Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ВТОР ДЕЛ)

 <<    >> 
6 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 10. МАЈ 2025.

Исус – Светлината на светот

„И пак им рече Исус, велејќи: ‘Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот’“ (Јован 8:12).

„Како што Месечината и планетите во нашиот Сончев систем ја рефлектираат сончевата светлина, така и големите мислители, доколку нивното учење е исправно, ги одразуваат зраците на Сонцето на Праведноста. Секоја искра на мислата и секој блесок на интелектот потекнуваат од Светлината на светот.“ — Воспитување, 13.

Предлагаме да прочитате:   1. Сведоштво, 405–409. 

Нед 4 мај

1. СЕЌАВАЊЕ НА СОЗДАВАЊЕТО

а. Што создаде Бог на првиот ден од создавањето? Создавање 1:3–5.

„На почетокот, кога била изговорена Речта на создавањето, светлината заблескала од темнината.“ — Копнежот на вековите, 464.

б. Кој беше присутен при создавањето на светот – не како обичен набљудувач, туку како активен учесник? Создавање 1:1,2; Јован 1:1,2; Колосјаните 1:16.

„На почетокот, Бог се открил преку сите дела на создавањето. Христос бил Оној што ги распрострел небесата и ги поставил темелите на Земјата... Тој ја исполнил земјата со убавина, а воздухот со песна. Врз сè што е на земјата, во воздухот и на небото, Тој ја напишал пораката за љубовта на Таткото.“ — Копнежот на вековите, 20.

„Раката што ги одржува световите во просторот, Раката што сè во Божјата вселена држи во совршен ред и непрестајна активност, Тоа е истата рака што била прикована на крстот – за нас.“ — Воспитување, 132.


Пон 5 мај

2. СВЕТЛИНА ВО ПУСТИНАТА

а. На кој начин синовите Израилеви беа водени низ пустината? Излез 13:21,22. Објаснете го присуството обвиено во столбот од облак и столбот од оган. Излез 13:21 (прв дел); 1. Коринтјаните 10:1–4.

„Секогаш кога Бог му се јавувал на Својот народ, светлината била симбол на Неговото присуство. На почетокот, кога била изговорена Речта на создавањето, светлината заблескала од темнината. Светлината била скриена во столб од облак дење, а во столб од оган ноќе – и токму тој столб ја водел големата израелска војска.“ — Копнежот на вековите, 464.

б. Што е запишано за Христовото присуство меѓу Израелците во пустината и каква заштита Бог му ветил на Својот народ? Псалм 105:39; Исаија 4:5, 6.

„Во еден од најубавите и најутешните пасуси на Исаијиното пророштво, се прави осврт на столбот од облак и огнот за да ја претстави Божјата грижа за Неговиот народ во големата последна борба со силите на злото.“ — Патријарси и пророци, 283.

в. Како се открил Христос на Синај, и како реагирале Мојсеј и собраниот народ? Излез 19:16–18; 20:18, 19; Евреите 12:21.

„‘Славата на Господ беше како огнена сила на врвот на гората’ во очите на собраниот народ... Толку страшни беа знаците на присуството на Јехова, што војските на Израел се тресеа од страв и паѓаа на лицата пред Господ.“ — Патријарси и пророци, 304.

„Толку славно беше откривањето на (Христовото) присуство, што смртниот човек не можеше да го поднесе. Мојсеј, кој беше толку многу омилен од Бога, извика: ‘Треперам од страв’. Но Бог му даде сила да ја издржи оваа неискажлива слава и да донесе од гората нејзин одраз на своето лице, така што народот не можеше да го погледне право во него“ — Sons and Daughters of God, p. 225..


Вто 6 мај

3. СВЕТЛИНА ВО ПРИСУСТВОТО НА БОГА

а. На кој начин Христос го објави Своето присуство во шаторот на состанокот? Излез 40:34, 35.

„Израелците во групи брзале сакајќи да ја видат светата градба. Додека тие се гордееле со глетката, над Светилиштето се наднел столб од оган, се спуштил над него и целосно го обвил облак. ‘И се наполни шаторот со славата Господова’. Тоа било откровение на Божјото величество, па за извесно време ни Мојсеј не можел да влезе во Светилиштето. Длабоко возбудени, Израелците го посматрале знакот кој им сведочел дека делото на нивните раце било прифатено. Не се слушнал ниту еден глас како израз на радост. Сите биле опфатени со свечена страхопочит. Радоста на нивното срце нашла излив во солзи радоснички и тие тивко шепотеле зборови на сесрдна благодарност на Бога што дошол да престојува меѓу нив“ - Патријарси и пророци, 749,750

„Над капакот на милоста се наоѓаше Шекината, манифестацијата на божественото Присуство; и од меѓу херувимите, Бог ја соопштуваше Својата волја. Понекогаш божествени пораки му се соопштуваа на првосвештеникот преку глас од облакот. Понекогаш светлина паѓаше врз ангелот оддесно, за да означи одобрување или прифаќање, или сенка или облак се спушташе врз оној одлево, за да открие неодобрување или отфрлање.“ — Патријарси и пророци, 349, 350.

б. Што се случи подоцна при посветувањето на храмот? 2 Летописи 7:1.

„Највеличественото светилиште беше изработено според образецот што Господ му го покажа на Мојсеј на гората, а подоцна и на Давид. Земното светилиште беше направено по пример на небесното. Освен херувимите што стоеја над капакот на Ковчегот, Соломон нареди да се изработат уште два ангела со огромни размери, кои стоеја од двете страни на Ковчегот, претставувајќи ги небесните ангели што будно бдеат над Божјиот закон. Убавината и сјајот на ова свето место не можат да се опишат. Таму, како и во светилиштето, свештениците со најголема почит и стравопочит го внесуваа светиот Ковчег и го поставуваа под крилјата на величествените херувими што стоеја на подот.

Хорот на пејачите, избрани за светата служба, ги издигнуваше своите гласови во слава на Бога, а мелодиите на нивните гласови беа придружени со разни музички инструменти. И додека гласовите на пофалба и слава одекнуваа низ храмот и низ целиот Ерусалим, облакот на Божјата слава го исполни домот, како што некогаш го исполни шаторот на состанокот во пустината. ‘Кога свештениците излегоа од светилиштето, облак го исполни домот Господов. И свештениците не можеа да стојат на службата поради облакот, бидејќи светлината Господова го исполни храмот Господов’ (1 Цареви 8:10,11).“ — Spiritual Gifts, vol. 4a, pp. 113, 114.


Сре 7 мај

4. СВЕТЛИНА НА ЕВАНГЕЛИЕТО

а. Која Христова порака од Јован 8:12 ни носи величествена надеж?

„„Учените теолози ниту ја познавале ниту ја проповедале таа вистина. Кога би биле верни стражари, кога трудољубиво и со молитва би го проучувале Писмото, тие би го запознале времето на ноќта; од пророчкото слово би ги запознале настаните што треба да се одиграат. Но тие тоа не го сториле и поради нивната рамнодушност веста им е доверена на понизните луѓе... Тие што ќе ја напуштат светлината што им ја дал Бог или што ќе занемарат да ја бараат додека им е при рака, ќе бидат оставени во темнина.“ — Големата борба, 312.

„Господ направил сè што е потребно за да можеме да стекнеме богато, изобилно и радосно искуство. Јован пишува за Христос, велејќи: ‘Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето.’ Животот е поврзан со светлината, и ако немаме никаква светлина од Сонцето на Праведноста, тогаш немаме ни живот во Христос. Но, оваа светлина е достапна за секоја душа, и само ако се оддалечиме од неа, темнината може да нè обземе. Исус вели: ‘Кој оди по Мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот.’ Во светот околу нас не може да има живот без светлина. Кога сонцето би ни ги ускратило своите зраци, целиот растителен и животински свет би исчезнал. Ова ја илустрира вистината дека ни ние не можеме да имаме духовен живот ако не се изложиме на зраците на Сонцето на Праведноста. Ако би ставиле расцветано растение во темна соба, тоа наскоро би овенало и умрело; исто така, и ние можеме да имаме духовен живот, но сепак да го изгубиме ако живееме во атмосфера на сомнеж и темнина.“ — Sons and Daughters of God, p. 281.

б. Која сигурност ја добиваме кога ќе се свртиме кон Исус? 2 Коринтјаните 3:18.

„И како што цветот се врти кон сонцето за неговите блескави зраци да му помогнат во постигнување на убавина и склад, така и Христовите следбеници треба да се свртат кон Сонцето на Правдата, за да бидат облеани со небесната светлина, која го усовршува нивниот карактер и им дава длабоко и трајно искуство во она што е Божјо. Нашата сила не е доволна за да разбереме какви благослови ни се нудат преку Христос, освен ако нашите човечки напори не ги обединиме со божествената милост.“ — Sons and Daughters of God, p. 26.

„Оној што искрено ја бара волјата Божја и живее според светлината што ја има, ќе прими уште поголема светлина; на таа душа ќе ѝ биде пратена небесна ѕвезда со посебен сјај да ја води во секоја вистина.“ — Големата борба, 312.


Чет 8 мај

5. СВЕТЛЕЈЌИ ВО НАШИТЕ СРЦА

а. Како можеме да бидеме воздигнати преку вдахновениот запис на Павле за Светлината на светот? 2 Коринтјаните 4:6.

„Нека душата ви ја исполнат славните претстави за Бога. Дозволете вашиот живот со невидливи врски да биде поврзан со Исусовиот живот. Оној што заповедал од темнината да изгрее светлина, сака таа да изгрее и во вашето срце за да ја запознаете Божјата слава во лицето на Исус Христос. Светиот Дух ќе ви ги открие божествените вистини, внесувајќи ги како животворна сила во срцето кое е подготвено да ги послуша. Христос ќе ве доведе до прагот на Семожниот. Ќе можете да ја видите славата зад завесата и да им го откриете на луѓето изобилството на Оној кој секогаш живее за да може да се застапува за нас.“ — Христовите поуки, 149.

„Откривањето на Неговата слава во човечка форма ќе го приближи небото до луѓето до таа мера што убавината што го краси внатрешниот храм ќе се види во секоја душа во која живее Спасителот. Славата на Спасителот кој живее во нас, ќе ги плени и восхитува луѓето. И во изливи на пофалби и благодарност од многубројните души придобиени за Бога, славата ќе му се врати на големиот Дародавец.

‘Дигни се, заблескај Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе!’ (Исаија 60:1). Оваа порака им е упатена на оние кои излегле да го пречекаат Младоженецот. Христос доаѓа со сила и голема слава. Тој доаѓа со Својата слава и со славата на Отецот. Тој доаѓа во придружба на сите свети ангели. Бидејќи целиот свет е обвиен со темнина, во секое живеалиште на светите ќе има светлина. Тие први ќе го видат сјајот на Неговото второ појавување. Неговата слава и величество ќе болскотат со беспрекорна вонземна светлина, и Откупителот, Христос, ќе биде предмет на восхит, ќе го слават и обожаваат сите кои му служеле. Додека беззакониците бегаат од Неговото присуство, Христовите следбеници ќе се радуваат.“ — Христовите поуки, 420.


Пет 9 мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА:

1. Што учи Библијата за божеството за време на делото на создавањето?

2. Опиши како Исус се откри на Својот народ во пустината.

3. Како светлината на Христос сјаеше во шаторот на состанокот и во храмот?

4. Опиши како Исус се откри при посветувањето на храмот.

5. На кој начин Христос ни се открива нам и преку нас?

 <<    >>