Back to top

Sabbath Bible Lessons

Лутање низ пустината (II)

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 30. мај 2020

Ударена карпа

„И им рече Господ на Мојсеј и на Арон: „Поради тоа што не Ми поверувавте, и не ја засведочивте Мојата светост пред очите на синовите израелски, вие нема да го воведете тој народ во земјата, што Јас му ја давам“ (Броеви 20:12).

„За да ја отфрли засекогаш од главите на Израелците идејата дека ги водел некој човек, Бог сметал дека е потребно да дозволи нивниот водач да умре пред да влезат во Хананската земја.“ – Коментари на библиските текстови, 85.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 411-421. 

Недела 24. мај

1. БОГ ГИ ЗАДОВОЛУВА СИТЕ ПОТРЕБИ

а. На кој начин Израелците биле снабдувани со вода за време на нивното патување низ пустината? Псалм 105;41; Исаија 48:21.

„Од карпата што ја удрил Мојсеј на гората Хорив првпат бликнал животворен млаз кој ги освежил Израелците во пустината. Секогаш кога им било потребно, за сето време на талкањето низ пустината, постојано биле снабдувани со вода на чудесен начин со Божјата милост. Меѓутоа, водата што се појавила на Хорив не продолжила да тече. Секаде каде што попатно им било потребно, вода извирала од карпести пукнатини крај нивниот логор.“ – Патријарси и пророци, 411.

б. Кој бил изворот на сите нивни земни, како и духовни благослови? 1. Коринтјаните 10:4.

„(Христос) е извор на сета сила, давател на сите земни и духовни благослови. Тој ги вработува човечките битија како соработници, давајќи им да извршат дел од работата заедно со Него како Негова помошна рака. Ние треба да примаме од Него, не да насобираме богатството и да си угодуваме себеси, туку да им делиме на другите.“ – The Review and Herald, April 4, 1907.


Понеделник 25. мај

2. ВЕРАТА НА НАРОДОТ БИВА ТЕСТИРАНА

а. Преку каков тест на вера поминал Божјиот народ кога повторно дошол во Кадис, и каква била неговата реакција? Броеви 20:1-5.

„Непосредно пред доаѓањето на еврејскиот народ во Кадис, пресушила живата вода која толку години извирала крај нивниот логор. Господ имал намера уште еднаш да го провери својот народ. Сакал да испита дали ќе има доверба во него или ќе го следи примерот на неверството на своите татковци.“ – Патријарси и пророци, 413.

„Но, пред да им биде дозволено да влезат во Ханан, морале да покажат дека веруваат во Божјите ветувања. Водата ја снемало пред да стигнат во Едом. Така, за извесно време им е дадена можност да одат со вера, а не да гледаат само нешто видливо. Меѓутоа, првото искушение предизвикало ист бунтовен и неблагодарен дух каков што покажале и нивните татковци. Штом во логорот се слушнал викот затоа што нема вода, ја заборавиле онаа Рака која толку години ги снабдувала со сите потреби и, наместо да бараат помош од Бога, се бунеле против Него.“ – Патријарси и пророци, 414.

б. Што направиле Мојсеј и Арон кога ги слушнале поплаките на народот? Броеви 20:6.

в. Што им било кажано на Мојсеј и Арон да направат за да ги задоволат потребите на народот? Броеви 20:7,8. Која погрешна идеја, која сѐ уште била присутна меѓу народот, Господ се обидел да ја поправи?

„Во сите нивни скитања, синовите на Израел биле во искушение силните чуда кои Бог ги направил ослободувајќи ги од земјата на египетското ропство да му ги препишат на Мојсеј. Тие го обвинувале Мојсеј дека ги извел од Египетската земја. Вистина е дека Бог на чудесен начин му се јавил на Мојсеј. Тој имал особена предност да биде во Божјо присуство. Нему Бог му ја открил својата слава. На гората, Тој бил во света близина на Семожниот и разговарал со Него како што човек разговара со својот пријател. Но, Господ дал многу очигледни докази дека ослободувањето на Израел го извршил самиот Тој, а не Мојсеј.“ – Коментари на библиските текстови, 85.


Вторник 26. мај

3. МОЈСЕЕВИОТ И АРОНОВИОТ ПРОПУСТ

а. Како Мојсеј го обесчестил Бога кога му се обраќал на народот? Броеви 20:9-11.

„Со својата наглост Мојсеј ја ослабел силата на поуката што Бог имал намера да му ја даде на народот. Карпата, како симбол на Христа, требало да биде удрена еднаш, како и Христос што требало да биде жртвуван само еднаш. Вторпат требало само да и проговори на карпата, токму како и ние што треба во Исусово име само да побараме благослов. Со тоа што Мојсеј и вторпат ја удрил со стапот карпата, загубено е значењето на тој убав симбол кој укажувал на Христа.

Уште повеќе, Мојсеј и Арон себеси си ја припишувале силата што му припаѓала само на Бога. Неопходноста од божествено посредување го правела тој миг особено сериозен и водачите на Израел морале тоа да го искористат да му влеат на народот страхопочит кон Бога и да ја засилат неговата вера во неговата моќ и добрина. Извикнувајќи во гнев: ‘Можеме ли од оваа карпа да ви извадиме вода?’, се ставиле на местото на Бога, како тие сами да располагале со таа сила, иако имале свои слабости и страсти како и другите луѓе.“ – Патријарси и пророци, 418.

б. Каква казна навлекле врз себе Мојсеј и Арон? Зошто? Броеви 20:12; Второзаконие 3:23-27.

„Во таа пригода Бог не ги казнил оние чиешто безбожно однесување ги предизвикало Мојсеја и Арона. Укор им е упатен на водачите... Мојсеј и Арон се почувствувале навредени губејќи го од вид фактот дека народот не се бунел против нив, туку против Бога. Гледале само на себе и предвид ги земале само своите чувства. Така несвесно паднале во грев и пропуштиле на народот да му укажат на неговата голема кривица пред Бога.

Казната која е изречена веднаш потоа била горка и исклучително понижувачка... И тие морале да умрат заедно со побунетите пред Израел да ја премине реката Јордан.“ – Патријарси и пророци, 418,419.

„Престапот му бил познат на целиот народен собир, и кога Бог лесно би преминал преку тоа, би се создал впечаток дека неверувањето и нетрпението можат да се оправдаат кај оние кои заземаат одговорни положби доколку бидат предизвикани. Но кога било објавено дека поради тој единствен грев Мојсеј и Арон нема да влезат во Ханан, народот сфатил дека Бог не гледа кој е кој и дека сигурно ќе ги казни престапниците.“ – Патријарси и пророци, 420.


Среда 27. мај

4. УДРЕНАТАТА КАРПА - СИМБОЛ

а. Кого го претставувала удрената карпа, и зошто било погрешно повторно да се удри карпата? Исаија 53:3-5.

„Удрената карпа симболично го претставувала Христа и со тој симбол се дадени најдрагоцените духовни вистини. Како животворната вода што потекла од карпата што ја удрил Мојсеј, така и од Христа, за кого ‘ние мислевме дека Бог го бие’ и кој бил ‘ранет за нашите престапи, малтретиран за нашите беззаконија’ (Исаија 53:4,5), тече река на спасение за загубениот род. Како карпата што требало да биде удрена еднаш, ‘така и Христос еднаш се принесе да ги земе гревовите на мнозина’ (Евреите 9:28). Нашиот Спасител не требало и вторпат да биде жртвуван; а оние што копнеат за благословот на неговата милост, треба само во име на Исуса да го побараат тоа, излевајќи ја желбата на своето срце во покајничка молитва. Таквата молитва ќе го потсети Господа над војските на Исусовите рани и тогаш повторно ќе потече живототворната крв. Симбол на таа крв била живата вода што потекла за Израел.“ – Патријарси и пророци, 411.

б. По каков повод и на кој начин еврејскиот народ го славел истекувањето на водата од карпата во деновите на Христа? Јован 7:37-39.

„Откако се населиле во Ханан, Израелците со силни изливи на радост го празнувале денот кога од карпата во пустината им потекла вода. Во Христово време тоа празнување им станало мошне впечатлива церемонија. Неа ја изведувале на празникот Сеница кога во Ерусалим би се собрал народ од целата земја. Празнувањето траело седум дена и секој од тие седум дена излегувале свештеници со музика и со хор на Левитите со златен сад да нацрпат вода од силоамскиот извор. По нив одело мноштво молители, толку колку што можеле да дојдат до водата да пијат. За тоа време се одгласувале следните весели акорди: ‘Со радост ќе црпете вода од изворот на ова спасение’ (Исаија 12:3). Потоа налеаната вода би била однесена во храмот со звук на труба и со свечена песна: ‘Еве, нозете наши стојат пред вратата твоја, Ерусалиме!’ Додека мноштвото пеело похвални песни во придружба на музички инструменти и звук на труби, водата се леела на олтарот за жртви паленици.“ – Патријарси и пророци, 412.


Четврток 28. мај

5. ПОУКА ЗА НАС

а. Која поука треба да ја научиме од грешката на Мојсеј? Псалм 106:33.

„Од човечка гледна точка, Мојсеј не сторил посебно голем грев. Неговиот грев бил обична појава. Псалмистот кажува: ‘И згреши со својата уста’ (Псалм 106:33). Според човечка оценка, тоа можело да изгледа незначително. Но бидејќи Бог за тој грев толку строго го казнил својот најверен и најценет слуга, сигурно е дека истиот нема да го трпи ниту кај други... Колку нечија положба е поистакната и влијанието поголемо, толку повеќе е потребно да негува трпение и понизност.“ – Патријарси и пророци, 420.

б. Кои предупредувања имаат за цел да нѐ сочуваат од самовозвишување? Јаков 4:6,7; 1. Коринтјаните 10:12.

„Колку и да е голема духовната светлина на еден човек, и колку и да ужива тој во божествениот благослов и во милоста, сепак треба да оди понизно пред Бога, барајќи со вера Тој да насочува секоја негова мисла и да господари над секое негово чувство...

Колку и да е голем притисокот врз душата, сепак престапот е само наше дело. Ниту земјата, ниту гробот ја имаат таа сила некого да го присилат да прави зло. Сатаната не напаѓа таму каде што сме слаби, но ние сепак не мораме да бидеме совладани. Колку и неочекуван и тежок да биде тој напад, Бог се погрижил за помош и со неговата сила можеме да однесеме победа.“ – Патријарси и пророци, 421.


Петок 29. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин Бог ги снабдувал со вода Израелците додека патувале? Како Тој ги задоволува нашите потреби денес?

2. Како реагирал народот, кога Бог ја тестирал неговата вера? Каква е состојбата со мене?

3. Каде бил фокусот на Мојсеј и Арон кога направиле пропуст? На што сум јас фокусиран, и каков ќе биде резултатот?

4. Како била уништена преубавата поука за удрената карпа од страна на Мојсеј?

5. Како можам да се сочувам од самовозвишување?

 <<    >>