Нед
27 април
1. ЗАМКА ЗА ИСУС
а. Додека Исус поучувал во храмот, што направиле книжниците и фарисеите? Јован 8:2–3.
„(Христос) Набргу бил прекинат. Му пристапила една група фарисеи и книжевници, влечејќи со себе една ужасена жена, која со остри и лути гласови ја обвинувале дека ја прекршила седмата заповед.“ — Копнежот на вековите, 460.
б. Пројавувајќи наизглед голема почит кон законот, кое прашање му го поставија фарисеите на Христос и која беше нивната вистинска намера? Јован 8:4–6 (прв дел).
„Нивното наводно почитување го прикривало тајниот и внимателно испланиран план за Неговата пропаст. Сакале да ја искористат оваа можност да издејствуваат Негова осуда, бидејќи, каква и да била Неговата одлука, би имале причина да го обвинат. Ако ја ослободи жената, би можеле да Го обвинат дека го презира Мојсеевиот закон. А ако каже дека заслужува смрт, би можеле да Го пријават кај Римјаните, обвинувајќи Го дека си присвојува власт што им припаѓа само ним.“ — Копнежот на вековите, 460.
Пон
28 апр
2. ВИСТИНСКАТА СЛИКА ОТКРИЕНА
а. Како одговорил Исус на лагите на фарисеите? Јован 8:6 (последен дел).
„Исус еден момент ја набљудувал таа сцена – жртвата што треперела од срам и големодостојниците со сурови лица, лишени од секакво човечко сожалување. Неговиот совршено чист дух се згрозил од оваа сцена. Добро знаел зошто ја довеле оваа жена пред Него. Ги читал срцата и го познавал карактерот и животната историја на сите што стоеле пред Него. Овие таканаречени чувари на правдата сами ја навеле својата жртва на грев за да му постават стапица на Исуса. Не покажувајќи никаков знак дека го слушнал нивното прашање, Исус се наведнал, и гледајќи во земјата, почнал да пишува во правта.“ — Копнежот на вековите, 461.
б. Како Исус им покажал на обвинителите дека ни тие самите не се без грев и што направија тогаш? Јован 8:7–9.
„Тужителите биле поразени. Сега, откако од нив биле симнати облеките на наводната светост, стоеле виновни и осудени пред Бесконечната Чистота. Трепереле од страв дека нивното скриено беззаконие ќе биде разоткриено пред мноштвото. И така, еден по еден, со наведнати глави и избегнувајќи погледи, крадешкум си заминале, оставајќи ја својата жртва насамо со сочувствителниот Спасител.“ — Копнежот на вековите, 461.
в. Општо кажано, што сите ние треба да научиме од зборовите што Исус им ги упатил на обвинителите? Лука 6:42.
„Има луѓе кои пребрзо сакаат да го исправат она што, според нив, е погрешно. Тие сметаат дека треба нив да ги изберат наместо оние што згрешиле. Го потценуваат сето она што тие работници веќе направиле, додека самите само набљудувале и критикувале. Со своите дела тие зборуваат: ‘Јас сум во состојба да извршам подобри работи. Јас можам успешно да го водам делото.’ Но, наложено ми е да ви кажам: ‘Не судете, за да не ви се суди’ (Матеј 7:1). Можеби ќе избегнете грешки во еден правец, но затоа сте во состојба да направите противење грешки во некој друг правец, грешки кои многу тешко ќе се исправат и кои можат многу да ѝ на штетат на работата. Овие грешки можат да бидат од поголема штета од оние кои ги направија вашите браќа.“ — 7 Сведоштво, 279.
Вто
29 апр
3. НЕОЧЕКУВАНО ДЕЛО
а. Какво прашање ѝ упатил Исус на жената откако нејзините обвинители си заминаа? Како начинот на кој Тој се однесуваше во оваа ситуација влијаеше на нејзиниот живот? Јован 8:10, 11.
„Жената стоела пред Христа, растреперена од страв. Неговите зборови: ‘Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа’, нејзе ѝ звучеле како смртна пресуда. Таа не се осмелувала да ги подигне очите кон Христовото лице, туку тивко ја очекувала својата судбина. Потоа вџашено гледала како нејзините обвинители заминуваат вознемирени и без збор. А тогаш до нејзиното уво допреле овие прекрасни зборови на надеж: ‘Ни Јас не те осудувам. Оди и не греши повеќе’. Нејзиното срце се растопило и паѓајќи пред Христовите нозе со горчливи солзи, таа липајќи и со благодарна љубов ги исповедала своите гревови.
За неа тоа бил почеток на еден нов живот, живот во чистота и мир, посветен на Бога. Исчистувајќи ја оваа падната душа, Исус направил поголемо чудо, отколку исцелувајќи болни од најстрашни физички болести. Тој излекувал духовна болест, која води во вечна смрт. Оваа жена што се покајала, станала еден од Неговите најпостојани следбеници. Таа ја покажала својата благодарност поради љубовта, која простува, со самопожртвувана љубов и преданост. За оваа грешна жена светот имал само презир и потсмев, но Безгрешниот се смилувал на нејзините слабости и ѝ подал рака на помош. Додека лицемерните фарисеи ја осудувале, Исус ѝ рекол: ‘Оди и не греши повеќе.’“ — Здравје и среќа, 89.
„Давајќи ѝ прошка на оваа жена и охрабрувајќи ја да живее подобар живот, Христовиот карактер зрачел со убавината на совршената праведност. Иако Тој не го оправдува гревот, ниту го намалува чувството на вина, Неговата цел не била да осудува, туку да спасува. Светот ѝ покажал само презир и подбив, но Исус ѝ изговорил зборови на утеха и надеж.“ — Копнежот на вековите, 462.
б. Опиши го ефектот на Христовата спасоносна милост. Лука 7:37–40, 47, 48.
„Исус ги познава околностите на секоја душа. Колку е поголема вината на грешникот, толку е поголема и неговата потреба од Спасителот. Неговото срце, исполнето со Божја љубов и сочувство, најсилно се привлекува кон оние што се речиси без надеж, фатени во стапицата на непријателот. Со Својата сопствена крв, Тој го потпишал документот за ослободување на човечкиот род.“ — Здравје и среќа, 89, 90.
Сре
30 апр
4. УТЕХА ШИРЕНА НАСЕКАДЕ
а. Што треба да биде одлика на нашето однесување, особено во односите со нашите ближни, и на кој начин тоа е единствено можно? 2 Коринтјаните 1:3–5.
„Човекот кој е во мир со Бога и со своите ближни не може да биде несреќен. Во неговото срце нема место за завист; Злите претпоставки не можат да се задржат во него; Омразата не може да опстои. Срцето што е во хармонија со Бога е издигнато над незгодите и искушенијата на овој живот.“ — 5 Сведоштво, 488.
„Христос токму низ страдањето го стекнал искуството на утешител. Тој учествувал во сите човечки таги (Исаија 63:9). ‘Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне’ (Евреите 2:18). И сите оние што стапиле во заедница со Неговите страдања ја имаат привилегијата да учествуваат во оваа служба.“ — Мисли од гората на блаженството, 13.
б. Опишете ја единствената надеж и привилегија што ја имаме следејќи ги Христовите стапки. 2. Коринтјаните 1:6, 7.
„Ако не чувствувате дека е чест да учествувате во Христовите страдања, ако во своите души не носите товар за спасението на оние што се во опасност, ако не сте подготвени да се жртвувате за да обезбедите средства за делото што мора да се изврши – тогаш за вас нема да има место во Божјото царство. Мораме да учествуваме со Христос во Неговите страдања и на секој чекор да се угледуваме на Неговото самоодрекување. Неопходни ни се присуството и помошта на Светиот Дух за да нè води кон постојано самопожртвување.“ — 9 Сведоштво, 103, 104.
в. Опишете ја особината што е најпотребна меѓу верниците во тројната ангелска порака. 1. Коринтјаните 13:13, 4–8.
„Особините што најмногу треба да се негуваат кај народот кој ги држи Божјите заповеди се воздржувањето, долготрпението, мирот и љубовта. Таму каде што нема љубов, настанува ненадоместлива загуба.“ — 6 Сведоштво, 398, 399.
Чет
1 мај
5. НЕЖНО ОБНОВУВАЊЕ
а. Како ќе се однесуваат вистинските верници ако друг христијанин падне во грев – за разлика од она што лажните верници често го прават? Галатјаните 6:1–3; Римјаните 15:1–3.
„Имајте на ум дека делото на обновување е наша задача. Тоа дело не може да се врши на горделив, несоодветен и заповеднички начин. Со своето однесување не зборувајте: ‘Имам власт и ќе ја користам’, ниту, пак, опсипувајте го со обвинувања оној што е во заблуда. Поправајте со ‘дух на кротост, пазејќи се и вие да не бидете искушани’. Работејќи за своите браќа, не смееме да постапуваме на начин што ќе ги одбие, ниту да ги обесхрабриме и доведеме до очај, велејќи: ‘Ти ме разочара, и нема веќе да се трудам да ти помагам.’ Оној што вообразува дека е полн со мудрост и сила, а ги притиска потчинетите, оние што се во неволја и копнеат за олеснување, покажува фарисејски дух и се облекува во облека на својата таканаречена достоинственост. Во таквиот дух, тој Му заблагодарува на Бога што не е како останатите луѓе, верувајќи дека неговиот живот заслужува пофалба и дека е премногу силен за да биде искушуван. ‘Зашто оној, кој сам себе се смета за нешто, а не е ништо, тој се мами самиот себе’ (Галатјаните 6:3)“.— 6 Сведоштво, 398.
„Човекот што го свртува својот поглед од заблудените, дозволувајќи им непречено да продолжат да паѓаат сè подлабоко, не е вистински Христов следбеник. Оние што најчесто предводат во осудата на другите и најревносно бараат нивно казнување, честопати се дури и поголеми виновници во сопствениот живот. Луѓето го мразат грешникот, но го љубат гревот. Христос го мрази гревот, но го љуби грешникот. Таков ќе биде и духот на сите што одат по Него. Христијанската љубов бавно укорува, но брзо го воочува покајанието. Таа е подготвена да прости, да охрабри, да го изведе заблудениот на патеката на светоста и да ги зацврсти неговите чекори на неа.“ — Копнежот на вековите, 462.
Пет
2 мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА:
1. Објаснете ја замката што книжниците и фарисеите ја подготвија за Исус.
2. Како лицемерните Евреи покажуваа привидна почит кон законот?
3. Што мораа да признаат за себе Евреите обвинители?
4. Опиши ја надежта што ѝ беше укажана на заблудената и малтретирана жена.
5. Како можам да бидам посличен на Исус во однесувањето кон заблудените души?