Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ВТОР ДЕЛ)

 <<    >> 
САБОТА, 26 АПРИЛ 2025. 4 ЛЕКЦИЈА
Никогаш човек не говорел така како Овој Човек „А слугите одговорија: ‘Никогаш човек не говорел така како Овој Човек’“ (Јован 7:46).
Предлагаме да прочитате:   Testimonies to Ministers, pp. 506–512. 
„’Спознавањето и ценењето на вистината,’ рекол Тој, ‘зависи помалку од разумот отколку од срцето’“ — Копнежот на вековите, 455.

1. ИНТЕРЕСОТ НА НАРОДОТ ЗА ИСУС Нед 20 април
а. Гледајќи и слушајќи го Исуса како отворено проповеда, какво прашање поставиле некои Евреи? Јован 7:25, 26. „Меѓу Христовите слушатели имало многу жители на Ерусалим, кои добро ги знаеле заговорите на поглаварите против Него. Сепак, почувствувале дека некаква неодолива сила ги привлекува кон Него. Во нивните срца се раѓало уверувањето дека Тој навистина е Божјиот Син.“ — Копнежот на вековите, 457. б. На кој начин сатаната делувал врз поглаварите и предизвикал сомнеж во нив? Јован 7:27. „Но сатаната бил подготвен да посее сомнежи, а нивните погрешни идеи за Месијата и Неговото доаѓање му го олесниле патот. Општо било прифатено верувањето дека Христос ќе се роди во Витлеем, но дека по извесно време ќе исчезне и при Неговото повторно доаѓање никој нема да знае од каде дошол. Многумина сметале дека Месијата нема да има никаква природна поврзаност со човештвото. Бидејќи Исус не одговарал на нивното широко распространето сфаќање за славата на Месијата, многумина се поведувале по сугестијата: ‘Но овој Човек ние знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој нема да знае од каде е’“ — Копнежот на вековите, 457.

2. СПРЕЧУВАЊЕ НА ЗЛОБНИТЕ ПЛАНОВИ Пон 21 апр
а. Откако ги прочитал мислите на Своите сомничави слушатели, што им рекол Исус? Јован 7:28. „Додека се колебале помеѓу сомнежот и верата, Исус ги прочитал нивните мисли и им одговорил: ‘Вие Мене ме познавате и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, туку вистински е Оној што Ме прати, Кого вие не го познавате.’ Тие тврделе дека знаат од каде потекнува Христос, но всушност воопшто не Го познавале. Ако живееле во согласност со Божјата волја, тие би Го препознале Неговиот Син во моментот кога Тој им се открил“ — Копнежот на вековите, 457. б. Бидејќи немале аргументи да го побијат Исуса, на кој начин еврејските водачи се обидоа да Го замолкнат? Јован 7:30 (првиот дел). Зошто, всушност, не можеа да Го уапсат? Јован 7:30 (последниот дел). „Неговите зборови биле толку јасни, што немале како да не ги разберат. Очигледно, со тоа било повторено истото тврдење што го изнел пред Синедрионот неколку месеци порано, кога Себеси се објавил како Божји Син. Како што тогаш сакале да Го убијат, така и сега поглаварите се обидувале да Го фатат. Но ги спречувала една невидлива сила, која поставила граница на нивниот бес, говорејќи им: ‘До овде ќе дојдеш, а понатаму не’“— Копнежот на вековите, 457. в. На кој начин многумина ја покажале својата вера во Исуса, и што планирале да направат поглаварите откако увиделе дека народот е наклонет кон Него? Јован 7:31, 32. „Фарисеите и поглаварите, кои внимателно ги следеле настаните, забележале знаци на наклонетост кон Исус меѓу мноштвото. Тие веднаш отишле кај главните свештеници и ги изнеле своите планови да Го уапсат. Меѓутоа, имале намера да го сторат тоа кога Тој ќе биде сам, не осмелувајќи се да Го фатат во присуство на народот“ — Копнежот на вековите, 457.

3. ПОВИК Вто 22 апр
а. Со каква прекрасна илустрација се послужил Исус последниот ден од празникот за да понуди утеха на душата оптоварена со грев? Јован 7:37, 38. „Срцето кое ја прима Божјата Реч не е извор кој пресушува, ниту разурнат кладенец кој нема вода. Тоа е како планинска река напојувана од непресушни извори чија студена и свежа вода жубори околу карпите, крепејќи ги уморните, жедните и изнемоштените. Тоа наликува на река која секогаш тече, и во својот тек станува сѐ подлабока и поширока, додека на крајот нејзината вода не се разлие низ целата земја. Тоа е река која тече весело и остава зад себе дарови на зеленило и богат род. Тревата на нејзиното крајбрежје е свежо зелена, дрвјата имаат побогати крошни и цвеќиња има многу повеќе. За време на летната суша, кога целата земја ќе се исуши и соголи, една зелена линија го обележува текот на реката.Така е и со вистинското Божјо дете. Христовата религија се открива како животворна семоќна сила, како жива, делотворна, духовна енергија. Ако срцето се отвори и ја прими небесната сила на вистината и љубовта, овие начела ќе потечат како река во пустина и ќе создадат зеленило таму каде што сега владее суша и пустош.“ — Пророци и цареви, 233, 234.„’Кој е жеден’ за надеж, спокој и ослободување од грешните склоности, Христос му вели: ‘нека дојде кај Мене да пие’ (Јован 7:37).“ — Здравје и среќа, 179. б. Како овој повик треба подлабоко да се разбере? Јован 7:39. „Христос во евангелијата ги изложил начелата на вистината. Во Неговото учење можеме да пиеме од чистата вода што тече од Божјиот престол.“ — 8 Сведоштво, 309.„Нам ни е потребна жива вера. Едноставниот поединец што има сестрано сфаќање на должноста, чијашто душа е во заедништво со Бога и кој е полн со ревност за Христа, може да има моќно и благотворно дејство. Тој не пие од плитките, заматени и загадени реки, туку од чистиот, возвишен извор и може на црквата да ѝ даде нов дух и нова сила. Бог сака Неговата црква да биде поткрепена со светите вистини во кои веруваме за да може да издржи кога ќе се засили притисокот однадвор. Работејќи преку Божјите синови и ќерки, небесниот Свети Дух ќе ги победи сите препреки, ќе ја чува и ќе ја сочува својата положба од непријателите. Бог ќе му подари големи победи на Својот народ кој ја сака вистината и ги држи Неговите заповеди.“ — 5 Сведоштво, 581.

4. ЗБОРОВИ КАКО НИЕДНИ ДРУГИ Сре 23 апр
а. Како резултат на Христовата забелешка за водата на животот, што заклучиле многумина – и зошто? Јован 7:40 (спореди со Второзаконие 18:15). б. Додека на некои ова гледиште им донело надеж, како реагирале другите? Јован 7:41–44. в. Која наредба ја добиле слугите од своите поглавари? Јован 7:45. Зошто не можеле да се организираат за да Го уапсат Исуса? Јован 7:46. „Последниот ден од празникот, слугите што биле испратени од свештениците да го уапсат Исуса се вратиле без Него. Свештениците луто запрашале: ‘Зошто не го доведовте?’ Тие со свечен израз на лицето одговориле: ‘Никогаш ниту еден човек не зборувал како овој Човек’.Иако нивните срца биле доста стврднати, тие биле растопени од Неговите зборови. Додека Тој зборувал во предворјето на храмот, тие се задржувале во близина, за да слушнат нешто што би можеле да го свртат против Него. Но, додека слушале, целта за која биле пратени била заборавена. Тие стоеле како маѓепсани. Христос им се открил Себеси на нивните души. Тие го виделе она што свештениците и поглаварите не сакале да го видат човечкото осветлено со славата на божеството.“ — Копнежот на вековите, 459.„(Христос), исто така, ги користел познатите појави од природата за да им ги открие божествените вистини. Така почвата на срцето била подготвена да го прими доброто семе. Тој настојувал Неговите слушатели да почувствуваат дека се грижи за нивното добро, дека Неговото срце ги чувствува нивните радости и болки. Истовремено, тие во Него виделе откровение на сила и совршенство кои далеку ги надминувале доблестите на нивните најугледни рабини. Христовите учења се одликувале со едноставност, достоинство и сила кои дотогаш им биле непознати, и тие без да сакаат зборувале: ‘Никогаш човек не говорел така како Овој Човек’ (Јован 7:46). Народот со радост Го слушал; но свештениците и поглаварите - кои ја изиграле довербата што им била дадена како чувари на вистината - го мразеле Христа токму затоа што со своите доблести ги одвратил од нив масите народ, упатувајќи ги да одат по Светлината на животот. Под нивното влијание, еврејскиот народ, кој не можел да го сфати Неговиот божествен карактер, го отфрлил Откупителот.“ — 5 Сведоштво, 746.

5. СОЗРЕВАЊЕ НА ИСКРЕНИОТ БАРАТЕЛ Чет 24 апр
а. Како свештеничките поглавари и фарисеите ги укориле слугите? Јован 7:47–49. б. Опишете го разговорот што следувал со Никодим, откривајќи го неговото созревање по ноќниот разговор со Исус, запишан во третото поглавје на Евангелието според Јован? Јован 7:50–52. „(Никодим) ја сокрил вистината во своето срце и за три години се појавиле многу малку видливи плодови. Меѓутоа, иако не го признал ја¬вно Христа, Никодим во советот на Синедрионот повеќепати ги осуетил намерите на свештениците да го убијат.“ — Делата на апостолите, 104.„Поуките што Христос му ги дал на Никодим (за време на неговата ноќна посета, запишана во третото поглавје на Евангелието според Јован) не биле дадени залудно. Убедувањето се зацврстило во неговиот ум, и тој во своето срце Го прифатил Христа. По разговорот со Спасителот, тој усрдно ги истражувал светите списи од Стариот завет и ја препознал вистината поставена во вистинската рамка на евангелието.Прашањето што го поставил Никодим било многу мудро, и да оние што претседавале во Синедрионот не биле измамени од непријателот, тие ќе ја прифателе таа забелешка. Меѓутоа, тие биле толку полни со предрасуди што ниту еден аргумент во корист на Исус Назареецот, без разлика колку бил убедлив, не им значел ништо ниту имал вредност за нив. Одговорот на Никодимовото толку логично прашање бил: ‘Да не си и ти од Галилеја? Испитај и ќе видиш дека пророк од Галилеја не доаѓа.’Верувајќи дека Христос дошол од Галилеја, свештениците и поглаварите биле измамени, како што сатаната и сакал да бидат. Некои од нив, кои знаеле дека Тој е роден во Витлеем, молчеле за лагата да не ја изгуби својата сила.“ — The SDA Bible Commentary (E. G. White Comments), vol. 5, p. 1136.

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА: Пет 25 април
1. Зошто Исус го привлекувал вниманието и почитта на народот? 2. На кој начин еврејските водачи упорно истрајувале во своите напори да Го запрат Исуса? 3. Кој јавен повик Исус го упатил последниот ден од празникот? 4. Објасни ја големата полемика и резултатот што таа го произвела. 5. Размислувајќи за луѓето што ги познавам, на што треба да се потсетам за Никодим?
 <<    >>