Back to top

Sabbath Bible Lessons

Воспитување на последната генерација

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 6. јули 2019

Одете ... поучувајте

„Но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Са¬марија, и сѐ до крајот на земјата.“ – Дела 1:8.

„Така силно може Бог да делува на луѓето кога ќе се предадат на контрола на Неговиот Дух.“ – Дела на апостолите, 49.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Дела на апостолите, 25-34. 

Недела 30. јуни

1. НАУЧЕТЕ ГИ СИТЕ НАРОДИ

а. Каков налог Исус им дал на своите ученици? Матеј 28:19,20.

„Овој евангелски налог претставува голема повелба а Христовото царство. Учениците имале должност искрено да се залагаат за секоја душа и на сите да им упатат покана на милост. Им било речено да не чекаат луѓето да дојдат, туку тие да одат кај нив носејќи им божествена порака.“ – Делата на апостолите, 28.

б. Како напредувало нивното дело и колку далеку се проширило? Дела 1:8.

„Иако Мојот народ не сакаше да дојде кај Мене за да добие живот, иако свештениците и поглаварите направија со Мене сѐ што сакаа, иако Ме отфрлија, сепак ќе имаат уште една можност да Го прифатат Божјиот Син. Видовте дека со задоволство ги примам сите оние кои доаѓаат кај Мене и ги признаваат своите гревови. Јас никогаш нема да го отфрлам Оној кој ќе дојде кај Мене. Вам, на Своите ученици, ви ја доверувам таа порака на милоста. Тоа морате да им го пренесете и на Евреите и на незнабошците. Прво пренесете им го на Израелците, а потоа на сите нации, народи и јазици. Сите кои ќе поверуваат мора да се соберат во една Заедница.“ – Делата на апостолите, 27,28.


Понеделник 1. јули

2. УЧЕНИЦИТЕ БАВНО УЧАТ

а. На кој начин учениците честопати биле невнимателни кога Исус се обидувал да ги предупреди за Неговото апсење и распнување? Марко 9:31-34; Лука 22:21-24.

„Патувајќи низ Галилеја, Христос повторно се обидел да го подготви умот на Своите ученици за настаните што ги очекуваат. Им рекол дека оди во Ерусалим за да биде осуден на смрт и повторно да воскресне. На тоа додал чудна и свечена изјава дека ќе биде предаден во рацете на Неговите непријатели. Учениците дури и сега не ги разбрале Неговите зборови. Иако над Него се надвиснувала сенка на голема тага, во нивното срце се нашло место за духот на ривалство. Се расправале меѓу себе кој треба да биде најголем во царството. Сакале да ја прикријат оваа расправа од Исуса, па затоа не оделе како и обично покрај Него, туку подзастанувале, така што Тој пред нив влегол во Капернаум. Исус ги читал нивните мисли и копнеел да ги посоветува и поучи. Меѓутоа, чекал да го направи тоа во еден тивок момент, кога нивните срца ќе бидат отворени да ги примат Неговите зборови.“ – Копнежот на вековите, 432.

„Учениците цврсто се држеле за својата омилена идеја дека Христос ќе ја воспостави Својата власт и ќе го заземе Своето место на Давидовиот престол. И секој од нив во својата душа копнеел по највисока положба во тоа царство. Имајќи лично мислење за себе и за другите, наместо да си укажуваат почест еден на друг, секој себеси се ставал на прво место.“ – Копнежот на вековите, 643.

б. Како ги изненадиле овие настани? Лука, 24:13-22.

„Необично е тоа што учениците не се сеќавале на Христовите зборови и што не сфатиле дека Тој ги претскажал настаните што се случиле. Тие не сфатиле дека последниот дел од Неговото откровение ќе се оствари токму онака како што се остварил и првиот дел, дека во третиот ден Тој ќе воскресне. Требало да се сеќаваат на тој дел. Свештениците и поглаварите не го заборавиле тоа. „А утредента, по денот на подготовка, се собраа поглаварите свештенички и фарисеите кај Пилата и му рекоа: Господине, се сетивме дека овој измамник уште додека беше жив, рече: По три дена ќе воскреснам.“ (Матеј 27:62, 63) Но учениците не се сеќавале на овие зборови.“ – Копнежот на вековите, 796.


Вторник 2. јули

3. ДРУГИОТ ВЕТЕН УЧИТЕЛ

а. Како Исус ќе продолжи да ги поучува учениците после своето воскресение? Јован 16:12,13.

б. На кој начин Духот нас нѐ поучува и нѐ корегира? Јован 16:8.

„Проповедањето на Светото Писмо би било бескорисно без присуство и помош од Светиот Дух, бидејќи тој Дух е единствениот вистински учител на божествената вистина. Вистината ќе ја пробуди совеста и ќе го промени животот само доколку до срцата допре со посредство на Светиот Дух. Проповедникот може да го цитира Светото Писмо напамет, тој може да биде добро запознаен со барањата и ветувањата на Божјиот збор, но сепак семето што го сее нема да в роди со плод ако ова семе не е оживеано со небесната роса. Без делувањето на Божјиот Дух никакво образование, никаква способност, колку и да се големи, не можат да станат успешни канали на светлината. Пред да биде запишан било каков новозаветен запис, пред да биде изговорена било која евангелска проповед, врз учениците собрани во молитва се излеал Светиот Дух. И како резултат на тоа, нивните непријатели биле принудени да кажат: „Го исполнивте Ерусалим со вашето учење.“ (Дела 5:28) – Слуги на Евангелието, 284.

в. Кој посебен дар Бог му го дава на остатокот? Откровение 12:17; 19:10. Каде денес можеме тој дар да го пронајдеме на дело?

„Ја земав драгоцената Библија и ги опкружив со неколку Сведоштва за Црквата, кои му беа дадени на Божјиот народ. Овде се изнесени случаите на сите. Укажано ми е на гревовите од кои треба да се чуваат. Тие овде можат да го најдат советот кој го бараат, бидејќи веќе е даден за случаите кои се слични на нивните. Бог одлучил да ви даде заповед по заповед, правило по правило. Но меѓу вас нема многу такви кои навистина знаат што содржат Сведоштвата. Не го познавате ниту Светото Писмо. Ако добро ја проучивте Божјата реч, со желба да живеете според барањата на Библијата и да постигнете христијанско совршенство, Сведоштвата не би ви биле потребни. Токму поради тоа што не сакавте да се запознаете со вдахновената Божја книга, Тој посака да дојде до вас со едноставни, непосредни сведоштва кои ви обраќаа внимание на зборовите на вдахновение на кои не се покорувавте и да ве повикува својот живот да го сообразите на нејзините чисти и возвишени учења.“ – 2 Сведоштво, 605.


Среда 3. јули

4. ДУХОТ ПОДАРЕН

а. Како е повторено ветувањето за Духот? Дела 1:4-9.

„Исус пред Своите ученици отворил едно широко подрачје на вистината. Меѓутоа, ним сѐ уште им било многу тешко да ја воочат јасната разлика меѓу Неговите поуки и преданијата и начелата на фарисеите. Тие биле воспитани учењето на рабините да го прифатат како Божји глас и тоа сѐ уште имало силно влијание врз нивните умови и во обликувањето на нивното мислење. Во нивното срце земните идеи и минливите работи сѐ уште заземале големо место. Тие не ја сфатиле духовната природа на Христовото царство, иако Тој многупати им ја објаснувал. Нивните умови биле збунети. Не ја сфаќале вредноста на библиските стихови кои Христос ги изнесувал. Многу од поуките што им ги упатил како да биле напразни. Исус видел дека тие не ја сфатиле вистинската смисла на Неговите зборови. Затоа во сочувствување им ветил дека Светиот Дух повторно ќе ги потсети на зборовите што Тој им ги зборувал. Исто така, Духот ќе им го открие и сето она што не можел да им го каже, бидејќи гледал дека не Го разбираат. Светиот Дух ќе ја оживее моќта на разбирањето, така што ќе можат да го сфатат она што е небесно.“ – Копнежот на вековите, 670.

б. Што се случило кога се исполнило ветувањето? Дела 2:1-4.

„Под влијание на тоа небесно просветлување, цитатите од светите списи кои Христос им ги протолкувал на учениците, блескале пред нив во совршенството на вистината. Сега бил тргнат превезот кој дотогаш ги спречувал до крај да го видат она што било укинато, и совршено јасно ја сфатиле смислата на Христовата мисија и природата на Неговото царство. Тие можеле да зборуваат со моќта на Спасителот, и кога го изнесувале пред своите пријатели планот на спасението, многумина биле осведочени и убедени.“ – Делата на апостолите, 44.

„Каков бил резултатот од излевањето на Духот на Педесетница? Радосната вест за воскреснатиот Спасител била разнесена до најоддалеченото место на дотогаш населениот свет. Кога учениците ја објавиле пораката на спасението, срцата ѝ се потчинувале на силата на пораката... Секој христијанин во својот брат гледал откривање на божествената љубов и милост. Сите покажале интерес само за еден предмет, и тоа заменило сѐ останато. Верниците настојувале да покажат сличност со Христовиот карактер, да допринесат за ширење на Неговото царство.“ – Делата на апостолите, 48.


Четврток 4. јули

5. ПО ЦЕЛИОТ СВЕТ

а. На кој начин биле прекорени некои од раните верници поради тоа што пропуштиле да напредуваат во знаењето? Евреите 5:12.

„Многумина кои би требало да бидат учители, едвај ја научиле азбуката на христијанскиот живот. Тие не растат во светоста, во верата, во надежта, во радоста, во благодарноста. Христос отворил пат, платил неизмерна цена, за да можеме ние да живееме христијански живот... Со вера во Христа големиот апостол ја сочувал доследноста и убавината на својот пат. Тој претрпел спротивставување, навреди, прогонство и затвор со сила која само Христос можел да му ја даде. Нашите должности не се ништо помалку од неговите. Нашите привилегии се големи, нашите шанси се изобилни. Нас не осветлува голема светлина, но таа ќе стане темнина за оние кои ќе одбијат да го следат нејзиното водство.“ – The Review and Herald, May 30, 1882.

б. Уште кое дело треба да се изврши и на кој начин? Матеј 24:14

„Духот на Семоќниот ги поттикнува човечките срца и оние кои реагираат на Неговото делување стануваат сведоци на Бога и Неговата вистина. На многу места можат да се забележат посветени луѓе како им ја пренесуваат и на други светлината која им го осветлила патот на спасението преку Исуса Христа. И додека продолжуваат да ги просветлуваат другите, како оние кои биле крстени со Светиот Дух на денот на Педесетница, тие примаат сѐ поголема сила од Светиот Дух. Така целата земја ќе биде осветлена со Божјата слава.“ – Делата на апостолите, 39,40.


Петок 5. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин големиот Христов налог претставува предизвик и за мене денес?

2. Зошто учениците ги изненадило Исусовото апсење и распетието?

3. Каква е улогата на Светиот Дух во воспитувањето?

4. На кој начин раните христијани биле променети со излевањето на Духот?

5. Какво воспитување му е потребно на светот пред Второто Христово доаѓање?

 <<    >>