Back to top

Sabbath Bible Lessons

Воспитување на последната генерација

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 27. јули 2019

Воспитувањето во стариот Израел

„Тој го најде во пустината, во земја дива и пуста, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеницата на окото свое.“ – Повторени закони 32:10.

„Луѓето кои цврсто се држеле за Божјите принципи на животот престојувале во полиња и на ритчиња. Тие обработувале земја и одгледувале крупен и ситен добиток, и во тој слободен и независен живот, кој им давал можности за работа, проучување и размислување, учеле од Бога и ги поучувале своите деца на Неговите принципи и патишта. Тоа бил методот на воспитување кој Бог сакал да го воспостави во Израелот.“ – Воспитување, 33,34.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Воспитување, 33-44. 

Недела 21. Јули

1. ПАТРИЈАРСИТЕ

а. Опиши го примерот на Авраам како патријарх? Создавање 18:17-19; 12:6-8.

„Во прво време таткото бил господар и свештеник во семејството, а синовите и ќерките му се покорувале, почитувајќи го неговиот авторитет дури и тогаш кога веќе и секој од нив би основал свое семејство. Неговите потомци биле научени во него да гледаат како во свој старешина и во верските и во земните прашања. Аврам настојувал да го овековечи тој патријархален систем на управување со семејството, бидејќи тој во значителна мера придонесувал да се сочува знаењето за Бога. Било потребно членовите на семејството да се поврзат меѓусебно за да изградат бедем против идолопоклонството кое било мошне распространето и длабоко вкоренето.“ – Патријарси и пророци, 141.

б. Каков животен стил негувале патријарсите? Евреите 11:8-10; Создавање 25:27.


Понеделник 22. јули

2. ВОСПИТУВАЊЕТО ВО ПУСТИНАТА

а. На кој начин Господ го водел воспитувањето на Израелците во пустината? 1. Коринтјаните 10:1-4; Исаија 63:9.

„Со воспитувањето на Израелците управувал лично Бог. Неговата грижа не се ограничувала само на областа на религијата; сѐ што било во врска со нивното духовно и телесно блаженство станувало предмет на грижа на Божјото провидение и било опфатено со закон.“ – Патријарси и пророци, 592.

„ Грижејќи се дури и за нивната храна, Бог го имал предвид нивното највисоко добро. Маната, со која ги хранел во пустината, имала својства кои ги развивале телесната, душевната и моралната сила.“ – Воспитување, 38.

„Еврејскиот народ бил поучуван во текот на патувањето низ пустината. Тие биле вклучени во физичка и ментална работа. Ги развивале своите мускули преку извршување на различни работи. Историјата на животот на Израелците во пустината треба да послужи во корист на Божјиот Израел до крајот на времето... Господ не го напуштил својот народ при нивното талкање низ пустината, но многумина го напуштиле Бога. Воспитувањето кое го примиле во Египет ги направило подложни на искушенија, идолопоклонство и развратност, и поради занемарувањето на Божјите заповеди, скоро сите возрасни кои излегле од Египет биле оставени во пустината, но на нивните деца им било допуштено да влезат Во Ханан.“ – The Review and Herald, December 17, 1895.

„Сѐ што било поврзано со поставувањето на шаторот било поука за децата и допринесувало за нивното поучување во навиките за точност, грижливост и ред. Децата кои биле доволно големи требало да бидат поучени како се поставува шаторот во кој живееле и одржувале совршен ред во сѐ што правеле... Тие постојано добивале знаење за небесните работи. Родителите постојано им објаснувале на своите деца зошто Израелците морале да патуваат низ пустината, зошто им е даден законот на Синај, и за сѐ она што се очекува од нив и што треба да бидат кога ќе влезат во Ветената земја.“ – Lift Him Up, p. 145.

„На Израелците им било потребно токму она искуство кое Бог им го дал, и ниту една друга сила не можела да управува со нив на начинот на кој управувал Христос со нив во текот на целото нивно долотрајно патување низ пустината. Воспитувањето на Израелците не му било доверено на ниту едно човечко битие, нив ги поучувал Оној кој е бескраен во мудроста. Тие секојдневно учеле за Она што го бара Бог од својата црква на земјата.“ – Manuscript Releases, vol. 18, p. 234.


Вторник 23. јули

3. БОЖЈИОТ ПЛАН ЗА ИЗРАЕЛ

а. Кој бил Божјиот план за Израел во населувањето на Ханан? Повторени закони 4:5-10; 11:22-24.

„Бог ги избавил синовите на Израел и ги направил свој народ, за преку нив да им се открие и на другите народи Неговиот карактер. Тој сакал тие за светот да бидат извор на спасение... Во првите денови од израелскиот период народите во светот, поради својата изопаченост, целосно изгубиле претстава за Бога. Некогаш Го познавале, но 'тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи' (Римјаните 1:21). Меѓутоа, Бог во својата милост не ги збришал од земјата. Тој сакал повторно да им овозможи да го запознаат преку Неговиот избран народ. Преку поуките содржани во жртвената служба требало Христос да се воздигне пред сите народи, така да сите кои со вера ќе погледнат на Него ќе живеат.“ – Делата на апостолите, 8.

„ Бог го поставил својот народ во Ханан како еден силен бедем да го задржува поројот на моралните зла да не го преплави светот.“ – Патријарси и пророци, 544.

б. Како се покажале тие во извршувањето на овој план? Судии 2:7, 10-12; 1:28.

„Господ од своја страна верно ги исполнил ветувањата дадени на Израел; Исус Навин ја совладал моќта на Хананците и ветената земја им ја поделил на израелските племиња. Потпирајќи се врз сигурната Божја поддршка, тие требало само да го надополнат делото, преостанатите староседелци да ги истераат од земјата. Но тие пропуштиле да го сторат тоа. Впуштајќи се во сојуз со Хананците, тие ја прекршиле изричната Божја заповед и така не го исполниле основниот услов под кој хананската земја им била ветена.“ – Патријарси и пророци, 543.

„Секаде каде што бил применуван Божјиот план за воспитување во Израелот, успесите сведочеле за неговиот Автор. Но, многу биле ретки домовите во кои се давало воспитувањето пропишано од Небото, па и карактери кои би се изградувале на таков начин имало малку. Божјиот план бил само делумно и непотполно остварен. Преку неверство и презир кон Божјите упатства, Израелците се опкружиле со искушенија на кои малкумина од нив знаеле да им се спротивстават.“ – Воспитување, 45.


Среда 24. јули

4. ПРОРОЧКИ ШКОЛИ

а. Што можеме да научиме од записите за постоењето на пророчки школи за нивната природа и управување? 1 Самоилова 19:18-20; 2. Цареви 6:1-7.

„Пророчките школи ги основал Самоил да служат како брана од широко распространетата расипаност да обезбедуваат морална и духовна благосостојба на младината и идна среќа на нацијата, на тој начин што ќе подига луѓе кои ќе бидат способни во Божји страв да го водат и да го советуваат народот. За таа цел Самоил собрал многу млади луѓе кои биле побожни, умни и желни за наука. Ги викале пророчки синови. Заедницата со Бога и проучувањето на неговата Реч придонесувале кон нивните природни дарби да се придружи и небесна мудрост. Учителите биле луѓе не само добро запознаени со Божјата вистина, туку кои и самите оствариле заедница со Бога и примиле посебен дар на неговиот Дух. Нив народот ги почитувал и им верувал како поради ученоста така и поради нивната побожност.“ – Патријарси и пророци, 593.

„Главни предмети на проучување биле Божјите закони со упатствата кои му биле дадени на Мојсеј, светата историја, светата музика и поезија. Големата цел на целокупното учење била да се запознае Божјата волја и должноста на Неговиот народ. Во записите на светата историја биле проследени стапките на Јехова. Од настаните во минатото биле извлечени поуки за иднината. На учениците им биле прикажани големите вистини на кои укажувале симболите и сенките на Мојсеевиот закон, и тие со вера го сфатиле централниот предмет на целиот тој систем, Божјото Јагне кое требало да ги земе на себе гревовите на светот.“ – Fundamentals of Christian Education, p. 97.

б. Каква мануелна обука добил Исус кога бил на оваа земја? Матеј 13:55. Што можеме да кажеме за учениците од пророчките училишта?

„Учениците од овие училишта се издржувале од сопствениот труд како земјоделци и механичари. Тоа во Израел не било сметано за чудно или понижувачко. Напротив, се сметало за злосторство ако им се дозволи на децата да пораснат не познавајќи ги придобивките од корисната работа. Во послушност кон Божјите заповеди, секое дете изучувало некаков занает, иако требало да биде обучено за света служба.“ – Fundamentals of Christian Education, p. 97.


Четврток 25. јули

5. БЛАГОРОДНИ ПРИМЕРИ

а. Како ја наградил Бог Јосифовата чесност и вера, откако се соочил со големи неволји? Создавање 3:28; 41:41-44. Низ каква припрема поминал тој?

„Чисто, вредно и весело, момчето покажувало и морална сериозност и цврстина. Ги слушало поуките на татка си и сакало да биде послушно на Бога. Особините со кои подоцна се истакнувало во Египет кротоста, верноста и вистинитоста уште тогаш се покажувале во неговиот секојдневен живот.“ – Патријарси и пророци, 209.

б. Опиши ја позадината на Даниеловото животно искуство. На кој начин Даниеловиот живот ни ја открива користа од побожното воспитување? Даниел 1:1-6; 6:1-3.

„Со својата мудрост и праведност, непорочност и подготвеност да прават добро во секојдневниот живот, со своето посветување на интересите на еден идолопоклонички народ, Јосиф и Даниел се покажале како верни на принципите на своето рано воспитување, верни на Оној чии претставници биле. Во Египет како и во Вавилон целата нација ги почитувала овие луѓе; и во нив незнабошците, како и сите народи со кои доаѓале во допир, виделе приказ на Божјата добрина и добродетел, приказ на Христовата љубов.

Истите големи вистини што биле откриени преку овие големи луѓе, Бог сака да ги открие преку младината и децата на нашите денови. Историјата на Јосиф и Даниел е приказ на она што Бог ќе го стори за оние кои ќе Му се покорат и ќе се стремат со цело срце да ја исполнат Неговата намера. “ – Воспитување, 56,57.


Петок 26. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каков животен стил избрале патријарсите и зошто?

2. Зошто на Израел му било потребно толку обемно воспитување во пустината?

3. Во што се разликува Божјиот план од оној што Израел всушност го остварил?

4. Кои важни елементи биле присутни во пророчките училишта?

5. На кој начин Божјиот план за воспитување заблескал во животот на неколкумина благородни луѓе?

 <<    >>