Јуда Искариотски „Исус им одговори: ‘Не ли ве избрав дванаесетмина? Но еден од вас е ѓавол.’ А зборуваше за Јуда Симонов Искариот, зашто тој, како еден од дванаесетте, сакаше да Го предаде“ (Јован 6:70,71).
Предлагаме да прочитате:
Копнежот на вековите, 716–722.
„(Јуда) ја прифатил положбата на Христов служител, но не дозволувал да го преобрази божествената сила. Сметал дека може да ги задржи своите сопствени судови и мислења и негувал склоност да ги критикува и обвинува другите.“ — Копнежот на вековите, стр. 717.
1. ПРВАТА СРЕДБА Нед, 5 окт
а. Како Јуда го запознал Исус на почетокот на Неговата служба и што го привлече кон Учителот? Матеј 8:19.„Додека Исус ги подготвувал учениците за нивното ракоположување, еден човек кој не бил повикан, го наметнувал своето присуство меѓу нив. Тоа бил Јуда Искариотски, кој тврдел дека е Христов следбеник. Тој истапил, барајќи да биде примен во потесниот круг на ученици.“ — Копнежот на вековите, 293.„Јуда им се придружил на учениците, тогаш, кога народот веќе масовно одел по Христа. Додека како маѓепсани ги слушале Христовите зборови во синагогата, на брегот на езерото или на гората, Неговите поуки ги раздвижувале нивните срца. Јуда видел како болните, хромите и слепите доаѓале кај Исуса. Видел како оние на смртна постела ги подига на своите нозе. Бил очевидец, кога Спасителот со силата на Својата Реч ги исцелувал болните, ги истерувал демоните и ги воскреснувал мртвите. Лично го почувствувал доказот на Христовата сила. Бил осведочен дека Христовото учење е повозвишено од сѐ што слушнал порано. Го засакал големиот Учител и сакал да биде со Него. Чувствувал желба да се промени во карактерот и животот и се надевал дека благодарение на врската со Исуса ќе успее да го постигне тоа.“ — Копнежот на вековите, 716,717.
2. ПРИМЕН ВО АПОСТОЛСКА СЛУЖБА Пон, 6 окт
а. На кој начин Исус одговорил на Јудиниот предлог да заземе положба меѓу дванаесеттемина, и како реагирале другите ученици? Матеј 8:20.„Јуда верувал дека Исус е Месијата, па се надевал дека пристапувајќи им на апостолите ќе си обезбеди себеси висока положба во новото царство. Таа надеж Исус сакал да ја запре со изјавата за Својата сиромаштија.Учениците биле желни Јуда да стапи во нивните редови. Неговата надворешност била импресивна и тој бил човек со остра проникливост и лидерски способности, па го препорачале на Исуса како човек кој би можел многу да му помогне во Неговото дело. Биле изненадени што Исус толку студено го примил.Тие биле многу разочарани што Тој не настојувал да обезбеди соработка со Израелските водачи. Сметале дека згрешил што не го зајакнал Своето дело, обезбедувајќи поддршка од овие влијателни луѓе. Ако го одбиел Јуда, тие би се сомневале во своите умови за мудроста на нивниот Учител. Подоцнежната историја на Јуда ќе им покаже Колку е опасно да се дозволи каков било световен обѕир да влијае на одлуката дали луѓето се соодветни за Божјото дело. Соработниците чија соработка учениците толку ја посакувале, би го предале делото во рацете на неговите најлоши непријатели.“ — Копнежот на вековите, 294.б. Што е напишано за Јуда како апостол? Матеј 10:2–4; Јован 6:64.„Спасителот не го отфрлил Јуда. Му дал место меѓу дванаесетмината. Му доверил да го извршува делото на евангелист. Го обдарил со сила да ги исцелува болните и да ги истерува ѓаволите. Меѓутоа, Јуда не дошол до точка целосно да му се предаде на Христа. Не се откажал од своите световни амбиции и од љубовта кон парите. Ја прифатил положбата на Христов служител, но не дозволувал да биде преобразен од божествената сила. Сметал дека може да ги задржи своите сопствени судови и мислења и негувал склоност да ги критикува и обвинува другите.“ — — Копнежот на вековите, 717.в. Како била претскажана Јудината издаја? Јован 6:70–71; 13:9–10; Псалм 41:9.
3. ЛУКАВ КАРАКТЕР Вто, 7 окт
а. Опишете ја разликата меѓу сликата што учениците ја имале за Јуда и неговиот вистински карактер и скриени мотиви. Јован 12:6.„Јуда бил високо ценет од страна на учениците и тој имал големо влијание врз нив. Самиот тој имал високо мислење за своите способности и на своите браќа гледал како на многу поинфериорни од него во поглед на расудувањето и способностите. Мислел дека тие не ги гледале своите можности и не ја користеле предноста на околностите. Според неговото мислење, црквата нема никогаш да напредува со толку кратковиди луѓе како водачи. Петар бил избувлив и делувал без размислување. Јован, кој како драгоценост ги чувал вистините кои паѓале од Исусовите усни, според мислењето на Јуда, бил слаб финансиер. Матеј, воспитан да биде точен во сѐ, многу внимавал на чесноста и секогаш размислувал за Христовите зборови и бил толку обземен со нив, па според мислењето на Јуда, бил неспособен за каква било остроумна и далекусежна работа. Така Јуда ги резимирал сите ученици, па си ласкал себеси дека црквата често би се нашла во тешка и непријатна ситуација, кога не би била неговата способност за вешто управување. Јуда се сметал себеси за толку способен човек, што никој не можел да го надитри. Според неговото мислење тој претставувал чест за делото и секогаш се прикажувал како таков...Скромните парични приходи кои доаѓале во негови раце претставувале постојано искушение за него. Често, кога ќе направел некоја мала услуга за Христа или ќе посветил дел од своето време за верски цели, се исплаќал себеси од тој скромен фонд. Во Неговите очи, тие изговори биле доволни да ги оправдаат неговите постапки, но во Божји очи тој бил крадец.“ — Копнежот на вековите, 717.б. Во која ситуација Јуда јасно го открил својот вистински карактер? Јован 12:3–5; Матеј 26:14–16. Како Исус се обидувал да му помогне?„Јуда бил слеп за сопствените слабости, па Христос го поставил на положба каде што имал можност да ги воочи и да ги поправи. Како благајник на Христовите ученици, тој бил повикан да се грижи за потребите на таа мала група ученици и да ги ублажува потребите на сиромашните во нивната неволја... Служејќи им на другите, Јуда можел да развие дух на несебичност. Меѓутоа, иако секој ден ги слушал Христовите поуки и бил сведок на Неговиот несебичен живот, Јуда им попуштал на своите себични склоности.“ — Копнежот на вековите, 717.
4. ХРИСТОВОТО ДЕЛО ЗА ЈУДА Сре, 8 окт
а. На кој начин Христос се обидувал да допре до срцето на алчниот апостол? Јован 12:7–8.„Спасителот го прочитал срцето на Јуда; ја знаел сета длабочина на беззаконието во која тој ќе падне, доколку не биде избавен од Божјата благодат. Доведувајќи го овој човек во врска со Себе, го ставил во положба од ден на ден да биде во допир со излевањето на Неговата несебична љубов. Кога Јуда би го отворил своето срце на Христа, божествената благодат би го истерала демонот на себичност, па дури и тој би станал учесник во Божјото царство.Бог ги зема луѓето онакви какви што се, со сите човечки црти на карактерот и ги обучува за Својата служба, доколку сакаат да бидат воспитувани и да учат од Него. Тие не се избрани затоа што се совршени, туку и покрај својата несовршеност, преку познавањето и применувањето на вистината во животот и преку Христовата благодат, да бидат преобразени во Неговиот лик.Јуда имал исти можности како и останатите ученици. Ги слушал истите драгоцени поуки. Меѓутоа, применувањето на вистината во животот, како што барал Христос, било во спротивност со намерите и желбите на Јуда и тој не сакал да се откаже од своите погледи за да прими мудрост од Небото.“ — Копнежот на вековите, 294,295.б. Опишете ги пастирските особини што нашиот Добар Пастир ги покажал кон Јуда. Псалм 77:9; 86:15.„Колку нежно постапувал Спасителот кон човекот, кој требало да го предаде! Исус во Своето учење зборувал за начелото на добродетелта, кое удира во коренот на алчноста. Тој на Јуда му ја прикажал одвратната природа на лакомоста и тој ученик многупати сфаќал дека со тоа го опишува неговиот карактер и укажува на неговиот грев, но не сакал да ја признае и остави својата неправедност. Бил задоволен од себеси и наместо да се бори против искушението и понатаму ги следел своите измамнички постапки. Пред него бил Христос, жив пример на она што тој би морал да биде, доколку сакал да ги прими добивките од божественото посредување и служба; но поуките попусто допирале до неговите уши.Исус никогаш не му упатил ниту еден остар укор поради неговата алчност, туку со божествено трпение го поднесувал тој човек, дури и кога јасно би му покажал дека го прочитал неговото срце како отворена книга. Тој пред него презентирал највозвишени мотиви за правење добро, така што Јуда за отфрлањето на небесната светлина немал никакво оправдување.“ — Копнежот на вековите, 295.
5. ЗАВРШЕН ЧИН Чет, 9 окт
а. Кога Исус го вложи Својот последен напор во корист на Јуда – и што на крај направи несреќниот апостол? Јован 13:1–5, 10–14; 18:2–5.„Кога толпата влегла во градината, тој одел напред, а веднаш по него одел првосвештеникот. На Исусовите прогонувачи им дал знак, велејќи: ‘Оној што ќе го бакнам, Тој е, држете го’. (Матеј 26:48) Сега се однесувал како да нема никаква врска со нив. Приближувајќи се кон Исуса, Го фатил за рака како Близок пријател. Со зборовите: ‘Здраво, Рави!’, Го бакнал неколку пати, преправајќи се дека плаче и сочувствува со Него во Неговата опасност.Исус му рекол: ‘Пријателе, зошто дојде?’ Гласот болно му треперел, кога додал: ‘Јуда, зар со бакнеж Го предаваш Синот Човечки?’ Овој апел требало да ја разбуди совеста на предавникот и да го трогне неговото тврдо и упорно срце; меѓутоа честа, верноста и човечката нежност исчезнале од неговата душа.“ — Копнежот на вековите, 695,696.б. Опишете го крајот на Јуда. Матеј 27:3–10.„Пробивајќи се до судскиот престол, тој (Јуда) ги фрлил пред првосвештеникот сребрениците кои биле цена за предавството на својот Господ. Цврсто фаќајќи се за облеката на Кајафа, го преколнувал да Го ослободи Исуса, изјавувајќи дека Тој не направил ништо со што би заслужил смрт...Подоцна, истиот ден, на патот кон Пилатовата судница до Голгота, стивнале повиците и подбивањата на злиот народ, кој Го водел Исуса на местото каде што требало да Го распнат. Поминувајќи покрај некое затскриено место, го виделе под едно суво дрво телото на Јуда. Тоа била една најодвратна сцена. Под товарот на неговото тело, јажето се скинало за кое се обесил на дрвото. При паѓањето, неговото тело било премногу осакатено и сега кучињата ненаситно го јаделе.“ — Копнежот на вековите, 721, 722.
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА Пет, 10 окт
1. Кое предупредување треба да го прифатам гледајќи ја внатрешната слабост на Јуда?2. Кои опасности можат да ме снајдат ако го стврднам своето срце како што тоа го направи Јуда?3. Како треба да ги ценам искрените повици што Христос ги упатува кон мојата душа?4. Која била Јудината мотивација кога се обидувал да заземе место меѓу дванаесеттемина?5. Кои биле најголемите слабости на Јуда?