Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ВТОР ДЕЛ)

 <<    >> 
7 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 17 МАЈ 2025.

Светлината – одразена или отфрлена?

„Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам?“ (Псалм 27:1).

„Христос е ‘Светлина која го осветлува секој човек што доаѓа во светот’ (Јован 1:9). Како што преку Христа секое човечко суштество има живот, така преку Него секоја душа прима и некаков зрак од божествената светлина.“ – Воспитување, 29.

Предлагаме да прочитате:   7 Сведоштво, 18–28. 

Нед 11 мај

1. ПРОРЕЧЕНА СВЕТЛИНА

а. Како Светиот Дух го навести Исус преку Исаија? Исаија 49:6.

б. Како Симеон го препозна Исус кога Го донесоа во храмот за посветување, и на какво размислување тоа треба да нè наведе? Лука 2:32.

„Во храмот во кој Христос проповедал, стариот Симеон зборувал за Него како за ‘светлина за осветлување на незнабошците и слава на Твојот народ Израел’ (Лука 2:32). Со овие зборови, тој применил на Исус едно пророштво што му било познато на целиот Израел. Светиот Дух, преку пророкот Исаија, рекол: ‘Малку е да ми бидеш слуга, да ги подигнеш племињата на Јаков и да го вратиш остатокот Израелев; Јас ќе те поставам за светлина на незнабошците, за Моето спасение да достигне до крајот на Земјата’ (Исаија 49:6). Според општото толкување, тоа пророштво се однесувало на Месијата, а кога Исус рекол: ‘Јас сум светлината на светот’ народот не можел, а да не го препознае Неговото тврдење дека Тој е Ветениот.’“ – Копнежот на вековите, 465.

„О, колку поуки содржи оваа прекрасна историја за Витлеем! Каков укор за нашата неверност, гордост и себичност! Какво предупредување да не бидеме рамнодушни и поради тоа неспособни да ги разликуваме знаците на нашето време и на тој начин да не го препознаеме денот на нашата посета.“ – Големата борба, 315.


Пон 12 мај

2. ОТФРЛЕНА СВЕТЛИНА

а. Како реагирале еврејските водачи на Христовата мисија? Јован 1:11; 8:13.

„На фарисеите и поглаварите тоа тврдење им изгледало како дрско присвојување. Тие не можеле да дозволат такво нешто да тврди човек што е како нив. Правејќи се дека ги игнорираат Неговите зборови, тие прашале: ‘Кој си Ти?’ Одлучиле да го принудат на јавно признание дека Тој е Христос. Но Неговиот надворешен изглед и Неговото дело биле толку поразлични од она што народот го очекувал, така што Неговите лукави непријатели сметале дека, ако отворено каже дека е Месијата, народот ќе Го отфрли како измамник.“ – Копнежот на вековите, 465.

б. Што јасно им објаснил Исус на неверните фарисеи и каков бил, сепак, нивниот одговор? Јован 8:14–18.

„Фарисеите не го препознаа божествениот карактер и мисијата на Христос, бидејќи не ги истражуваа пророштвата што се однесуваа на Месијата, иако тоа беше нивна привилегија и должност. Тие не беа поврзани со Бога и со небото, па затоа не можеа да го разберат делото на Спасителот на светот. Иако добија најубедливи докази дека Исус е Спасителот, сепак одбија да го отворат својот ум за разбирање. Првин Му се спротивставија во своите срца, одбивајќи да поверуваат во најсилните докази за Неговото божество. Како резултат на тоа одбивање, нивните срца стануваа сè потврди, сè додека не станаа целосно решени во своето неверување и во своето одбивање да Го прифатат Христос.“ – The Spirit of Prophecy 2, 354, 355.

в. Каква впечатлива спротивност меѓу Себе и неверните фарисеи спомна Исус? Јован 8:19–23.

г. Која беше фаталната последица од отфрлањето на Христос од страна на еврејските водачи? Јован 8:24; Матеј 23:38.


Вто 13 мај

3. ДВЕ КЛАСИ СЛУШАТЕЛИ

а. Откако беа предупредени дека ќе умрат во своите гревови, што бараа фарисеите од Исус и зошто? Јован 8:25.

„Правејќи се дека ги игнорираат Неговите зборови, тие прашале: ‘Кој си Ти?’ Одлучиле да го принудат на јавно признание дека Тој е Христос. Но Неговиот надворешен изглед и Неговото дело биле толку поразлични од она што народот го очекувал, така што Неговите лукави непријатели сметале дека, ако отворено каже дека е Месијата, народот ќе Го отфрли како измамник.“ – Копнежот на вековите, 465.

б. Како им одговорил Спасителот – откривајќи ја со тоа Својата прекрасна поврзаност со Отецот? Јован 8:25–29.

„Христос никогаш не застранил од верноста кон начелата на Божјиот закон. Никогаш не направил нешто спротивно на волјата на Својот Татко. Тој, пред ангелите, луѓето и демоните, можел да изговори зборови што во секоја друга уста би биле хула: ‘Секогаш го вршам она што Му е угодно.’ (Јован 8:29). Неговите непријатели го прогонувале ден за ден цели три години, трудејќи се да најдат нешто што би го извалкало Неговиот карактер. Со помош на сите сили на злото, сатаната упорно настојувал да Го совлада, но во Него не можел да најде ништо што би можел да го искористи. Дури и демоните морале да признаат: ‘Ти си Светец Божји’ (Лука 4:34).“ – 8 Сведоштво, 208.

в. Објасни ја Христовата секојдневна поврзаност со Отецот и на кој начин ние треба да го доживееме истото искуство. Јован 15:10; Ефесјаните 2:4–6.

„Христовите следбеници треба да бидат такви каков што бил Тој кога ја примил на Себе човечката природа – тоа е Божјата намера. Со Неговата сила, тие треба да живеат живот на чистота и благородност, како што живеел Спасителот.“ – 8 Сведоштво, 289.

„Животот на нашиот Спасител на земјата, иако низ судири, бил живот на мир. Додека разбеснетите непријатели постојано го прогонувале, Тој велел: ‘Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што му е угодно’ (Јован 8:29). Никаква бура на човечкиот или на сатанскиот гнев не можела да го наруши мирот на Неговата совршена заедница со Бога.“ – Мисли од гората на блаженството, 15, 16.


Сре 14 мај

4. ОДРАЗЕНА СВЕТЛИНА

а. Додека Христос им зборуваше продорни вистини на фарисеите, како Неговите зборови влијаеја врз искрените слушатели и зошто тоа може да нè охрабри и нас денес? Јован 8:30.

„Христос знаеше како да постапи разумно и мирно и да ги осуети нивните планови да Го осудат. Господовите зборови беа како остри стрели што ја погодуваат метата и ги рануваат срцата на Неговите обвинители. Секој пат кога Христос им зборуваше на луѓето, без разлика колку голем беше бројот на Неговите слушатели, Неговите зборови имаа спасоносно влијание врз некои од нив. Ниту една порака што излегла од Христовите усни не останала без ефект. Секој збор што им го упатил на Своите слушатели носеше нова одговорност. Проповедниците што му ја носат на светот последната вест на милоста, кои искрено и посветено ја објавуваат вистината и се потпираат на Бога за сила, никогаш не треба да стравуваат дека нивните напори ќе бидат залудни. Никој не може да каже дека стрелата на вистината не стигнала до целта и не ги прободела душите на оние што ја слушаат. Иако ниту едно човечко око не може да го види летот на стрелата на вистината и иако ниту едно човечко уво не го чуло викањето на ранетата душа, вистината сепак тивко си го пробива патот до срцето. Бог ѝ зборува на душата, и во денот на конечната пресметка, Божјиот проповедник ќе стои со трофеите на откупителната милост, оддавајќи чест на Христос, кому таа чест единствено му припаѓа. Бог, Кој гледа во тајност, јавно ќе ги награди оние што ја објавувале вистината во Негово име.“ – The Signs of the Times, February 6, 1896.

б. Освен проповедниците, кој уште е благословен со одразувањето на небесната светлина? Псалм 27:1; 147:15; Исаија 55:10, 11.

„И луѓето што не се повикани да бидат проповедници треба да работат за Господа според своите способности. Стотици мажи и жени, кои денес се без одредена задача, би можеле да вршат прифатлива служба. Тие би можеле да направат големо дело за Господа внесувајќи ја вистината во домовите на своите пријатели и соседи. Бог не гледа кој е кој. Тој ќе ги користи понизните, посветени христијани, дури и ако можеби не добиле темелно образование како некои други. Таквите нека се вклучат во Неговата служба, одејќи од куќа до куќа. Дури и седејќи околу огништето, ако се понизни, внимателни и побожни, можат да им помогнат на семејствата повеќе отколку ракоположен проповедник.“ – 7 Сведоштво, 21.


Чет 15 мај

5. РОПСТВО НАСПРОТИ СЛОБОДА

а. Што им рече Исус на Евреите кои Го прифатија? Јован 8:31,32. Наспроти тоа, како неверниците не успеаја да разберат кој е единствениот услов под кој можеме да бидеме ослободени од гревот? (Јован 8:33–36).

„(Фарисеите) беа во најлошото ропство – беа обземени од злиот дух...

„Секој човек што одбива да му се предаде на Бога се наоѓа под власт на една друга сила. Таквиот човек не си припаѓа самиот на себеси. Тој може да зборува за слобода, но всушност се наоѓа во најлошото ропство. Тој не е во можност да ја види убавината на вистината, бидејќи неговиот разум е под власта на сатаната. Иако се залажува дека ги следи диктатите на сопствениот разум, тој всушност се покорува на волјата на кнезот на темнината. Христос дојде да ги искине од душата оковите на ропството на гревот.

Во делото на спасението нема присила. Не се користи никаква надворешна сила. Под влијание на Божјиот Дух, човекот има можност слободно да одлучи кому ќе му служи. Највозвишеното чувство на слобода се наоѓа во преобразбата што се случува кога душата ќе му се потчини на Христос. Отфрлањето на гревот е чин што го извршува самата душа. Вистина е дека сами не можеме да се ослободиме од власта на сатаната. Сепак, кога копнееме да бидеме ослободени од гревот и, чувствувајќи ја својата голема потреба, во молитва бараме сила што е надвор и над нас, божествената сила на Светиот Дух ги исполнува силите на нашата душа и тие се покоруваат на Божјата волја.

Единствениот услов под кој е можна човечката слобода е човекот да стане едно со Христос. ‘Вистината ќе ве ослободи,’ а Христос е вистината. Гревот може да триумфира само ако го ослаби разумот и ја уништи слободата на душата. Да му се потчиниме на Бога значи да се вратиме кон самите себе, да се вратиме кон славата и достоинството на човекот. Божествениот закон, на кој треба да се покоруваме, е ‘закон на слободата’ (Јаков 2:12).“ – Копнежот на вековите, 466.


Пет 16 мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА:

1. Објаснете го значењето на зборовите што Симеон ги изговори за Исус.

2. Опиши го однесувањето на книжниците и фарисеите кон Христос.

3. Што ќе се случи со нивниот народ поради отфрлањето на Исуса?

4. На кој начин искрените души му одговараат на Христос – и тогаш, и денес?

5. Објасни го концептот на слободата во светлината на евангелската вистина.

 <<    >>