Back to top

Sabbath Bible Lessons

Воспитување на последната генерација

 <<    >> 
2. лекција Сабота, 13. јули 2019

Начела на воспитувањето

„Почеток на мудроста е стравот од Господ; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат. Похвалата Негова пребива вечно.“ – Псалм 111:10.

„Ниту за еден момент не смеете да ја губите од вид целта на вашето образование. Цел секогаш треба да ви биде таков развој и насочување на вашите способности за да можете што покорисно да ги употребите, и во склад со тоа да бидете благослов за другите. Но ако стекнувањето на знаење само го зголемува вашето самољубие и склоноста да одбегнувате одговорност, подобро е да останете без никакво образование.“ – 3. Сведоштво, 207.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Воспитување, 11-16. 

Недела 7. јули

1. ИЗВОР НА МУДРОСТ И ЗНАЕЊЕ

а. Каде се наоѓа вистинската мудрост? Изреки 9:10; Колосјаните 2:2,3.

„Како што Месечината и планетите од нашиот Сончев систем ја рефлектираат Сончевата светлина, така и големите мислители, доколку нивното учење е вистинито, ги рефлектираат зраците на Сончевата Правда. Секоја искра на мислата, секој блесок на интелектот потекнуваат од Светлоста на светот.“ – Воспитување, 14.

б. На кој начин Бог им ја дава својата мудрост на смртните битија? Изреки 2:6; Псалм 32:8.

„Ако со искрена намера пристапуваме кон истражување на вистината, ние доаѓаме во контакт со невидлив, моќен Ум кој делува во сѐ и преку сѐ. Човековиот ум доаѓа во допир со Божјиот ум, ограничениот со Неограничениот. Влијанието на таквата врска врз телото, умот и душата не може да се процени.“ – Воспитување, 14.


Понеделник 8. јули

2. БОЖЈИОТ ИДЕАЛ

а. Како Божјите патишта се споредени со нашите патишта? Исаија 55:8,9. Како тоа се согледува во Божјиот идеал за нашето воспитување?

„Нашите погледи во врска со воспитувањето се премногу ниски и тесни. Потребен ни е поширок поглед и повисока цел. Вистинското воспитување значи многу повеќе од совладување на некој наставен програм. Тоа е многу повеќе од припрема за сегашниот живот. Тоа се занимава со целото човечко битие и се однесува на целиот период од неговото постоење. Воспитувањето подразбира складно развивање на телесните, душевните и духовните сили. Тоа го припрема ученикот за радосната служба во овој свет и за возвишената и радосната служба во светот кој ќе дојде.“ – Воспитување, 13.

б. Која е целта на вистинското воспитување? Ефесјаните 3:14-19.

„Божјиот идеал за Неговите деца е поголем од најголемите човечки мисли. Побожност – сличност со Бога – тоа е она што треба да се достигне. Пред ученикот се отвора пат на постојано напредување. Тој има цел која треба да ја постигне, стандард кој треба да го достигне, а кој се состои од сѐ што е добро, чисто и благородно. Тој во секоја гранка на вистинското знаење ќе постигнува најголеми можни успеси за најкратко можно време. Но неговите напори ќе бидат насочени кон целите толку повисоко од себичните и минливи интереси колку што е небото повисоко од земјата.“ – Воспитување, 18,19.

в. Кон што треба ние да тежнееме? Евреите 9:23,24.

„Воспитувањето и образованието на младите е значајна и сериозна задача. Голема цел која треба да се оствари е правилниот развој на карактерот, за да може воспитаникот да се оспособи за извршување на своите должности во овој живот и за конечното влегување во идниот, бесмртен живот. Само вечноста ќе открие како и на кој начин оваа задача е извршена. Кога проповедниците и учителите во потполност би биле свесни за својата одговорност, ние денес би виделе поинаква состојба во општеството. Но тие се премногу ограничени во своите погледи и намери. Тие не го сфаќаат значењето на својата задача како ниту неговите последици.“ – 4. Сведоштво, 418.


Вторник 9. јули

3. ПОВРЗАНОСТ СО БОГА

а. Како е создаден човекот? Битие 1:27. Со какви способности е создаден човекот?

„'И Бог го создаде човекот според образот Свој' (Битие 1:27). Божјата намера била колку подолго живее човекот, толку поцелосно да ја открие оваа слика – целосно да ја одрази славата на Творецот... Да останел верен на Бога, сѐ тоа засекогаш би било негово. Преку целата вечност би продолжил да се стекнува со знаења, би откривал нови извори на среќа и би имал сѐ појасна претстава за Божјата мудрост, моќта и љубовта. Сѐ повеќе би се приближувал кон исполнување на целта на своето постоење, сѐ поцелосно би ја одразувал славата на својот Творец.

„Но, поради непослушноста сѐ тоа е изгубено. Гревот во човекот ја расипал Божјата слика, речиси ја избришал. Физичките способности на човекот ослабеле, неговата ментална способност се сменила, и неговата духовна визија потемнела. Човекот станал подложен на смртта. Сепак, човечкиот род не е оставен без надеж. Бескрајната љубов и милост го создала планот на спасението и на човекот му е подарен живот како време на проба. Да се обнови во човекот сликата на неговиот Творец, да го врати во состојба на првобитното совршенство, поттикнувајќи развојот на телото, на душата и на умот, со цел да биде остварена божествената цел на создавањето – тоа е делото на откуп. Тоа е целта на воспитувањето, големата цел на животот.“ – Воспитување, 15,16.

б. Која желба би требало да го исполни секое срце? Псалм 86:11.

„Секое човечко суштество, создадено според Божјиот облик, надарено е со способност слична на онаа која ја поседува Творецот – индивидуалност, способност за размислување и делување... Задачата на вистинското воспитување е да ја развива оваа способност, да ги вежба младите да мислат, а не само да ги одразуваат мислите на другите луѓе. Наместо да го ограничиме нивното проучување на она што го рекле или напишале луѓето, да ги насочиме учениците кон изворот на вистината, кон пространите подрачја на истражување во природата и откровението...

„Такво воспитување овозможува повеќе отколку само да го дисциплинира умот, овозможува повеќе отколку само да го тренира телото. Тоа го зајакнува карактерот, така да вистината и праведноста нема да станат жртва на себичните желби и светските амбиции. Таа го зајакнува умот против злото... Ако размислуваме за совршенството на Божјиот карактер, умот ќе биде обновен и душата одново создадена според Божјиот облик.“ – Воспитување, 17,18.


Среда 10. јули

4. ВО СЛУЖБА НА ДРУГИТЕ

а. Какво искуство доживуваме познавајќи го Бога? 1 Јованово 4:16,19.

„Љубовта, темелот на создавањето и откопувањето, исто така е темел на вистинското воспитување. Тоа јасно го открива законот кој го дал Бог како водич во животот. Првата голема заповед гласи: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си (Лука 10:27). Да се љуби бескрајниот и сезнаен Бог, со сета сила, ум и со целото срце, значи највисок развој на секоја способност. Тоа значи дека Божјата слика треба да биде обновена во целото битие – во телото, умот, како и во душата.“ – Воспитување, 16.

„Во срцето кое е обновено со Божјата благодат, љубовта е правило на однесување. Таа го менува карактерот, управува со мотивите, владее со страстите, го отстранува непријателството, ги облагородува чувствата. Оваа љубов ако се негува во срцето, го разубавува животот и насекаде околу себе шири благородно влијание.“ – Патот кон Христа, 59.

б. На кој начин Божјата љубов влијае на нашиот однос кон другите луѓе? Јован 13:34.

„Ние треба да го покажеме кон другите истиот интерес, истата нежност и долготрпение што Тој ги покажува кон нас. „Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.“ (Јован 13:34) Ако Христос живее во нас, тогаш ние ќе ја откриваме Неговата несебична љубов кон сите со кои доаѓаме во допир. Кога ќе видиме мажи и жени на кои им се потребни сочувство и помош, не треба да прашаме: „Дали се достојни?“ – туку: „Како можам да им помогнам?.“ – Здравје и среќа, 162.

„Сатаната се служи со најостроумни методи за да ги вткае своите планови и начела во системот на образование и на тој начин силно да влијае на умовите на децата и младината. Должност на вистинскиот просветител е да го осуети неговото лукавство. Ние со Бога на свечен начин имаме склопено свет завет дека нашите деца ќе ги подигаме за Него, а не за овој свет; дека ќе ги учиме да не ја ставаат својата рака во раката на светот, туку да го љубат Бога и да се бојат од Него, држејќи ги Неговите заповеди. Ним треба највпечатливо да им се укаже на тоа дека се создадени според обличјето на својот Творец и дека Христос е пример на кој треба да се угледаат. Најголемо внимание мора да се посвети на образованието кое пружа знаење за спасението и кое ќе го усклади нивниот живот и карактер со божествениот пример.“ – 6. Сведоштво, 127.


Четврток 11. јули

5. СЕОПФАТЕН ВОСПИТУВАЧ

а. Што подразбира Божјиот план? 1 Слунјаните 5:23.

б. Како Исусовото детство ја прикажува оваа сеопфатност? Лука 2:51,52.

в. На кој начин можеме да имаме успех во воспитувањето? Римјаните 12:1,2.

„Сите различни способности на телото духот и душата што ги добил човекот од Бога, треба да се искористат на начин на кој ќе се постигне највисок степен на совршенство. Меѓутоа, себичното и еднострано образование не може да претставува совршенство; зашто Божјиот карактер, чијшто лик сакаме да усвоиме, е добрина и љубов. Секоја способност и секоја особина со која не надарил Творецот треба да се употребат за прославување на Бога и за издигнување на нашите ближни. А во таквата работа ќе најдеме најчиста и најблагородна радост и среќа.

„Кога на тоа начело би му се посветило поголемо внимание, какво што заслужува според својата важност, тогаш во сите начела на воспитувањето би настанала коренита промена. Наместо да поттикнуваат горделивост, себична амбиција и натпреварувачки дух, учителите би се труделе да разбудат љубов кон доброто, кон вистината и внатрешната убавина би се труделе да создадат копнеж кон совршенство. Тогаш ученикот би се стремел кај себе да ги развие Божјите дарови не со цел да ги надмине другите, туку да ги исполни намерите на Творецот и да стане сличен со него.“ – Патријарси и пророци, 595.

„Оној што го создал човекот се погрижил за развојот на неговото тело дух и душа. Оттаму, вистинскиот успех во воспитувањето зависи од тоа дали луѓето верно ќе го исполнуваат планот на својот Творец.“ – Патријарси и пророци, 595.


Петок 12. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каде можеме да пронајдеме извор на мудрост?

2. Која е смислата на вистинското воспитување?

3. Кое дело треба да се изврши во секој верник?

4. На кој начин воспитувањето не учи да им служиме на другите?

5. Кои делови на нашето битие се ускладени со целосното воспитување?

 <<    >>