Back to top

Sabbath Bible Lessons

ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД ЈОВАН (ЧЕТВРТ ДЕЛ)

 <<    >> 
САБОТА, 4 ОКТОМВРИ 2025. 1 ЛЕКЦИЈА
Исус пред Ана и Кајафа „Тој беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стрижачите свои безгласна, така и Тој не ја отвори устата Своја“ (Исаија 53:7).
Предлагаме да прочитате:   Копнежот на вековите, стр. 698–715. 
„Христос не малаксал ниту бил обесхрабрен, па и Неговите ученици морале да покажат исто толку цврста вера. Требало да живеат како што живеел Тој, да работат како што работел Тој, бидејќи тие се надеваат во Него како во свој голем Поглавар и Учител.“ — Копнежот на вековите, 679.

1. ПРЕД ЕВРЕЈСКИТЕ СТАРЕШИНИ Нед , 28 сеп
а. По апсењето во Гетсиманија, пред кого беше насилно одведен Исус? Јован 18:12–14; Матеј 26:57. „Ана бил глава на свештеничкото семејство, кое заземало клучна положба во вршењето на црковните обреди, па народот од почит кон неговата старост го признавал за првосвештеник. Барале негов совет и го прифаќале како Божји глас. Како заробеник на свештеничката власт, Исус прво бил изведен пред него. Тој морал да присуствува при испитувањето на затвореникот, зашто се плашеле дека помалку искусниот Кајафа нема да ја оствари целта на која тие работеле. Овој пат морала да се искористи неговата итрина, лукавост и подлост, бидејќи Христос во секој случај морал да биде осуден.“ – Копнежот на вековите, 698. б. Кои ученици од далеку го следеле Христовото судење? Јован 18:15. „Бидејќи го напуштиле својот Учител при апсењето во градината, двајца Негови ученици се осмелиле на извесна далечина да ја следат толпата што го водела Исуса. Тоа биле Петар и Јован. Свештениците го препознале Јован како добро познат Исусов ученик и му дозволиле да влезе во предворјето, надевајќи се дека, кога ќе го види понижувањето на својот Водач, ќе ја презре идејата дека Тој може да биде Божји Син. Јован прозборел во корист на Петар и добил дозвола и за него да влезе.“ – Копнежот на вековите, 710.

2. ПЕТАР СЕ ОДРЕКУВА ОД ИСУС Пон , 29 сеп
а. Каде се сместил Петар? Јован 18:16,18. „Некои од учениците се осмелиле да влезат во судницата и да бидат сведоци на Исусовото сослушување и судење. Тие очекувале дека Тој ќе ја употреби Својата божествена моќ и дека ќе се ослободи од рацете на Своите непријатели, казнувајќи ги заради нивното свирепо постапување кон Него... Тие не верувале дека Тој би умрел. Сѐ уште не ги напуштала надежта дека Тој ќе се подигне во сила и со Својот авторитетен глас ќе ја растера крвожедната толпа како што тоа го направил кога од храмот ги истерал оние кои Божјиот дом го претвориле во пазар, и кога бегале пред Него како пред чета вооружени војници. Учениците се надевале дека Исус ќе ја покаже својата сила и на тој начин на сите ќе им докаже дека Тој навистина е Цар Израелски.“ – Рани списи, 171.„Во дворот бил запален оган, бидејќи тоа бил најстудениот час во текот на ноќта непосредно пред осамнувањето. Една група се собрала околу огнот и Петар во брзоплета самодоверба го зазел своето место меѓу нив. Тој не сакал да го препознаат како Исусов ученик. Мешајќи се безгрижно со мноштвото присутни, тој се надевал дека ќе го сметаат како еден од оние кои тука Го довеле Исуса.“ – Копнежот на вековите, 710. б. На кој начин се одрекол Петар од својот Господ? Јован 18:17, 25–27; Лука 22:56–60. „По предавството откако Исус бил одведен на сослушување, Петар одел зад него. Бил многу загрижен и сакал да види што ќе се случува со Исуса. Меѓутоа, кога го обвиниле дека и тој е еден од Христовите ученици, се исплашил за својата безбедност и изјавил дека не Го познава тој Човек.“ – Рани списи, 169.„Петар не сакал луѓето околу него да дознаат кој е тој. Преправајќи се дека е рамнодушен, тој стапил на непријателска почва и со тоа станал лесен плен на искушение. Кога би бил повикан да се бори за својот Учител, тој би бил храбар војник; но кога на него бил вперен прстот на презир, тој се однесувал како кукавица. Многумина не се притеснуваат активно да се борат за својот Господ, но потсмевот ги наведува да се откажат од својата вера. Дружејќи се со оние кои треба да ги избегнуваат, тие се изложуваат на искушенија. Тие го повикуваат непријателот да ги искушува и наведени се да кажат и да го сторат она што во други околности никогаш не би го направиле. Христовиот ученик, кој во наше време ја прикрива својата вера од страв од страдање или прекор, исто така се откажува од својот Господ, како што го направил тоа Петар во судското предворје.“ – Копнежот на вековите, 712.

3. ПЕТРОВОТО ОБРАЌАЊЕ Вто , 30 сеп
а. Откако по третпат се одрече од Учителот и го слушна пеењето на петелот, на што се сети Петар и што направи? Матеј 26:75; Марко 14:72. „Додека понижувачките заклетви уште биле на усните на Петар и додека во ушите сѐ уште му одекнувало кукурикањето на петелот, Спасителот се свртел од намуртените судии и погледнал директно во својот беден ученик. Во истиот миг и Петар го насочил својот поглед кон Учителот. Во Неговиот благ израз на лицето видел длабоко сожалување и тага, без најмала трага од лутина.Гледајќи го тоа бледо, измачено лице, тие треперливи усни, тој поглед на сожалување и простување, срцето на Петар било како погодено од стрела. Неговата совест се разбудила. Спомените почнале да оживуваат. Тој се сетил на ветувањето дадено пред само неколку часа дека е подготвен со својот Господ да оди и во затвор и во смрт. Се сетил колку му било тешко, кога Спасителот во горната соба му рекол дека уште истата ноќ трипати ќе се одрече од Него. Пред само неколку моменти Петар дал изјава дека не го познава Исуса, но сега со длабока тага сфатил Колку Учителот го познавал него и колку точно го прочитал неговото срце, нешто што не му било познато ниту на него самиот.“ – Копнежот на вековите, 712,713. б. Каде отиде понижениот ученик? Лука 22:62 Која беше причината за неговиот голем грев? „Побрзал во самотија и во темнината на ноќта, не знаејќи каде оди ниту грижејќи се за тоа. Конечно се нашол во Гетсиманија. Во мислите му оживеала сцената од пред неколку часа. Пред него се покажало измаченото лице на неговиот Господ, извалкано со крвава пот и измачено од душевна болка. Со горко каење се сетил како Исус плачел и доживувал агонија, молејќи во осаменост, додека тие, чија должност била да Му се придружат во тој тежок час, мирно спиеле...Петар сам го подготвил патот за својот голем грев со тоа што спиел, тогаш, кога на Христово барање требало да бдее и да се моли. Сите ученици претрпеле голема загуба поради тоа што спиеле во тој критичен момент. Христос знаел низ каква огнена проба ќе поминат. Знаел како сатаната ќе настојува да ги парализира нивните сетила, така што нема да бидат подготвени за пробата. Заради тоа им упатил опомена. Кога тие часови во градината би ги поминал во бдеење и молитва, Петар не би бил оставен да се потпира на својата слаба човечка сила. Тој не би се откажал од својот Господ.“ – Копнежот на вековите, 713,714.

4. ХРИСТОВОТО СОСЛУШУВАЊЕ Сре , 1 окт
а. Кое прашање му поставил Ана на Исус? Јован 18:19. „Ако се докаже дека (Исус) е и бунтовник, ќе се обезбеди осуда и од страна на Римјаните. Ана се обидувал прво да го изнесе ова второ обвинување. Му поставил прашање на Исуса во врска со Неговите ученици и за Неговото учење, со надеж дека затвореникот ќе каже нешто што ќе му даде материјал за понатамошна постапка. Мислел дека од Него ќе извлече некоја изјава, која би ја протолкувал како доказ дека настојувал да основа некое тајно друштво со цел да воспостави едно ново царство. Тогаш свештениците би можеле да го предадат на Римјаните, како човек кој го нарушува мирот и го повикува народот на бунт.“ – Копнежот на вековите, 698. б. Опишете го искушението на трпението што го поднесе Исус. Јован 18:20–23; Исаија 53:7. „По овој одлучен одговор Ана бил замолчен... Еден од Неговите помошници, исполнет со гнев што Ана не можел веќе ништо да каже, Го удрил Исуса по лице и му рекол: ‘Така ли му одговараш на првосвештеникот?’“(Христос) не изговорил никакви лути зборови на одмазда. Неговиот мирен одговор доаѓал од едно безгрешно, трпеливо и нежно срце, кое не дозволувало да биде предизвикано.Христос длабоко страдал поради овие навреди и подбивања. Од рацете на суштествата кои Тој ги создал и за кои толку се жртвувал, поднесувал секакви навреди и понижувања. Неговите страдања биле во сообразност со совршенството на Неговата светост и Неговата омраза кон гревот. Целиот тек на сослушување и истрага од страна на луѓето кои постапувале како демони, за Него претставувало постојано жртвување. За Него било одвратно што бил опкружен од човечки суштества, кои биле целосно под власт на сатаната. Знаел дека во еден момент, со еден блесок на Својата божествена сила, можел да ги претвори Своите свирепи мачители во прав. Тој факт го направил Неговото искушение уште потешко.Евреите очекувале Месија кој би се открил со видливо манифестирање на сила, кој со еден блесок на Својата надвладувачка волја ќе го измени текот на човечките мисли, принудувајќи ги да ја признаат Неговата надмоќ. На тој начин, Тој, според нивното сфаќање, би го обезбедил Своето издигнување и би ги задоволил нивните амбициозни надежи. Затоа Христос, кога бил третиран со презир, бил во тешко искушение да го покаже Својот божествен карактер. Со еден збор, со еден поглед можел да ги принуди Своите прогонувачи да признаат дека Тој е Господар над царевите и владетелите, свештениците и храмот. Меѓутоа, Неговата тешка задача се состоела во тоа да ја задржи положбата што ја одбрал, кога се изедначил со човечкиот род“. – Копнежот на вековите, 700.

5. ОСУДЕН ЗАТОА ШТО ГО ОТКРИ СВОЈОТ ИДЕНТИТЕТ Чет , 2 окт
а. Не наоѓајќи ниту еден убедлив доказ со кој би можел да го осуди Исус, кое прашање му го постави Кајафа на Спасителот? Матеј 26:63. б. Што му одговори Христос на Кајафа и на кој начин беше овој одговор беше искористен како наводен доказ против Него? Матеј 26:64–66. „Конечно, Кајафа ја подигнал својата десна рака кон небото и се обратил на Исуса со зборови на свечена заклетва: ‘Те заколнувам со живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Синот Божји?’На ова барање Исус не можел да не одговори. Имало моменти кога требало да се молчи и моменти кога требало да зборува. Тој не зборувал, сѐ додека прашањето не Му било непосредно упатено. Знаел дека одговорот на ова прашање сигурно ќе Го однесе во смрт. Меѓутоа, тоа барање го упатил оној кој бил признаен како најголем авторитет на народот и тоа во име на Семоќниот. Христос не можел да пропушти да покаже должна почит кон законот. И уште повеќе од тоа; било поставено прашање за Неговиот однос со Таткото. Тој јасно морал да го изнесе Својот карактер и Својата мисија. Исус им рекол на Своите ученици: ‘Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и јас него пред Мојот небесен Татко’. (Матеј 10:32) Сега со личен пример ја повторил таа поука.Секое уво било напрегнато да слушне и сите погледи биле вперени во Неговото лице, кога одговорил: ‘Ти кажа’. Изгледало дека небесна светлина го осветлувала Неговото бледо лице, кога додал: ‘Но Јас ви кажувам дека отсега ќе го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како доаѓа на небесните облаци’“. – Копнежот на вековите, 706,707.

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА Пет , 3 окт
1. На кои искушенија треба да им се спротивставам за да избегнам да се одречам од својот Господ? 2. Кој грев би го сторил ако ја сокријам својата вера? 3. Дали целосно го разбирам, како што го разбра Петар, значењето на вистинското покајание? 4. Опиши го дијалогот помеѓу Ана и Исус. 5. Кое пророштво беше содржано во Исусовиот одговор до Кајафа?
 <<    >>