Нед
25 мај
1. ПОГРЕШНО РАЗБИРАЊЕ
а. Какво прашање учениците му го поставија на Исуса кога го видоа човекот кој бил слеп од раѓање? Јован 9:1, 2.
б. Којa заблуда за страдањата ја негувале и Евреите и учениците, и каква корист имал сатаната од тоа? Јован 9:34, првиот дел.
„„Кај Евреите било широко распространето верувањето дека гревот се казнува во овој живот. Секоја неволја се сметала за казна за некое злодело што го направил самиот страдалник или неговите родители. Вистина е дека сите страдања произлегуваат од престапот на Божјиот закон, но таа вистина била извртена. Сатаната, зачетникот на гревот и на сите негови последици, ги наведува луѓето да гледаат на болеста и смртта како казна што Бог ја нанесува самоволно, поради гревот. Затоа, оној што го снашла некоја тешка болест или несреќа морал да го носи уште и тој дополнителен товар – да биде сметан за голем грешник.
Така бил подготвен патот Евреите да го отфрлат Исуса. Оној што ‘ги понесе нашите болести и ги зеде нашите немоќи на Себе’ бил сметан од страна на Евреите дека ‘Бог го ранува, бие и мачи’ и затоа го засолнувале своето лице од Него (Исаија 53:4,3).“ — Копнежот на вековите, 471.
Пон
26 мај
2. НА СЛАВА БОЖЈА
а. Кој одговор на Исус фрли светлина врз проблемот на страдањето и гревот? Јован 9:3–5.
„Христовите ученици го имале истото верување како Евреите за врската помеѓу гревот и страдањето. Исправајќи ја нивната заблуда, Исус не ја објаснил причината за несреќата на тој човек, туку им кажал какви ќе бидат последиците. Поради тоа ќе се манифестираат Божјите дела. Тој рекол: ‘Додека сум во светот, Јас сум светлината на светот’“. — Копнежот на вековите, 471.
б. Што направи Исус недолго потоа, и како слепиот човек соработуваше со Него? Јован 9:6, 7.
„Откако ги помазал очите на слепиот човек, Исус го испратил да се измие во Силоамската бања – и неговиот вид се вратил. Така, на прашањето на учениците, Исус одговорил на практичен начин, како што вообичаено одговарал на прашањата што му биле поставувани од љубопитност. Учениците не биле повикани да полемизираат за тоа кој згрешил, а кој не, туку да ја сфатат Божјата сила и милост во давањето вид на слепиот. Било очигледно дека ниту калта, ниту водата во бањата немале исцелувачка моќ – туку дека таа моќ се наоѓала во Христа.“ — Копнежот на вековите, 471.
в. Опишете ги различните реакции на ближните на овој исцелен човек и наведете го разговорот меѓу него и неговите ближни. Јован 9:8–12.
„Соседите на момчето и оние што го познавале од порано, извикале: ‘Нели е ова оној што седеше и просеше?’ Го гледале со сомнеж, бидејќи со отворени очи, неговото лице било изменето и посреќно и изгледал како друг човек. Луѓето се прашувале еден со друг. Некои рекле: ‘Тој е’ други: ‘Наликува на него’. Меѓутоа, оној што го примил овој голем благослов, го прекинал ова распрашување и рекол: ‘Јас сум!’“ — Копнежот на вековите, 471, 472.
Вто
27 мај
3. ПРАШАЊЕТО ДОСТИГНУВА ВРВ
а. Кај кого го одведоа еврејските водачи човекот кој бил слеп од раѓање и зошто? Кој ден беше исцелен? Јован 9:13, 14.
б. Опишете ја реакцијата на фарисеите. Јован 9:15, 16.
„Фарисеите се надевале дека ќе можат да Го прикажат Исуса како грешник, кој, поради тоа, не може да биде Месијата. Но не знаеле дека Оној што го излекувал слепиот човек е Токму Оној што ја создал Саботата и совршено ги познавал нејзините барања. Тие изгледале многу ревносни во почитувањето на Саботата, а во исто време, токму тој ден, планирале убиство.“ — Копнежот на вековите, 472.
в. Кого фарисеите го повикаа да сведочи за исцелениот човек? Јован 9:18, 19.
„(Фарисеите) ги повикале неговите родители и ги прашале: ‘Дали ова е вашиот син за кого велите дека се родил слеп?’ Таму бил и човекот кој самиот сведочел дека бил слеп, а сега гледа. Но рабините попрво не би им верувале на своите очи, отколку да признаат дека биле во заблуда. Толку била силна нивната предрасуда, толку изопачена била фарисејската „праведност.“ — Копнежот на вековите, 472.
г. Како и ние сме предупредени против широко распространетото зло – однапред формирано мислење? Изреки 18:13.
„Мнозина го толкуваат и обликуваат она што го слушаат на свој начин, така што мислите добиваат сосема поинакво значење од она што говорникот се обидувал да го каже. Заведени од сопствените предрасуди и пристрасност, некои ја разбираат суштината на излагањето онака како што тие би сакале да биде – на начин што најмногу одговара на нивните цели.“ — 5 Сведоштво, 695.
Сре
28 мај
4. СООЧЕНИ СО ЗАПЛАШУВАЊЕ
а. На кој начин фарисеите се обидоа да ги заплашат родителите на човекот кој беше слеп од раѓање, и како тие одговорија? Јован 9:20, 21. Зошто тие не дадоа конкретен и директен одговор? Јован 9:22, 23.
„Родителите се плашеле да не се компромитираат, бидејќи било објавено дека секој што ќе Го признае Исуса за Месија ќе биде
„исклучен од синагогата“ на триесет дена. Во тој период, во домот на престапникот не можело да се изврши обрежување на дете, ниту да се оплакува мртовец. Оваа осуда била сметана за голема несреќа, а ако не доведела до покајание, следела уште потешка казна. Големото чудо што било извршено над нивниот син оставило длабок впечаток врз нив, но тие сепак одговориле: ‘Знаеме дека ова е нашиот син и дека се роди слеп. А како сега гледа – не знаеме. Ниту знаеме кој му ги отвори очите. Прашајте го него, тој е возрасен и нека зборува сам за себе’ На тој начин, тие ја префрлиле целата одговорност врз својот син, бидејќи не се осмелувале јавно да Го исповедаат Христа.“ — Копнежот на вековите, 472.
б. Кога сме под притисок на заплашување, што треба да имаме на ум? Псалм 118:6.
„Стојте цврсто и никогаш не правете погрешна работа од страв да не ве наречат плашливец. Не дозволувајте подбивањето, заканите или потсмешливите коментари да ве наведат да постапите против својата совест, дури ни во најмала мера.“ — Fundamentals of Christian Education, p. 93.
„Христијанскиот карактер треба да биде обележан со таква цврстина на намерата и нескршлива одлучност, што нема да биде разнишан ниту од земјата, ниту од пеколот. Оној што не е слеп за привлечностите и почестите на овој свет, неустрашив пред заканите и рамнодушен кон примамливите понуди, ќе подлегне на лукавствата на сатаната токму тогаш кога најмалку ќе го очекув.“ — 4 Сведоштво, 543.
„И ние, исто така, ќе се соочиме со најжестоко противење од страна на оние адвентисти што се спротивставуваат на Божјиот закон. Но, како и градителите на ерусалимските ѕидови, не смееме да дозволиме ништо да нè одврати од нашиот повик – ниту гласници жедни за полемика и расправии, ниту заплашувања со закани, ниту публикации исполнети со лажни тврдења и измамливи заклучоци, ниту кое било лукавство со кое сатаната би можел да се послужи.“ — 3 Сведоштво, 574.
Чет
29 мај
5. ИСТОРИЈАТА СЕ ПОВТОРУВА
а. Опишете ја ситуацијата со која ќе се соочи Божјиот народ кој ги држи Неговите заповеди и како треба да одговориме. Откровение 12:17; Дела 4:18–20.
„Штом борбата се проширува на нови подрачја и кога вниманието на народот се насочува кон погазениот Божји закон, ни сатаната не мирува. Силата што ја придружува веста само ќе ги разгневи сите што и се противат. Свештениците ќе употребат речиси натчовечки напори да ја засолнат светлината за да не им свети на нивните стада. Ќе се трудат со сите средства што им стојат на располагање да ги спречат дискусиите околу овие важни прашања. Црквата ќе се потпре врз силната рака на граѓанската власт и во тоа католиците и протестантите ќе се обединат. Кога движењето за задолжително празнување на Недта ќе биде посмело и порешително, тогаш и законот ќе биде повикан на помош против оние што ги држат Божјите заповеди. Ќе им се закануваат со парични казни и со затвор, а на некои ќе им се понудат влијателни места и положби, како и други награди и предности, како поттик да се откажат од својата вера. Но нивниот непоколеблив одговор ќе гласи: ,Докажете ни ја со Божјото слово нашата заблуда“ - истото она што го барал и Лутер кога се нашол во слични околности. Оние што ќе бидат доведени пред судовите ќе ја одбранат вистината силно и убедливо, и некои од оние што ги слушаат ќе бидат поттикнати да се решат да ги држат сите Божји заповеди. На овој начин светлината ќе осветли илјадници такви кои инаку никогаш не би дознале за овие вистини.“ — Големата борба, 607.
б. Додека се соочуваме со противење, што секогаш треба да имаме на ум? Јован 9:39; Дела 4:33; Матеј 10:28.
„(Апостолите) со никакви закани не можеле да бидат спречени ниту заплашени.“ — Делата на апостолите, 48.
Пет
30 мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА:
1. Како еврејските водачи им суделе на болните и страдалниците?
2. Кој всушност го исцели слепиот човек?
3. Зошто ближните на слепиот човек биле збунети?
4. Со каква ситуација се соочи младиот човек по своето исцеление?
5. Како јас можам да ја избегнам замката во која паднаа неговите родители?