Недела
14. август
1. БОЖЈИ ДАРОВИ
а. Што му дава самиот Господ на секој христијански управител? 1 Коринтјаните 12:8-11.
„Талантите што и ги доверил Христос на Својата црква посебно се однесуваат на даровите и благословите дадени од Светиот Дух. (1 Коринтјаните 12:8-11). Сите луѓе не добиваат исти дарови, но на секој слуга Учителот му ветил некој дар на Духот“. – Христовите поуки, 327.
б. Што очекува Дарителот од Неговите управители? Лука 19:23.
„Бог им дава на луѓето различни таленти и дарови, не за да лежат неискористени или да се користат за забава или себични задоволства, туку за да бидат благослов за другите, подготвувајќи ги луѓето за сериозна, самопожртвувана мисионерска работа. Бог им дава време на луѓето за промоција на Неговата слава“. – The Youth’s Instructor, No¬vember 6, 1902.
„Нашиот небесен Отец не бара ниту помалку ниту повеќе од она за кое ни дал способност да го направиме. Врз плеќите на Своите слуги Тој не става товари што тие не можат да ги носат. ‘Зашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав’ (Псалм 103:14). Сè што Тој бара од нас, ние со Божја благодат можеме да го дадеме“. – Христовите поуки, 362.
Понеделник
15. август
2. УМНОЖУВАЊЕ НА ТАЛЕНТИТЕ (1)
а. Како христијанските управители треба да ги откриваат, развиваат и користат своите таленти? Изреки 1:7; 2:3-9; Јаков 1:5.
„Мнозина навидум неспособни млади луѓе се богато надарени со таленти кои воопшто не се искористени. Нивните способности лежат сокриени затоа што нивните воспитувачи немаат дар да ги воочат. Многу момчиња или девојчиња, однадвор исто толку непривлечни како еден грубо обработен камен, можат да претставуваат скапоцен материјал кој ќе ги издржи пробите на жештината, бурата и притисокот. Вистинскиот воспитувач, кој гледа што можат да станат неговите ученици, ќе ја разбере вредноста на материјалот што го обработува“. – Воспитување, 232.
„Бог има голема работа што треба да се заврши за кратко време. Тој на младите им доверил таленти во форма на интелект, време и средства и ги смета за одговорни за начинот на кој ги користат овие добри дарови. Тој ги повикува да одат во првите редови, да се спротивстават на погубните и измамнички влијанија на овој брз век и да се оспособат да работат во Неговото дело. Тие не можат да бидат подготвени да прават добро без да го вложат своето срце и енергија во делото на подготовка“. – The Youth’s Instructor, May 7, 1884.
„Ако во понизност на срцето барате божествен совет во секоја неволја и несреќа, Неговото слово ветува дека милостиво ќе ви биде дадена. А Неговото слово не може да остане неисполнето. Небото и земјата можат да поминат, но Неговото слово никогаш нема да помине. Надевајте се на Господа и никогаш нема да се посрамите и да се разочарате“. – 5 Сведоштво, 427.
б. Како се умножуваат талентите на христијанскиот управител? 2 Коринтјаните 9:6.
„Талантите што се употребуваат се умножуваат. Успехот не е резултат на случајност или судбина, туку дело на Божјото провидение, награда за верата и благоразумноста, за доблеста и истрајниот напор. Господ сака да го употребиме секој дар што го имаме; ако постапуваме така, ќе добиеме уште поголеми дарови со кои ќе можеме да се послужиме“. – Христовите поуки, 353.
„Некои од младите беа вредни и истрајни, и сега зад себе оставаат свој белег и заземаат важни позиции во Божјото дело. Често слушаме како луѓето зборуваат за талентите и способностите на овие млади луѓе, како Бог да го надарил со посебни дарови, но ова е погрешно. Она што нѐ прави силни е начинот на кој ги употребуваме нашите таленти. Има многу луѓе кои можеби се добро обучени да бидат вклучени во Господовото дело, но не успеваат да ги подобрат способностите што Бог им ги дал“. – The Review and Herald, March 25, 1880.
Вторник
16. август
3. УМНОЖУВАЊЕ НА ТАЛЕНТИТЕ (2)
а. Што треба да сфатат оние кои мислат дека имаат најмалку таленти? Лука 19:20-24.
„Многу млади се жалат дека немаат способност да направат некое големо дело и копнеат за таленти со кои би можеле да направат некои неверојатни работи; но додека го трошат своето време во залудни желби, нивните животи трпат неуспех. Тие ги занемаруваат можностите што би можеле да ги искористат за да направат добри дела на животниот пат по кој чекорат нивните нозе“. – The Youth’s Instructor, March 2, 1893.
б. Како Бог проценува како ги користиме нашите таленти? 2 Коринтјаните 5:10; Лука 12:47,48.
„Кога Господ ќе побара сметка од Своите слуги, враќањето на секој талант ќе биде испитано. Извршената работа го открива карактерот на работникот“. – Христовите поуки, 360.
„Оние што можеле да дадат свој придонес за спасението на душите кога би се држеле за Божјите совети, но таа должност ја пропуштиле поради себичност и немарност или поради тоа што се срамеле од Христовиот крст, не само што ќе ја изгубат својата душа, туку и крвта на несреќните грешници ќе се најде на нивната облека. Таквите ќе мораат да дадат сметка за добрата што можеле да ги сторат кога би се предале на Бога, но тоа не го сториле поради своето неверство. Оние што навистина ја вкусиле убавината на откупителната љубов нема, и не можат, да мируваат сѐ додека сите со кои доаѓаат во допир не ги запознаат со планот на спасението“. – 1 Сведоштво, 511.
„Ние поединечно ќе бидеме одговорни ако сме сториле само една цртичка помалку од она што сме биле способни да го сториме. Господ со најголема точност ја одмерува секоја можност што ни се укажува да направиме нешто за Него. Неискористените можности ќе се земат во предвид исто како и искористените. Бог ќе нè повика на одговорност за сè што сме можеле да сториме и да станеме преку правилна употреба на нашите таланти. Ќе ни се суди и за она што требало да го сториме, а не сме го сториле, зашто не сме ги искористиле нашите способности да го прославиме Бога. Дури и ако не ја загубиме нашата душа, во вечноста ќе можеме реално да ги согледаме последиците на нашите неискористени таланти. Секое знаење што сме можеле да го стекнеме, а не сме го стекнале, секоја способност што сме можеле да ја развиеме, а не сме ја развиле, на небото ќе се запише како вечна загуба“. – Христовите поуки, 362.
Среда
17. август
4. ЛИЧНА ОДГОВОРНОСТ
а. Кои се некои од талентите што треба да ги негува христијанскиот управител и зошто? 1 Јованово 2:14; Римјаните 15:1.
„Посебните дарови на Духот не се единствените таланти претставени во оваа парабола. Со нив се опфатени сите дарови и способности, без оглед дали се наследени или стекнати, природни или духовни. Сите треба да се употребат во Христовата служба. Кога ќе станеме Негови ученици, ние му се предаваме Нему, со сè што сме и што имаме. Овие дарови Тој ни ги враќа пречистени и облагородени, за да ги употребиме во Негова слава и на благослов на нашите ближни“. – Христовите поуки, 328.
„Дарот на говорот претставува талент што треба грижливо да се негува. Од сите дарови што сме ги добиле од Бога, ниту еден не е во состојба да донесе поголеми благослови од овој. Со гласот осведочуваме и уверуваме, му упатуваме молби и пофалби на Бога, со него им кажуваме на другите за љубовта на Откупителот. Тогаш, колку е важно да ја вежбаме вештината на говорот за да биде што поуспешен во службата на доброто“. – Христовите поуки, 335.
„Нашето време му припаѓа на Бога. Секој миг е Негов, и ние сме под најсвечена обврска да го искористиме за Негова слава. Ниту за еден талент што ни го дал, Бог нема да бара построга сметка отколку за на нашето време.
Вредноста на времето не може да се пресмета. Христос секој миг го сметал за драгоцен, и ние мора да го третираме така. Животот е краток за да се потроши напразно. Имаме само кусо време на милост за да се подготвиме за вечноста”. – Христовите поуки, 342.
„Родителите треба да ги научат своите деца за вредноста на правилното користење на времето. Научете ги дека е вредно да се стремат да направат нешто со што можат да го прослават Бога и да му донесат благослов на човештвото. Дури и во најрани години тие можат да бидат мисионери за Бога“. – Христовите поуки, 345.
„Бог на луѓето им доверил и средства. Тој им дава сила да стекнат богатство; Тој ја натопува земјата со небесна роса и со изобилен дожд што освежува; Тој дава сончевата светлина која ја загрева земјата, будејќи ја во живот целата природа. Тој прави сето тоа да цвета, буи и да донесе плод. За возврат Тој го бара она што му припаѓа Нему“. – Христовите поуки, 351.
„Парите не ни се дадени за да стекнеме чест и лична слава. Како верни управители, ние треба да ги користиме на чест и Божја слава. Некои мислат дека само дел од нивните средства му припаѓаат на Бога. Откако ќе одвојат дел за религиозни и добротворни цели, некои тогаш мислат дека остатокот можат да го потрошат по своја волја. Но, во ова тие грешат. Сè што имаме е Божја сопственост и ние сме одговорни пред Него за употребата на сите добра што ни се доверени. Со користење на секој денар, покажуваме дали го сакаме Бога над сè и ближните како себеси“. – Messages to Young People, p. 310.
Четврток
18. август
5. УПРАВИТЕЛИ ЗА ЦАРСТВОТО
а. На што треба ревносно да ги фокусираме сите наши различни таленти? Филипјаните 3:7-14.
„Вие сте гледање за светот, за ангелите и за луѓето... Искористете ги максимално златните моменти, користејќи ги талентите што ви ги дал Бог, за да можете да умножите нешто за Господа и да бидете благослов за сите околу вас. Нека небесните ангели гледаат на вас со радост затоа што сте лојални и верни на Исус Христос“. – The Youth’s Instructor, July 12, 1894.
„Мудрото искористување на вашите можности и негувањето на вашите таленти дадени од Бога ќе ве направи мажи и жени на кои Бог ќе гледа со одобрување и кои ќе бидат благослов за општеството. Поставете си високи стандарди, искористете ги максимално своите таленти и способности со непоколеблива ревност и трчајте кон целта“. – Fundamentals of Christian Educa¬tion, p. 87.
„Дали ќе му се предадете на Господа? Дали сте подготвени да се вклучите во работата што Тој ви ја оставил? Исус им рекол на Своите ученици: ‘Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание’ (Марко 16:15). Соочен со оваа заповед, дали ќе го искористиш своето време и својата енергија како што ти налагаат твоите склоности, наместо да ги следиш Божјите совети?“ – Sons and Daughters of God, p. 273.
„Овде, во овој свет, во овие последни денови, луѓето ќе покажат која сила влијае на нивните срца и управува со нивните постапки. Ако тоа е силата на божествената вистина, тоа ќе доведе до добри дела...
Млади и стари, Бог сега ве тестира. Вие сами одлучувате за вашата вечна судбина“. – Maranatha, p. 43.
Петок
19. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како можат одредени таленти најдобро да се негуваат за Господарот?
2. Каква корист има црквата од внимателното управување со нашите таленти?
3. За што јас лично треба посериозно да размислувам кога станува збор за талентите што ми се доверени поединечно?
4. Што треба да сфатам во врска со мојата одговорност пред Бога за моите таленти?
5. Опишете ја одговорноста на сите христијани, без разлика на возраста или способноста.