Поуки од Посланијата до Филипјаните, Колосјаните и Солунјаните
<< >>
САБОТА, 3 ОКТОМВРИ2026 ЛЕКЦИЈА
Над невозможното Запомнете го стихот: „Уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го доврши сè до Денот на Исус Христос“ (Филипјаните 1:6).
Предлагаме да прочитате:
Сведоштва за црквата, том 5, стр. 263–267.
„Претставете ѝ го сочувствителниот Спасител на душата изморена од животот во грев, која не знае каде да најде ослободување. Земете ја за рака, подигнете ја, зборувајќи ѝ зборови на охрабрување и надеж. Помогнете ѝ да се фати за раката на Спасителот.“ — Здравје и среќа, 168.
1. СОЧУВСТВИТЕЛНА НАДЕЖ Недела, 27 септември
а. Како можеме да бидеме вдахновени од Павловиот поздрав од римскиот затвор? Филипјаните 1:1-5.„Посланието до Филипјаните, како и она упатено до Колосјаните, Павле го напишал додека бил заточеник во Рим.“ — Делата на апостолите, стр. 479.„Павле им пишува на овие браќа како ’свети во Исус Христос’, но не им пишувал на луѓе со совршен карактер. Тој им пишувал како на мажи и жени кои се бореле со искушенијата и биле во опасност да паднат. Ги насочува кон ’Бога на мирот, Кој го воздигна од мртвите, Големиот Пастир на овците’. Ги уверува дека со ’крвта на вечниот завет’ Тој ќе ’ве усоврши во секое добро дело за да ја вршите Неговата волја, вршејќи го во вас, она што Му е Нему благоугодно, преку Исус Христос’.Кога заблудениот ќе ја воочи својата грешка, внимавајте да не го уништите неговото самопочитување. Немојте да го обесхрабрувате, укажувајќи му недоверба и незаинтересираност. Не велете: ’Немам доверба во него, додека не видам дали ќе се одржи’. Честопати, оние што се во искушение, се сопнуваат токму заради тоа што се нема доверба во нив...Ако душата за која се залагаме не одговори веднаш на нашите обиди, ние се обесхрабруваме премногу брзо. Сè додека постои и најмала искра на надеж, ние не треба да престанеме да работиме за таа душа.“ — Здравје и среќа, 167, 168.
2. ДОВЕРБА ВО БОЖЈАТА СИЛА Понеделник, 28 септември
а. Како нашиот однос кон заблудените и грешните ближни ја открива длабочината на нашата вера во Божјата сила? Филипјаните 1:6-8.„Ние треба да настојуваме да ги разбереме слабостите на другите. Знаеме сосема малку за страдањата на душата на оние што биле заробени во прангите на темнината и на кои им недостигаат решителност и морална сила. Најмногу сожалување треба да се има кон оној што страда заради грижа на совеста, како зашеметен човек што се тетерави и тоне во правта. Тој не може јасно да гледа. Разумот му е помрачен и не знае каде да оди. Многу сиромашни души се погрешно разбрани, неценети, исполнети со неволја и душевна болка — изгубени овци што талкаат. Тие не можат да го најдат Бога, а сепак со длабок копнеж, интензивно копнеат за простување и мир.Ох, нека не биде изговорен ниту еден збор што би предизвикал подлабока болка!...Скапоцените души го чинеле нашиот Спасител премногу скапо, за да бидат толку лесно препуштени на силата на искушувачот.Треба да се ставиме самите себеси на местото на искушуваните. Имајте ги предвид законите на наследувањето, влијанието на лошото друштво и околината, како и силата на лошите навики. Треба ли да се чудиме што под такви влијанија многумина морално пропаѓаат? Треба ли да се чудиме што тие толку бавно одговараат на напорите вложени за нивно издигнување!Честопати, најлојални следбеници и поборници на Евангелието стануваат токму оние, кои изгледаат груби и навидум не ветуваат многу. Тие не се сосема изопачени. Под нивната одбивна надворешност има добри побуди до кои може да се допре. Многумина, кои никогаш не би закрепнале без подадена рака за помош, со трпеливи истрајни обиди можат да бидат подигнати. На таквите им се потребни зборови, љубезно внимание, вистинска помош, која нема да го гасне одвај забележливиот пламен на храброст во нивната душа. Работниците што доаѓаат во контакт со таквите души, мораат да го имаат тоа предвид.“ — Здравје и среќа, 168.б. Со каква цел треба да ја проучуваме Божјата реч? Филипјаните 1:9-11.„Треба ревносно да го користиме секое средство на благодатта, за Божјата љубов сè повеќе да изобилува во душата. ’За да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос, полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос’ (Филипјаните 1:10, 11). Вашиот христијански живот мора да стане силен и одлучен. Можете да го достигнете високиот стандард поставен пред вас во Светото писмо, и морате да го достигнете ако сакате да бидете Божји деца. Не можете да стоите во место; морате или да напредувате или да назадувате.“ — Сведоштва за црквата, 264.
3. ДА ЈА ПОГЛЕДНЕМЕ ПОШИРОКАТА СЛИКА Вторник, 29 септември
а. Опишете како Бог често ги користи прогонствата и тешкотиите за да ја прошири Својата прекрасна вест за љубовта и благодатта. Филипјаните 1:12-14.„Не можело да се очекува Павле — сиромашен затвореник без пријатели и роднини - да го привлече вниманието на богатите и повластените класи меѓу римските граѓани. Порокот за нив имал блескотна привлечност и тие биле негови доброволни робови. Но меѓу изморените, осиромашени и угнетени жртви, па дури и меѓу бедните робови, имало многу такви кои со радост ги слушале Павловите зборови и во Христовата вера наоѓале утеха, надеж и мир кои ги бодреле за време на тешката судбина на нивниот живот.Меѓутоа, иако апостолот својата работа ја почнал со едноставни и понизни луѓе, неговото влијание се ширело сè додека не го досегнало дури и дворот на императорот.“ — Делата на апостолите, 461.„Божјата милост го крепела Павле во неговото заточеништво, овозможувајќи му да се радува во својата неволја. Тој со вера и со осведоченост им пишувал на своите браќа во Филипи дека неговото заточение послужило за ширење на евангелието...Во ова Павлово искуство се крие поука за нас, зашто во него се открива начинот на кој работи Бог. Господ може да го претвори во победа и она што нам понекогаш ни изгледа како целосен неуспех и пораз. Ние сме во опасност да го заборавиме Бога и внимание му обрнуваме само на она што се гледа, наместо со очите на верата да го гледаме невидливото. Кога ќе наидат неволји и несреќи, веднаш сме подготвени да Го обвиниме Бога дека нè занемарува или дека е суров. Ако Тој смета дека е добро извесно време да ја ограничи нашата делотворност, ние се плачеме, не помислувајќи ниту за миг дека Бог тоа го прави можеби токму за наше добро. Мораме да сфатиме дека и карањето претставува дел на неговиот голем план и дека христијанинот понекогаш под прачката на страдањата и болката може за својот Господ да стори повеќе отколку кога се наоѓа во активна служба.“ — Делата на апостолите, 480, 481.б. Ако паднеме во искушение да се обесхрабриме поради необичните начини на кои може да се посее семето на вистината, на што треба да се сетиме? Филипјаните 1:15-18.„Напорите на сатаната да го уништи ’нераспадливото живо и вечно Божјо слово’ (1 Петрово 1:23) всушност придонесуваат тоа да допре до човечките срца. Преку срамотењето и прогонството на Божјите деца, Христовото име се возвеличува, а душите се спасуваат.Голема награда на небото ги очекува сите оние кои во прогонствата и понижувањата сведочат за Христос.“ — Мисли од Гората на благословите, 34.
4. ДА ЈА ИМАМЕ ВЕЧНОСТА ПРЕД ОЧИ Среда, 30 септември
а. Зошто можеме да бидеме вдахновени од извонредното сведоштво на Павле? Галатјаните 6:14; Филипјаните 1:19–21.„Најблизу до Христос ќе биде оној што на Земјата најмногу ќе се напои со духот на Неговата самопожртвувана љубов, љубов која ’не се фали, не се вообразува... не го бара своето, не се лути лесно, не мисли зло’. (1. Коринтјаните 13:4,5); од љубовта која ги поттикнува учениците, како што го поттикнала нашиот Господ да даде сѐ, да живее и да работи и да се жртвува сѐ до смрт, заради спасение на човештвото. Тој дух се манифестирал во животот на Павле. Тој вели: ’За мене да се живее е Христос,’ бидејќи неговиот живот им го открил на луѓето Христос; ’а смртта добивка’ добивка за Христос; самата смрт би ја покажала силата на Неговата благодат и би привлекла души кон Него.’Христос ќе се возвеличи во моето тело,’ рекол тој, ’било преку животот било преку смртта’”. (Филипјаните 1:21,20).“ — Копнежот на вековите, 549.„Павле бил жив пример за тоа каков треба да биде секој христијанин. Тој навистина живеел за Божја слава... Оној што некогаш го прогонувал Христос во лицето на Неговите свети, сега го издигал Христовиот крст пред светот. Срцето на Павле горело од љубов кон изгубените души и сите свои сили ги посветил на делото на нивното обраќање. Никогаш немало поусрден, поистраен и понесебичен работник. За него Христос бил сè во животот; тој ги вршел Христовите дела. Сите благослови што ги примал ги ценел како предности што треба да ги употреби за благословување на другите.“ — Коментари на библиските текстови, 725.„’Зашто за мене животот е Христос’, вели Павле. Овде, во само неколку зборови, е дадена најсовршената претстава во целото Свето Писмо за тоа што навистина значи да се биде христијанин. Тоа е сета вистина на евангелието.“ — Коментари на библиските текстови, 747.б. Каква перспектива треба да имаме за нашите должности на оваа земја додека го очекуваме Второто Христово доаѓање? Филипјаните 1:22-24; 2. Тимотеј 4:8; Јован 14:3.„Иако големата конечна награда ќе биде примена дури при Второто Христово доаѓање, искрената служба за Бога носи награда уште во овој живот. Работникот ќе мора да се соочува со пречки, противења и горчливи разочарувања што го растргнуваат срцето. Можеби никогаш нема да ги види плодовите на својата работа. Но, и покрај сето тоа, во самата работа тој наоѓа прекрасна и благословена награда. Оние што му се посветиле на Бога во несебична служба за човештвото стануваат соработници на Господарот на славата. Оваа мисла го засладува секој труд, ја зацврстува волјата и го оживува духот за сè што може да ги снајде.“ — Christian Service, p. 270.
5. ОСНАЖЕНИ ПРЕКУ ВЕРАТА Четврток, 1 октомври
а. На кој начин Павловиот став може да влее надеж во нас? Филипјаните 1:25-28.„Верните Божји гласници мора цврсто и постојано да ја извршуваат својата задача. Вооружени со сето небесно оружје, тие мора да го продолжат патот бестрашно и победоносно, не престанувајќи да се борат сè додека секоја душа до која можат да допрат не ја прими пораката на вистината за ова време.“ – Делата на апостолите, 220.б. Како Христовиот пример нè оснажува? Филипјаните 1:29, 30; Исаија 53:8-11.„Што го крепело Божјиот Син при Неговото предавство и судење? Тој го видел плодот од трудот на Својата душа и бил задоволен. Тој ја согледал бескрајната вечност и среќата на оние што, преку Неговото понижување, ќе примат проштавање и вечен живот. Бил ранет за нивните престапи и биен за нивните беззаконија. Казната за нивниот мир паднала врз Него, а преку Неговите рани тие биле исцелени. До Неговите уши допирале восклиците на откупените. Тој ги слушал спасените како ја пеат песната на Мојсеј и на Јагнето.И ние треба да имаме јасна претстава за иднината и за блаженството на небото. Да застанеме на прагот на вечноста и да го слушнеме срдечното добредојде упатено до оние што соработувале со Христос во овој живот, сметајќи го за предност и чест тоа што страдале за Него...Таму откупените ќе ги поздрават оние што ги упатиле кон Спасителот воздигнат на крстот. Тие ќе се соединат во славење на Оној што умрел за човечките суштества да имаат живот што по своето траење може да се спореди со Божјиот живот. Борбата е завршена. На сите маки и неволји им дошол крајот. Кога откупените ќе се соберат околу Божјиот престол, песната на победата ќе го исполни целото небо.“ – 8. Сведоштво, 43, 44.
ПРАШАЊА ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ: Петок, 2 октомври
1. Зошто мораме да истраеме сè додека за паднатите души постои барем зрак надеж?2. Колку често сум гледал како упорни и тврдоглави души се менуваат на чудесен начин?3. Како Бог може преку нашите искушенија да ги оствари Своите добри намери?4. Опиши кое било вистинското мото на Павловиот живот.5. На кој начин треба подобро да го следам примерот на Павле и, пред сè, примерот на Христос?