Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Посланијата до Филипјаните, Колосјаните и Солунјаните

 <<    >> 
САБОТА, 17 ОКТОМВРИ 2026 ЛЕКЦИЈА
Копнеж подобро да го запознаеме Исус Запомнете го стихот: „За да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите“ (Филипјаните 3:10,11).
Предлагаме да прочитате:   3. Сведоштво, 22-32; The Story of Redemption, 310-314. 
„Кога проучувачите на Библијата гледаат во Спасителот, тогаш во душата се буди таинствената сила на верата, обожувањето и љубовта. Гледајќи го постојано Христовиот лик, гледачот станува сѐ посличен со Оној кого Го обожува.“ — Воспитување, 192.

1. ПРАВЕДНОСТ ПРЕКУ ВЕРА Недела, 11 октомври
а. Како Павле ја истакнува потребата од вера во Христос, наместо да се потпираме на наводните заслуги на телото? Филипјаните 3:1-3. „Колку поблизу доаѓаме до Христос, и колку појасно ја согледуваме чистотата на Неговиот карактер, толку појасно ќе ја препознаваме прекумерната грешност на гревот и помалку ќе сакаме да се извишуваме себеси...Ниту еден од апостолите или пророците никогаш не тврдел дека е без грев. Луѓето кои живееле најблиску до Бога, луѓе кои би го жртвувале самиот живот наместо свесно да направат некое лошо дело, луѓе кои Бог ги надарил со божествена светлина и сила, ја признале грешноста на својата природа. Тие не се потпирале во телото, ниту пак тврделе дека имаат некаква своја праведност, туку целосно се потпирале врз Христовата праведност. Така ќе биде и со сите што го гледаат Христос.На секој нов чекор во нашето христијанско искуство, нашето покајание ќе се продлабочува. Токму на оние на кои им простил, на оние што ги признал како Свој народ, Тој им вели: ’Тогаш ќе се сетите за своите лоши патишта и за своите лоши дела, па ќе почувствувате одвратност од самите себе за гревовите свои и за лошите престапи’ (Езекиел 36:31)... Тогаш нашите усни нема веќе да се отвораат во само-величење. Ќе знаеме дека нашиот успех единствено зависи од нашата заедница со Христос.“ – Христовите очигледни поуки, 160.

2. РАДОСТ ВО СЛУЖЕЊЕТО НА ХРИСТОС Понеделник, 12 октомври
а. Опишете го поранешниот став на Павле, пред да се обрати кон Христос. Филипјаните 3:4-6. „Во теолошките училишта во Јудеја, Божјата Реч била потисната со човечки шпекулации; толкувањата и преданијата на рабините и ја одземале силата. Самовозвишувањето, властољубивоста, љубоморната исклучивост, лицемерието и презривата горделивост биле владеечки принципи и побуди на овие учители.Рабините се разметнувале со својата супериорност не само над припадниците на другите народи туку и над своите сопствени сонародници. Обземени од дива омраза кон своите римски поробувачи, тие цврсто одлучиле да ја повратат својата национална големина со силата на оружјето. Ги мразеле и убивале Исусовите ученици чија вест на мирот толку очигледно се спротивставувала на нивните честољубиви планови. Савле бил еден од најогорчените и најбезмилосни учесници во тоа гонење.“ – Воспитување, 65. б. Како Павле ја опишува големата радост што произлегува од целосното предавање на Исус? Филипјаните 3:7,8. „Апостолите не се грижеле многу за својот живот, радувајќи се што се удостоиле да поднесат срам поради Христос. Павле и Сила поднеле загуба на сè што имале. Биле сурово камшикувани и на најнемилосрден начин фрлени во влажна ќелија на дното на затворот, додека нозете во толку мачна положба им биле стегнати во направи за мачење. А дали поради тоа до ушите на чуварот допрел барем еден глас на нивно незадоволство или поплака? О, не? Низ тишината на ноќта од ќелијата се слушале само песни на радост и благодарност на Бога. Длабоката и сесрдна љубов на овие ученици кон делото на својот Откупител им давала сила да страдаат поради тоа.Доколку Божјата вистина го исполнува нашето срце, ги обзема нашите чувства и го контролира нашиот живот, и ние ќе се радуваме да страдаме и трпиме поради вистината. Ниту ѕидовите на затворот, ниту направите за мачење нема да можат да нè заплашат ниту да нè спречат во нашата голема задача.О, душо моја, појди на Голгота! Да обратиме внимание на понизноста на Божјиот Син во овој живот. Тој „бил човек на болката и запознаен со тагата”. Да размислуваме длабоко за понижувањето на кое се согласил, за Неговата агонија во Гетсиманија и ќе сфатиме што значи самооткажувањето. Ако страдаме поради сиромаштија и немаштија, да знаеме дека низ сето тоа минал и Христос - Височеството на небото. Но тој поднесувал сиромаштво поради нас. Му припаѓаме ли на сталежот на побогатите? - Тој бил најбогат. Но Тој се согласил за ние да се збогатиме со Неговото сиромаштво. Во Христос имаме најизразен пример на самооткажување.“ – 3. Сведоштво, 406, 407.

3. ВИСТИНСКО ИСКУСТВО Вторник, 13 октомври
а. Која Павлова цел треба и ние денес ревносно да ја следиме? Филипјаните 3:9. „Верниот Сведок вели: ’Те советувам да купиш од Мене злато пречистено во оган, за да се збогатиш; и бели облеки, за да се облечеш и да не се покаже срамот на твојата голотија.’ Што претставува срамот на таа голотија, сиромаштија и беда? Тој срам го претставува облекувањето во облеката на сопствената праведност и одвојувањето од Бога, иако Тој обезбедил изобилство од благослови што им се достапни на сите.“ – Коментари на библиските текстови, 893.„Христијанинот што Го љуби Бога го издигнува својот поглед над маглата на сомнежот; тој стекнува длабоко, трајно и живо искуство и станува кроток и сличен на Христос. Скриен со Христос во Бога, тој целосно ѝ се потчинува на Неговата волја. Тој е во состојба мирно да поднесува занемарување, навреди и презир, бидејќи и неговиот Спасител го поднесувал сето тоа. Нема да стане мрзоволен, вознемирен или обесхрабрен кога ќе го притиснат тешкотиите, како што ни Христос во слични околности не се колебал ниту ја губел храброста. Секој вистински христијанин ќе биде силен, не во силата и заслугите на своите добри дела, туку во Христовата праведност, која му се припишува преку верата. Голема работа е да се биде кроток и смирен по срце и да се остане чист и неизвалкан, како што бил Кнезот на небото кога живеел меѓу луѓето.“ – Коментари на библиските текстови, 757. б. Опишете што треба да биде средиштето на вистинскиот христијански живот. Филипјаните 3:10,11; 1. Петрово 2:21. „Со своето самооткажување и истакнување на крстот, тие укажувале на патот на животот. Тие имале заедница со Христос во Неговите страдања и најголема желба им била да го запознаат Исус Христос и тоа распнатиот. Не барале лични задоволства, ниту се грижеле за својот земен живот. Не живееле за да си угаѓаат себеси, туку за да прават добро, спасувајќи ги душите за кои Христос умрел.“ – 3. Сведоштво, 27.„Токму заедницата со Христос, личниот контакт со живиот Спасител, ги оспособува умот, срцето и душата да постигнат победа над својата пониска природа. Зборувајте му на заталканиот за Семоќната рака што ќе го поддржи, за бескрајното сожалување што го чувствува кон него Христос како човек. Не е доволно да го упатите да верува во законот и силата, во нешто што не може да има сожалување и што не може да чуе повик за помош. Тој има потреба да прифати топла рака, да се потпре врз срце полно со нежност. Зборувајте му постојано дека Бог е секогаш покрај него, дека постојано го придружува со Својата љубов проникната со сожалување. Помогнете му да мисли за срцето на Отецот, кое е жалосно поради гревот, за раката на Отецот која сè уште е испружена.“ – Христовите очигледни поуки, 388.

4. ИСТРАЈУВАЊЕ ВО БОРБАТА ПРОТИВ ИСКУШЕНИЈАТА Среда, 14 октомври
а. Како Павле го опишува постојаниот, секојдневен повик упатен до секој Христов следбеник? 2. Коринтјаните 7:1; Филипјаните 3:12-14; 1. Коринтјаните 15:31. „Тука се гледа јасна спротивност меѓу фалбените, самоправедни тврдења на оние што велат дека се без грев и понизниот говор на апостолот; а токму чистотата и верноста на неговиот живот им давале тежина и сила на неговите опомени кон браќата.“ – Посветен живот, 86.„О, кога сите би го избрале небесниот дар и би станале Божји наследници — наследници на наследството врз кое ниеден уништувач не може да полага право ниту да го одземе, и тоа за сета вечност! Не избирајте го светот, туку изберете го подоброто наследство! Ревносно и истрајно стремете се кон целта, кон наградата на вашиот висок повик во Христос Исус.“ – Fundamentals of Christian Education, 235.„Ние никогаш не знаеме колку тешка ќе биде нашата утрешна борба. Сатаната живее и многу е активен; и затоа секој ден најсесрдно треба да се обраќаме на Бога за сила и помош, за да бидеме во состојба да се спротивставиме на секое искушение. Додека постои владеењето на сатаната, ќе мораме да се бориме со нашето сопствено ’јас’ и против сите можни искушенија, зашто не постои место каде би можеле да застанеме и да кажеме: Достигнавме сѐ...Животот на христијанинот претставува непрекинато напредување. Христос седи како оној што ги облагородува и прочистува припадниците на Својот народ, и дури кога Неговиот лик совршено ќе може да се види во нив, тие ќе бидат совршени и свети, подготвени за вознесување.“ – 1. Сведоштво, 340. б. Кое телесно искушение честопати претставува духовна замка? Филипјаните 3:18,19. „Самоодрекувањето и воздржувањето од телесните апетити се неопходни за унапредување и зацврстување на здравјето и моралот, како и за прочистување на расипаното општество. Секое отстапување од начелата во јадењето и пиењето ја отапува способноста за расудување... Умереноста во сè е клучна за зачувување на здравјето и за растот и развојот на христијанскиот карактер.Оние што ги престапуваат Божјите закони во однос на своето тело нема да се двоумат да го престапат ниту Божјиот закон објавен на Синај. Оние што, откако ќе ја примат светлината, нема да се придржуваат до начелата во јадењето и пиењето, туку ќе си дозволат да станат робови на апетитот, нема да бидат истрајни во почитувањето на начелата ниту во другите области. Разгледувањето на прашањето за реформата во јадењето и пиењето ќе го изгради карактерот и непогрешливо ќе ги открие оние за кои ’бог им е стомакот’“. – Counsels on Health, 38, 39.

5. НЕБЕСНО ДРЖАВЈАНСТВО Четврток, 15 октомври
а. Кој повик и кое ветување денес претставуваат предизвик за нашето срце? Филипјаните 3:20,21. „Така и Божјиот народ - вистинскиот Израел - иако расеан по народите, на оваа земја е само дојденик чијашто вистинска татковина е небото.“ – Патријарси и пророци, 447.„Драги браќа и сестри, дали со целото срце верувате дека Христос наскоро ќе дојде и дека ние сега ја имаме последната вест на милост која некогаш треба да биде објавена на виновниот свет? Дали нашиот пример е онаков каков што треба да биде? Дали со своите разговори и со светиот живот им докажуваме на оние кои се околу нас дека ја очекуваме величествената појава на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, кој ова наше суетно тело ќе го преобрази и ќе го направи слично на Своето величествено тело? Се плашам дека ние во тоа не веруваме и не го разбираме онака како што треба. Животот и постапките на оние што веруваат во значајната вистина која ние ја исповедаме, треба да бидат ускладени со таа вера. Премногу се тежнее кон уживање, разонода и привлекување внимание кон овој свет, претерано се мисли на облекување, а јазикот честопати се занимава со лекомислени и целосно безначајни разговори, со што се побива она што го исповедаме, затоа што не говориме за небото, од каде што го очекуваме Спасителот.Ангелите бдеат над нас и нѐ чуваат; меѓутоа, оддавајќи се на несериозни разговори, шеги, вицеви и спуштајќи се на тој начин во состојба на непретпазливост и духовно мртвило, ние тие ангели често ги жалостиме. Иако можеби понекогаш ќе вложиме некој напор и ќе извојуваме победа, но ако во тоа не истраеме, туку повторно се спуштаме во истата состојба на непретпазливост и рамнодушност, неспособни да ги поднесуваме искушенијата и да се спротивставиме на непријателот, ние не му одолеваме на искушението на нашата вера, која е многу повредна од злато. Не страдаме заради Христос и не Го славиме во страдањата.Голем недостаток се чувствува во христијанската истрајност и во служењето на Бога според начелата. Не треба да се стремиме да се истакнуваме и на некој начин да се задоволиме себеси, туку да му оддаваме чест и да го прославиме Бога, и во сѐ што правиме или говориме да ја имаме во вид само Неговата слава.“ – Рани списи, 111.

ПРАШАЊА ЗА ЛИЧНО РАЗМИСЛУВАЊЕ Петок, 16 октомври
1. Што ќе ме спречи да се самовозвишувам? 2. Опиши ја чудесната преобразба на Павловиот карактер. 3. Што треба да биде средиштето на мојот живот? 4. Како претераното попуштање на апетитот влијае врз мојата духовност? 5. Кои замки можат да го попречуваат мојот христијански раст?
 <<    >>