Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од Посланијата до Филипјаните, Колосјаните и Солунјаните

 <<    >> 
САБОТА, 10 ОКТОМВРИ 2026 ЛЕКЦИЈА
Слични на Христос во сите околности Запомнете го стихот: „Не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!“ (Филипјаните 2:3,4).
Предлагаме да прочитате:   5. Сведоштво, 167-177, 477-490. 
„Кога секогаш кон секого без разлика би биле пријателски наклонети и кога на другите би им го правеле само она што сакаме нам да ни се прави, би исчезнала барем половината од злото и од неволјите што ги носи животот со себе. Духот на самоувереност е дух на сатаната, но срцето во кое се негува Христова љубов ќе има и љубов кон ближниот, љубов која ’не го бара своето’“. — Патријарси и пророци, 133.

1. НЕОПХОДНА ДОБЛЕСТ Недела, 4 октомври
а. Зошто треба да го цениме тоа што Павле ја нагласува важноста на вистинската христијанска слога? Филипјаните 2:1,2; Римјаните 15:5,6. „Христос предводи еден народ, доведувајќи ги неговите припадници до единство во верата, да бидат едно како што е Тој едно со Својот Татко. Разликите во мислењата мора да се напуштат, за во црквата сите да бидат единствени, имајќи еден дух и едно расудување.“ – 1. Сведоштво, 324. б. Опишете ја радоста што произлегува од таквото единство и единствениот начин на кој тоа може да се постигне. 1. Коринтјаните 1:10; Псалм 133:1-3. „Одвојувањето од Христос е причина за поделба и раздор во семејството и црквата. Приближете се еден кон друг. Тајната на вистинското единство во црквата и во семејството не се постигнува ниту со дипломатија, ниту со господарење, ниту со вложување на натчовечки напори за отстранување на тешкотиите, иако често треба и тоа да се направи, туку во заедница со Христос.“ – Адвентен дом, 179.

2. ПРОМЕНА НА СТАВОТ Понеделник, 5 октомври
а. Каков повик им е упатен на сите христијански верници – и зошто? Филипјаните 2:3. „Суетата и славољубието претставуваат карпи на кои многу души претрпеле бродолом и многу цркви станале немоќни. Луѓето што најмалку знаат за побожноста, кои најмалку се поврзани со Бога се на исто рамниште со луѓето кои најмногу копнеат за високи положби. Тие не ја увидуваат својата слабост и своите карактерни мани.“ – 5. Сведоштво, 174.„Луѓе со разни темпераменти и несовршени карактери ги забележуваат грешките на другите, но не ги согледуваат сопствените... Кај луѓето обично постои себичност и славољубие кои го спречуваат Божјото дело. Не смее да се внимава на личните интереси.“ – 5. Сведоштво, 419.„Срцето кое е во хармонија со Бога е издигнато над незгодите и искушенијата во овој живот. Но срцето во кое нема Христов мир е несреќно и исполнето со незадоволство; таквото лице во сѐ наоѓа недостатоци и би внело несклад и во најсовршената хармонија на небото. Животот на себичност е живот на зло. Оние чиишто срца се исполнети со љубов кон самите себе натрупуваат зли мисли против своите браќа и зборуваат против Божјите орудија. Страстите, запалени и поттикнати од сатаната, се горчливи извори од кои извира горчина која го труе животот на другите...Секој што тврди дека е следбеник на Христос секогаш треба другите да ги цени повеќе од себе. Приближете се едни кон други, приближете се! Во единството е силата и победата; во неслогата и раздорот се слабоста и поразот.“ – 5. Сведоштво, 488. б. Објаснете во што се состои тајната на вистинскиот успех. Филипјаните 2:4. „Ако нашиот живот е исполнет со свет мирис, ако го славиме Бога негувајќи добри мисли за другите, правејќи добри дела и служејќи им на ближните, тогаш не е важно дали живееме во скромна колиба или во палата. Околностите немаат пресудно влијание врз животот на душата. Духот што го негуваме им дава смисла на сите наши постапки. Човекот што е во мир со Бога и со своите ближни не може да биде несреќен. Зависта не може да престојува во неговото срце; во него нема место за зли сомнежи, ниту омразата може да се задржи. Срцето што е во хармонија со Бога е издигнато над неволјите и искушенијата на овој живот.“ – 5. Сведоштво, 488.„Успехот ќе се зголемува сразмерно со нивната несебична дарежливост, додека од своето изобилство им помагаат на установите што се борат за опстанок. Нашите напредни установи треба да им помогнат на оние за кои Бог рекол дека треба да живеат и да напредуваат, а кои сè уште се борат за својот опстанок. Меѓу нас има многу малку вистинска, несебична љубов.“ – 8. Сведоштво, 137.

3. ПО НЕГОВИТЕ СТАПКИ Вторник, 6 октомври
а. Во ова време од историјата, што треба да го одбележува нашето размислување и постапување? 2. Коринтјаните 10:3-5; Филипјаните 2:5. „За во сè да го украсуваме учењето на Христос, нашиот Спасител, мораме да го покажуваме истиот дух што го покажувал Тој. Нашите лични наклоности или одбивност кон некого, како и секоја желба да си угодуваме себеси на штета на другите, мора да ги победиме. Нека Божјиот мир владее во нашите срца. Христос мора да биде жива и делотворна сила во нас.“ – Коментари на библиските текстови, 789.„Мораме да одиме во училиштето Христово за од Него да се учиме на кротост и понизност. Искупувањето е процес со кој душата се подготвува за небото. Тоа подготвување значи познавање на Христос. Тоа значи ослободување од начинот на размислување, навиките и постапките стекнати во училиштето на кнезот на темнината. Душата мора да се ослободи од сè што е во спротивност со оддаденоста кон Бога.“ – Копнежот на вековите, 330. б. Како и зошто треба да го одразуваме Христовиот став? Филипјаните 2:6-8. „Исус ја зел врз Себе нашата природа и ги оставил Својата слава, величество и богатство за да ја изврши Својата мисија – да го спаси она што било загубено. Тој не дошол за да Му служат, туку за да им служи на другите. Исус не им се одмаздувал на оние што Го навредувале, напаѓале и Му се спротивставувале. ’Кој, кога Го навредуваа, не возвраќаше со навреди.’ Кога поради човечката суровост морал да поднесува тешки страдања, Тој не се заканувал, туку се доверувал на Оној што суди праведно.Апостол Павле ги поттикнувал своите браќа во Филипи: ’Нека во вас биде истиот ум што беше и во Христос Исус, Кој, иако беше во Божјо обличје, не сметаше дека еднаквоста со Бога е нешто за кое треба да се држи, туку Сам Себеси се понизи, земајќи обличје на слуга и станувајќи сличен на луѓето; и по изглед се покажа како човек.’ Дали слугата е поголем од својот господар?Христос ни оставил пример со Својот живот, а ние Го обесчестуваме ако реагираме на секое најмало омаловажување или ако сакаме да се одмаздиме за секоја неправда, било замислена или вистинска. Постојано да бидеме подготвени за самоодбрана и непрестајно да бдееме над сопственото достоинство не е одлика на благороден дух. Многу е подобро сто пати да претрпиме неправда отколку да ја раниме сопствената душа со одмаздољубивост или да му дадеме слобода на гневот.Силата ќе ја добиеме од Бога. Тој може да ни помогне. Тој може да ни даде благодат и небесна мудрост. Ако бараш со вера, ќе добиеш; но мораш да бдееш во молитва. Бдеј, моли се и работи – тоа нека биде твоето мото.“ – 2. Сведоштво, 426.

4. СВЕСНО УВАЖУВАЊЕ Среда, 7 октомври
а. Како Бог Отецот гледа на неизмерната жртва што ја принесе Христос – и како треба да гледаме на неа и ние? Филипјаните 2:9-11. „На чија страна сте? Светот Го отфрли Христос, а небото Го прими. Човекот, ограничен и смртен, Го отфрли Кнезот на животот; Бог, нашиот врховен Владетел, Го прими на небото и Го возвиши над секое име. Човекот Го круниса со трнов венец, а Бог Го круниса со круна на царско величество. Мораме искрено да размислиме и да одлучиме: Дали сакаме над нас да владее овој Човек, Исус Христос, или Варава?...За оние што Го примаат Христос и веруваат во Него, Неговата смрт е надеж и вечен живот.“ – Коментари на библиските текстови, 489. б. Иако сме слаби во моралната сила и волјата, зошто мораме свесно да Му се предадеме на Спасителот? Филипјаните 2:12,13. „Ако навистина си почнал да живееш живот на вера, предај Му се целосно на Господа, и Тој, во согласност со Својата намера, ќе те изгради и обликува така што ќе бидеш сад за чест. Треба да бидеш подготвен во Неговите раце да бидеш податлив и да одиш секаде каде што Тој ќе те води. На тој начин ќе Му дозволиш да ја оствари Својата намера за тебе, а истовремено ќе соработуваш со Него, работејќи на своето спасение со страв и трепет...Чистата вера не ја исклучува дејноста на волјата. Волјата е владејачката сила на човечката природа и управува со сите други способности. Волјата не е вкус ниту наклонетост, туку сила на одлучување, која децата ги прави покорни или непокорни на Бога.“ – 5. Сведоштво, 512, 513.„Ти ќе бидеш во постојана опасност сѐ додека не ја видиш вистинската сила на волјата. Ќе веруваш во сѐ и ќе ветуваш, но твојата вера и твоите ветувања нема да имаат никаква вредност сѐ додека со својата волја не застанеш на страната на верата и делата. Ако се бориш во борбата на верата со сета сила на твојата волја, ќе победиш. Не смееш да се потпираш на твоите чувства, впечатоци и сфаќања, затоа што тие не се сигурни...„Но не треба да очајуваш... На тебе останува да ја потчиниш твојата волја на Христовата волја. Ако го направиш тоа, Бог непосредно ќе делува во тебе да го сакаш и да го правиш она што Му е угодно. Тогаш целата твоја природа ќе се потчини на Христовиот Дух, па дури и твоите мисли.“ – 5. Сведоштво, 513, 514.

5. ХРИСТИЈАНСТВОТО ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ЖИВОТ Четврток, 8 октомври
а. Наведете некои вообичаени проблеми што треба да ги совладаме. Филипјаните 2:14,15. „Божјата љубов мора да владее во душата за да можат во неа да се покажат плодовите на праведноста. Опасно е да ѝ се попушта на суетата и на горделивоста, како и на желбата за добивка. Да се задава некому болка, да се обвинува и да се напаѓа затоа што нема никаква власт и што оној кој на тој начин го малтретирате не е во состојба да го спречи - е најлош вид на себичност. Себичноста создава неслога во семејниот круг и во црквата. Необратеното срце во кое го нема Христос ниту Неговата љубов секогаш пронаоѓа големо зло во другите, иако тоа всушност не постои и се задржува на ситници сè додека не успее да ги прикаже како нешто важно и големо. На Своите следбеници Бог им дава задача сами да ги средат тие ситни прашања кои на некои им изгледаат толку големи. Не дозволувајте тие безначајни ситници да станат корен на горчина во црквата, кој може да опогани и да им наштети на мнозина. Срцето во кое Христос постојано престојува ќе биде толку облагородено со љубовта кон Бога и ближните, така што во него нема да има место за зајадливост, пронаоѓање на туѓи грешки, расправање и кавга. Христовата религија во срцето на оној кој навистина ја поседува стекнува победа над вакви и слични страсти, кои настојуваат да загосподарат во душата.“ – 4. Сведоштво, 610. б. На која важна вистина треба да нè потсети Павловата пофалба за Епафродит? Филипјаните 2:21,25-27,30. „Христос не ги испратил Своите ангели на овој паднат свет, а Самиот да остане на небото; Тој лично излегол надвор од логорот, поднесувајќи го срамот. Станал Човек на болката, запознаен со страдањето; врз Себе ги зел нашите слабости и ги понел нашите немоќи. Бог гледа на недостигот од самоодрекување кај Своите следбеници како на одрекување од Христовото име. Оние што тврдат дека се едно со Христос, а сепак им се препуштаат на своите себични желби за раскошна и скапа облека, мебел и храна, се христијани само по име. Да се биде христијанин значи да се биде сличен на Христос.“ – Counsels on Stewardship, 54.

ПРАШАЊА ЗА ЛИЧНО РАЗМИСЛУВАЊЕ Петок, 9 октомври
1. Зошто е важно христијанското единство и на кој единствен начин може да се постигне? 2. Во што се состои тајната на успехот, како за поединците така и за установите? 3. Како накратко можеме да го сумираме она што Христос го направил за човештвото? 4. И покрај нашето грешно минато, што е Христос подготвен да направи за нас и на кој начин? 5. Зошто сум склон да негодувам и да се жалам – и што може да ми помогне да ја победам оваа слабост?
 <<    >>