Нед
30 март
1. СЛАВОЉУБИВА РЕВНОСТ
а. По чудото со лебовите, какво убедување почнале да негуваат многу луѓе? Јован 6:14. Што биле подготвени да направат? Јован 6:15 (прв дел).
„Ова уверување станувало сѐ посилно во текот на денот. Завршниот чин бил доказ дека меѓу нив се наоѓа долгоочекуваниот Избавител. Надежта на луѓето растела сѐ повеќе. Ова е Оној што ќе ја претвори Јудеја во рај на Земјата, во земја во која течат мед и млеко. Тој може да ја задоволи секоја желба. Може да ја скрши силата на омразените Римјани. Може да ја ослободи Јудеја и Ерусалим. Тој може да ги излекува војниците ранети во битка. Може да снабдува цели армии со храна. Може да ги покори народите и да му го даде на Израел долгоочекуваното царство.
Во своето воодушевување, народот бил подготвен веднаш да Го круниса за цар. Тие увиделе дека Тој не се обидува да привлече внимание на Себе, ниту пак да си обезбеди почести. Во ова, Христос суштински се разликувал од свештениците и поглаварите, па затоа се плашеле дека никогаш нема да го побара Своето право на Давидовиот престол. Советувајќи се меѓусебно, тие се согласиле да Го земат и со сила да Го прогласат за цар на Израел. Учениците се придружиле на мноштвото во прогласувањето дека престолот на Давид со право му припаѓа на нивниот Учител. ‘Христовата скромност е причината што Тој одбива таква почест,’ велеле тие. Народот треба да го воздигне својот Избавител. Нека арогантните свештеници и поглавари бидат принудени да му укажат чест на Оној Кој дошол со божествен авторитет.“ — Копнежот на вековите, 377.
Пон
31 март
2. СМИРУВАЊЕ НА ПОГРЕШНО НАСОЧЕНАТА РЕВНОСТ
а. Што направил Исус за да го спречи народот и учениците да ги остварат своите планови и да Го постават на земен престол? Јован 6:15.
„(Учениците и мноштвото) со жар ги правеле подготовките за да го остварат својот план, но Исус видел што се подготвува и го разбрал она што тие не можеле да го сфатат – каков ќе биде исходот од таквиот потфат. Дури и во тој момент, свештениците и поглаварите го барале Неговиот живот. Тие го обвинувале дека го одвојува народот од нив. Ако народот се обидеше да Го постави на престолот, ќе дојдеше до насилство и бунт, а делото на воспоставување на духовното царство ќе беше попречено. Овие обиди мораа да бидат запрени без одлагање. Исус ги повикал Своите ученици и им наредил веднаш да го земат чамецот и да се вратат во Капернаум, препуштајќи му Нему да го распушти народот.
Никогаш дотогаш не им изгледало толку невозможно да исполнат една Христова заповед. Учениците одамна очекувале дека ќе се појави народно движење што ќе Го постави Исуса на престолот. Не можеле да ја поднесат помислата дека од сето тоа воодушевување нема да произлезе ништо. Мноштвото што се собирало за празникот Пасха било желно да го види новиот Пророк. На Неговите следбеници ова им изгледало како совршена можност да Го постават својот сакан Учител на престолот на Израел. Во жарот на тој нов копнеж, им било тешко да заминат сами и да Го остават Исуса сам на пустото крајбрежје. Тие се побуниле. Но тогаш, Исус им прозборел со авторитет каков што никогаш порано не користел кон нив. Знаеле дека понатамошното спротивставување е бескорисно, па во тишина се свртеле кон морето.“ — Копнежот на вековите, 378.
б. Ден по чудото, што направило мноштвото? Јован 6:22–25.
„Чудото со лебовите се прочуло надалеку, и следното утро мноштво народ се собрало во Витсаида за да Го види Исуса. Луѓето доаѓале во голем број – и по копно и по море. Оние што си заминале претходната ноќ, повторно се вратиле, очекувајќи дека ќе Го најдат таму, бидејќи немало никаков чамец со кој би можел да премине на другата страна. Но, и покрај нивните напори, не можеле да Го пронајдат, па многумина од нив се вратиле во Капернаум.
Во меѓувреме, по отсуство од само еден ден, Тој дошол во Генисарет. Кога се дознало дека е тука, луѓето ‘Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушаа дека Тој се наоѓа’ (Марко 6:55).“ — Копнежот на вековите, 384.
Вто
1 апр
3. ПОДОБРИ ЦЕЛИ, БОЖЕСТВЕНА ПОМОШ
а. Која искрена, но внимателно изговорена порака им упатил Исус на мноштвото? Јован 6:26, 27.
„Исус не ја задоволил нивната љубопитност. Тој тажно рекол: „Ме барате не затоа што ги видовте чудата, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте”. Не го барале од некој достоен мотив, туку затоа што биле нахранети од лебовите и затоа што се надевале дека поврзувајќи се со Него, ќе стекнат земна полза. Спасителот им рекол:
„Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за живот вечен”. Не барајте само материјална корист. Вашиот труд не треба да биде посветен на грижата за овој сегашен живот, туку барајте духовна храна, онаа мудрост што ќе опстане и низ вечниот живот.“ — Копнежот на вековите, 384.
б. Кое прашање Му го упатиле Евреите на Исус во врска со Божјите дела? Јован 6:28. Објасни го одговорот што им го дал Господ. Јован 6:29.
„За момент се разбудил интересот на слушателите. Тие извикале: ‘Што да сториме за да правиме Божји дела?’ Тие извршувале многу тешки дела за да се препорачаат себеси на Бога и биле подготвени да го слушнат секое ново упатство за да стекнат уште поголеми заслуги. Нивното прашање значело: ‘Што треба да правиме за да го заслужиме Небото? Која е цената што треба да ја платиме за да го стекнеме идниот живот?’
‘Исус им одговори и рече: Ова е Божјото дело; да верувате во Оној што го испрати Тој’. Цената за Небото е Исус. Патот за Небото е единствено преку верата во ‘Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот’ (Јован 1:29).“ — Копнежот на вековите, 385.
„Покајанието е свртување од себе кон Христос; и кога ќе Го примиме Христос, така што преку вера Тој може да Го живее Својот живот во нас, тогаш ќе се покажат и добри дела.“ — Мисли од гората на блаженството, 87.
„Нека Господ му помогне на Својот народ да ја сфати сериозноста на задачата што треба да ја изврши во овој поглед. Нека им помогне да разберат дека, било во домот, во црквата или во светот, тие мора да работат на Христовото дело. Тој нема да ги остави Своите верни да работат сами. Ангелите ќе им бидат помошници.“ — 8 Сведоштво, 18.
Сре
2 апр
4. НЕБЕСКИОТ ЛЕБ
а. Каков знак барале Евреите и на која историска случка се повикале? Јован 6:30, 31. Како им зборувал Исус за небескиот леб? Јован 6:32, 33.
„Евреите му оддавале чест на Мојсеј како оној што ја дал маната, припишувајќи му ја славата на орудието и губејќи Го од вид Оној, преку Кого било извршено делото. Нивните татковци мрмореле против Мојсеј, се сомневале во него и ја порекнувале неговата божествена мисија. Сега, со истиот дух, нивното потомство Го отфрлило Оној Кој им ја донел Божјата порака. ‘Тогаш Исус им рече: Вистина, вистина ви велам; не ви даде Мојсеј леб од небото.’ Оној што ја дал маната се наоѓал меѓу нив. Сам Христос ги водел Евреите низ пустината и секојдневно ги хранел со леб од небото. Таа храна била симбол на вистинскиот небесен леб. Животодавниот Дух, Кој произлегува од бесконечната Божја полнота, е вистинската мана.“ — Копнежот на вековите, 385.
б. Размислувајќи само за природниот, физички леб, кој барање го изнесоа – и што им објасни Господ? Јован 6:34–36.
„Стилската фигура што ја употребил Христос им била позната на Евреите. Мојсеј, вдахнат од Светиот Дух, рекол: ‘Човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста’. А пророкот Еремија напишал: ‘Ги најдов Твоите зборови и ги голтав; зборовите Твои ми беа за радост и веселба на срцето мое’. (Второзаконие 8:3; Еремија 15:16) И рабините имале поговорка која вели дека јадењето на лебот во духовна смисла значи проучување на законот и правење добри дела. Често се зборувало дека при доаѓањето на Месијата цел Израел ќе биде нахранет. Учењето на пророците јасно ја објаснувало духовната поука за чудото со лебовите. Христос се трудел да им ја објасни таа поука на Своите слушатели во синагогата. Кога тие би го разбрале Светото Писмо, тие би ги разбрале и Неговите зборови, кога рекол: ‘Јас сум лебот на животот’. Само пред еден ден, големото мноштво на изморени и исцрпени луѓе било нахрането со лебот што Тој го дал. Како што тој леб им дал телесна сила и освежување, така тие можеле да добијат од Христа духовна сила за вечен живот.“ — Копнежот на вековите, 386.
Чет
3 апр
5. ВОСКРЕСЕНИЕ И ВЕЧЕН ЖИВОТ
а. Кои две тесно поврзани ветувања им се дадени на оние што се поистоветуваат со Христос – и на кој начин тоа носи надеж на секој грешник? Јован 6:37–40.
„‘Оној што ќе дојде кај мене, нема да го истерам надвор’. ‘Сите што ќе го примат со вера’ рекол Тој, ‘ќе имаат вечен живот.’“ — Копнежот на вековите, 387.
„Немојте да го слушате предлогот на непријателот кој ве наговара дека не можете да се вратите кај Христа сè додека не станете подобри, доволно добри за Бог да може да ве прими. Ако чекате на тоа, никогаш нема да дојдете. Кога сатаната ќе ја покаже вашата валкана облека, повторете го Исусовото ветување: ‘Кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор’ (Јован 6:37). Кажете му на непријателот дека крвта на Исус Христос чисти од секој грев. Молитвата на Давид нека стане и ваша молитва: ‘Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег’ (Псалм 51:7).
Стани и оди кај својот Отец! Тој ќе ти излезе во пресрет. Ако направиш само еден чекор кон Него со покајание, Тој ќе побрза да те прифати во Своите прегратки на бесконечната љубов. Неговото уво е отворено за крикот на скрушената душа. Нему му е познато и кога твоето срце првпат се свртело кон Бога. Никогаш не е упатена молитва, колку и да е несовршена, никогаш не е пролеана солза, колку и да е потајна, никогаш не се јавил искрен стремеж кон Бога, колку и да е слаб, Божјиот Дух тоа да не го поткренал да го исполни.“ — Христовите поуки, 205, 206.
б. За што негодувале неверните Евреи, и кое ветување повторно им го дал на оние што Му веруваа? Јован 6:41–51.
Пет
4 април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА:
1. По чудото со лебовите, што планирале да направат Христовите следбеници?
2. Опишете го главниот интерес на мноштвото што Го следело Исуса.
3. Објасни ги Исусовите зборови од Јован 6:29.
4. Со каква илустрација се послужил Исус за да го опише изворот на духовниот живот?
5. На кој начин еврејските водачи ги покажале своите предрасуди кон Христос?