Недела
17. јануари
1. КРИЕЊЕ ВО ДУВЛА И ПЕШТЕРИ
а. Наведете еден пример кој ја открива благодарноста на карактерот на Давид и нејзиниот извор. 1 Самоилова 22:1,3,4; Псалм 57:2,3.
„Давид бил длабоко загрижен не само за себе, иако ја сфатил својата опасност. Тој мислел на таткото и мајката, и заклучил дека мора да побара друго прибежиште за нив... Од овој запис можеме да извлечеме драгоцена поука за вистинската љубов кон родителите.
(Семејството на Давид) заклучило дека ќе биде побезбедно со оној кого пророкот Самоил го помазал за цар на Израел, иако бил бегалец во напуштена пештера, отколку да биде изложен на лудилото на љубоморниот цар...
Во пештерата Адуламска семејството конечно повторно се обединило во сочувство и наклонетост. Синот на Јесеј можел да ја отсвири мелодијата на харфа додека пеел: ‘Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно’ (Псалм 133:1). Тој ја искусил огорченоста и недовербата од страна на своите браќа; и слогата која го зазела местото на раздорот, донела радост и утеха во срцето на бегалецот. Тука Давид го составил педесет и седмиот псалм”. ¬– The Signs of the Times, September 7, 1888.
„Кога љубомората на Саул го нагонила да побара засолниште во пустината како бегалец, Давид, губејќи ја човечката поддршка, уште повеќе се потпрел на Бога“. – Воспитување, 152.
Понеделник
18. јануари
2. ЗДРУЖУВАЊЕ ВО НЕВОЛЈА
а. Кој уште побегнал во пештерата со Давид и како ова претставувало воспитно искуство за помазаниот бегалец? 1 Самоилова 22:2.
„Набргу на Давида му се придружиле и други луѓе кои сакале да го избегнат царевиот притисок. Мнозина ја загубиле довербата во водачот на Израел, зашто виделе дека веќе не го води Божјиот Дух. (1 Самоилова 22:2). Тука Давид основал свое малечко царство во кое владееле ред и чесност...
Бог му давал поуки кои ќе го оспособат да стане мудар војсководител и праведен и милостив цар”. ¬– Патријарси и пророци, 658.
„Несигурноста и немирот на пустинскиот живот, постојаната опасност, неопходноста од чести бегања, карактерот на луѓето кои на тој начин се собрале околу него (Давид)... сето тоа создавало уште поголема потреба од строга дисциплина. Овие искуства кај него разбудиле и развиле способност за однесување со луѓето, сочувство кон угнетените и омраза кон неправдата“. – Воспитување, 152.
б. Опишете ги неволјите низ кои ќе поминат многу верни Христови следбеници пред второто Христово доаѓање – како и надежта која ни светли среде тие неволји. Софонија 3:12; Евреите 11:37-40.
„Од поткровјата и од колибите, од темниците и од губилиштата, од планините и од пустините, од земните пештери и од морските длабини, Христос ќе ги доведе своите деца кај себе. На земјата биле сиромашни, прогонувани и измачувани. Милиони заминале в гроб натоварени со срам затоа што одбиле да им се потчинат на измамните барања на сатаната. На човечките судови на Божјите деца им суделе најтешки злосторници. Но близу е денот кога сам Бог ќе настапи како судија (Псалм 50:6). Тогаш земните пресуди ќе бидат соборени. ‘Ќе го симне срамот на својот народ по целата земја’ (Исаија 25:8).
За секој крст што морале да го носат, за секоја загуба што морале да ја поднесат, за секое прогонство што морале да го претрпат, дури и за загубата на овој земен живот, Божјите деца ќе бидат богато наградени. ‘И ќе го гледаат неговото лице, а неговото име ќе им биде на нивните чела’ (Откровение 22:4)”. ¬– Христовите очигледни поуки, 179,180.
Вторник
19. јануари
3. ХРАБРИОТ ПРИНЦ
а. Кој бил верниот Јонатан и со кои квалитети тој веќе се истакнувал во Израел? 1 Самоилова 13:5; 14:1,6, 13-15, 20,23.
„Во Јонатан, синот на Саул, Господ видел човек со чист интегритет – оној на кого можел да му се приближи и врз чие срце можел да делува”. ¬– Sons and Daughters of God, p. 208.
„Како орудие за избавување на Израелците бил одбран царевиот син Јонатан човек кој се боел од Бога. Поттикнат со Божјиот Дух, Јонатан му предложил на својот момок, кој му го носел оружјето, потајно да го нападнат непријателскиот логор. ‘Можеби’, кажал тој, ‘Господ ќе ни помогне, бидејќи за Господа не е тешко да спаси преку мнозина или преку малкумина’...
Небесните ангели го штителе Јонатана и неговиот придружник, се бореле на нивна страна и Филистејците биле победени. Земјата се тресела како да била преплавена со мноштво коњаници и бојни коли што се приближуваат. Јонатан во тоа ги препознал знаците на Божјата помош, па дури и Филистејците увиделе дека Бог помага при ослободувањето на Израелците. Војската ја обзел силен страв и во долината и во овој истурен гарнизон. Во таа голема забуна тие во своите војници виделе непријатели и почнале да се убиваат едни со други“. – Патријарси и пророци, 623.
б. Што покажало дека Јонатан не само што бил верен и храбар, туку бил и сакан меѓу луѓето, покажувајќи на тој начин дека е подесен за природен наследник на престолот на неговиот татко? 1 Самоилова 14:24,27, 43-45.
„Славата за победата не му припаднала на Саула, но тој се надевал дека ќе му се оддаде чест за вака пројавената ревност во одржувањето на светосга на својата заклетва. Ќе го жртвува дури и својот роден син само да ги убеди своите приврзаници дека царскиот авторитет мора да се сочува... Иако била неумесна, а прекршокот направен во незнаење царот и таткото му изрекол смртна пресуда на својот син.
Меѓутоа, народот решително се спротивставил на извршувањето на таквата пресуда...
(1 Самоилова 14:45). Горделивиот владетел не се осмелувал да премине преку таа едногласна одлука на народот, и животот на Јонатана бил поштеден“. – Патријарси и пророци, 625.
Среда
20. јануари
4. НЕСЕБИЧНА ВЕРНОСТ
а. Опишете ја длабочината на почитта која ја покажал Јонатан кон Давид и Божјата цел во ова пријателство. 1 Самоилова 18:1-4.
„Срцето на Јонатан особено било наклонето кон Давидовото срце, и меѓу нив било воспоставено најсвето единство, кое останало сè до смртта на Саул и Јонатан. Ова било Божјо дело, за да може Јонатан да биде средство за зачувување на Давидовиот живот, кога Саул ќе се обиде да го убие”. ¬– Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 79.
б. Како Јонатан се заложил за Давид? 1 Самоилова 19:1-7.
в. Како Јонатан тогаш го изложил на ризик својот живот? 1 Самоилова 20:4, 13-17, 27-34. Опишете го потресниот момент кога Јонатан и Давид заедно тагувале поради тврдото срце на Саул. 1 Самоилова 20:41,42.
„Роден како наследник на престолот, Јонатан сепак знаел дека по божествена наредба мора да се повлече; најнежен и најверен пријател на својот соперник, тој го изложил својот живот на опасност за да го заштити животот на Давид... името на Јонатан е забележано на Небото, а на Земјата стои како сведок за постоење на силата на несебичната љубов”. ¬– Воспитување, 157.
в. Што подоцна на Давид му донело утеха во пустината Зиф, и како ова го инспирирало неговото срце? 1 Самоилова 23:14-18; Псалм 11:1-5.
„Во тоа време, кога на Давидовата патека имало мошне малку светли настани, пријатно го изненадила неочекуваната посета на Јонатан...
Кога Јонатан си заминал Давид ја крепел својата душа со пофални песни придружувајќи го својот глас со својата харфа додека пеел: „Кај Господ се засолнувам! Зошто и велите на душата моја: ‘Одлетај во гората своја како птица, зашто грешниците го затегнаа лакот, ја притегнаа стрелата своја на тетивата, па од мрак да стрелаат на чистите по срце. Ако темелите се разурнати, што може праведниот да стори?’ Господ е во својот свет храм. Господ е на престолот небесен; очите Негови гледаат, веѓите Негови ги испитуваат синовите човечки. Господ го испитува и праведниот и безбожникот, а Неговата душа ги мрази оние што уживаат во насилство“ (Псалм 11:1-5). ¬– Патријарси и пророци, 660,661.
Четврток
21. јануари
5. СЕБИЧНОСТА ПОКОРЕНА
а. Што треба како семејства да сфатиме за вистинското библиско пријателство и за ефектите од вистинската христијанска љубов? Јован 13:34,35; 15:13.
„Нашата љубов често е одраз на себичност, бидејќи е ограничена во пропишани граници. Кога ќе се соединиме и блиску поврземе со Христа, нашата љубов, нашата наклонетост и нашето добродетелство со постојана примена ќе бидат сè поделотворни и подлабоки. Љубовта и сочувството на Христовите следбеници не смеат да има никакви ограничувања. Оние кои живеат само за „себе и за своето” нема да го наследат небесното царство. Бог ве повикува да негувате љубов, помалку да мислите на себе, а многу повеќе за страдањата и искушенијата на другите”. ¬– 3 Сведоштво, 529.
б. Наведете некои важни плодови на вистинската љубов. 1 Коринтјаните 13:4,5.
„Сите оние што се исполнети со Неговиот Дух ќе љубат онака како што љубел Тој. Во сите свои меѓусебни односи ќе се раководат според начелото со кое се раководел Христос...
Кога луѓето се меѓусебно здружени и поврзани не со сила или со лични интереси туку со љубов, тие ќе покажат делување на една сила која е повозвишена од човечката. Таквото единство претставува очигледен доказ дека Божјиот лик е обновен во човечкиот род, дека е всадено едно ново начело на животот. Тоа покажува дека во божествената природа постои сила која е во состојба да се спротивстави на натприродните сили на злото и дека Божјата благодат ја потчинува себичноста што е вродена во човечкото срце. Таквата љубов покажана во црквата, сигурно ќе предизвика гнев кај сатаната”. ¬– Копнежот на вековите, 677,678.
Петок
22. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто Бог ме води низ искуства слични на Давидовите?
2. Кога пустата, мрачна пештера се полни со светлина во духовна смисла?
3. Зошто Јонатан бил убеден дека Филистејците можат да се победат?
4. Кого можеби Бог сака да го посетам, како што Јонатан го посетил Давида во пештерата?
5. Кој вид на љубов – и кон кого – Господ ме повикува да негувам?