Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од книгата Делата на апостолите (1)

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 24. април 2021

Радоста на покајанието

„А Петар им рече: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух” (Дела 2:38).

„Кога ангелите толку се радуваат на грешникот кој се кае, зар покајниците кои и самите се спасени со Христовата крв не се радуваат кога гледаат дека со нивниот труд се обраќат и други кон Христа? Работејќи во склад со Христа и со светите ангели, ќе ја искусиме радоста која не може да се доживее во никоја друга работа”. ¬– 3. Сведоштво, 381,382.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 43–59. 

Недела 18. април

1. ОДВАЖНА ГРИЖА

а. Кога се разбудила свеста на мноштвото за тоа кој всушност е Христос, каков силен апел Петар веднаш упатил, и како може тоа да нè охрабри? Дела 2:38-40.

„Не треба да се поклонуваме и да му се извинуваме на светот што му ја говориме вистината; треба да се гнасиме од прикривањето. Развијте го знамето на вистината пред луѓето и пред ангелите. Сите нека разберат дека адвентистите на седмиот ден не можат да прават никакви компромиси. Не смее да има ниту најмало двоумење во вашата вера и ставовите што ги искажувате; светот има право да знае што може да очекува од вас...

Господ сака Неговите слуги денес да ја проповедаат старата наука на евангелието, жалост поради гревот, покајание и признавање на гревот. Ние сакаме старомодни проповеди, старомодни обичаи, старомодни татковци и мајки во Израел. Ние мора да работиме упорно, искрено и мудро за грешникот, сè додека не увиди дека е престапник на Божјиот закон и не се покае пред Бога и поверува во Господ Исус Христос”. ¬– Evangelism, pp. 179, 180.


Понеделник 19. април

2. ЧУДЕСНИ РЕЗУЛТАТИ

а. Кое чудесно дело е извршено преку Светиот Дух? Дела 2:41.

„Петар застанал меѓу нив и започнал да зборува со голема сила. Меѓу оние што го слушале имало и побожни Евреи, кои биле искрени во своето верување. Силата што ги придружувала зборовите на говорникот ги убедила дека Христос навистина е Месијата. Какво моќно дело било извршено тогаш! Три илјади души се преобратиле за еден ден.

Семето го посеал најголемиот Учител што светот некогаш го познавал. Три и пол години Синот Божји престојувал во Јудеја, објавувајќи ја евангелската порака на вистината и работејќи со големи знаци и чуда. Семето било посеано и по Неговото вознесение започнала голема жетва. После една проповед на денот на Педесетница се обратиле повеќе души отколку во текот на сите години на Христовата јавна служба. Толку Бог моќно ќе делува кога луѓето ќе се потчинат на контролата на Светиот Дух”. ¬– The SDA Bible Commentary E. G. White Comments], vol. 6, p. 1055.

б. Опишете го ставот на раната црква, и што сите треба да научиме од неа. Дела 2:42-47.

„По слегувањето на Светиот Дух учениците тргнале да го проповедаат воскреснатиот Спасител и нивен единствен копнеж бил спасување на душите. Тие се радувале на слатката заедница со светиите. Биле нежни, внимателни, самопожртвувани и подготвени да поднесат секаква жртва заради вистината. Во своето секојдневно меѓусебно дружење тие ја откривале љубовта за која Христос им заповедал да ја откриваат. Со несебични зборови и постапки се труделе таа љубов да ја побудат во срцата на другите.

Вистинските верници секогаш ја развивале во себе таа љубов која ги исполнувала срцата на апостолите по слегувањето на Светиот Дух. Тие напредувале во доброволна покорност на новата заповед: ‘Како што Јас вас ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг’ (Јован 13:34). Тие биле толку цврсто обединети со Христа така што биле во состојба да ги исполнат сите Негови барања. Ја воздигнувале силата на Спасителот кој можел да ги оправда со Својата праведност”. ¬– 8. Сведоштво, 241.


Вторник 20. април

3. ЧУДОТО ВО ХРАМОТ

а. Како Бог ги употребил Петар и Јован за да направат прекрасно чудо на Красната порта во храмот? Дела 3:1-10.

„Учениците со голема сила го проповедале распнатиот и воскреснат Спасител. Во Христово име се лечеле болни и се правеле многу знаци и чуда. Петар и Јован пред вратите на храмот потполно излечиле човек кој бил хром од самото свое раѓање, а овој на очиглед на сиот народ скокајќи и фалејќи го Бога заедно со нив влегол во храмот”. ¬– Рани списи, 192.

б. Како реагирале луѓето на ова чудо, и што рекол Петар за да нагласи кој е неговиот вистински извор? Дела 3:11-16.

„Веста за овој настан брзо се проширила и народот масовно се собирал околу учениците, восхитувајќи му се на чудото што тие го сториле.

Кога Исус умрел, свештениците мислеле дека нема повеќе да се случуваат чуда, возбудата предизвикана на таков начин ќе исчезне, и народот повторно ќе им се врати на традициите. Но, за нивно изненадување учениците токму меѓу нив во самиот храм направиле чудо и сиот народ го исполниле со восхит. Исус бил распнат, а тие се прашувале од каде сега таква моќ кај учениците. Додека бил жив Исус сметале дека Тој им давал сила за да ги прават чудата; меѓутоа со Неговата смрт тие очекувале престанок и на чудата”. ¬– Рани списи, 192.

в. Како Петар љубезно покажал доверба во своите слушатели? Дела 3:17.

„’Знам дека вие тоа го направивте од незнаење’, изјавил Петар; но ова незнаење не претставувало изговор за преземената акција; зашто им била дадена голема светлина. Се вели дека кога би знаеле дека Тој е Принц на животот немале да го распнат. Но, зошто тие не го знаеле тоа? - Затоа што тие избрале да останат во незнаење. Тие не биле заинтересирани за истражување и проучување на пророштвата и се покажало дека нивното незнаење довело до нивна вечна пропаст. Тие имале најсилни докази врз кои можеле да ја темелат својата вера и биле должни пред Бога да ги прифатат доказите што Тој им ги дал. Нивното неверување ги направило виновни за крвта на единородниот Син на бесконечниот Бог”. ¬– The SDA Bible Commentary E. G. White Comments], vol. 6, p. 1056.


Среда 21. април

4. ВРЕМЕ ДА СЕ ПАДНЕ НА КАРПА

а. Откако ја изнел вистината за Христа, каков апел Петар им упатил на своите слушатели во храмот? Дела 3:18,19. Како овој ист повик одекнува денес со уште поголема итност?

„Сега за нас од важно значење се зборовите: ‘Покајте се, и обратете се, за да се исчистите од вашите гревови, за да дојдат времиња за освежување од Господовото лице’ (Дела 3:19,20). На мнозина од нас им недостига духовност и сигурно ќе бидат изгубени ако потполно не се обратат. Зар ќе си дозволите себеси да се изложите на таква опасност?...

Ако сакаме да ги избегнеме тешките и непријатни искуства, мораме сесрдно и без одлагање да го градиме своето спасение со страв и трепет. Има мнозина што не даваат очигледни докази дека се верни на заветот направен при крштавањето. Формализмот, стремежот за почести во светот, гордоста и самољубието ја ослабнале нивната ревност. Нивната свест повремено се буди, но тие не паѓаат на Карпата - Исуса Христа. Тие не му приоѓаат на Бога со скршени срца во покајание и признавање. Тие што во срцето ќе го почувствуваат делувањето на вистинско обратување, во својот живот ќе покажуваат плодови на Духот. О, кога оние на кои толку им недостасува духовност, би можеле да сфатат дека вечниот живот може да им се даде само на оние што ќе станат соучесници во божествената природа, на оние што ќе ја избегнат расипаноста што постои во светот заради телесните желби!” ¬– 9. Сведоштво, 154,155.

б. Како единствено можеме да го доживееме „освежувањето“ споменато во Дела 3:20? Исаија 43:25; 44:3,22; 57:15; 60:1.2.

„Како што ‘раниот дожд’ бил даден при излевањето на Светиот Дух во почетокот на ширењето на евангелската вест, и предизвикал ’ртење на драгоценото семе, така и ‘позниот дожд’ ќе се излее при нејзиниот крај за жетвата да дозрее...

Големото дело на евангелието нема да се заврши со помала манифестација на Божјата сила од онаа што го одбележала неговиот почеток. Пророштвата што се исполниле со излевањето на раниот дожд во почетокот на евангелието пак ќе се исполнат со позниот дожд и при неговото завршување. Тоа е време на ‘освежување’ што апостол Петар однапред го најавил велејќи: ‘Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши, за да дојдат од Господ времиња за освежување и Тој да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос’ (Дела 3:19,20)”. ¬– Големата борба, 611.


Четврток 22. април

5. ПОДГОТОВКА ЗА СЛАВНИОТ НАСТАН

а. Кој единствено ќе го прими „освежувањето“, и каков е славниот резултат од тоа? Дела 3:19,20; 2. Коринтјаните 7:10.

„Овие зборови треба да допрат до нас денес со особена сила. (2. Коринтјаните 7:10,11). Ова е вистинско покајание. Тоа ќе доведе до промена во животот. Недостатокот на ова искрено жалење за гревот е причина за многу површни обратувања. Во животот на таквите луѓе не доаѓа до реформа. Но, кога ќе го видиме гревот во светлината на Божјиот закон и ќе ја разбереме неговата вистинска природа, тој ќе биде отстранет од срцето и од животот.

Искреното жалење поради гревот ја доведува покајничката душа кај Христа. Тука тој може искрено да се моли за прошка и да ја добие благодатта што ќе му донесе победа. Тука може да се просветли неговото затемнето разбирање и каменото срце да се претвори во месно. Тука бунтовниот грешник ќе стане потчинет и неговата волја ќе биде во согласност со волјата Божја”. ¬– The Review and Herald, June 8, 1911.

„Видов дека мнозина ја занемаруваат толку потребната подготовка очекувајќи дека ‘освежувањето’ или ‘позниот дожд’ ќе ги оспособи да опстанат во Господовиот ден и да живеат во Негово присуство. О, колку ли само сум видела од нив во времето на неволјите без Божја заштита! Тие ја занемаруваат потребната подготовка, па затоа нема да можат да го примат ‘освежувањето’ кое сите мораат да го примат за да можат да живеат во присуството на Светиот Бог... Видов дека во ‘освежувањето’ ќе учествуваат само оние кои што ќе победат и ќе го оттргнат секој вкоренет грев: гордост, себичност, љубов кон светот и секој лош збор и постапка. Заради тоа мораме сѐ повеќе да се приближуваме кон Господа и сесрдно да настојуваме да извршиме неопходна подготовка која што ќе ни овозможи да опстанеме во борбата во денот Господов. Да имаме сите на ум дека Бог е свет и дека никој со исклучок на светите битија не може да престојува во Негово присуство”. ¬– Рани списи, 71.


Петок 23. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можам да развијам поголема храброст да зборувам за Христа, како што Тој зборува за мене?

2. Зошто учениците биле толку успешни токму таму каде што започнале да работат?

3. Како покажувањето доверба во другите луѓе доведува до заемно почитување?

4. Зошто Бог нè повикува да се покаеме пред да ни ја довери последната сила на доцниот дожд?

5. Кои се некои од гревовите што треба да ги надминам за да добијам освежување?

 <<    >>