Предговор Додека ја завршуваме оваа серија лекции од Евангелието според Јован, навлегуваме во завршните сцени — последната седмица — од Христовиот живот на земјата. Речиси половина од целото Евангелие според Јован е посветено токму на овој период. Јован „многу се радувал на Христовата наклоност.“ — Посветен живот, стр. 53. Поради таквата блискост, апостоловите размислувања за жртвата на Спасителот се многу длабоки.По Господовото вознесение, „Јован бил повикан во Рим за да му се суди заради неговата вера. На властите во Рим науката на Јована им била неточно претставена. Лажните сведоци го обвинувале дека шири бунтовничка ерес. Непријателите на ученикот се надевале дека со ваквите обвиненија ќе постигнат тој да биде осуден на смрт.Во својата одбрана Јован одговарал јасно и убедливо, и со таква едноставност и искреност, што неговите зборови оставале силен впечаток. Оние што го слушале биле изненадени од неговата голема мудрост и речитост. Меѓутоа, колку неговото сведоштво станувало поубедливо, омразата на неговите непријатели станувала подлабока. Императорот Домицијан бил исполнет со гнев. Тој не можел да ги оспори доказите на овој верен Христов претставник, ниту пак бил во состојба да ѝ се противставува на силата што ја придружувала вистинитоста на Јовановото излагање; па сепак, решил засекогаш да го замолкне неговиот глас.„Јована го фрлиле во котел со врело масло, но Господ му го спасил животот на својот верен слуга исто онака како што ги избавил тројцата Евреи од вжарената печка. Кога биле изговорени зборовите: „Така нека пропадне секој што верува во тој измамник, Исус Христос Назареќанецот”, Јован рекол: ‘Мојот Господ стрпливо поднесуваше сè што можеа да измислат сатаната и неговите ангели за да го понижат и да го мачат. Тој го даде својот живот за да го спаси светот. Јас се гордеам што ми е дозволено да страдам за Неговото дело. Јас сум слаб, грешен човек. Христос беше свет, невин и простодушен. Тој не стори никаков грев, ниту кога и да е изусти лага.’Овие зборови оставиле силен впечаток врз сите присутни, и истите луѓе што го фрлиле во котелот со врело масло, го извадиле од него.“ - Делата на апостолите 569,570.Победоносниот христијански живот што го искуси возљубениот Јован е достапен и за нас денес. Да запаметиме дека: „Добро би било, кога секој ден би поминувале еден час во размислување за Христовиот живот. Треба да размислуваме за секој миг од Тој живот, за во мислите да го оживееме секој настан, а посебно завршните настани. Додека размислуваме за Неговата голема жртва поднесена заради нас, нашата доверба во Него ќе биде попостојана, нашата љубов ќе зајакнува, а неговиот Дух сѐ подлабоко ќе не исполнува. Ако сакаме на крај да бидеме спасени, мораме да ја научиме поуката за покајанието и за понизноста во подножјето на крстот.“ - Копнежот на вековите, 83.Нека Светиот Дух го води нашето срце и ум додека размислуваме за овие последни сцени од земниот живот на нашиот возљубен Искупител!Одделот за Саботна школа при Генералната конференција