Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ВТОР ДЕЛ)

 <<    >> 
САБОТА, 21 ЈУНИ 2025. 12 ЛЕКЦИЈА
Исус и Лазар „Скапа е во очите на Господ смртта на неговите светии“ (Псалм 116:15).
Предлагаме да прочитате:   Здравје и среќа, 219–224. 
„Во Христа се наоѓа животот – исконски, непозајмен, ненаследен... Христовото божество е гаранција за верникот за вечен живот.“ — Копнежот на вековите, 530.

1. СЕМЕЈСТВОТО ВО ВИТАНИЈА Нед 15 јуни
а. Кои ученици имаше Исус во градот Витанија? Јован 11:5. „(Христовото) срце било поврзано со силна врска на љубов со семејството од Витанија, и за еден член од тоа семејство Тој го направил Своето најголемо чудо.Во домот на Лазар, Исус често наоѓал одмор. Спасителот немал Свој дом, туку зависел од гостопримството на Своите пријатели и ученици. Затоа, кога бил изморен и кога му било потребно друштво, со радост наоѓал засолниште во тоа тивко семејство, далеку од сомнежите и зависта на гневните фарисеи. Таму наидувал на топол пречек и на чисто, свето пријателство. Тука можел да зборува едноставно и потполно слободно, знаејќи дека тие ќе Го разберат и високо ќе ги ценат Неговите зборови.“ — Копнежот на вековите, 524. б. Во каков дом е Бог присутен со Своите најпрекрасни благослови? Изреки 3:33, последен дел. „Нашиот Спасител го ценел тивкиот дом и заинтересираните слушатели. Тој копнеел по човечка нежност, љубезност и љубов. Оние чии срца ги примале небесните поуки што Тој секогаш бил подготвен да ги сподели, добивале обилни благослови.“ — Копнежот на вековите, 524.

2. ЛАЗАР СЕ РАЗБОЛУВА Пон 16 јуни
а. Што презеле сестрите на Лазар кога нивниот брат сериозно се разболел – и каков одговор добиле? Јован 11:1–4. „Лазар бил совладан од ненадејна болест, а неговите сестри му испратиле порака на Спасителот, велејќи: ‘Господи, оној кого го љубиш е болен.’ Тие ја виделе суровоста на болеста што го снајде нивниот брат, но знаеле дека Христос веќе покажал дека е во состојба да исцели секоја болест. Биле уверени дека Тој ќе сочувствува со нив во нивната неволја и затоа не го молеле веднаш да дојде, туку само Му испратиле доверлива порака: ‘Оној кого го љубиш е болен.’ Тие верувале дека Тој веднаш ќе одговори на нивната порака и дека ќе дојде кај нив онолку брзо колку што ќе му треба време да стигне до Витанија.Нетрпеливо чекале Христос да им испрати каков било збор. Додека во нивниот брат сè уште тлеела и најмалата искра на живот, тие се молеле и чекале Исус да дојде. Но, гласникот се вратил без Него. Сепак, донел порака: ‘Оваа болест не е смртоносна.’ Тие цврсто се држеле за надежта дека Лазар ќе живее. Со љубов и нежност се обидувале да му упатат зборови на надеж и охрабрување на речиси бесвесниот страдалник.“ — Копнежот на вековите, 525, 526. б. Опишете ги Христовите зборови и дела во наредните неколку дена. Јован 11:5–8. „„Во текот на тие два дена, изгледало како Христос да ја отстранил пораката од Својот ум, бидејќи воопшто не зборувал за Лазар. Учениците се сетиле на Јован Крстител, Христовиот предвесник, и се прашувале зошто Исус, и покрај Својата моќ да извршува прекрасни чуда, дозволил Јован да биде фрлен во затвор и да умре со насилна смрт. Зошто Исус, кога располага со таква сила, не го спасил животот на Јован? Ова прашање често го поставувале фарисеите и го користеле како сигурен аргумент против Христовото тврдење дека е Божји Син. Спасителот ги предупредил Своите ученици за неволји, загуби и прогонства. Но, дали Тој ќе ги заборави во нивните маки? Некои се прашувале дали можеби погрешно ја разбрале Неговата мисија. Сите биле длабоко вознемирени...Учениците се чуделе зошто Исус чекал два дена ако веќе имал намера да оди во Јудеја. Но, во тие моменти, тие биле повеќе загрижени за Неговата безбедност, како и за својата. Во она што Христос планирал да го направи, тие гледале само опасност.“ — Копнежот на вековите, 526.

3. РАЗОЧАРУВАЊЕТО СЕ ПРЕТВОРА ВО НАДЕЖ Вто 17 јуни
а. Која порака за сите времиња можеме да извлечеме од начинот на кој Христос се однесувал во низа сложени настани поврзани со болеста на Лазар? Јован 11:9, 10. „Оние кои имале можност да станат Христови соработници, но ги презреле гласниците и нивната порака, ќе ги изгубат своите привилегии. Тие ќе одат во темнина, не знаејќи на што се сопнуваат. Таквите лесно ќе бидат заведени од заблудите на последните денови. Нивните умови се зафатени со безначајни прашања, и тие ја губат благословената можност да се впрегнат со Христос и да станат Божји соработници.“ — Fundamentals of Christian Education, p. 471. б. Кое прекрасно откровение им подари Исус на Своите ученици – и како тие сепак ги протолкуваа Неговите зборови? Јован 11:11, 12. „Тогаш им рече: ‘Нашиот пријател Лазар заспал, но Јас одам да го разбудам.’ ‘Нашиот пријател Лазар спие.’ Колку трогателни и полни со сочувство зборови! Размислувајќи за опасноста на која ќе се изложи нивниот Учител одејќи во Ерусалим, учениците речиси го заборавиле натаженото семејство во Витанија. Но тоа не било случај со Христос. Учениците почувствувале прекор. Биле разочарани што Исус не одговорил побрзо на пораката. Дошле во искушение да помислат дека Тој не чувствува толку нежна љубов кон Лазар и неговите сестри, како што тие претпоставувале – инаку би побрзал веднаш со гласникот. Но зборовите ‘Нашиот пријател Лазар спие’ во нив разбудиле исправни чувства. Тогаш сфатиле дека Христос не ги заборавил Своите пријатели кои страдаат.“ — Копнежот на вековите, 527. в. Објаснете што всушност значеле овие Христови зборови. Јован 11:13, 14. „На Своите верни деца, Христос им ја претставил смртта како сон. Нивниот живот со Христа е сокриен во Бога, и додека не затруби последната труба, тие што умреле ќе спијат во Него.“ — Копнежот на вековите, 527.

4. ЧЕКАЊЕ, ЧЕКАЊЕ, ЧЕКАЊЕ Сре 18 јуни
а. Зошто Исус не дошол во Витанија дури и кога дознал дека Лазар умрел? Јован 11:15. „Учениците биле збунети од Христовите зборови кога рекол: ‘Лазар умре. И Јас се радувам... што не бев таму.’ Дали Спасителот свесно одбрал да го избегне домот на Своите пријатели кои страдале? Изгледало како сестрите и Лазар, кој бил на смртна постела, да биле препуштени сами на себе. Но, тие не биле сами. Христос го гледал сето она што се случувало и по смртта на Лазар, Неговата благодат ги поддржувала ожалостените сестри. Исус видел како тагата им ги раскинува срцата додека нивниот брат се борел со својот најголем непријател – смртта. Тој ја почувствувал сета тежина на нивната болка кога им рекол на Своите ученици: ‘Лазар умре.’ Сепак, Христос не можел да мисли само на Своите сакани во Витанија; Тој морал да размислува и за обучувањето на Своите ученици. Тие требало да станат Негови претставници во светот, за да може Татковиот благослов да ги допре сите луѓе. Поради нив, Тој дозволил Лазар да умре. Ако само го излекувал од болеста, немаше да биде направено чудото што станало најсилен доказ за Неговиот божествен карактер.“ — Копнежот на вековите, 528. б. Што треба да разбереме за начинот на кој Великиот Лекар дозволил Лазар, Неговиот пријател, да биде толку болен и на крај да умре? 1. Коринтјаните 15:17–19; Псалм 18:28. „(Христовото) дело не заврши само со покажување на Неговата моќ над болеста. За Него, секое дело на исцелување беше можност да ги втисне божествените начела на Неговата љубов и добротворност во срцето на човекот.“ — Counsels on Health, p. 249.„Ако Христос бил во собата на болниот, Лазар немаше да умре, бидејќи сатаната немаше да има никаква моќ над него. Смртта немаше да може да ја фрли својата стрела врз Лазар во присуство на Оној што дарува живот. Затоа Христос останал настрана. Тој му дозволил на непријателот да ја употреби својата сила, за потоа да може да го совлада победениот непријател. Дозволил Лазар да потпадне под власта на смртта, а неговите ожалостени сестри да го испратат во гроб. Христос знаел дека нивната вера во Него како Спасител ќе биде ставена на тешка проба кога ќе го видат лицето на својот мртов брат. Но исто така знаел дека по оваа борба нивната вера ќе заблеска уште посилно. Ја почувствувал целата тежина на нивната болка. Не ги сакал помалку затоа што доцнел, туку знаел дека заради нив, заради Лазар, заради Себе и заради Своите ученици, мора да извојува победа.“ — Копнежот на вековите, 528.

5. НЕ СЕКОГАШ ОНАКА КАКО ШТО ОЧЕКУВАМЕ... Чет 19 јуни
а. Што секогаш треба да имаме на ум во врска со смртта на Божјите верни слуги, без разлика на начинот на кој таа настапува? Псалм 116:15. Наведете примери. „На Елисеј не му било дадено да замине со својот учител во огнена кола. Господ дозволил да страда од долготрајна болест. Во долгите часови на човечка слабост и страдање, неговата вера се крепела на Божјите ветувања, и тој секогаш гледал небесни гласници околу себе кои му носеле утеха и мир.Неговата вера созреала во постојана доверба во Бога, и кога го повикала смртта, бил подготвен да се одмори од својата работа.“ — Пророци и цареви, стр. 263. б. Што сè се случило во Витанија пред доаѓањето на Исус – и кој сè бил присутен кога Тој пристигнал? Јован 11:17–19. „Одложувајќи го Своето доаѓање кај Лазар, Христос сакал уште еднаш да им укаже милост на оние што не Го прифатиле. Тој го одложил Своето доаѓање за со воскресението на Лазар да му даде на тврдоглавиот, неверен народ уште еден доказ дека Тој навистина е ‘воскресението и животот’. Му било тешко да ја изгуби целата надеж за Својот народ – за сиромашните, заталкани овци на домот Израелев. Неговото срце се кинело поради нивната непокајаност. Во Својата милост сакал да им даде уште еден доказ дека Тој е Избавителот, дека само Тој може да го изведе животот на виделина и да ја открие бесмртноста. Овој доказ требало да биде толку јасен, што свештениците нема да можат да го изопачат или погрешно да го протолкуваат. Поради тоа не заминал веднаш во Витанија. Ова, Неговото најголемо чудо – подигањето на Лазар од мртвите – требало да стави Божји печат на Неговото дело и на Неговото тврдење за Своето божество.“ — Копнежот на вековите, 529.

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА: Пет 20 јуни
1. Кои биле членовите на семејството на Лазар? 2. Зошто Исус не одговорил веднаш на молбата на Своите пријатели? 3. Каква била реакцијата на учениците на Христовото однесување? 4. Како треба да гледаат на смртта оние што веруваат во Христос? 5. Со каква цел Христос дозволил Лазар да умре?
 <<    >>