Посветување ЗАПОМНЕТЕ ГО СТИХОТ: „Ќе Ме побарате, и ќе Ме најдете, ако Ме побарате од сè срце“ (Еремија 29:13).
Предлагаме да прочитате:
Патот кон Христа, петто поглавје, стр. 43–48.
„Ние не сме во состојба со наша сила да опстанеме во борбата; а сè што ги изделува мислите од Бога и води кон самоувереност и извишување, сигурно го подготвува патот за нашиот пораз. Целта на Библијата е да ни влее недоверба во човечката, а да нè поттикне кон доверба во Божјата сила.“ — Патријарси и пророци, стр. 717.
1. БОРБАТА ПРОТИВ САМИОТ СЕБЕ Недела, 26 јули
а. Како Павле ја опишал христијанската борба и опремата што ни е потребна за неа? Ефесјаните 6:12–18.„Сатаната го напаѓал Христа со најжестоки и најлукави искушенија, но во секој судир бил одбиен. Овие битки се водени заради нас; овие победи ни овозможуваат и ние да победиме. Христос ќе им даде сила на сите што ја бараат. Ниеден човек не може да биде совладан од сатаната без своја сопствена согласност. Искушувачот нема власт над човечката волја ниту може душата да ја присили на грев. Тој може да ја мачи, но не може да ја извалка. Тој може да предизвика душевен страв, но не може да опогани. Фактот дека Христос го победил треба да ги поттикне Неговите следбеници храбро да се борат во борбата против гревот и сатаната.“ — Големата борба, стр. 510.б. Каде сатаната се обидува да воспостави целосна власт? Изреки 4:23.„Човекот е онаков како што мисли во своето срце. Срцето мора да биде обновено од Божјата милост, зашто без тоа истото напразно ќе копнее за чистота во животот. Оној што се труди независно од Христовата милост да изгради благороден карактер полн со доблести, ѕида куќа на песок. Во жестоката луња на искушенијата таа куќа сигурно ќе се урне.“ — Патријарси и пророци, стр. 460.
2. БОЖЕСТВЕНИОТ ПОВИК Понеделник, 27 јули
а. Од што мораме да се откажеме ако сакаме да бидеме Христови ученици? Лука 14:33; Матеј 6:24.„Давајќи му се себеси на Бога, ние безусловно мораме да го отфрлиме сето она што би можело да нè одвои од Него. Затоа Спасителот вели: „Така, секој од вас кој нема да се откаже од сè што има, не може да биде Мој ученик”. (Лука 14:33). Мораме да се откажеме од сето она што би можело нашето срце да го одврати од Бога. Мамонот е идол на мнозина. Љубовта кон парите, желбата за богатство, е златен синџир што ги врзува за сатаната. Други обожуваат углед и световна чест. Животот исполнет со себично безделничење и не- оптоварен со одговорности е идол на трети. Но овие ропски окови мораат да се раскинат. Не можеме половично да му припаѓаме на Господа, а половично на светот. Ние не сме Божји деца ако не сме тоа во целост.“ — Патот кон Христа, стр. 44.б. Каков божествен повик Господ им упатува на сите што посакуваат обновување на срцето и животот? Исаија 1:18; Еремија 29:13; Јаков 4:7–10.„Божјото владеење не е втемелено, како што тоа би сакал да го прикаже сатаната, на слепо покорување, на неразумно ограничување. Тоа повикува на разумот и совеста. ’Ајде дојдете да резонираме заедно’, (Исаија 1:18) е повикот на Творецот кон суштествата што ги создал. Бог не влијае насилно врз волјата на своите суштества. Тој не може да ги прифати изразите на почитување кои не се поттикнати доброволно и свесно. Изнудената потчинетост би го спречила вистинскиот развој на умот или карактерот; би направила од човекот најобичен автомат. Тоа не е целта на Творецот. Тој сака човекот, врвното дело на Неговата творечка сила, да го достигне највисокиот степен на развој. Тој пред нас ја поставува височината на благословот до кој сака да нè воздигне преку Својата благодат. Тој нè повикува да му се предадеме, за да може да ја оствари Својата волја во нас.“ — Патот кон Христа, стр. 43, 44.„Христос се открил како Спасител на луѓето. Луѓето не требало да се потпираат на своите дела, на својата праведност или на себе на каков било начин, туку на Божјото Јагне, Кое ги зема врз Себе гревовите на светот. Тој е откриен како Застапник пред Отецот. Преку Него е упатен повикот: ’Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и алово црвени - како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур - како волна ќе станат бели.’ Овој повик на сличен начин одекнува и до нас денес. Да не дозволиме гордоста, самодовербата или самоправедноста да спречат некого да го признае својот грев, за да може да се повика на ветувањето. — Fundamentals of Christian Education, стр. 239.
3. ХРИСТОС ДАДЕ СÈ Вторник, 28 јули
а. Што Му дало право на Христос да ги одведе Своите деца на небото? Колосјаните 1:14; Евреите 7:25.„Среде страшната темнина, привидно напуштен од Бога, Христос ги испил последните капки од чашата на човечката болка. Во тие ужасни часови Тој се потпирал на доказите кои Таткото дотогаш му ги дал за тоа дека Го прифаќа. Тој го познавал карактерот на Својот Татко. Ја разбирал Неговата правда, милост и Неговата голема љубов. Со вера се потпирал на Бога, Кого секогаш со радост го слушал. Кога покорно се предал на Бога, исчезнало она чувство дека ја изгубил наклонетоста на Таткото. Со вера, Христос бил победник.“ — Копнежот на вековите, стр. 756.„Давајќи го Исуса, Бог го дал целото Небо. Од човечка гледна точка, таквата жртва претставувала безгрижно растурање. Според човечки мерила, целокупниот план на спасение претставува растурање на милост и ресурси. Насекаде наидуваме на самооткажување и сесрдна жртва. Небесната војска навистина има право со чудење да го набљудува човечкото семејство кое одбива, да се воздигне и да се збогати со неизмерната љубов изразена во Христа. Таа навистина може да извикне ’Зошто толку големо растурање?’Меѓутоа, помирувањето за еден изгубен свет требало да биде целосно, изобилно и комплетно. Христовата жртва била толку голема, што била доволна за секоја душа што ја создал Бог. Таа не можела да се ограничи, така што нема да го пречекори бројот на оние кои сакаат да го примат големиот Дар. Сите луѓе не се спасени, меѓутоа планот на откупување не е растурање, бидејќи не го остварува сето она што толку дарежливо истиот го овозможил. Мора да има доволно, дури и да остане.“ — Копнежот на вековите, стр. 565.б. Што бара Исус од сите што сакаат да станат Негови деца и да бидат способни да го примат Светиот Дух? Изреки 23:26.„Исус со сочувство и нежност чека да ги слушне признанијата на заблудените и да го прифати нивното покајание. Тој очекува од нив макар и најмал одговор на благодарност, како што мајката ја очекува насмевката на препознавање од своето сакано дете. Големиот Бог нè учи да Го нарекуваме Отец. Тој сака да разбереме колку искрено и нежно Неговото срце копнее по нас во сите наши искушенија и неволји.“ — Gospel Workers, p. 210.„А од што се откажуваме ние кога ќе дадеме сè? Од осквернетото со грев срце, за Христос да го очисти, да го испере со Својата крв и да го спаси со Својата ненадмината љубов. Но сепак луѓето мислат дека е тешко да се откажеме од сè! Се срамам да слушам кога се зборува за тоа, се срамам да пишувам за тоа.“ — Патот кон Христа, стр. 46.
4. ЦЕЛОСНО ПРЕДАВАЊЕ Среда, 29 јули
а. Која била Павловата искрена желба за верниците? Римјаните 12:1; 1 Солуњаните 5:22,23.„Иако овие зборови се упатени кон стариот Израел, тие содржат поука и за денешниот Божји народ. Кога апостолот апелира до своите браќа да ги принесат телата свои како „жртва жива, света и благоугодна на Бога“, тој ги изнесува начелата на вистинското посветување. Тоа веќе не е теорија, емоција или игра со зборови, туку живо, активно начело внесено во секојдневниот живот. Тоа бара нашите навики во јадењето, пиењето и облекувањето да бидат такви што ќе обезбедат заштита на физичкото, духовното и моралното здравје, за да можеме пред Бога да ги принесеме нашите тела — не како жртва расипана од лошите навики, туку како ’жртва жива, света и благоугодна на Бога.’“ — Посветен живот, стр. 28.„Сите ние треба со сето свое битие да ѝ се посветиме на Божјата служба и да се трудиме таа жртва да ја сториме колку што е можно посовршена. Бог ќе биде задоволен само тогаш ако му го дадеме најдоброто што го имаме. Секој оној што го љуби со сето срце, ќе сака да му го посвети најдобриот дел на својот живот и постојано ќе се труди сите сили на своето битие да ги доведе во хармонија со законите на природата, со што неговите умни и духовни способности, како и подготвеноста да му послужи на Бога, ќе бидат потпомогнати.“ — Патријарси и пророци, стр. 352.б. Каков товар почувствувало мноштвото во своите срца кога го слушнало Петровиот говор на денот на Педесетница? Дела 2:37,38.„Сега слушале како учениците тврдат дека Оној што тие го распнале всушност е Божји Син. Свештениците и поглаварите се треселе. Народот бил возбуден и опфатен со болка. „А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето и му рекоа на Петар и на другите апостоли: ‘Луѓе, браќа, што да правиме?’” Меѓу оние што ги слушале учениците имало и побожни Евреи, искрени во своето верување. Силата што ги придружувала зборовите на говорникот ги убедила дека Исус навистина бил Месија...На оние што биле осведочени со вистината, Петар им го предочил фактот дека Христа го отфрлиле затоа што биле измамени од свештениците и поглаварите и дека никогаш нема да се осмелат да го примат ако и понатаму бараат совет од истите луѓе, очекувајќи претходно и тие да го примат. Овие властодршци, иако исповедале побожност, биле полни со амбиции за богатство и за световна слава. Тие не биле подготвени да му пристапат на Христа за да примат светлина.“ — Делата на апостолите, стр. 43.
5. ОДРЖУВАЊЕ НА ПРЕДАВАЊЕТО Четврток, 30 јули
а. Што ни дава уверување дека можеме целосно да Му се посветиме на Господа и да бидеме способни да го носиме Христовиот лик? Филипјаните 2:12,13.„Бог не бара од вас да се плашите дека Тој нема да ги исполни Своите ветувања, дека ќе се измори во Своето трпение, дека ќе му недостигне сожалување. Всушност, треба да се плашите вашата волја да не и откаже покорност на Христовата волја и со вашиот живот да не завладеат вашите лоши наследени и стекнати карактерни особини. „Зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја”. Би требало да се плашите меѓу вашата душа и вашиот голем Учител да не се испречи вашата стара природа; плашете се вашето „јас“ да не ја осуети целта што Бог сака да ја постигнете; плашете се од преголемо потпирање врз своите сопствени сили; плашете се да не ја истргнете својата рака од Христовата рака и да се обидете да одите по животниот пат без Неговото постојано присуство.“ — Христовите очигледни поуки, стр. 161.б. Како можеме да ја одржиме цврстината на верата и целосното предавање на исправните начела? Галатјаните 2:20; Матеј 16:24,25.„Оние што сакаат да ги добијат благословите на посветувањето, мораат да го сфатат значењето на пожртвувањето. Христовиот крст е главен столб кој го држи ’вечното изобилство на славата’. — Делата на апостолите, стр. 560.„Вие не можете да го измените своето срце, вие не можете сами од себе на Бога да му ги посветите чувствата на своето срце; но можете да одлучите да Му служите. Можете да Му ја предадете својата волја; тогаш Тој ќе дејствува во вас да сакате и да го правите она што Нему му е угодно...Ако правилно се служите со својата волја, може да се случи целосна промена во вашиот живот. Ако својата волја му ја потчините на Христа, ќе се соедините со силата која е над сите поглаварства и власти. Ќе имате сила одозгора да останете постојани и така со постојано покорување на Бога ќе бидете оспособени да живеете нов живот, живот на вера.“ — Патот кон Христа, стр. 47, 48.
ПРАШАЊА ЗА ЛИЧНО РАЗМИСЛУВАЊЕ Петок, 31 јули
1. Што ни е неопходно за успех во борбата против непријателот на нашите души?2. Која е вистинската борба што треба да ја водиме за да победиме веќе поразен непријател?3. Што можеме да научиме од Христовиот дар за нашето спасение?4. Која е Божјата намера за верниците, и во телесен и во духовен поглед?5. Ако нашата волја е во согласност со Божјата волја, какво ќе биде нашето секојдневно искуство?