Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ПРВ ДЕЛ)

 <<    >> 
1 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 4. ЈАНУАРИ 2025

Евангелие според Јован

Запомнете го стихот: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1:14).

„Христос бил во единство со Отецот во текот на целата вечност; и кога ја презеде човечката природа, Тој сè уште беше едно со Бога“. – Selected Messages, bk. 1, p. 228.

Предлагаме да прочитате:   Патријарси и пророци, 44–51, 111-116. 

Нед , 29. дек

1. ИСУС, ЕДНО СО ОТЕЦОТ

а. Што кажува Божјото слово за Исус пред Неговото воплотување? Јован 1:1,2.

„Од вечни времиња Господ Исус Христос бил едно со Отецот; Тој бил ’Божји лик’, лик на Неговата големина и величество, ’одблесок на Неговата слава’. Тој дошол за да ја покаже на нашиот свет таа слава. Дошол на оваа, од грев замрачена Земја, за да ја открие Светлината на Божјата љубов да биде ‘Бог со нас’. Затоа за Него е пророкувано: ’И ќе го наречат Емануел’“. – Копнежот на вековите, 19.

„Христос, Речта, единородниот Божји Син, бил едно со вечниот Отец едно во суштината, во карактерот и во намерите единствено Суштество кое можело да проникне во сите Божји совети и намери“. – Патријарси и пророци, 34.

б. Како Отецот и ангелите гледале на Исус? Псалм 45:6; Исаија 9:6; Евреите 1:3,6-8.

„Ангелите се Божји слуги од кои додека летаат со своите крилја, брзајќи да ја извршат Божјата волја, одблеснува онаа светлина што постојано блескоти од неговото лице. Но поглавар над сите нив е Синот, Божјиот Помазаник, ’кој е сјај од неговиот сјај и отпечаток на неговото битие’, Оној ’кој ја одржува вселената со својата сила’ (Евреите 1:3)“. – Патријарси и пророци, 34.


Пон , 30. дек

2. ПРОЦЕС НА СОЗДАВАЊЕТО

а. Кој ги создал сите нешта? Јован 1:3,10; Колосјаните 1:15-17; Евреите 1:2.

„Христос бил Тој, Кој ги распрострел небесата и ги поставил темелите на Земјата. Неговата рака ги поставила световите да лебдат во просторот и му дала форма и облик на секој цвет во полето. ’Тој ги утврдуваше планините со Својата сила’. ’Негово е морето и Тој го создал’ (Псалм 65:6; 95:5). Тој ја исполнил земјата со убавина и воздухот со песна. Врз сите нешта на земјата, во воздухот и на небото, Тој ја напишал пораката за љубовта на Отецот“. – Копнежот на вековите, 20.

б. Опишете го начинот на кој се создадени световите и вселената. Псалм 33:6,9; 104:1-6.

„Бог зборуваше и Неговите зборови ги создадоа Неговите дела во природниот свет. Божјото создавање е само резервоар на средства подготвени за Него да ги употреби веднаш за да ја исполни Својата волја“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Com¬ments], vol. 1, p. 1081.

„Кога земјата излегла од рацете на својот Творец, била совршено убава. Нејзината површина била украсена со гори, со ритчиња и со рамнини, меѓу кои жубореле прекрасни реки и се простирале пријатни езера. Меѓутоа, ритчињата и горите не биле карпести ниту стрми и немале страшни забести провалии и ужасни понори, какви што има денеска. Страните на планинските венци биле прекриени со плодоносна почва на која насекаде буело зеленило и плодни растенија. Немало одвратни мочуришта и неплодни пустини. Каде и да се запрел погледот, прекрасни грмушки и милно цвеќе го пречекувале со поздрав. Височинките биле покриени со шуми чиишто стебла биле многу повеличествени од кој и да е вид дрво кое воопшто постои денеска. Воздухот бил чист и здрав и во него немало ниту траги од заразни испарувања. Севкупната слика на земјата надминувала по својата убавина секој, и најубаво уреден парк. Војските ангели со восхит ја посматрале оваа глетка и му се радувале на прекрасното Божјо дело“. – Патријарси и пророци, 44.

„Во Библијата нема ниту трага за некакви долги векови во кои земјата постепено се развивала од хаос. За секој последователен ден на создавањето, Светото писмо кажува дека имал вечер и утро, како и секој друг ден што настапил подоцна. При завршувањето на секој од тие денови, се соопштува што создал Творецот во тој ден“. – Патријарси и пророци, 112.


Вто , 31. дек

3. СВЕТЛИНАТА НА ВСЕЛЕНАТА

а. Кој е Авторот на сиот живот и светлина – и како тоа ни користи? Јован 1:4-9; Дела 17:28.

„(Христос) бил Оној што во сите векови зборувал преку сите кои на луѓето им ја објавувале Божјата Реч. Сите доблести на најголемите и најблагородни луѓе на Земјата биле само Негов одраз“. – Воспиитување, 73.

„Христос е ’Светлина која го осветлува секој човек што доаѓа во светот’ (Јован 1:9). Како што преку Христа секое човечко суштество има живот, така преку Него секоја душа прима и некаков зрак од божествената светлина“. – Воспиитување, 29.

„Меѓутоа, Божјата сила сѐ уште работи на одржувањето на она што е создадено. Пулсот не чука, ниту дишењето продолжува затоа што механизмот, еднаш ставен во движење, продолжил да работи со своја сопствена природна енергија. Секое вдишување, секој удар на срцето, е доказ за грижата на Оној во кого живееме, се движиме и постоиме. Од најмалиот инсект до човекот, секое живо суштество секојдневно зависи од Неговото провидение...

Моќната сила која дејствува во целата природа и одржува сѐ, не е, како што сметаат некои научници, само некој сеопфатен принцип, некоја движечка енергија. Бог е дух; а сепак, Тој е личност, суштество; зашто човекот е создаден според Неговиот лик. Како личност, Бог се открил во Својот Син“. – Воспиитување, 131.

б. Што вели Исус за Него? Јован 9:5; 8:12; 3:19; 12:46.

„Со зборовите ’Јас сум светлината на светот’ Исус објавил дека е Месијата. Во храмот во кој Христос проповедал, стариот Симеон зборувал за Него како за ’светлина за осветлување на незнабошците и слава на Твојот народ Израел’. (Лука 2:32) Со овие зборови тој применил на Исус едно пророштво што му било познато на цел Израел. Светиот Дух преку пророкот Исаија рекол: ’Малку е да ми бидеш слуга, да ги подигнеш племињата на Јаков и да го вратиш остатокот Израелев; Јас ќе те поставам за светлина на незнабошците, за Моето спасение да достигне до крајот на Земјата’. (Исаија 49:6) Според општото толкување, тоа пророштво се однесувало на Месијата, а кога Исус рекол: ‘Јас сум светлината на светот’ народот не можел, а да не го препознае Неговото тврдење дека Тој е Ветениот“. – Копнежот на вековите, 465.


Сре , 1. јан ј

4. БОГ СО НАС

а. Што пророкувал Исаија за Христовото име? Исаија 7:14. Кога се исполнило ова пророштво? Матеј 1:22,23.

„Откако Исус дошол да престојува меѓу нас, ние знаеме дека Бог е запознаен со нашите неволји и дека Тој сочувствува со нас во нашите жалости. Секој Адамов син и ќерка можат да увидат дека нашиот Творец е пријател на грешниците. Зашто во секое учење за Божјата благодат, во секое ветување на радост, секој акт на љубов, во секоја божествена привлечност што се манифестирала во животот на Спасителот на Земјата, ние гледаме дека ’Бог е со нас’“. – Копнежот на вековите, 24.

б. Што направил Исус за да допре до нас во нашата падната состојба? Јован 1:14; Филипјаните 2:5-8; Евреите 2:14-18.

„За да ни помогне да се запознаеме со Неговиот божествен карактер и живот, Христос ја зел нашата природа и живеел меѓу нас. Божеството се открило во човечка природа; невидливата слава во видлива човечка форма. Луѓето можеле да дознаат за непознатото преку познатото; небесните нешта се откривале преку земните; Бог се открил во облик на човек“. – Христовите поуки, 17.

„Синот Божји беше напаѓан на секој чекор од силите на темнината. По крштевањето, Духот го одведе во пустината и беше искушуван четириесет дена... Ако не беше учесник во нашата природа, Тој не можеше да биде искушуван како што сме ние искушувани. Ако за Него било невозможно да подлегне на искушение, Тој не ќе можеше да биде наш помошник. Свечена реалност е дека Христос дојде да се бори како човек, во името на човекот. Неговите искушенија и победи ни кажуваат дека луѓето мора да го следат Неговиот пример; човекот мора да стане учесник во божествената природа“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 5, p. 1082.

„За да ја задржи Својата прикриена слава како дете на паднатата човечка раса, ова беше најтешката дисциплина на која Кнезот на животот можеше да се потчини. Така Тој ја измери Својата сила против сатаната. Оној кој бил исфрлен од небото очајно се борел за владеење над Оној на кого му завидувал уште во небесните дворови. О, каква борба беше ова! Ниту еден јазик не може да ја опише. Но, во блиска иднина оние кои победиле со крвта на Јагнето и со словото на нивното сведоштво тоа ќе го разберат“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 5, p. 1081, 1082.


Чет , 2. јан

5. ЦЕЛТА НА ВОПЛОТУВАЊЕТО

а. Што дошол Исус да направи за човечкиот род? Јован 3:16,17; 1:12; Лука 19:10.

„Кон Христа се постапувало онака, како што ние заслужуваме да се постапува кон нас, за со нас да се постапува онака, како што заслужува Тој. Тој бил осуден заради нашите гревови во кои немал никаков удел, за ние да се оправдаме со Неговата праведност, во која не сме имале никаков удел. Се согласил на смрт, која ни припаѓала нам, за ние да примиме живот што бил Негов. ’Со Неговите рани ние се исцеливме’“. – Копнежот на вековите, 25.

б. Како сме обновени со Христовата жртва? Галатјаните 4:5-7; Евреите 2:10.

„Христос принесол потполна и совршена жртва која е доволна да го спаси секој син и Адамова ќерка, секој кој ќе манифестира каење поради кршење на Божјиот закон и вера во нашиот Господ Исус Христос... Тој дал пример на сите Свои следбеници и покажал дека стражарењето, молитвата и неуморните напори се неопходни ако сакаат да Му бидат слични според љубовта која Тој ја чувствувал кон паднатиот род“. – 2 Сведоштво, 664.

„Бог ги љуби Своите послушни деца. Тој има подготвено царство, не за неверни поданици, туку за Своите деца кои ги испитал и проверил во овој осквернет и со грев расипан свет. Како послушни деца, имаме привилегија да бидеме во сродство со Бог. ‘Ако си, пак, син’, вели Тој, ‘тогаш си и наследник’ на бесмртно наследство... Христос и Неговиот народ се едно“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1077.


Пет , 3. јан

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која природа ја поседувал Исус од вечноста?

2. Кој ги распространил небесата и ги поставил темелите на земјата?

3. Од кого произлегува сета вистинска светлина?

4. Како се нарекува Исус во Исаија 7:14?

5. Што станал Исус кога ја презел нашата човечка природа?

 <<    >>