Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ВТОР ДЕЛ)

 <<    >> 

Предговор:

Евангелието според Јован е напишано нешто подоцна од останатите три (таканаречени „синоптички“) евангелија, но сепак во рамките на првиот век од новата ера. Во 19. век, библиските критичари се обиделе да докажат дека Евангелието според Јован било напишано по 150 година од н.е., со што го оспориле авторството на апостолот Јован. Критичарите исто така тврделе дека во ова евангелие се одразуваат одредени идеи од гностичката филозофија, па затоа не можело да биде напишано пред гностицизмот да стане сериозна закана за верата. (Гностицизмот бил филозофски и религиски систем што го воспоставила една рана секта, тврдејќи дека знаењето, а не верата, е клучот за спасението.) Таквите изопачени тврдења одамна се побиени.

Напротив, научните докази го потврдуваат постоењето на четвртото евангелие и фактот дека тоа било високо ценето уште во 115 година. Еден таков доказ е пронаоѓањето на мал фрагмент од папирус, на кој биле запишани стихови од Евангелието според Јован (поглавје 16, стихови 31– 33, 37,38). Овој папирус, познат како Рајландсов папирус и обично означен како P52, е утврдено дека датира од 125 година од н.е. Овој фрагмент, пронајден во Египет на почетокот на 2. век, се смета за недвосмислен доказ дека четвртото евангелие било широко распространето уште во тоа рано време. Познатиот теолог за Новиот Завет, Адолф Деисман, потврдува:

„Мноштвото хипотези за доцното потекло на Евангелието според Јован брзо ќе овенат, како растенија во стаклена градина. Со Рајландсовиот папирус имаме сигурен документарен доказ дека Евангелието според Јован не само што постоело во првата половина на 2. век, туку и дека неговите копии веќе стигнале до Египет. Затоа, Евангелието сигурно постоело и многу порано.“ — Deutsche Allgemeine Zeitung, 3 декември, 1935.

Евангелието според Јован не само што ја исполнило својата цел во времето на раните христијани, туку низ вековите и во најразлични околности им носело духовно водство, помош и охрабрување на Христовите следбеници. Господ „има светлина која е нова за нас, но тоа е драгоцена стара светлина што треба да сјае од Речта на вистината. Ние имаме само одблесоци од зраците на светлината што допрва треба да ни пристигнат. Светлината што ни ја дал Господ не ја користиме во целост, затоа не примаме уште поголема светлина; не одиме во светлината што веќе нѐ осветлила.

Ние се нарекуваме народ што ги држи заповедите, но не ја разбираме неверојатната ширина на далекусежните начела на Божјиот закон; не ја согледуваме неговата света природа. Мнозина кои за себе тврдат дека се учители на вистината немаат вистинска слика за тоа што прават додека го подучуваат Божјиот закон, бидејќи не поседуваат живо спознание за Господ Исус Христос.“ — Selected Messages, bk. 1, pp. 401, 402.

Нека понатамошното проучување на ова евангелие ни помогне подобро да Го запознаеме Исуса!

Одделот на Генералната конференција за Саботна школа

 <<    >>