Недела
3. мај
1. ИЗВИДНИЦИ СЕ ИСПРАЌААТ ВО ХАНАН
а. Со која цел биле испратени извидниците од Кадис во Ханан? Всушност, чија била идејата извидниците да отидат во хананската земја? Броеви 13:1-3, 17-20; Второзаконие 1:20-25.
б. По колку дена извидниците се вратиле во Кадис, и какви видливи докази донеле со себе за плодноста на земјата? Броеви 13:21-26.
„Извидниците отишле и ја прегледале целата земја, влегувајќи низ јужната граница и продолжувајќи кон северната. Се вратиле по четириесет дена. Израелскиот народ ги чекал со силно љубопитство, негувајќи големи надежи. Веста за враќањето на извидниците се пренела низ сите племиња и сите се израдувале. Сиот народ побрзал во пресрет на извидниците кои среќно ги избегнале опасностите на тој ризичен потфат. Извидниците донеле плодови кои сведочеле за плодноста на земјата.“ – Патријарси и пророци, 387.
Понеделник
4. мај
2. ИЗВЕШТАЈОТ НА ИЗВИДНИЦИТЕ
а. Каков извештај донеле десетте извидници? Броеви 13:27-29, 31-33.
„(Десетте извидници) биле решени да обесхрабрат секого и да осуетат секој напор вложен да се заземе Ханан. Ја искривоколчувале вистината за да го засилат своето кобно влијание... Но кога луѓето еднаш ќе паднат во неверство, со тоа се ставаат под сатанска власт и никој не може да предвиди до каде тој ќе ги одведе.“ – Патријарси и пророци, 389.
б. Каков бил одговорот на Халев и Исус Навин? Броеви 13:30; 14:6-9. Која е една од нашите најголеми потреби денес?
„Луѓето како што бил Халев биле мошне потребни во разните периоди од историјата на нашето дело. Денес се потребни луѓе кои со сето срце се предани на делото, луѓе кои ќе одат само по Господа, луѓе кои нема да бидат склони да молчат тогаш кога треба да зборуваат, кои во начелата се цврсти како челик, кои не бараат да се истакнат себеси, туку понизно одат со Бога; трпеливи, љубезни, пријатни и учтиви луѓе, луѓе кои од искуство знаат што значи молитва и вера и кои со дело докажуваат дека се залагаат за слава на Бога и за доброто на Неговиот народ.“ – Коментари на библиските текстови, 81.
в. Како народот ги примил спротивставените извештаи на извидниците? Броеви 14:1-4,10.
„Надежта и храброста се повлекле пред кукавичкиот очај додека извидниците ги изразувале чувствата на своите неверни срца, полни со обесхрабрување што го предизвикал сатаната. Нивното неверие фрлило мрачна сенка врз целиот народ и заборавена е моќната Божја сила која толку често се откривала за добро на неговиот одбран народ. Народот немал трпение ниту размислувал дека Оној, кој ги довел до тука, сигурно ќе ги одведе и во таа земја. Не си спомнувале како Бог со чудо ги ослободил од нивните угнетувачи отворајќи пред нив пат низ морето и уништувајќи ја фараоновата војска што ги гонела.“ – Патријарси и пророци, 388.
„Набргу се појавило незадоволство и настанал отворен бунт. Сатаната имал целосна власт и се чинело дека народот го загубил разумот.“ – Патријарси и пророци, 389.
Вторник
5. мај
3. НАРОДОТ МРМОРИ
а. Како се однесувале Мојсеј и Арон кога виделе дека народот го прифатил кукавичкиот извештај и дека станува бунтовен? Броеви 14:5.
„Со болка и понизност ‘Мојсеј и Арон паднаа ничкум пред целиот собир на Израеловите синови’, не знаејќи што би требало да сторат за да ги одвратат од нивните пренаглени и неразумни намери. Халев и Исус Навин се труделе да го стивнат бунтот. Со болка и во очај ја искинале својата облека и стапиле меѓу народот. Нивниот силен глас јасно го надвивал болното јадосување и мрморење на бунтот: ‘Земјата што ја изодивме за да ја разгледаме е многу, многу добра. Ако Господ не сака, ќе не воведе во неа и ќе ни ја даде таа земја во којашто тече мед и млеко. Не отстапувајте од Господа и не плашете се од народот на таа земја, зашто Тој ќе ни биде потпора; тие немаат заштита; а со нас е Господ; не плашете се од нив.’“ – Патријарси и пророци, 389,390.
б. Како интервенирал Господ во овој клучен момент, и што рекол Тој? Броеви 14:10-12.
„Неверните извидници гласно ги проколнувале Халева и Исуса Навина, па дури се подигнал глас дека треба да се каменуваат. Збеснетата толпа грабнала камење да ги убијат овие верни луѓе. Како избезумени се устремиле со лудачки викот, но наеднаш камењето им испаднале од рацете. Сите замолкнале тресејќи се од страв. Бог се вмешал да ги спречи нивните убиствени намери. Неговото присуство како блесок на молња го осветлило шаторот за состанок. Сиот народ го видел Божјиот знак. Им се открил Некој кој е посилен од нив и никој не се осмелувал и понатаму да дава отпор. Другите извидници што донеле лоши извештаи, проникнати со страв, се повлекле во своите шатори.“ – Патријарси и пророци, 390.
в. Додека се молел Мојсеј на Господа, која причина ја изнел на Господа за да го помилува и поштеди народот на Израел? Броеви 14:13-19.
Среда
6. мај
4. БУНТОВНИЦИТЕ СЕ КАЗНУВААТ
а. Која казна им ја изрекол Господ на бунтовниците и на оние што мрмореле? Броеви 14:22,23, 29-33.
„Бунејќи се, народот викал: ‘О да бевме умреле во египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустина?’ Сега требало да се задоволи таа нивна молба... И, како извидниците што поминале четириесет дена на својот пат, така израелските племиња морале да талкаат низ пустината четириесет години.“ – Патријарси и пророци, 391.
б. Како Бог ги казнил десетте извидници кои донеле лош извештај? Броеви 14:36,37.
„Кога Мојсеј го запознал народот со Божјата одлука, нивниот бес се претворил во тага. Знаеле дека заслужиле казна. Десеттемина неверни извидници веднаш се казнети со помор пред очите на цел Израел, а во нивната гибел народот ја читал својата пресуда.“ – Патријарси и пророци, 391.
в. Каков грев на дрскост направиле бунтовниците следниот ден, и со какви последици? Броеви 14:39-45.
„Најпосле, принудени да се понизат, преживеаните повторно дошле и ‘почнавте да плачете пред Господа, но Господ не го чу вашиот плач и не ве послуша’ (Второзаконие 1:45). Охрабрени со сјајната победа, непријателите на Израел, кои порано со страв и трепет го очекувале приближувањето на силната војска, биле решени повторно да им се спротивстават. Сѐ што се зборувало за чудесата што ги сторил Господ за својот народ, сега се сметани за невистина и чувствувале дека немаат веќе причина за страв. Овој прв пораз на Израелците ги инспирирал Хананците со храброст и решителност што во значителна мера ги зголемило тешкотиите околу освојувањето на земјата. На Израелците не им преостанало ништо друго освен пред очите на своите победнички расположени непријатели да се повлечат што подлабоко во пустината, свесни дека таа ќе биде гробиште за цело едно поколение.“ – Патријарси и пророци, 394.
Четврток
7. мај
5. НЕДОСТАТОК НА ЖАЛОСТ ШТО ПОТЕКНУВА ОД БОГА
а. Какво покајание води кон спасение? 2. Коринтјаните 7:10. Што недостасувало во жалоста на Израелците?
„Се чинело како навистина да се покајале за своето грешно однесување; меѓутоа, повеќе жалеле поради последиците на своето лошо постапување, а не затоа што биле свесни за својата неблагодарност и непослушност. Кога виделе дека Господ нема да попушти во својата одлука, повторно кај нив се јавило самоволие, па изјавиле дека нема да се вратат во пустината. Со тоа што им наредил да се повлечат и да се оддалечат од земјата на своите непријатели, Бог ја проверувал нивната привидна преданост и им покажал дека не биле исправни... Срцата пак им останале неизменети и им бил потребен само некаков повод, па пак да сторат слично зло...
Да плачеле заради својот грев кој верно им бил предочен, не би била изречена ваква осуда. Меѓутоа, тие плачеле само поради казната. Нивната болка не одразувала каење, па и не можела да ја избегне пресудата.“ – Патријарси и пророци, 391,392.
б. Што го придружува вистинското покајание? Дела 3:19.
„За да може да му биде простено, грешникот мора да се покае пред Бога, чиј закон го престапил, и вера во Христа, неговата жртва на помирување. Без вистинско покајание, не може да има вистинско обратување.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 4, p. 298.
Петок
8. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што покажува фактот дека луѓето едвај чекале да испратат извидници за да ја истражат земјата?
2. Како влијаело неверувањето врз десетте извидници и на собранието како целина? Како можеме и ние да го покажеме истото неверување?
3. Како вистинскиот водач се обидува да се спротивстави на делото на бунтовникот?
4. Дали би сакал Бог да те држи за збор кога зборуваш нагло?
5. Ако навистина ми е жал поради гревот, до што ќе доведе тоа во мојот живот?