Поуки од Посланијата до Филипјаните, Колосјаните и Солунјаните
<< >>
САБОТА, 31 ОКТОМВРИ2026 ЛЕКЦИЈА
Да одиме достојно Запомнете го стихот: „Та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сè, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познанието на Бога, укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и великодушност со радост“ (Колосјани 1:10,11).
Предлагаме да прочитате:
2. Сведоштво, 71-77; 8. Сведоштво, 286-289.
„Павле со зборови ја изразил својата желба во врска со Колосјаните. Колку е возвишен идеалот што го содржат тие зборови за Христовите следбеници! Тие ги покажуваат чудесните можности на христијанскиот живот и го прават јасен фактот дека нема граници за благословите што можат да ги добијат Божјите деца.“ — Делата на апостолите, 471.
1. ПРИМЕР ЗА НАС Недела, 25 октомври
а. Како апостол Павле ја изразува својата длабока доверба во духовната состојба на верниците во Колоси? Колосјаните 1:1-6.„Првото и второто поглавје од Посланието до Колосјаните ми беа прикажани како израз на она што треба да бидат нашите цркви во сите делови на светот.“ – Коментари на библиските текстови, 753.б. На какво дејствување оваа вера го поттикнува апостолот? Колосјаните 1:7-11.„(Цитирани се Колосјаните 1:9–11). Колку е сеопфатна оваа молитва! Во благословите што имаме предност да ги бараме и примаме нема никакво ограничување. И ние можеме во молитва да бараме и да постигнеме да бидеме „исполнети со познавањето на Неговата волја“. Светиот Дух не би го вдахновил Павле да упатува таква молитва за своите браќа, ако Бог не им овозможил да го примат она за што се молел. Бидејќи е така, знаеме дека Божјата волја му се открива на Неговиот народ секогаш кога му е потребно појасно да ја разбере.“ – Коментари на библиските текстови, 753, 754.
2. СОЗДАВАЧКАТА СИЛА ВО ХРИСТОС Понеделник, 26 октомври
а. Опишете го славното искуство што го прикажува апостолот – и како, останувајќи во него, можеме да ја одржиме својата вера силна. Колосјаните 1:12-14.„Би требало цврсто да стоиме во слободата која Тој ни ја подарил и да се радуваме во вистината. На Бога не Му е угодно да одиме да слушаме погрешни учења без да сме приморани. Тој не нѐ праќа на такви собири каде што заблудата преку силата на силната волја му се наметнува на народот и Тој таму нема да нè чува. Ангелите престануваат будно да бдеат над нас и ние остануваме препуштени на ударите на непријателот, за да бидеме заслепени и ослабени од него и од силата на неговите зли ангели, и светлината што нѐ опкружува станува нејасна под влијание на темнината...Ние немаме време да слушаме измислици. Наместо така да се одвлекуваат, нашите мисли треба да бидат целосно обземени со сегашната вистина; треба да бараме мудрост за што појасно да ја сфатиме својата положба и да бидеме во состојба со кротост да дадеме библиски одговор на секој кој ќе нѐ запраша за нашата надеж.“ – Рани списи, 124, 125.„Бог ’нè избави од власта на темнината и нè пренесе во царството на Својот драг Син’ (Колосјаните 1:13). Сето тоа ни е понудено во Неговата Реч. Ако ја примиме Речта, ќе бидеме ослободени.“ – Копнежот на вековите, 320.б. На кој начин, споредувајќи ги библиските текстови, можеме појасно да го разбереме значењето на Христовата превозвишеност? Колосјаните 1:15, 18; споредете ја употребата на зборот „првороден“ во Псалм 89:20, 27 и 1. Самоилова 16:11-13.„Ние имаме само една совршена слика за Бога – а тоа е Исус Христос.“ – Коментари на библиските текстови, 754.в. Што открива дека Христос е Бог? Колосјаните 1:16,17; Јован 1:1-3; Евреите 1:2.„Преку Христос - Речта, Бог, Кој е личност, го создал човекот и го надарил со разум и сила.“ – Здравје и среќа, 415.„Раката која ги одржува световите во просторот, раката која одржува сѐ по целата Божја вселена во уреден поредок и неуморна активност, тоа е раката што била прикована на крстот поради нас.“ – Воспитување, 132.
3. ДА ЈА ЦЕНИМЕ ХРИСТОВАТА ЖРТВА Вторник, 27 октомври
а. Што мораме да разбереме за длабокото значење на Христовата мисија во Неговото доаѓање како Син Човечки? Колосјаните 1:19,20; 2:9.„За да се разбере целосно вредноста на спасението, потребно е да се сфати платената цена. Поради погрешните поими за Христовите страдања, многумина не го ценат доволно големото дело на помирувањето... Во тој план се огледува чудесната Божја љубов кон паднатиот род.“ – 2. Сведоштво, 200.„Иако Христовата божествена слава за извесно време била прикриена со тоа што ја зел врз Себе човечката природа, Тој, сепак, со самото тоа што станал човек не престанал да биде Бог. Човечкото во Него не го зазело местото на божественото, ниту, пак, божественото го исклучувало човечкото. Во тоа се состои тајната на побожноста. Она што го изразуваме со зборовите „човечко“ и „божествено“ било неразделно соединето во Христос, а сепак и едното и другото ја задржале својата особеност.Иако се понизил станувајќи човек, Христос и понатаму го задржал Своето божество. Неговото божество не можело да исчезне додека Тој верно и вистински ја исполнувал Својата мисија. Опкружен со тага, страдања и морална изопаченост, презрен и отфрлен од народот на кој му биле доверени живите небесни пророштва, Исус сепак можел да зборува за Себе како за Синот Човечки кој е на небото. Тој бил подготвен повторно да ја прими Својата божествена слава дури откако ќе го заврши Своето дело на земјата.“ – Коментари на библиските текстови, 538.„Исус го поврзал крстот со светлината што доаѓа од небото, бидејќи токму таму требало да биде насочено вниманието на луѓето. Крстот е непосредно осветлен од светлината на божественото лице, така што, гледајќи кон крстот, луѓето можат да Го запознаат Бога и Исус Христос, Кого Тој Го испратил. Гледајќи го Оној што го дал Својот живот за нас, ние Го гледаме Бога. Гледајќи ги крстот и жртвата принесена на него, нашиот поглед се издигнува кон Бога, а тоа ни ја открива Неговата омраза кон гревот. Но додека во крстот ја гледаме Божјата омраза кон гревот, во него исто така ја гледаме и Неговата љубов кон грешникот – љубов посилна и од самата смрт.“ – Коментари на библиските текстови, 546.б. Како апостолот го сумира делото што Христос го врши за оние што целосно Му се предаваат? Колосјаните 1:21,22.„Христос овозможил Неговата црква, исполнета со славата на Емануел, да биде преобразено тело, осветлено со небесна светлина. Негова цел е секој христијанин да биде опкружен со духовна атмосфера на светлина и мир. Нема граници за корисноста на оној што, откажувајќи се од сопственото јас, Му дозволува на Светиот Дух да дејствува во неговото срце и живее живот на целосна посветеност на Бога.“ – 8. Сведоштво, 19.
4. ПОСТОЈАНО ПОВИКУВАНИ Среда, 28 октомври
а. Под кој важен услов е целосно загарантирано спасението на оние што доаѓаат кај Христос? 1. Коринтјаните 15:1,2; Колосјаните 1:23.„Не можеме да имаме променлива вера. Евангелието треба не само да се објавува, туку и лично да се прими. Општото согласување со него не е доволно. Вистината мора свесно да се прифати со срцето, а оној што ја прима треба цврсто да остане во неа и истрајно да им го пренесува на другите знаењето што го примил. Вистината мора да се применува во секој аспект од животот, држејќи се за зборот на животот: „преку Него и се спасувате, ако го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно“ (1. Коринтјаните 15:2).Постојат и исповедања на верата што се толку измешани со природните црти на човечкиот карактер, што ја изгубиле својата спасоносна сила и препознатливата сличност со Христос. Иако велите дека сте богати, на крајот ќе сфатите дека сте бедни, несреќни, сиромашни, слепи и голи. Таму каде што постои површна вера и живот што не е во согласност со Христовите учења, верата е напразна. Во вашето срце мора да се наоѓа или богатството на добрината или богатството на злото. Од доброто богатство на срцето, оној што ја примил вистината изнесува добро. Оној што тврди дека верува, а не ја спроведува верата во животот, ќе изнесува само зло што ранува, обесхрабрува и уништува.Те молам, драг брате, не биди дете во разбирањето. Биди дете во послушноста кон Божјиот збор. Христос вели: „Зошто Ме нарекувате: Господи, Господи!, а не го правите она што го зборувам?“ Доследноста во нашите зборови, трпението и кротоста ќе Го откријат Христос во нашето срце. Сериозно работи на себе, брате мој, и постојано напредувај, чекор по чекор, сè додека не станеш победник“ – Manuscript Releases, vol. 9, pp. 213, 214.б. Како Павле го опишува својот повик? Колосјаните 1:24,25; 2. Коринтјаните 11:28-30.„Црпиме храброст од Павловото искуство. Тој минувал низ многу неволји. Бил неуморен работник и постојано патувал, понекогаш низ пусти и негостољубиви области, а често и преку море, изложен на бури и невремиња. Неговата положба била далеку потешка од нашата, бидејќи патувал во време кога не постоеле погодностите што ги имаме денес. Но Павле не дозволил ништо да го одвои од неговата животна задача.“ – Коментари на библиските текстови, 711.
5. ТАЈНАТА ШТО ДЕЛУВА Четврток, 29 октомври
а. На кој единствен начин христијаните можат да бидат жив пример на Евангелието што треба да го споделуваме? Колосјаните 1:27-29.„Благодарение единствено на Христовата сила, мажите и жените ги искинале синџирите на грешните навики и се откажале од себичноста и од своето „јас”. Непосветениот станал побожен, пијаницата трезвен, разузданиот чист. Душите што на себе носеле жиг на сатаната, се преобразиле и се здобиле со Божји лик. Таа промена сама по себе претставува чудо над чудата. Оваа промена, предизвикана со Божјата реч, е една од најдлабоките тајни на Речта. Ние тоа не можеме да го сфатиме; можеме само да веруваме; тоа е она што Светото писмо го нарекува ’Христос во вас, надежта на славата.’“ – Делата на апостолите, 476.„Потребни се посветени, самопожртвувани луѓе кои нема да се повлекуваат пред неволјите и одговорностите; луѓе кои се храбри и искрени, во чиешто срце Христос навистина е „надеж на славата”, и кои ќе ја „проповедаат речта” со уста допрена од свет оган. Затоа што нема такви работници, Божјото дело заостанува, а судбоносни заблуди, слично на смртоносен отров, го поткопуваат моралот и ги уништуваат надежите на голем дел од човечкото семејство.“ – Делата на апостолите, 507.„Ако Христос е во вас ’надеж на славата’, вие нема да имате склоност да демнете над другите за да ги обелодените нивните погрешки. Наместо желбата да осудувате и обвинувате, ваша цел ќе биде да помогнете, да благословувате и спасувате. Во постапките со оние кои грешат ќе внимавате на налогот: Пазете ’и вие да не бидете искушани’ (Галатјаните 6:1). Сетете се колку пати и вие сте заталкале и колку било тешко да се најде вистинскиот пат кога веќе еднаш сте го напуштиле. Нема да го туркате својот брат во уште поголема темнина, туку со срце полно со сожалување ќе му зборувате за опасностите кои му се закануваат.Кој често го насочува својот поглед кон крстот на Голгота, имајќи на ум дека неговите гревови го одвеле таму Спасителот, никогаш нема да се обидува да го преценува степенот на својата вина во споредба со вината на другите. Тој нема да се качува на судскиот стол обвинувајќи ги другите. Кај оние што одат во сенката на крстот на Голгота, нема да има критичарски дух или самовозвишување.“ – Мисли од гората на благословите, 128.
ПРАШАЊА ЗА ЛИЧНО РАЗМИСЛУВАЊЕ Петок, 30 октомври
1. Која Павлова желба за Колосјаните треба и ние денес да ја примениме на себе?2. Како Библијата Го велича Христос како Создател на сè?3. Зошто е од суштинско значење правилно да ја разбереме Христовата природа?4. Иако некој може да Го исповеда Христос, какво занемарување ја поткопува вистинската вера во Него?5. Зошто е толку важно денес Христос да биде во нас – надежта на славата?