Back to top

Sabbath Bible Lessons

ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД ЈОВАН (ТРЕТ ДЕЛ)

 <<    >> 
САБОТА, 23 АВГУСТ 2025 8 ЛЕКЦИЈА
Братска љубов „Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13:34).
Предлагаме да прочитате:   Христовите поуки, стр. 376–389. 
„Сите што се исполнети со Неговиот Дух ќе љубат како што љубеше Тој. Истиот принцип што Го движеше Христос ќе ги движи и нив во секое постапување еден со друг.“ — Копнежот на вековите, стр. 678.

1. НОВА ЗАПОВЕД Нед , 17 авг
а. Колку љубов ни покажал нашиот голем пример и какво значење има таа за Неговите следбеници? Јован 13:1 (последниот дел); 15:13. „Колку е широка, колку е совршена оваа љубов! Должноста на учениците била да се љубат еден со друг како што Христос ги љубел нив. Со тоа требало да сведочат пред светот дека Христос, надежта на славата, живее во нив. Во тоа време учениците не го разбирале новиот дел од оваа заповед; но по Христовите страдања, по Неговото распнување, воскресение и вознесение на небото, постепено почнале да сфаќаат што значи Божјата љубов, што значи љубовта што требало да ја покажуваат еден кон друг. Таа љубов се открила откако Светиот Дух слегол врз нив на денот на Педесетница.“ — The Signs of the Times, October 20, 1898. б. Кој е првиот плод на Светиот Дух и кои се доказите дека тој плод се усовршува во нас? Галатјаните 5:22; 1. Јованово 4:11-13; 3:18. „Совршенство на христијанскиот карактер се постигнува само со постојан стремеж на христијанинот да им помогне на другите и да им послужи на благослов.“ — Делата на апостолите, стр. 551.

2. НОВА ЗАПОВЕД (ПРОДОЛЖЕНИЕ) Пон , 18 авг
а. Во кој смисол Христос зборувал за братската љубов како за „нова заповед“? Јован 13:34. „За учениците оваа заповед била нова заради тоа што тие не се љубеле еден со друг онака како што Христос ги љубел нив. Тој видел дека со нив мораат да завладеат целосно нови идеи и нови побуди, дека мораат да спроведуваат нови начела во животот, преку Неговиот живот и смрт требало да стекнат поинаква претстава и нов поим за љубовта. Во Светлината на Неговата жртва, заповедта да се љубат еден со друг добила ново значење. Целокупното дело на благодатта е една постојана служба на љубов, самооткажување, еден постојан напор на самопожртвување. Божјата љубов се излевала преку Христа како незапирлива река за цело време на Неговиот престој на Земјата. Сите оние што се исполнети со Неговиот Дух ќе љубат онака како што љубел Тој. Во сите свои меѓусебни односи ќе се раководат според начелото со кое се раководел Христос.“ — Копнежот на вековите, стр. 677, 678. б. Што открива дека сме Божји деца и Христови пријатели? Римјаните 8:14; 1. Јованово 3:10. „Религијата се состои од исполнување на Христовите зборови, но не затоа за да ја стекнеме Божјата наклоност, туку затоа што, иако незаслужено, сме го примиле дарот на Неговата љубов. Христос не го заснова спасението на човекот само на неговите тврдења дека верува, туку на верата која се покажува во праведни дела. Од Христовите следбеници се очекува да чинат, а не само да зборуваат. Карактерот се изградува токму низ делата. ‘Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји’ (Римјаните 8:14). Синови Божји се оние кои Духот ги води, а не оние чии срца се моментно допрени со Духот, не оние кои од време на време се потчинуваат на Неговата сила.“ — Мисли од Гората на Благословите, стр. 149, 150.„Христовите следбеници по својот карактер и своите склоности треба да бидат слични на својот Учител. Тој е Пример, свет и совршен пример на кој христијаните секогаш треба да се угледаат. Неговите вистински следбеници ќе ги љубат своите браќа и ќе бидат во хармонија со нив. Тие ги љубат и сите свои останати ближни како што Христос им дал пример и подготвени се на секоја жртва за да осведочат и други да раскинат со гревот и да ја прифатат вистината.“ — Сведоштва за Црквата, том 3, стр. 58.

3. ПОСЕБНА ТИТУЛА Вто , 19 авг
а. Која титула Христос им ја доделува на Своите верни следбеници и зошто? Јован 15:15,14. „’Вие сте мои пријатели’ вели Христос, ‘ако го творите она што Јас ви го заповедам’. Тоа е услов кој сам Христос го поставил, тоа е тест со кој се проверува нашиот карактер.“ — Сведоштва за Црквата, том 4, стр. 188.„Овие денови се денови на големи предности и свети обврски за Божјите слуги. Ако верно го чуваат она што им е доверено, голема ќе биде нивната награда кога Господарот ќе се пресмета со нив. Сесрдното залагање, несебичната работа, трпеливите, истрајни напори ќе бидат сериозно наградени. Исус ќе каже: Отсега не ве нарекувам слуги туку пријатели, гости. Господарот е задоволен, не поради големината на извршеното дело, не поради големата добивка, туку поради верноста во малите работи. Во Божјите очи не е толку значајна големината на резултатот кој го остваруваме, колку што се важни побудите. Тој повеќе ја цени добрината и верноста, отколку големината на оствареното дело.“ — Сведоштва за Црквата, том 2, стр. 510. б. Со каква цел нè избрал Исус и какви одговорности се поврзани со таа привилегија? Јован 15:16,17. „Нашиот Спасител кон нас покажал љубов кон која човечката љубов не може никогаш ниту да се приближи. Кога сме биле претепани до смрт, Тој се сожалил над нас, не нѐ заобиколил, не нѐ одминал, не преминал на другата страна од патот, не нѐ оставил да пропаднеме беспомошни и без надеж. Не останал во својот свет, во својот среќен дом, во кој уживал љубов од сите небесни чети. Тој ги сфатил нашите насушни потреби, го презел нашиот случај, своите интереси ги изедначил со интересите на човештвото. Умрел за да ги спаси своите непријатели. Се молел за своите убијци. Се повикувал на својот пример кога им рекол на своите следбеници: ‘Ова ви го заповедам: да се љубите еден со друг!’ ‘Ви давам нова заповед: да се љубите еден со друг; како јас што ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг’ (Јован 15:17; 13:34).“ — Христовите поуки, стр. 381, 382.„Ние можеме да го следиме Христа, можеме да тврдиме дека веруваме во секоја вистина на Божјата реч, но тоа на нашите ближни не ќе им донесе никакво добро ако нашето верување не е внесено во нашиот секојдневен живот.“ — Христовите поуки, стр. 383.

4. ПРОГОНУВАНИ ОД СВЕТОТ Сре , 20 авг
а. Што им прави светот на Христовите пријатели? Јован 15:18,19. „Кога луѓето се меѓусебно здружени и поврзани не со сила или со лични интереси туку со љубов, тие ќе покажат делување на една сила која е повозвишена од човечката. Таквото единство претставува очигледен доказ дека Божјиот лик е обновен во човечкиот род, дека е всадено едно ново начело на животот. Тоа покажува дека во божествената природа постои сила која е во состојба да се спротивстави на натприродните сили на злото и дека Божјата благодат ја потчинува себичноста што е вродена во човечкото срце.Таквата љубов покажана во црквата, сигурно ќе предизвика гнев кај сатаната. Христос не им укажал на Своите ученици на песна и удобна патека.“ — Копнежот на вековите, стр. 678. б. Зошто светот Го прогонуваше Христос, и зошто и Неговите следбеници се прогонувани? Јован 3:19,20; 15:20,21. „Помеѓу правдата и гревот, љубовта и омразата, вистината и лагата, се води постојана борба. Кога некој во својот живот ја открива Христовата љубов и убавината на светоста, тој на тој начин ги оттргнува поданиците од царството на сатаната, а кнезот на злото станува да му се спротивстави. Сите оние кои се исполнети со Христовиот дух ги очекува прогонство и понижување. Карактерот на прогонството се менува со текот на времето, но во основата на сето тоа се наоѓа оној ист дух кој почнувајќи од Авел, постојано ги прогонува Божјите избраници.“ — Мисли од гората на благословите, стр. 29.„Божјата вистина никогаш не била популарна во суетниот свет. Телесното срце дури и се противи на вистината. Му благодарам на Бога што мораме да се откажеме од љубовта кон овој свет, од суетата на срцето и од сè што води во идолопоклонство за да можеме да бидеме следбеници на Човекот од Голгота. Светот никогаш нема даги сака ниту почитува оние кои се покоруваат на вистината. Божествениот Учител, одејќи во понизност меѓу човечките синови, ги изговорил овие зборови: ‘Кој сака да биде Мој ученик, нека го земе својот крст и нека појде по Мене’. Да, да тргнеме по својот Пример. Дали Тој барал слава од луѓето? О, не! Дали тогаш ние треба да бараме слава или пофалба од суетниот свет? Оние кои немаат љубов кон Бога, нема да ги љубат ниту Неговите деца. Слушнете ги зборовите на небесната поука: ‘Тешко на вас кога сите добро ќе зборуваат за вас.’“ — Сведоштва за Црквата, том 2, стр. 491.

5. БОЖЕСТВЕНАТА ЉУБОВ ВО ЖИВОТОТ НА ВЕРНИКОТ Чет , 21 авг
а. Како апостол Павле прави разлика меѓу лажната и вистинската христијанска љубов? 1. Коринтјаните 13:1-8. „Без оглед на тоа колку сесрдно ја исповеда верата, човекот, чиешто срце не е исполнето со љубов кон Бога и кон ближните, не е вистински Христов ученик. И ако има силна вера, дури и моќ да прави чуда, а ако нема љубов, неговата вера е безвредносна. Таквиот човек може да биде мошне дарежлив; но кога од некоја друга побуда, а не од вистинска љубов, би го разделил сиот свој имот за да ги нахрани сиромасите, со таа постапка сепак не би заслужил Божјо признание. Таквиот човек во своето одушевување би можел дури и да умре со смрт на маченик, но ако на тоа не би го поттикнала љубов, Бог би го сметал за заблуден занесеник или за славољубив лицемер.“ — Делата на апостолите, стр. 318. б. Што треба да разбереме за карактеристиките што Христос ги пофалува во Откровение 3:10-12, како и за ветувањата што им се дадени на оние кои ги поседуваат? „Чистата и светата облека не е подготвена за некој да ја облече откако ќе помине низ портите на градот. Сите што ќе влезат, веќе ќе ја носат облеката на Христовата праведност, а Божјото име ќе биде видливо на нивните чела. Тоа име е симбол што апостолот го видел во визијата и претставува покорување на умот во разумна и верна послушност на сите Божји заповеди. Нема да има прикривање на гревови и недостатоци за да се сокрие изопаченоста на карактерот; ниту една облека нема да биде наполу испрана; сите ќе бидат беспрекорно чисти и без дамка.“ — The Youth’s Instructor, August 18, 1886.

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА Пет , 22 авг
1. Кои особини на божествената љубов Христос сака да ги развие во мене? 2. Што ме спречува да ја примам Христовата несебична љубов во целост? 3. Како Христовата заповед треба да биде нова за мене? 4. Зошто не треба да ме изненадат прогонствата? 5. Опиши ги благословите ветени за верниците во периодот на Филаделфија.
 <<    >>