Back to top

Sabbath Bible Lessons

Лутање низ пустината (II)

 <<    >> 
5. лекција Сабота, 2. мај 2020

Заминување од Синај

„Сето тоа ним им се случуваше да служат како пример, а беше запишано нам за опомена, до кои стигна крајот на вековите“ (1. Коринтјаните 10:11).

„Повторуваните мрморења на Израелците и излевањето на Божјиот гнев заради нивните престапи се запишани во светата историја за доброто на Божјиот народ, кој подоцна ќе живее на земјата, но особено да послужат како предупредување за оние што ќе живеат при крајот на времето.“ – The Story of Redemption, p. 152.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 374-386. 

Недела 26. април

1. ПАТУВАЊЕ НИЗ ПУСТИНАТА

а. Зошто Мојсеј го поканил Ховав да му се придружи на израелскиот народ? Дали тој ја прифатил поканата? Броеви 10:29-31; Судии 1:16; 4:11.

„Од тоа племе (Кенеј) потекнувал и Ховав, братот на Мојсеевата жена, кој им се придружил на Израелците додека патувале низ пустината и со своето познавање на земјата им правел драгоцени услуги.“ – Патријарси и пророци, 628.

б. Какви молитви изговарал Мојсеј кога облакот се подигал и кога ковчегот се кревал за пат и кога повторно запирал? Броеви 10:35,36.

„Израелците на сите нивни патувања ги водел Бог. Местото каде што требало да се улогорат било обележано со спуштање на столб од облак; и тука требало да останат сѐ додека облакот се задржувал над шаторот за состанок. Кога требало патот да продолжи, облакот се дигал над светињата. Секојпат секое поаѓање и запирање на народот било обележувано со свечено призивање на Господа.“ – Патријарси и пророци, 376.


Понеделник 27. април

2. ПОВТОРНО ЖАЛЕЊЕ

а. Преку каква земја патувал израелскиот народ откако го напуштил Синај? Зошто? Второзаконие 8:15,16; Еремија 2:6.

„Колку подалеку оделе, патот бил сѐ потежок. Оделе пеш низ каменливи котлини и голи пустини. Насекаде ги опкружувала голема дивина оделе низ ‘земја пуста и ненаселена, по земја сува, по земја на смртна сенка по која никој не одел и во која никој не живеел’ (Еремија 2:6). Клисурите што се провлекувале меѓу карпите биле полни со мажи, жени и деца, со натоварени коли и со долги редици стада добиток. Поради сето тоа, бавно и тешко напредувале, а по долгото логорување, не биле ниту подготвени да ги поднесуваат опасностите и тешкотиите на патувањето.“ – Патријарси и пророци, 377.

б. Кога луѓето почнале да се жалат на неудобностите на патот, што се случило? Броеви 11:1-3.

„По три дена патување почнале јавно да се жалат. Прва во тоа била светината, оние што им се придружиле на Израелците при излегувањето од Египет, но никогаш целосно не се соединиле со нив и постојано барале повод за забелешки. Бунтовниците не биле задоволни со правецот на движењето и постојано му забележувале на Мојсеја тврдејќи дека ги води по погрешен пат, Иако знаеле дека и тој, како и самите тие, го следи облакот. Незадоволството, како заразна болест, бргу ги опфатила сите во логорот.“ – Патријарси и пророци, 377.

„Тие (Израелците) примиле голема светлина зашто го виделе Божјото величество, неговата моќ и милост; затоа нивното незадоволство и неверство сега претставувале голем грев. Освен тоа, тие се заветувале дека го прифаќаат Јехова за свој цар и дека ќе го почитуваат неговиот авторитет. Нивното мрморење сега претставувало бунт, па затоа морала да уследи брза и видлива казна со цел Израел да се спаси од анархија и од пропаст. И ‘Господ се разгневи и изби Господен оган меѓу нив и спали еден дел од логорот’. Најодговорните за бунтот биле уништени со молња од облакот.“ – Патријарси и пророци, 379.


Вторник 28. април

3. КОПНЕЖ ЗА МЕСО

а. На што следно се жалеле Израелците, и од кого започнало мрморењето? Броеви 11:4-6; Псалм 78:18-20.

„За време на робувањето во Египет, Израелците биле присилени да се одржуваат со најпроста и наједноставна храна, но силниот апетит, предизвикан со скудноста и со тешките работи, сторил таа храна да им биде пријатна и истата дури сега им се чинела мошне вкусна. Покрај тоа, меѓу нив имало и доста Египќани кои навикнале на раскошна храна и тие биле први кои почнале да се жалат. Непосредно пред да пристигнат на Синај, Господ, покрај маната, на нивно инсистирање им дал и месо, но само за еден ден.

Бог можел да ги снабдува и со месо исто толку лесно како и со маната, но тоа им било скусено заради нивно добро. Тој имал намера да им даде храна која подобро одговарала на нивните потреби отколку трескавично надразливата храна на која навикнале во Египет. Изопачениот апетит морал да се доведе во здрава состојба за да им биде пријатна првобитната човекова исхрана плодовите на земјата што им ги дал Бог на Адама и Ева уште во Едем. Од таа причина Израелците во голема мера морале да се откажат од храната од животинско потекло.“ – Патријарси и пророци, 377,378.

„Состојбата на умот во голема мерка има врска со здравјето на организмот, а особено со здравјето на органите за варење. За исхрана на својот народ, кога бил во пустината, Господ воопшто не предвидел месо, затоа што знаел дека употребата на таква храна ќе создаде болести и непослушност. Со цел да се измени расположението и да се активираат повисоките сили на умот, Тој го отстранил месото од мртвите животни. Им дал ангелска храна, мана од небото.“ – Коментари на библиските текстови, 79.

б. Како било исполнето нивното барање за месо, и какви биле последиците? Псалм 78:26-32.

„Бог им го дал она што не им служело на добро затоа што толку упорно копнееле за тоа. Не биле задоволни со храната што се покажала толку благотворна за нивното здравје. Нивните бунтовни желби биле задоволени, но затоа морале да ги сносат последиците. Се насладувале без мерка и граници и поради таквата неумереност морала да уследи неодложна казна.“ – Патријарси и пророци, 382.


Среда 29. април

4. ПОУКА ЗА НАС

а. Бидејќи Израелците веќе биле навикнати на обична, едноставна храна, кое претходно предупредување тие го игнорирале? Излез 23:2 (прв дел). Кога сме во искушение да мрмориме и да се жалиме на Божјите патишта, што треба да правиме? Псалм 107:21,22; Филипјаните 4:6,7.

б. Која друга поука треба да научиме од бунтовното однесување на Израелците во пустината? 1. Коринтјаните 10:5,6.

„Бог Израелците ги извел од Египет со цел во хананската земја од него да создаде чист, свет и среќен народ. За да ја постигне таа цел, Тој ги подложил на одредена дисциплина потребна за нивно сопствено добро и за добро на нивните потомци. Кога би го прифатиле неговото мудро ограничување и би го совладале апетитот, меѓу нив не би имало болест ниту немоќ. Нивното потомство би било надарено и со телесна и со умна сила. Тие би имале јасна претстава за вистината и должноста, остроумно забележување, моќ за разликување и здраво расудување. Но нивната неподготвеност да ги прифатат ограничувањата и барањата што им ги поставил Бог, во голема мера ги спречила да го постигнат високиот стандард што им го наменил Тој и да ги примат благословите што бил готов да им ги даде.“ – Патријарси и пророци, 378.

в. Што треба прво да сториме, за да се осигуриме дека не копнееме по лоши работи? Римјаните 13:14.

„Ние мора да се бориме против гревовите што војуваат против душата. Вие не можете во своја сила да ја извршите оваа работа; но дојдете кај Исус во вера. Тој ќе ви помогне и ќе ве зајакне да ги совладате злите склоности, и ќе ве украси со вистинска убавина на Неговиот карактер. Ние сме повикани да се облечеме во Господ Исус. Едноставната вера и послушноста одат рака под рака. Вашата вера без послушност кон Божјиот свет закон нема никаква вредност, но послушноста кон Бога и верата во големата жртва која е принесена – дека Неговата крв е пролеана за вас, и дека ја прифаќате Христовата правда – ќе ве направи победници. Имајте доверба во Исус Христос и Тој ќе ве направи повеќе од победници.“ – The Youth’s Instructor, August 18, 1886.


Четврток 30. април

5. ОТРОВ НА ЗАВИСТ

а. Што се случило во Асирот, кој ги разоткрил карактерите на Арон и Мирјам, во спротивност со оној на Мојсеј? Броеви 12:1-9.

„Мојсеја го избрал лично Бог, и врз него почивал Божји Дух, и затоа Мирјам и Арон со своите поплаки го изневериле не само избраниот водач, туку и лично Бога. Бунтовничките критичари биле изведени пред шаторот за состанок и повикани да се соочат со Мојсеја. ‘Господ слезе во столб од облак и застана пред влезот на шаторот, па ги повика Арона и Мирјам, и тие двајцата дојдоа’. Пророчкиот дар не им бил оспоруван; Бог можел да им се обраќа во виденија и во соништа. Но на Мојсеја, за кого сам Господ кажал: ‘кој е верен во сиот мој дом’, му било дозволено поинтимно општење со Бога. Со него Господ зборувал ‘уста со уста’“. – Патријарси и пророци, 384,385.

б. Како Господ го покажал своето незадоволство, и како била ублажена казната на Мирјам кога Мојсеј се молел за неа? Броеви 12:10-16.

„Зависта е една од најлошите сатански особини што може да најде место во човечкото срце и најзлокобна по своите последици. Затоа и кажува мудрецот во своите изреки; ‘Лут е гневот, нескротлива е јароста; но кој ќе издржи против зависта?’ (Изреки 27:4)...

Озборувањето на другите или судењето за нивните побуди и постапки во никој случај не треба да се земаат лекомислено...

Оние што ги почитува Бог, треба да ги почитуваме и ние. Казната што ја снашла Мирјам треба да биде опомена за сите што негуваат љубомора и мрморат против оние врз кои Бог положил товар за своето дело.“ – Патријарси и пророци, 385,386.


Петок 1. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како го водел Бог својот народ во неговите патувања? Како нѐ води денес?

2. Зошто било толку грешно за Израелците да се жалат на тоа како ги водел Мојсеј?

3. Зошто Бог сака денес да ги следиме принципите на едноставна, вегетаријанска исхрана?

4. Кои благослови доаѓаат од самоодрекување во апетитот?

5. Како понекогаш и ние завидуваме на сличен начин како Мирјам?

 <<    >>