Исус пред Пилат „Пилат Го праша: ‘Што е тоа вистина?’ И кога го рече ова, излезе пак кај Јудејците и им рече: ‘Јас не наоѓам никаква вина во Него’“ (Јован 18:38).
Предлагаме да прочитате:
Копнежот на вековите, 723–740.
„Пилат прво ги погледнал луѓето што Го обвиниле Исуса, а потоа неговиот испитувачки поглед се задржал на Обвинетиот. Пилат имал работа со затвореници од секаков вид, но никогаш дотогаш пред него не бил изведен човек што носел обележје на таква добрина и благородност. На Неговото лице Пилат не видел никаков знак на вина, никаков израз на страв, никаква дрскост или пркос. Пред себе видел човек со мирно и достоинствено држење, на чие лице не видел никакви траги на злосторство, туку печат од Небото.“ — Копнежот на вековите, 724.
1. ОД ЕДЕН ДО ДРУГ Нед, 12 окт
а. Каде Го одведоа Евреите Исус по завршувањето на сослушувањето кај Кајафа? Марко 15:1; Јован 18:28 (прв дел).„Во судницата на римскиот гувернер Пилат, Христос стоел врзан како затвореник. Бил опкружен со стража, а судницата брзо се полнела со набљудувачи. Надвор, покрај влезот се собрале судиите на Синедрионот, свештениците, поглаварите, старешините и џганот.Откако Го осудил Исуса, Синедрионот му се обратил на Пилат да даде потврда за пресудата и за нејзино извршување.“ — Копнежот на вековите, 723.б. Објаснете го лицемерието на еврејските водачи. Јован 18:28 (втор дел).„Меѓутоа, тие еврејски поглавари не влегувале во римската судница. Според нивниот обреден закон, со тоа би се оскверниле и не би можеле да учествуваат во празнувањето на Пасха. Меѓутоа, во своето слепило тие не виделе колку убиствената омраза ги сквернавела нивните срца. Не виделе дека Христос е вистинското пасхално Јагне и дека тој голем празник го изгубил своето значење, бидејќи го отфрлиле Него.“ — Копнежот на вековите, 723.
2. ВО РИМСКАТА СУДНИЦА Пон, 13 окт
а. Кое непријатно прашање им го поставил Пилат на еврејските водачи? Јован 18:29.„Христовата појава направила поволен впечаток на Пилат. Во Него се разбудило она што било добро во неговиот карактер. Тој слушал за Исуса и за Неговите дела. Сопругата му раскажала нешто за чудесните дела на галилејскиот Пророк, Кој исцелувал болни и подигал мртви. Сето тоа како сон оживеало во сеќавањето на Пилат. Се сетил на гласовите, кои во врска со тоа доаѓале од разни извори. Одлучил да ги праша Евреите какви обвинувања имаат против тој затвореник.Кој е овој човек и зошто Го донесовте? прашал тој. „Какви обвинувања имате против Него?“ Евреите биле збунети. Знаејќи дека не можат да ги поткрепат своите обвинувања против Христа, тие не сакале јавно сослушување.“ — Копнежот на вековите, 724.б. Каков арогантен и двосмислен одговор му дале Евреите на Пилат? Јован 18:30.„(Членовите на Синедрионот) се надевале дека ќе остават впечаток врз Пилат со свест за нивната важност и дека со тоа ќе го наведат да се сложи со нивното барање, не спроведувајќи никакви претходни испрашувања. Желно чекале нивната пресуда да биде потврдена, бидејќи знаеле дека оние кои биле очевидци на чудесните Христови дела можат да изнесат спротивни сведоштва од измислиците што тие сега повторно ги изнесувале.“ — Копнежот на вековите, 724.в. Која изјава на Пилат дополнително ја отежна ситуацијата за свештениците? Јован 18:31.„(Свештениците) барале од Пилат да се потпре на нивната реч за Христовата вина и да ја одобри нивната пресуда. Одговорноста за последиците ја презеле на себе.Пилат не бил ниту праведен, ниту совесен судија; но колку и да му недостигала морална сила, Сепак, одбил да одобри вакво барање. Не сакал да Го осуди Исуса, додека не се изнесе некакво обвинение против Него.“ — Копнежот на вековите, 725.
3. ПРИТИСОК ВРЗ ПИЛАТ Вто, 14 окт
а. Враќајќи се во судницата, кое прашање му го поставил Пилат на Исус – и зошто? Јован 18:33.„Свештениците се нашле во дилема. Сфатиле дека мораат највешто да ја прикријат својата лицемерност. Не смееле да дозволат да изгледа дека Христос е уапсен од верски причини. Кога тоа би го изнеле како причина, нивното обвинување не би имало никаква важност во очите на Пилат. Морале да прикажат дека Исус работел против општите закони и тогаш би можел да биде осуден како политички престапник. Меѓу Евреите постојано доаѓало до нереди и бунтови против римската власт. Кон бунтовите од таков карактер, Римјаните биле многу строги и секогаш биле подготвени да задушат сѐ што би можело да доведе до побуна...(Пилат) не верувал дека затвореникот ковал заговор против власта. Неговата кротка и понизна појава била во целосна нехармонија со тие обвинувања. Пилат бил уверен дека бил скован голем заговор за да се уништи еден невин човек, кој стоел на патот на еврејските достоинственици...Пилата го изненадило Неговото држење. Дали овој човек не обрнува внимание на судењето затоа што не се грижи да го спаси Својот живот? се прашувал. Набљудувајќи како Исус без возвраќање ги поднесува навредите и потсмевот, Пилат почувствувал дека Исус не може да биде толку виновен како што тврдат тие бучни свештеници.“ — Копнежот на вековите, 725,726.б. Како Исус одговори на прашањето на Пилат, и каква беше неговата реакција? Јован 18:34–35.„Сакајќи лично да ја дознае вистината од Него и да ја избегне вревата на мноштвото, Пилат повторно го прашал Исуса: ‘Дали си Ти цар јудејски?’Исус не одговорил директно на ова прашање. Тој знаел дека Светиот Дух се бори со Пилат настојувајќи да влијае на неговата совест и му дал можност да го признае своето осведочување. Тој прашал: ‘Го кажуваш ли тоа сам од себе или други ти го кажаа тоа за Мене?’ Со други зборови, дали Пилатовото прашање е засновано на обвинувањата на свештениците или на желбата да прими светлина од Христа. Пилат ја разбрал смислата на Неговите зборови, но во неговото срце се разбудила горделивост. Не сакал да го признае осведочувањето што го оптоварувало.“ — Копнежот на вековите, 726.
4. ПРИРОДАТА НА ХРИСТОВОТО ЦАРСТВО Сре, 15 окт
а. На кој начин Христос јасно ја објаснил природата на Своето царство за да биде разбрана од сите до крајот на земната историја? Јован 18:36.„И денес во верскиот свет има многумина кои, како што веруваат, работат за воспоставување на Христовото царство како земно и временско владеење. Тие сакаат да го направат нашиот Бог владетел на царствата на овој свет, владетел во земните судови и кампови, законодавни сали, палати и пазари. Тие очекуваат Тој да владее со помош на легални закони, спроведени од човечката власт. И бидејќи Исус сега не е тука лично, тие самите ќе преземат на себе да дејствуваат наместо Него и ги спроведуваат законите на Неговото царство. Воспоставувањето на такво царство го претставува она што го посакувале Евреите во Христовото време. Во тоа време тие би го примиле Христа, кога Тој би имал волја да воспостави земно царство, и да го спроведе она што тие го сметале како Божји закон и нив да ги направи објаснувачи на Својата волја и претставници на Својата власт. Но Тој рекол: ‘Моето царство не е од овој свет’. (Јован 18:36) Тој не сакал да го прими земниот престол.“ — Копнежот на вековите, 509.б. На што нѐ потсетува Христос додека сме овде на земјата? Марко 12:17.„Власта под која живеел Исус била изопачена и угнетувачка; секаде можеле да се видат ужасни злоупотреби принудувања, нетрпеливост и груба суровост. Сепак, Спасителот не се обидувал да спроведе граѓански реформи. Тој не ги нападнал националните злоупотреби, ниту ги осудувал непријателите на народот. Тој не се мешал во надлежноста или управувањето на оние кои се наоѓале на власт. Тој, Кој бил наш пример, не се мешал во земните власти, не затоа што бил рамнодушен кон човечките страдања, туку затоа што лекот не се наоѓал во човечките и надворешните мерки сами по себе. За да биде успешно, лекувањето мора да биде поединечно и срцето мора да се препороди.Христовото царство не може да се воспостави со одлука на судовите, советите или законодавните собранија, ниту под покровителство на големите луѓе на овој свет, туку со имплантирање на Христовата природа во човечките синови, преку дејството на Светиот Дух.“ — Копнежот на вековите, 509„Соединувањето на црквата со државата, па тоа и да е во најмал степен, не го приближува светот кон црквата, како што се чини, туку, всушност, секогаш црквата ја приближува кон светот.“ — Големата борба, 297.
5. ПРОПУШТАЊЕ НА ЗЛАТНАТА ПРИЛИКА Чет, 16 окт
а. Кое подлабоко прашање му поставил Пилат на Исус, и што покажува дека сепак не бил заинтересиран за одговорот? Јован 18:38.„Сепак Исус не го оставил (Пилат) без уште поголема светлина. Не одговарајќи непосредно на Пилатовото прашање, Тој јасно ја изложил Својата мисија во светот. Сакал Пилат да сфати дека Тој не копнее по земен престол...Христос потврдил дека Неговата Реч сама по себе е клуч што ќе ја отвори тајната за оние кои се подготвени да ја примат. Таа во себе има посебна сила и тоа е тајната на ширењето на Неговото царство на вистината. Тој сакал Пилат да го сфати фактот дека неговата упропастена природа може да се обнови само со прифаќање на вистината, па таа ќе стане составен дел од него.“ — Копнежот на вековите, 727.б. На кој начин Исус нежно се обидел да влијае врз совеста на Пилат? Јован 18:38.„Пилат посакал да ја дознае вистината. Неговиот ум бил збунет. Жедно ги прифатил зборовите на Спасителот, а неговото срце било поттикнато со голем копнеж да дознае што е всушност вистината и како може да се дојде до неа. ‘Што е вистина?’; прашал, но не го дочекал одговорот. Викотницата, која доаѓала однадвор го потсетила за обврските во тој час, бидејќи свештениците, бучно барале брзо делување. Излегувајќи повторно пред Евреите, Пилат енергично објавил: ‘Јас не наоѓам никаква вина во Него’.Овие зборови на еден незнабожечки судија претставувале остра осуда на лукавството и невистините на израелските поглавари, кои Го обвинувале Спасителот.“ — Копнежот на вековите, 727.
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА Пет, 17 окт
1. Како и Евреите, на кој начин можам и јас да западнам во опасноста да ја извртам вистинската смисла на „осквернувањето“?2. Како и Пилат, во кои животни ситуации можам да се спротивставувам на тивкиот глас на совеста?3. Каков вид притисок може да ме доведе во опасност да избегнам соочување со вистината?4. Што очекувале Евреите од Пилат?5. Прераскажи го разговорот меѓу Пилат и Исус.