Back to top

Sabbath Bible Lessons

ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД ЈОВАН (ЧЕТВРТ ДЕЛ)

 <<    >> 
САБОТА, 22 НОЕМВРИ 2025. 8 ЛЕКЦИЈА
Исус им се јавува на учениците „...Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа“ (Јован 20:20, последниот дел).
Предлагаме да прочитате:   Копнежот на вековите, стр. 788–806: Христовите поуки, 40-43. 
„Прва Христова задача на Земјата по Своето воскресение била да ги осведочи Своите ученици во Својата несмалена љубов и нежна грижа за нив.“ — Копнежот на вековите, стр. 793.

1. ЧУДО КАЈ ГРОБОТ Нед , 16 ное
а. Додека Марија Магдалена плачела, таа застанала и погледнала во гробот. Што видела таму? Јован 20:11–13. б. На кого и на кој начин Исус прв му се открил? Јован 20:14–18. „Со очи замаглени од солзи, Марија здогледала лик на еден човек и мислејќи дека тој е градинар, рекла: „Господине, ако си го зел ти, кажи ми каде си го положил и јас ќе го земам”. Ако се сметало дека гробот на богаташот е премногу голема почест за Исуса тогаш таа сама ќе најде место за Него. Постоел еден гроб што се испразнил благодарение на Христовиот глас, гробот каде што Лазар почивал. Зар таму не би можела да пронајде место за да го погреба својот Господ? Чувствувала дека во нејзината длабока тага грижата за Неговото драгоцено, распнато тело би и донела голема утеха.Меѓутоа, Исус со Својот добро познат глас, и рекол: „Марија”. Сега сфатила дека Оној што и се обратил не е странец и, откако се свртела, Го здогледала пред себе живиот Христос.“ — Копнежот на вековите, стр. 790.„Марија била прва на гробот по Неговото воскресение. Марија прва го објавила воскреснатиот Спасител.“ — Копнежот на вековите, стр. 568.

2. НА ПАТОТ КОН ЕМАУС Пон , 17 ное
а. Што се случувало додека двајца Христови ученици патувале кон селото Емаус? Јован 24:13–16. „(Двајцата ученици) сега се враќале во своите домови да размислуваат и да се молат. Таа вечер жалосно оделе по патот, разговарајќи за сцените од судењето и од распнувањето. Никогаш дотогаш не биле толку целосно обесхрабрени. Без надеж и вера, тие оделе во сенката на крстот.Не отишле далеку на својот пат, кога им се придружил еден непознат човек. Меѓутоа, тие биле толку длабоко задлабочени во својата мрачнина и разочарување, така што не го загледале подобро.“ — Копнежот на вековите, стр. 795. б. Опиши го разговорот што следел. Лука 24:17–24. „(Двајцата ученици) зборувале за поуките кои ги дал Христос, а за кои изгледало како тие да не биле во состојба да ги сфатат. Додека зборувале за она што се случило, Исус копнеел да ги утеши. Ја видел нивната тага, ги сфатил нивните противречни мисли што ги збунувале и што во нивните умови ја внесувале мислата: „Може ли тој човек, кој дозволил така да Го понижат, да биде Христос?“ Не можеле да ја совладаат својата болка, па плачеле. Исус знаел дека нивните срца преку љубов се поврзани со Него и копнее да ги избрише нивните солзи и да ги исполни со радост и веселба. Но најпрво морал да им даде поуки кои тие никогаш нема да ги заборават.“ — Копнежот на вековите, стр. 795, 796. в. Како Исус нежно им ги објаснил пророштвата на учениците? Лука 24:25–27. „Кога веднаш (Исус) би им се открил, нивните срца би биле задоволни. Во својата голема радост тие не би гладувале за ништо повеќе. Меѓутоа, било потребно да го сфатат сведоштвото дадено за Него преку симболи и пророштва од Стариот завет. На тоа мора да се заснова нивната вера. Исус не направил никакво чудо за да ги увери, туку Негово прво дело било да им го објасни Писмото. Во Неговата смрт тие гледале уништување на сите свои надежи. Сега врз основа на пророците им покажал дека токму тоа било најголем доказ за нивната вера.“ — Копнежот на вековите, стр. 796-799.

3. СРЦАТА ИМ ГОРЕА Вто , 18 ное
а. Кога изгледало дека Исус ќе продолжи понатаму од Емаус, кој предлог му го дале двајцата ученици? Лука 24:28,29. „Кога учениците не би биле упорни во својот повик, тие не би дознале дека нивниот сопатник е воскреснатиот Господ. Христос никогаш никому не му го наметнува Своето присуство. Тој се грижи за оние на кои им е потребен. Тој со задоволство ќе влезе и во најскромниот дом и ќе го израдува и најпонизното срце. Меѓутоа, ако луѓето се премногу рамнодушни за да мислат на небесниот Гостин или не Го повикуваат да престојува кај нив, Тој продолжува понатаму. Така многумина се соочуваат со голема загуба. Тие не Го препознаваат Христа, како што не Го препознале ни учениците, додека оделе со Него по патот.“ — Копнежот на вековите, стр. 800. б. Како и кога двајцата ученици конечно успеале да Го препознаат воскреснатиот Спасител — и како и ние можеме да доживееме таква радост? Лука 24:30–32. „Брзо им била приготвена едноставна вечера од леб. Лебот бил поставен пред гостинот, кој го зазел местото на чело на трпезата. Потоа ги испружил рацете за да ја благослови храната. Учениците биле многу изненадени кога нивниот сопатник ги раширил рацете токму онака како што тоа го правел нивниот Учител. Погледнале повторно и ете на Неговите раце ги виделе трагите од клиновите. Двајцата одеднаш извикале: ‘Ова е Господ Исус! Тој воскресна од мртвите!’Тие станале за да Му се фрлат пред нозе и да Му оддадат чест, но Тој исчезнал од нивниот поглед. Го погледнале местото каде што се наоѓал Оној, Кој неодамна бил положен во гроб и зборувале едни на други: „Не гореа ли нашите срца во нас додека патем ни зборуваше и ни го толкуваше Писмото?“ — Копнежот на вековите, стр. 800,801.„Има многу луѓе кои викаат по живиот Бог, копнеејќи за божественото присуство. Нека Божјата Реч му говори на срцето. Нека оние кои што досега слушале само за традиции, човечки теории и учења, го слушнат гласот на Оној кој што може да ја обнови душата за вечен живот...Кога светите луѓе од стариот завет можеле да пружат таков блескав пример на верност, зарем оние кои ги осветлува со векови собирана светлина нема да пружат уште поблескаво сведоштво за силата на вистината?“ — Пророци и цареви, стр. 626.

4. РЕВНОСТ ДА СЕ ПОДЕЛИ ВЕСТА Сре , 19 ное
а. Штом двајцата ученици во Емаус Го препознале Исуса, што направиле веднаш? Лука 24:33–35. „Не можеле повторно да седнат и да разговараат, бидејќи требале да им ја соопштат и на останатите таа голема вест. Исчезнал нивниот глад и замор. Го оставиле недопрен својот оброк и исполнети со радост веднаш тргнале по истиот пат по кој дошле, брзајќи да им ја однесат радосната вест на учениците во Ерусалим. Патот на некои места бил опасен, па тие се качувале на стрмните падини и се лизгале на мазните карпи. Тие не гледале и не знаеле дека ги штити Оној, Кој по тој пат патувал со нив. Со својот патнички стап во раката брзале, сакајќи да одат побрзо отколку што можеле. Ја губеле стазата и повторно ја наоѓале. Понекогаш трчале, понекогаш се сопнувале, оделе напред, а за сето тоа време во нивна непосредна близина се наоѓал Невидливиот сопатник.Ноќта била мрачна, но нив ги осветлувало Сонцето на праведноста. Срцата им трепереле од радост. Им се чинело како да се наоѓаат во еден нов свет. Христос е жив Спасител. Не тагувале повеќе за Него како за мртовец. Христос е воскреснат тоа повторно и повторно го повторувале. Тоа била вест што ја носеле на оние кои тагувале. Морале да им ја раскажат прекрасната сторија од патот за Емаус. Морале да им кажат кој им се придружил попатно. Ја носеле најголемата вест која некогаш била дадена на светот, радосна вест на која се заснова надежта на човештвото за време и за вечноста.“ — Копнежот на вековите, стр. 801. б. Додека повеќето ученици се наоѓале во горната соба во Ерусалим, што се случило ненадејно? Лука 24:36–40; Јован 20:19–21. „(Двајцата ученици) отишле во горната соба, каде што Исус ги поминал часовите од последната вечер пред Својата смрт... Вратата на собата била цврсто заклучена. Тропнале за да ги пуштат, но не добиле никаков одговор. Сѐ било тивко. Кога ги кажале своите имиња, вратата внимателно била отклучена, тие влегле, а со нив влегол и Оној, Кој бил Невидлив. Потоа вратата повторно била заклучена за да не влезат шпиони...Одеднаш пред нив стоел уште една личност. Сите погледи биле насочени кон Странецот. Никој не тропнал за да влезе. Не се слушал никаков шум на чекори. Изненадени, учениците се прашувале што треба да значи тоа. Тогаш слушнале глас, кој можел да биде само гласот на нивниот Учител. Од Неговите усни се слушнале јасни и разбирливи зборови: ‘Мир вам’“. — Копнежот на вековите, стр. 802,803.

5. ДОВЕРЕНА ОДГОВОРНОСТ Чет , 20 ное
а. Каква одговорност ѝ довери Исус на црквата во однос на постапувањето со грешниците и гревот? Јован 20:22,23. „Меѓутоа, во оваа прилика Духот им бил даден со посебна цел. Тие не можеле да ги исполнат своите должности во врска со црквата, сѐ додека Христос не ги вдахнал со Својот Дух. Тој им доверил најсвета доверба...На организираната црква Тој и дава одговорност за секој верник. Оние кои ќе паднат во грев црквата е должна да ги опоменува, да ги поучува и ако е можно, да ги обнови. ‘Укорувај, предупредувај, охрабрувај,’ кажува Господ, ‘со сета долготрпеливост и поука’. (2. Тимотеј 4:2) Постапувајте верно со оние кои грешат. Опоменете ја секоја душа која е во опасност. Не дозволувајте некој да падне во самоизмама. Нарекувајте го гревот со неговото вистинско име. Зборувајте го она што го кажал Бог во поглед на лажењето, кршењето на саботата, кражбата, идолопоклонството и сите други зла. ‘Оние што чинат такви нешта, нема да го наследат Божјото царство’. (Галатјаните 5:21) Ако упорно останат во гревот, Небото ќе им го изрече судот што сте им го изрекле според Божјата Реч. Определувајќи се за гревот, тие се откажале од Христа. Црквата мора да им покаже дека не ги одобрува нивните постапки, инаку сама би Го обесчестила својот Господ. Таа мора да го каже за гревот она што Бог го вели за него. Таа мора да постапува со него онака како што и заповедал Бог и нејзините постапки ќе бидат потврдени на небото. Оној што го презира авторитетот на црквата, го презира авторитетот на Самиот Христос.Меѓутоа, постои и една посветла страна на оваа слика. „На оние на кои ќе им ги простите гревовите, простени им се”. Оваа мисла нека ви биде најважна. Во работата за заблудените секој нека го насочи својот поглед кон Христа. Пастирите секогаш нежно нека се грижат за Господовото стадо. На заблудените нека им зборуваат за милоста на Спасителот која проштава. Нека го поттикнуваат грешникот на покајание и вера во Оној, Кој може да даде простување.“ — Копнежот на вековите, стр. 805,806.

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА Пет , 21 ное
1. Што можам да научам од тоа во кој час Марија Го побарала Исуса? 2. Објасни како Исус ги поучил двајцата патници на патот кон Емаус. 3. Што можам да научам од ревноста на овие двајца ученици? 4. Колку доследно го следам нивниот пример при одредување на приоритетите? 5. Како можам подобро да ја извршувам својата должност како дел од организираната црква?
 <<    >>