвил гозба за Спасителот и за Неговите ученици.“ – Копнежот на вековите, 557.
2. ЗРАЧЕЊЕ ОД СРЦЕТО Пон, 30 јуни
а. Опишете ја скриената, позадинска ситуација што често постои на општествени собири и како тоа се случило и овој пат. Псалм 55:21.„На оваа гозба биле собрани и многу Евреи. Во тоа време во Ерусалим владеела голема возбуда. Христос и Неговата мисија привлекувале поголемо внимание од било кога порано. Оние што дошле на гозбата внимателно го следеле Неговото движење, а некои од нив тоа го правеле со непријателски поглед.“ – Копнежот на вековите, 557.б. Опишете го делото што го извршила Марија на Симоновата гозба. Лука 7:37,38; Јован 12:3.„Марија внимателно го слушала секој збор што Доаѓал од Исусовите усни. Во Својата милост, Исус и ги простил гревовите, го повикал да излезе од гробот нејзиниот сакан брат, па нејзиното срце било полно со благодарност. Слушнала како Исус зборува за Својата блиска смрт, па во Својата длабока љубов и тага сакала да му укаже чест. По цена на голема лична жртва купила сад од алабастер со „миро од нард, многу скапоцено“ со кое сакала да го помаже Неговото тело. Меѓутоа, сега многумина изјавувале дека Тој скоро ќе биде крунисан за цар. Нејзината тага се претворила во радост и таа била желна прва да му оддаде почест на својот Господ. Таа го скршила садот со мирото и го излеала врз Исусовата глава и нозе и потоа, клекнувајќи и плачејќи ги квасела со солзи Неговите нозе, а потоа ги избришала со својата долга распуштена коса.“ – Копнежот на вековите, 558-559.в. Како гледал Јуда на овој чин? Јован 12:4,5; Матеј 26:8,9.„(Марија) не сакала да привлекува внимание и нејзината постапка би поминала незабележано, но мирото ја исполнило просторијата со својот мирис, па нејзината постапка била откриена на сите присутни. Јуда кон оваа постапка гледал со големо незадоволство. Наместо да причека и да слушне што ќе каже Христос за тоа, тој почнал да им шепоти за своето негодување на оние што биле во негова близина, префрлувајќи му на Христа што дозволува такво растурање. Неговите подмолни сугестии биле насочени кон тоа да предизвикаат незадоволство.“ – Копнежот на вековите, 559.
3. ЈУДИНАТА ЗЛОБА Вто, 1 јули
а. Зошто Јуда всушност ја критикувал Марија за нејзиното помазување на Христовите нозе? Јован 12:6.„Јуда извршувал должност на благајник меѓу учениците, па од нивните мали резерви тајно земал за себе, поради што нивните средства толку се намалиле, што останало многу малку. Тој бил желен да стави во ковчежето сѐ што можел да добие. Од ковчежето често се земало за да им се помогне на сиромашните, а кога се купувало нешто што Јуда сметал дека не е неопходно, тој би рекол: ‘Зошто такво растурање? Зошто таа вредност не се стави во ковчежето што го носам за сиромашните?’ Постапката на Марија била во очигледна спротивност со неговата себичност, па тој се засрамил и според својот обичај настојувал да му припише некоја благородна побуда на својот приговор на нејзиниот дар. Обраќајќи им се на учениците, тој прашал: ‘Зошто ова миро не се продаде за триста гроша и тоа не им се даде на сиромасите? Но ова го кажа не затоа што се грижеше за сиромасите туку затоа што беше крадец, кај кого беше ковчежето и кој го носеше она што се ставаше во него’. Јуда немал срце за сиромашните. Кога мирото на Марија би било продадено и кога парите би дошле во негово владение, сиромашните не би имале никаква корист.“ – Копнежот на вековите, 559.б. Како гледале учениците на Јуда, а што мислел тој за себе? Јован 13:29.„Јуда имал високо мислење за своите раководни способности. Себеси се сметал дека поради своите финансиски способности е далеку супериорен над останатите ученици, наведувајќи ги да го гледаат во таква светлина. Ја стекнал нивната доверба и имал силно влијание врз нив. Тие биле измамени од неговата наводна наклонетост кон сиромашните и неговите лукави навестувања ги навеле со недоверба да гледаат на преданоста на Марија.“ – Копнежот на вековите, 559,560.в. Објаснете што често ги поттикнува оние што зад грбот на другите мрморат, и на кој начин тоа ги повредува чувствителните души кои се предмет на тие мрморења. Јуда 1:16.„Марија ги слушнала зборовите на критика. Нејзиното срце затреперило. Се плашела дека сестра и ќе ја прекори за нејзината екстраваганција. Можеби Учителот ќе помисли дека постапила непромислено. Се подготвувала да се повлече без извинување или правдање.“ – Копнежот на вековите, 560.
4. СИМОН И МАРИЈА Сре, 2 јули
а. На кој начин бил погоден Симон од својата фарисејска гордост и од постапката на Марија, и како судел за Исус? Лука 7:39.„Домаќинот Симон бил под влијание на Јудиното критикување за дарот на Марија и бил изненаден од Исусовото однесување. Неговата фарисејска гордост била повредена...Исцелувајќи го Симон од лепра, Христос го спасил да не биде жив мртовец. Сега... Бидејќи Христос дозволил да му се приближи таа жена, бидејќи не ја оттурнал луто од Себе, како суштество чии гревови се премногу големи за да можат да се простат, бидејќи Тој не покажал дека сфатил, дека таа во минатото била во грев Симон паднал во искушение да мисли дека Тој не е пророк.“ – Копнежот на вековите, 566.б. Какво познавање за тајниот живот на Симон и Марија открил Исус? Лука 7:40-43. Како го укорил Исус Симон и зошто? Лука 7:44-46.„(Симон) не знаел дека Божјиот Син мора да постапува на божествен начин со сочувство, нежност и милост. Според Симон, Тој требало да не обрне никакво внимание на покајничката постапка на Марија. Помазувајќи Го Христа со миризливо миро и бакнувајќи Му ги нозете, таа го раздразнила Симоновото нечувствително срце. Сметал дека ако Христос е пророк, би бил во состојба да ги препознае грешниците и да ги укори...Како што постапил Натан со Давид, така Христос ја дал Својата силна поука во облик на парабола. Тој го префрлил врз Својот домаќин товарот на изговарање пресуда врз себеси. Симон ја навел на грев жената која сега ја презирал. Тој и сторил длабока неправда... Меѓутоа Симон сметал дека е поправеден од Марија, а Исус сакал тој да увиди колкава е всушност голема неговата вина. Тој сакал да му покаже колку неговиот грев е поголем од нејзиниот.“ – Копнежот на вековите, 566–567.в. Како реагирале Евреите кога Исус рекол дека ѝ се простени гревовите на Марија? Лука 7:48,49. Какво влијание имала Исусовата парабола врз срцето на Симон?„Симон почнал да се гледа себеси во нова светлина. Видел што мисли за Марија Оној, Кој бил многу повеќе од пророк. Видел дека Христос, со Своето остро пророчко око ја согледал љубовта и преданоста во нејзиното срце. Тој се засрамил и сфатил дека се наоѓа во присуство на Оној, Кој е неспоредливо повозвишен од него.“ — Копнежот на вековите, 567.
5. СИМОНОВО ОБРАЌАЊЕ Чет, 3 јули
а. Иако исходот ни изгледа неизвесен, зошто сме охрабрени да разговараме отворено со грешници како Симон? Изреки 9:8; Јаков 5:20.„Додека Марија била грешница на која и било простено, тој бил грешник чии гревови не биле простени. Строгото правило на правдата што сакал да го примени врз неа го осудило него.Симон бил трогнат од Исусовата љубезност, бидејќи не го укорил јавно пред гостите. Кон него не се постапувало онака како што сакал тој да се постапува кон Марија. Видел дека Исус не сакал на другите да им укаже на неговата вина, туку сака, изнесувајќи ја вистинската состојба на работите, да влијае на неговиот разум и со сочувство и љубезност да го придобие неговото срце. Строгата осуда би го навела Симона да го стврдне срцето против покајанието, но трпеливиот совет го навел да ја увиди својата грешка. Видел колку многу му должи на својот Господ. Неговата горделивост била понижена, тој се покајал и горделивиот фарисеј станал понизен, самопожртвуван ученик.“ – Копнежот на вековите, 567,568.б. Што рекол Исус за делото на Марија и какви охрабрувачки зборови ѝ упатил? Матеј 26:12,13; Лука 7:50.„Марија била сметана за голема грешница, но Христос знаел какви околности влијаеле на нејзиниот живот. Тој можел да ја изгасне секоја искра надеж во нејзината душа, но не го направил тоа. Тој ја подигнал од очајот и пропаста. Седум пати слушнала како ги растерува демоните кои владееле со нејзиното срце и разум. Ги слушнала Неговите силни повици кон Својот Татко за неа. Знаела колку е навредлив гревот за Неговата неизвалкана чистота и победила со помош на Неговата сила“. – Копнежот на вековите, 568.
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА Пет, 4 јули
1. Во мојот однос со Бога, на кој начин можам да ги негувам подобрите доблести на Марија?2. Кое предупредување треба да го извлечам од Јудиното однесување на гозбата?3. На кој начин можам да ја избегнам замката во која го воделе Симона неговите мисли?4. Кога Христовите зборови на утеха, упатени кон Марија, можат да се применат и на мојот живот?5. Што можам да научам од начинот на кој Исус го уверил Симона за неговата заблуда?