Предговор Библијата е напишана и со божествена помош сочувана за нас како инспиративен водич. Приказните што таа ги содржи ни нудат безброј поуки, како за нашиот личен живот, така и за времето во кое живееме. Овој запис за Божјото дејствување низ историјата на народите и Неговиот народ нè охрабрува и нè уверува во Неговата љубов. А нејзиното најскапоцено сведоштво – записот за животот и пораката на Исус – буди во нас љубов кон Бога, „бидејќи Тој отпрвин нè возљуби“ (1 Јованово 4:19).Една од прекрасните карактеристики на нашиот Бог што ја наоѓаме во Библијата е Неговото предзнаење – Тој може да го види „во почетокот она што ќе биде на крајот“ (Исаија 46:10). Ова му овозможува со Својата бесконечна сила на „оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сè да им содејствува за добро“ (Римјаните 8:28). Не само тоа, туку одвреме-навреме Тој избира да му открие на Својот народ „она што треба да стане скоро“ (Откровение 1:1). Ова ни дава доверба во Неговата љубов и Неговата промисла и претставува еден од доказите за божествената инспирација на Библијата. Фактот дека пророштвата постојано се исполнуваат на страниците на историјата, како и развојот на тековните настани, ни покажува дека Божјата реч е повеќе од човечка измислица.Пророштвото е од витално значење за Божјите деца. Тој ветува дека ќе ги излие Своите благослови врз оние кои ги читаат и оние „кои ги слушаат зборовите на пророштвото и го пазат напишаното во него“ (Откровение 1:3).Меѓу записите на пророците се издвојуваат два во кои се содржани детални и систематски предвидувања за историските настани. Овие особени пораки им се доверени на Даниел и Јован, а нивните книги, „Даниел“ и „Откровение“, претставуваат фокус на овој квартал од Библиските лекции.Во следните три месеци, учениците во Саботната школа ќе ги проучуваат записите на Даниел и Јован, како и некои од суштинските делови на пророштвата што ги запишале. Тие пророштва го поставуваат темелот за разбирање на адвентната порака и на духовните и политичките движења од минатото и сегашноста.Иако немаме доволно простор за да ги опфатиме сите делови од обете книги во овој квартал, ги охрабруваме учениците подетално да ја проучат целата нивна содржина, заедно со нивната поврзаност со остатокот од Библијата.Еден од најдобрите достапни извори за учениците и учителите во Саботната школа за разбирање на деталите на овие пророштва е класикот на Урија Смит, „Даниел и Откровение“. Од сè срце го препорачуваме како помош во проучувањето на темите на овој квартал.Наша молитва е да бидете благословени преку проучувањето на овие пророштва, „зашто времето е близу“ (Откровение 1:3).Оддел на Генералната конференција за Саботна школа