Поуки од Посланијата до Филипјаните, Колосјаните и Солунјаните
<< >>
САБОТА, 14 НОЕМВРИ2026 ЛЕКЦИЈА
Одразувајќи ја вечноста Запомнете го стихот: „Мислете за небесното, а не за земното“ (Колосјани 3:2).
Предлагаме да прочитате:
4. Сведоштво, 92-94, 350-359; Messages to Young People, pp. 102–118.
„За да можеш своите способности и знаење да ги користиш така вешто во спасување на душите и во објавувањето на вистината на оние кои сè уште се во темнина како што тоа го правеше во стекнување на заработувачка и зголемување на својот земен имот, твојата круна во царството на славата би била украсена со многу ѕвезди.“ – 4. Сведоштво, 358.
1. ДА ГО ЗАДРЖИМЕ ФОКУСОТ Недела, 8 ноември
а. Кон што треба да биде насочено вниманието на сите што Му се предаваат на Христос? Колосјаните 3:1.„Ние сме воскреснати со Христос. Христос е нашиот живот. Во Својата милост и нежна љубов, Тој нè прогласува за избрани, усвоени, помилувани и оправдани. Затоа, величајте Го Господа.“ – Selected Messages, bk. 2, p. 245.„Сопственото ’јас’ мора во тебе да умре и мораш да живееш во Бога. ’И така, ако сте воскреснале заедно со Христос, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога’. Не дозволувај да те води сопственото ’јас’. Гордоста, самољубието, себичноста, лакомоста, алчноста, љубовта кон светот, омразата, сомничавоста, зависта, лошите претпоставки - сето тоа мора да се победи и да се жртвува засекогаш. Кога Христос ќе се појави, Тој нема да ги отстранува тие зла, притоа давајќи морална подготвеност за Неговото доаѓање. Сите тие подготовки мора да ги извршиме пред Тој да се појави. Предмет на нашето размислување и најсесрдното прашање секогаш треба да биде: Што треба да правиме за да се спасиме? Што треба да правиме за да Му угодиме на Бога?Кога ќе паднеш во искушение да мрмориш, осудуваш и нерасположено да ги рануваш сите околу себе, ранувајќи ја со тоа и својата душа, запрашај од длабината на своето битие: Дали ќе бидам беспрекорен кога ќе се најдам пред Божјиот престол? Таму ќе бидат само оние што се беспрекорни. Никој нема да биде примен во небото додека срцето му е полно со овоземна нечистотија. Секој недостаток во карактерот мора овде да се отстрани, секоја дамка на гревот треба да се испере со Христовата крв, а секоја непожелна и одвратна особина мора да се победи.“ – 1. Сведоштво, 705.
2. ДА ОДЛУЧИМЕ ШТО ЌЕ ЉУБИМЕ Понеделник, 9 ноември
а. Кој свесен избор треба доследно да го правиме за да го зачуваме своето спасение? Колосјаните 3:2, 3; Откровение 3:11.„Нашиот ум се издигнува до висината на она на што се задржуваат нашите мисли; и ако постојано размислуваме само за земните работи, нема да го примиме печатот на она што е небесно. Размислувањето за Божјата милост, добрина и љубов би ни донело големи благослови, додека со задржувањето на минливите земни работи само ја зголемуваме својата загуба. Ние дозволуваме тагата, грижите и недоумиците постојано да ги врзуваат нашите мисли за оваа земја, и така од кртичњаци правиме планини од тешкотии...Не смееме да дозволиме минливите земни работи да го обземат целото наше внимание и нашиот ум да биде исполнет само со мисли за земјата и за она што е земно. Мораме да го воспитуваме, дисциплинираме и образуваме умот така што нашите мисли ќе бидат насочени кон небесното и ќе се занимаваме со она што е невидливо и вечно, а што можеме да го распознаеме само со духовниот вид. Набљудувајќи Го на тој начин Оној што е невидлив, можеме да стекнеме сила на умот и освежување на духот.“ – Коментари на библиските текстови, 698.б. Која возвишена предност му е дадена на секој Христов следбеник, и како можеме активно да ја искористиме? Колосјаните 3:4; 1. Јованово 3:2,3.„Нашиот живот треба да биде скриен со Христос во Бога, и тогаш иако ’уште не се знае што ќе бидеме - кога ќе се појави Христос Кој е наш живот, – ќе бидеме како и Тој, бидејќи ќе Го видиме каков што е’. Царското достоинство на христијанскиот карактер ќе блеска како сонце, а зраците на светлината од Христовото лице ќе се одразуваат јасно на оние кои ќе се очистат од гревовите и ќе бидат чисти како што е Тој. Предноста да станеме Божји синови е евтино платена, дури и ако поради тоа треба да жртвуваме сè што имаме, па и самиот живот.Драг мој брате, мораш да се соочиш со фактот дека би требало да бидеш човек според Божјото срце. Тоа што другите се осмелуваат во своите зборови и постапки да не се држат строго за христијанските критериуми, не треба да ти служи како изговор. Ти пред Судијата на целиот свет ќе мораш да станеш, не да одговараш за другите, тукуза себе. Недостатоците на другите во никој случај не можат да бидат изговор за нашите пропусти, бидејќи пред Бога сите имаме лични одговорности, а Христос со Својот беспрекорен живот ни оставил совршен Пример...Искушенијата и понатаму ќе продолжат да нè облетуваат, бидејќи на тој начин треба да бидеме испитани сè додека трае времето на нашата проверка. Самото искушение не претставува никаков грев; гревот настанува кога им попуштаме на искушенијата.“ – 4. Сведоштво, 357, 358.
3. НОВИОТ ЧОВЕК Вторник, 10 ноември
а. Држејќи се цврсто за Христос, што мораме да умртвиме – и на кој единствен начин е тоа можно? 1. Петрово 2:11; Колосјаните 3:5-8.„Апостол Петар ни дава задача да се чуваме од ’телесните желби кои војуваат против душата’. Секое изопачено барање станува страст. Попуштањето на апетитот го загрозува не само телесното здравје, туку често е и причина за болест на душата. Телесните желби кои апостолот ги спомнува не се однесуваат само на престап на седмата заповед, туку на секое попуштање на барањата кои ги намалуваат физичките сили и стануваат страст...Ти треба да негуваш самоконтрола. Поуките кои требало да ги научиш во младоста мораш да ги совладаш сега. Привикнувај се да умираш за себичноста и за сопственото ’јас’; настојувај својата волја да ја потчиниш на Христовата волја.“ – 4. Сведоштво, 215.„Кога христијанинот го дава својот крштенички завет, нему му се ветува божествена помош. Отецот, Синот и Светиот Дух се подготвени да дејствуваат за него. Како одговор на неговата молитва, Бог му ги става на располагање небесните ризници за да може да стане победник. Човекот сам по себе има малку сила, но Бог е семоќен и Тој е негов Помошник. Секој ден треба да ги изнесува своите потреби пред престолот на милоста. Преку вера и доверба, користејќи ги средствата што му се ставени на располагање, тој може да стане повеќе од победник.“ – Our High Calling, p. 157.б. Кога нашето срце ќе биде обновено, како тоа ќе се одрази врз нашите зборови? Колосјаните 3:9,10.„Сѐ што прават христијаните треба да биде јасно како сончевата светлина. Вистината е од Бога, а лагата, во сите свои безбројни облици, потекнува од сатаната; и оној кој на кој било начин скршне од правиот пат на вистината, се предава себеси на силата на Злиот. Сепак, не е едноставно ниту лесно да се зборува правата вистина. Вистината можеме да ја кажеме само ако ја познаваме. Колку пати предрасудите, однапред создаденото мислење, недоволното знаење, погрешните проценки, го спречуваат вистинското разбирање на проблемот кој мораме да го решаваме. Ние нема да бидеме во состојба да ја зборуваме вистината, ако со нашиот разум постојано не управува Оној кој и самиот е вистина.“ – Мисли од Гората на благословите, 68.„Сатаната ликувал, бидејќи успеал да го унижи Божјиот лик во човештвото. Тогаш дошол Исус да го обнови во човекот ликот на Творецот. Само Христос можел повторно да го вообличи карактерот изопачен од гревот. Тој дошол да ги растера демоните кои господареле со волјата. Дошол да нè подигне од правта, повторно да го обликува уништениот карактер, според примерот на Својот божествен карактер и да го разубави со Својата слава.“ – Копнежот на вековите, 37.
4. ОСОБЕН НАРОД Среда, 11 ноември
а. Опишете ја Божјата порака упатена до целиот човечки род што Тој го создал. Дела 17:24,26,27; Колосјаните 3:11.„(Христос) го нашол човештвото потонато во мизерност и грешност. Тој знаел дека мажите и жените се расипани и деградирани и дека се оддаваат на најодвратни пороци. Ангелите се восхитувале што Христос се нафаќа на задача која им изгледала безнадежна. Тие се восхитувале како Бог може да трпи таков грешен род. Тие никаде не можеле да видат место за љубов. Но ’Бог толку го возљуби светот, што го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот.’“Христос дошол на овој свет со вест на милост и простување. Тој ги поставил темелите на една вера по патот по кој Евреите и незнабошците, црните и бели луѓе, слободните и робовите, се обединети во заедничко братство како рамноправни во Божјите очи. Спасителот чувствува безгранична љубов кон секое човечко суштество. Тој гледа дека во секого постои способност за подобрување. Со Божествена енергија и надеж Тој ги поздравува оние поради кои го дал Својот живот. Во Неговата сила тие можат да живеат живот богат во добри дела, исполнети со сила на Светиот Дух.“ – 7. Сведоштво, 225.б. Наведете некои начини на кои нашите зборови и постапки можат да откријат повисоко ниво на христијански живот од она што најчесто се гледа. Колосјаните 3:12-14.„Ако некој брат направил јавен грев, не пренесувај го тоа на другите, туку со љубов кон душата на својот брат и со срце полно сочувство и милост укажи му на заблудениот на неговиот грев, а потоа препушти му го тоа нему и на Господ. Со тоа си ја извршил својата должност. Не е твое да изрекуваш пресуда.Стана мошне лесно да се создаде сплетка со која некој брат ќе биде ограничен, осуден и држен под осуда. Постои извесно ревнување за Бога, но не според разумот. Кога секој би настојувал најнапред сѐ да биде како што треба во неговото сопствено срце, сведоштвото на верниците би доаѓало од длабината на душата кога тие би се состанале, и тоа би имало добро влијание на оние што сѐ уште не ја прифатиле вистината. Таквата манифестација на Божјиот Дух би им зборувала на нивното срце дека навистина сте Божји деца. Нашата меѓусебна љубов треба да биде видлива за сите што нѐ опкружуваат. Тогаш таа ќе биде речита и ќе шири силно влијание...Започнете со лична задача, бидете поревни и покајте се; и откако ќе ги исправите сите познати грешки верувајте дека Бог ќе ве прими. Не жалете се, туку во молитва повикајте се на Божјите ветувања.“ – 1. Сведоштво, 165.
5. МИЛОЗВУЧНА МЕЛОДИЈА Четврток, 12 ноември
а. Во денешниот свет исполнет со непријателство, наведете некои од освежувачките особини на вистинскиот живот во Христос. Колосјаните 3:15-17.„Да заборавиме на сопствените тешкотии и проблеми и да го фалиме Бога за можноста што ни ја дал да живееме, прославувајќи го Неговото Име. Дозволете им на свежите благослови од секој нов ден да разбудат чувство на благодарност во вашите срца, за тие очевидни докази на Неговата грижлива љубов. Кога наутро ќе ги отворите очите, прво заблагодарете Му на Бога за тоа што ве чувал во текот на таа ноќ. Заблагодарете Му за Неговиот мир што го чувствувате во срцето. Нека изразите на вашата благодарност наутро, напладне и навечер се издигнуваат кон небото како сладок, мил мирис.Кога некој ќе ве праша како сте, не обидувајте се да се присетите на нешто тажно, со цел да придобиете сочувство. Не зборувајте за својот недостиг на вера, ниту за своите неволји и страдања. Искушувачот се насладува кога слуша такви зборови. Вие го воздигнувате него, кога зборувате за она што е полно со тегоби и мрачно. Воопшто не треба да мислиме на тоа дека сатаната има голема моќ и дека може да нè надвладее. Кога зборуваме за неговата сила, ние честопати се предаваме себеси во негови раце. Наместо тоа, ајде да зборуваме за големата сила и моќта на Оној Кој ги поврзува сите наши интереси со Своите. Да зборуваме за Христовата сила, која не може да се спореди со ништо и да ја величаме Неговата слава. Целото небо е заинтересирано за нашето спасение. Илјада илјади и десет пати по десет илјади ангели се повикани да им служат на оние што ќе бидат наследници на спасението. Тие нè штитат од злото и ги одбиваат силите на темнината, кои се стремат да нè уништат. Зар немаме доволно голема причина да бидеме благодарни во секој момент, дури и тогаш, кога на нашиот животен пат се испречуваат тешкотии?“ – Здравје и среќа, 253.„На главата на секој победник Исус со Својата десница става славна круна што го носи Неговото лично ’ново име’ (Откровение 2:17) и натпис: ’Посветен на Господа!’ Во секоја рака се наоѓа победничка палма и блескава харфа. А потоа, на знак на ангелот кој дава интонација, секоја рака вешто ги допира жиците од харфата, извлекувајќи од нив слатка музика во богати и мелодични акорди.“ – Големата борба, 646.
ПРАШАЊА ЗА ЛИЧНО РАЗМИСЛУВАЊЕ Петок, 13 ноември
1. Што премногу често покажува дека сме обземени од световноста?2. Како можам подобро да го насочам своето внимание кон подготовката за средбата со Исус?3. Зошто Исус сака да се издигнам на повисоко ниво на размислување и постапување?4. Зошто расправите за расните разлики се без значење за вистинските христијани?5. Како можам преку збор и песна да зрачам со небесна чистота и невиност?