Недела
21. март
1. БУНТОТ ЗАДУШЕН
а. Додека Давид се подготвувал за битка, која била неговата голема грижа? 2 Самоилова 18:1-5. Сепак, како Авесалом загинал? 2 Самоилова 18:9,10,14,15.
„Посматрајќи ја непријателската војска, прва мисла на царот не била ниту круната, ниту царството, ниту сопствениот живот кој зависел од исходот на битката. Срцето на таткото било полно со љубов и сожалување кон синот кој дигнал бунт”. – Патријарси и пророци, 743.
б. Зошто Јоав ја спречил реакцијата на Давид? 2 Самоилова 18:32,33; 19:1-8.
„Бог им дал причина да се радуваат и триумфираат. Бил задушен најголемиот бунт кој кога било избувнал во Израел, па сепак таа голема победа се претворила во јадосување за оној чиешто злосторство предизвикало крвопролевање на илјадници луѓе...
Иако тој прекор за со болка скршениот татко бил груб дури и суров, Давид сепак не му замерил. Увидувајќи дека неговиот војвода е во право, излегол пред капијата и со зборови на охрабрување и пофалба ги поздравувал своите храбри борци додека поминувале крај него”. – Патријарси и пророци, 745.
Понеделник
22. март
2. БЛАГОСЛОВ И ДРСКОСТ
а. Наведете неколку подоцнежни примери за Давидовата постојана благородност на духот и Божјата грижа за него. 2 Самоилова 19:18-23; 23:14-17.
„По смртта на Авесалом, Бог го свртел срцето на Израел, како срцето на еден човек, кон Давид. Симеј, кој го колнел Давида во неговото понижување, поради страв за својот живот, бил меѓу првите од бунтовници кои излегле пред Давида по враќањето во Ерусалим... Оние, што биле сведоци на неговите навредливи зборови и постапки, го наговарале Давида да не му го поштеди животот, затоа што го проколнал помазаникот Господов. Но Давид ги прекорил. Тој не само што му го поштедил животот на Симеј, туку милостиво му простил”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 91.
б. Иако целосното обновување на царството на Давид не било ниту веднаш ниту со леснотија повратено, што тој морал да изјави? 2 Самоилова 22:1-3, 7,18,19,51.
в. Која грешка подоцна Давид ја направил во животот? 1 Летописи 21:1-7.
„Царот на ваква постапка го поттикнале горделивоста и славољубието. Пребројувањето на народот требало да ја покаже видната разлика меѓу слабоста на царството во времето кога Давид го презел престолот, и силата и благосостојбата стекнати под негова управа. Тоа уште повеќе би ја поттикнало и онака големата самоувереност и на царот и на народот. ‘Но се крена сатаната против Израел’, кажува светиот запис, ‘и го наврати Давида да го изброи-Израел’. За својата благосостојба Израелците требало повеќе да му заблагодарат на Божјиот благослов отколку на царевата вештина и способност, или пак на силата на неговата војска. Но со зголемувањето на воената сила на царството, околните народи неизбежно морале да стекнат впечаток дека Израелците се потпираат врз својата војска, а не врз силата на Јехова”. – Патријарси и пророци, 747.
г. Што Давид понизно сфатил за пребројувањето? 2 Самоилова 24:10. Што избрал од опциите, што Бог му ги понудил? 2 Самоилова 24:11-14.
„(Луѓето) го негувале истиот грев што Давида го навел на ваква постапка. И како Господ со своите казни што го казнил Давида преку гревот на Авесалома, така сега преку грешката на Давида ги казнувал Израелците за нивните гревови”. – Патријарси и пророци, 748.
Вторник
23. март
3. ПРИФАЌАЊЕ И ОТКАЖУВАЊЕ
а. Зошто толку многу луѓе морале да страдаат и каков бил резултатот од застапувањето на Давид? 2 Самоилова 24:15-17, 21,25.
„Следувало брзо уништување. Седумдесет илјади биле уништени од чума. Давид и старешините на Израел паднале во најдлабока понизност, жалејќи пред Господа. Бидејќи ангелот Господов веќе бил на пат да го уништи Ерусалим, Бог му наложил да го запре своето смртно дело. Милостивиот Бог и понатаму го сакал својот народ, без оглед на нивниот бунт. Ангелот облечен во воена облека, со извлечен меч во раката, испружен над Ерусалим, му се открил на Давида и на оние што биле со него. Давид бил страшно уплашен, но сепак во својата неволја и сочувство кон Израел, извикал кон Господа. Го молел Бога да ги поштеди овците. Во длабока болка тој ја признал вистината: ‘Ете, јас згрешив, јас пастирот постапив беззаконо; но овие овци што направиле? Затоа Твојата рака нека се сврти против мене и против татковиот ми дом’. Господ му проговорил на Давид преку својот пророк и му наредил да изврши откуп за својот грев. Давид со сето срце бил во делото и неговото покајание било прифатено”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 92,93.
б. Како молитвите на Давид за милост во староста биле исполнети во неговиот последен предизвик? Псалм 71:9,18; 1 Цареви 1:5,6, 15-21, 32-35, 39.
„(Адонија) станал против Божјиот авторитет според кој Соломон бил одреден за престолот. Што се однесува до природните способности и верскиот карактер, Соломон бил поспособен да владее со Израел отколку неговиот постар брат. Но, Иако Божјиот избор бил јасно навестен, имало луѓе кои застанале на страна на Адонија. Јоав, кој до тогаш, и покрај многу свои вини, сепак му бил верен на престолот, овој пат му се придружил на заговорот против Соломона како и свештеникот Авијатар...
Давид едновремено се откажал од престолот во корист на Соломона кој веднаш бил прогласен за цар. Заговорот бил задушен. Главните заговорници заслужено биле казнети со смрт... Јоав и Адонија привремено биле поштедени, но по Давидовата смрт ја примиле казната за своето злосторство. Извршувањето на пресудата над Адонија ја надополнило четворната казна (2 Самоилова 12:5,6) која сведочела за Божјата одвратност кон гревот на татко му”. – Патријарси и пророци, 749,750.
Среда
24. март
4. НАСЛЕДСТВО НА ВЕРАТА
а. Објаснете ги советите на Давид за Соломон – и неговата длабока грижа пред крајот на животот. 1 Цареви 2:1-4; 1 Летописи 28:9.
„Давид чувствувал најголема грижа за Соломон... Тој од лично искуство научил дека Господ во никој случај нема да го одобри престапот, без оглед дали го направил највозвишениот владетел или најскромниот поданик, туку ќе го посети водачот на својот народ со толку построга казна колку е поодговорна неговата позиција од позицијата на понизниот поданик. Гревовите направени од водачите на Израел ќе влијаат на умот и совеста на народот така што кај нив ќе го намали чувството на гнасење кон злосторството. За тие гревови ќе дознаат и околните народи кои не се плашат од Бога, туку го отфрлаат Неговиот авторитет и тие ќе бидат наведени да хулат на Богот на Израел. Давид свечено го заколнал својот син стриктно да се придржува до Божјиот закон и да ги почитува сите Негови прописи”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 94,95.
б. На што друго сега Давид бил фокусиран? 1 Летописи 28:10,20; 29:3,9.
„Господ, преку својот ангел, го поучил Давида и му дал модел на храмот кој Соломон требало да го изгради за Него. На еден ангел му било наложено да стои покрај Давида додека, за доброто на Соломон, ги пишувал важните упатства во врска со уредувањето на храмот. Давид со сето срце бил во тоа дело. Тој покажал срдечност и посветеност при обемните подготовки за зградата, и не штедел ниту труд ниту средства, туку дал големи донации од својата ризница, давајќи на тој начин благороден пример пред својот народ, кој тие радосно и волно го следеле”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 94.
в. Како може примерот на Давид да ги инспирира остарените лица? Псалм 71:1; 119:132,133.
„Давид, средувајќи ги своите работи, им дал добар пример на сите, кои напреднале во годините, да ги средат своите работи додека уште се способни да го сторат тоа, така што кога ќе се приближат до смртта и кога нивните умни сили ќе попуштат, тие ќе немаат повеќе ништо од световна природа, што ќе ги одврати нивните мисли од Бога”. – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 96.
Четврток
25. март
5. ПОРАКА ЗА ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ
а. Како се исполнило ветувањето во 2 Самоилова 7:16? Лука 1:30-33; Дела 2:29-36.
б. Која порака, напишана од Давид, е од особено значење во овие последни денови од историјата на Земјата? Псалм 119:17,18, 33-40, 126,127.
„Можно е луѓето, и покрај постојаните опомени, да одат толку далеку во својата безбожност така што Бог, гледајќи го тоа, ќе мора да стане и да ја оправда својата чест. Така е во сегашниот период од историјата на оваа Земја. Злосторства од секаков вид стануваат сè почести и сè позачудувачки се манифестираат. Земјата е исполнета со насилство кое луѓето го чинат над своите ближни.
Каква позиција ќе заземе црквата? Дали оние што во минатото имале почит кон Божјиот закон ќе бидат вовлечени во струјата на злото? Дали речиси сеопштиот престап и презир кон Божјиот закон ќе ја затемни духовната атмосфера на душите така што ќе ги зафати сите подеднакво? Дали непочитувањето на Божјиот закон ќе ги однесе заштитните бариери? Бидејќи преовладуваат злото и беззаконието, дали треба да се цени помалку Божјиот закон? Треба ли малубројните верници да станат слични на неверниците и да постапуваат како нив, затоа што поголемото мнозинство од оние што живеат на земјата го гази Божјиот закон? Зарем тие повеќе нема да ја упатуваат молитвата на Давид: ‘Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го осквернија’”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 3, p. 1153.
„(Псалм 119:17,18, 33-40). Молитви како што се овие Божјите слуги треба постојано да ги упатуваат на Бога. Таквата молитва покажува дека и срцето и душата се посветени на Бога; тоа е посветување какво Бог од нас со право очекува”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 3, p. 1152.
Петок
26. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што можеме да научиме од одговорот на Давид на укорот кој му го упатил Јоав?
2. Во кои области од животот можам да дојдам во искушение да го сторам истиот грев како Давид во своето пребројување на народот?
3. Набројте ја четирикратната казна за синовите на Давид и како таа нè предупредува?
4. Како и ние, како Давид, можеме да го понудиме најдоброто во нашата старост?
5. Кој апел Давид, преку псалми, го упатува до секого од нас денес?