Недела
3. јануари
1. ПОУКА ЗА ПОДЛАБОКА ДОВЕРБА
а. Како Давид соработувал со Божјото провидение за да стекне мудрост и искуство да се справи со идните предизвици? 1 Самоилова 16:14-23.
„Според Божјата промисла, Давид, како вешт свирач на харфа, бил изведен пред царот. Задачата на младиот пастир била да свири пред владетелот на Израел и, ако е можно, да ја изгони мрачната меланхонија која како темен облак се настанила над Сауловиот ум”. – The Signs of the Times, August 3, 1888.
„Давид се развивал во милоста и пред Бога и пред луѓето. Бил поучен на патиштата Господови и сега си поставил задача поцелосно од кога и да е порано да ја извршува Божјата волја. Имал нови предмети за размислување. Бил на царскиот двор и ја видел одговорноста што го придружува царското достоинство. Открил многу искушенија што го демнеле Сауловото срце и навлегол во многу тајни, во карактерот и во постапките на првиот израелски цар... Но секогаш кога би се задлабочил во такви размислувања и кога би го тиштеле мачни мисли, би ја земал харфата и од неа би извлекувал мелодии што го издигнувале неговиот дух кон Творецот на сѐ што е добро, па темните облаци што го засолнувале неговиот видик од иднината веднаш би исчезнале.
Бог на Давида му давал поука за неопходноста на верата и надевањето во неговата моќ. И како што Мојсеј бил воспитан за да може да ги изврши задачите што го очекувале, така сега синот на Есеја Господ го приготвувал за водач на својот одбран народ. Пасејќи ги стадата Давид ја сфатил огромната грижа што ја чувствува големиот Пастир за своите овци”. – Патријарси и пророци, 643,644.
Понеделник
4. јануари
2. ПРИОРИТЕТИ ОТКРИЕНИ ВО КРИЗА
а. Кој сериозен проблем го снашол целиот Израел во тоа време? 1 Самоилова 17:1-11.
„Филистејците предложиле свој начин на војување, избирајќи човек со необична висина и сила, чиј раст бил околу дванаесет стапки (преку три метри)”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 2, p. 1018.
„Четириесет дена цел Израел треперел пред џиновскиот Филистеец и пред неговото горделиво предизвикување. Срцето им замрзнувало кога го посматрале неговото огромно тело... На главата имал шлем од бронза, а бил облечен во плочест оклоп, тежок пет илјади сикли. На нозете имал метална заштита. На себе имал оклоп од плочки кои како лушпи на риба густо лежеле една врз друга за никаква стрела ниту копје да не може да ги пробие”. – Патријарси и пророци, 646.
б. Која била главната грижа на Давид во оваа криза? 1 Самоилова 17:21-26.
„(Давид) горел од ревност да ја зачува честа на живиот Бог и угледот на децата на Израел. Тој не можел да поднесе да види како на овој смел идолопоклоник, му било дозволено од ден на ден да се потсмева на Божјите избраници, без да вложи напори да го сруши неговото гордо фалење и потсмевање”. – The Signs of the Times, August 3, 1888.
в. Споредете го ставот на најстариот брат на Давид, Елијав. 1 Самоилова 17:28,29.
„Елијав, најстариот брат на Давид... добро знаел какви чувства ја вознемируваат душата на младичот. Дури и како пастир во Витлеем тој покажал смелост, храброст и сила кои не можеле лесно да се потиснат; а таинствената посета на Самоил во куќата на нивниот татко и неговото нечујно заминување ги разбудиле сомнежите во браќата за вистинската причина на неговата посета. Нивната љубомора станала уште поголема кога виделе дека Давид бил почестен повеќе од нив, и на неговата честитост и братска нежност не одговориле со почит и љубов, која ја заслужил. Тие гледале на него само како на млад пастир, а сега прашањето што го поставил, Елијав го сфатил како осуда на својот кукавичлук кој се огледал во тоа што не направил ништо во обидот да го замолчи филистејскиот џин”. – The Signs of the Times, August 3, 1888.
Вторник
5. јануари
3. ДАВИД И ГОЛИЈАТ
а. Како можеме во своето искуство да ја вклучиме верата што ја манифестирал Давид? 1 Самоилова 17:32-37.
„Во секое ослободување од некоја неволја, во секоја нова и неочекувана примена благодат и милост, треба да ја видиме Божјата добрина”. – Патријарси и пророци, 187,188.
„Нашата подготовка за средба со противниците или да му служиме на народот треба да ја добиеме од Бога, кај престолот на небесната благодат. Тука, додека ја примаме Божјата благодат, нашата неспособност станува очигледна и јасна. Христовото достоинство и слава се нашата сила”. – Evangelism, pp. 166,167.
б. Како Давид ја открил тајната на победата? 1 Самоилова 17:38-40, 43-51.
„Голијат се надевал во своето оружје. Со своето дрско фалење тој ја застрашувал војската на Израел, повикувајќи се најмногу на своето оружје, во кое надмоќно ја гледал својата сигурност и сила. Во својата скромност и ревност за Бога и за својот народ, Давид предложил тој да излезе на двобој со тој фалбаџија. Согласувајќи се на тоа, Саул му го дал на Давид своето царско оружје и оклоп, но тој не се согласил да појде со него. Тој не го земал царското оружје бидејќи не навикнал на тоа. Но затоа од рана младост навикнал да се потпира на Бога и така стекнувал посебни победи. Ако го земал на себе Сауловото оружје и оклоп би давал впечаток дека е воин, додека тој бил само незнаен пастир кој дошол од кај своите овци. Сметал дека ниту најмалку не може да се потпре на Сауловото оружје туку само на Израеловиот Господ Бог. Одбирајќи неколку камења на потокот, и со прачка и стап, тој во име на Израеловиот Бог тргнал да се соочи со вооружениот воин.
Голијат со презир го набљудувал Давид, бидејќи давал впечаток на момче потполно неподготвено за двобој... Сметајќи го повредено своето достоинство што на него му се спротивставува едно момче, и тоа само со стап без никаков оклоп, тој почнал да се фали што сè ќе направи од него. Давид не бил раздразнет од тоа што бил толку понижуван ниту затреперил од заканите на Голијат, туку одговорил: ‘Ти одиш на мене со меч и со копје и штит; а јас одам на тебе во име на Господа над војските, Кому му се потсмеваше’”. – 3 Сведоштво, 218,219.
Среда
6. јануари
4. ВЕРА НАСПРОТИ ИЗГЛЕДИТЕ
а. Што можеме да научиме од Давидовата длабока и постојана доверба во Бога и Неговиот закон? Псалм 19:7-11; 20:5-9.
„Господ сака да нè пробуди за да ја сфатиме нашата вистинска духовна состојба. Тој сака секоја душа да го понизи срцето и умот пред Него. Вдахновените зборови кои се наоѓаат во деветнаесеттиот и дваесеттиот псалм ми се прикажани како поука за нашиот народ. Наша привилегија е да ги прифатиме овие драгоцени ветувања и да веруваме во предупредувањата...
Во текот на ноќта ми се чинеше дека им ги повторувам на луѓето овие зборови. Неопходно е повнимателно да се преиспитуваме самите себеси. Сега немаме време да го поминеме во самозадоволување. Ако сме поврзани со Бога, ќе ги понизиме своите срца пред Него и ќе бидеме многу поревни во усовршување на христијанските карактери. Пред нас е големо и свечено дело, бидејќи светот треба да се просветли во поглед на времето во кое живееме; и кога ќе им се изнесе директно и недвосмислено сведоштво тие ќе бидат просветлени и наведени сериозно да се преиспитаат самите себеси”. – The SDA Bible Commentary, [E. G. White Comments], vol. 3, pp. 1145, 1146.
„Треба да ги испитаме своите срца и да видиме дали сме одвоени од сè што не е во согласност со Божјата волја”. – The Review and Herald, May 10, 1887.
б. Како Исус потврдил дека со Негова сила, Неговиот народ може да ги надмине навидум несовладливите џинови на гревот и себичноста? Марко 10:26,27; 11:22,23; Филипјаните 1:6.
„Во Христа Бог ни дал средство за совладување на секоја грешна особина и за спротивставување на секое искушение, колку и да е силно. Меѓутоа, многумина чувствуваат недостаток на вера и затоа остануваат далеку од Христа. Нека овие души, во нивната беспомошна недостојност, се фрлат на милоста на својот сочувствителен Спасител. Не гледајте на себе, туку на Христа. Оној што исцелувал болни и истерувал демони, кога одел меѓу луѓето и денес е истиот моќен Откупител. Верата Доаѓа од Божјата Реч. Затоа држете се цврсто за Неговото ветување: ‘Оној што Доаѓа при Мене, нема да го истерам надвор’. (Јован 6:37) Фрли се пред Неговите нозе со извикот: ‘Верувам, Господе, помогни му на моето неверие’. Никогаш нема да пропаднете доколку го правите тоа никогаш”. – Копнежот на вековите, 429.
Четврток
7. јануари
5. ЗАВРШНО ДЕЛО
а. Како сите, на кои им е доверена сегашната вистина во последните денови, треба да учат од Исусa да избегнат да станат жртва на духот на Голијат? Јуда 9.
„Во изнесување на непопуларната вистина која го опфаќа и тешкиот крст, проповедниците мораат да внимаваат секој нивен збор да биде по волја на Бога. Тие треба да ја изнесуваат вистината во понизност, во најдлабока љубов кон душите и во сесрдна желба за нивно спасение. Со своите зборови тие не треба никогаш да сечат, дозволувајќи вистината да сече. Тие не треба да им се спротивставуваат на проповедниците на другите верски заедници, настојувајќи да предизвикаат полемика и расправија... Предизвикувањето, фалењето и дрскоста им прилегаат на оние кои се спротивставуваат на вистината и кои се однесуваат како Голијат. Но ниту една од тие особини не треба да се види кај оние кои Бог ги испраќа да ја објават последната опомена на светот осуден на пропаст”. – 3 Сведоштво, 218.
б. Каква надеж му нуди Бог на својот мал остаток во последните денови? Захарија 4:10 (прв дел); Лука 17:6. Што треба да ја осветли земјата? Откровение 18:1.
„Во ова последно поколение примерот за синаповото семе победоносно и триумфално ќе се исполни. Малечкото семе ќе израсне во дрво. Последната порака со опомена и милост ќе му се објави на ‘секој народ, племе, јазик и род’ (Откровение 14:6-14) ‘за да си собере Бог луѓе од народите за своето име’ (Дела 15:14). И земјата ќе се ‘осветли од неговата слава’ (Откровение 18:1)”. – Христовите очигледни поуки, 79.
„Откривајќи ја божествената слава во природата на човекот, Небото во толкава мера ќе им се приближи на луѓето што убавината, со која е украсен внатрешниот храм, ќе се види во животот на секој човек кој ќе го прими Спасителот во своето срце. Славата на Спасителот, кој живее во нас, ќе ги плени и вчудовидува луѓето”. – Христовите очигледни поуки, 420.
Петок
8. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Во која смисла Давид растел додека го смирувал Саула со својата харфа?
2. Како се разликувал ставот на Давид од ставот на неговиот брат?
3. Зошто Давид одбил да го носи оклопот на Саул?
4. Како можеме да ја примениме оваа поука во соочување со денешните фигуративни „џинови“?
5. Објаснете ја разликата помеѓу Давидовиот дух и оној на Голијат денес?