Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ПРВ ДЕЛ)

 <<    >> 
5 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 25. ЈАНУАРИ 2025

Исус и Никодим

Запомнете го стихот: „Исус му одговори и рече: ’Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо’“ (Јован 3:3).

„Изворот во срцето мора да биде очистен, за да може и потокот да биде чист. Оној што мисли со своите дела и со држење на Законот да го стекне Небото се обидува да направи нешто што е невозможно“. – Копнежот на вековите, 172.

Предлагаме да прочитате:   Патот кон Христа, 67-75. 

Нед , 26. јан

1. УГЛЕДЕН ЧОВЕК ГО БАРА ИСУСА

а. Кој бил Никодим, и како луѓето гледале на него? Јован 3:1,10.

„Никодим заземал висока и доверлива положба во еврејскиот народ. Бил високо образован, надарен со исклучителни способности и ценет член на народниот совет... Иако богат, учен и ценет, тој бил необично привлечен од скромниот Назареќанец“. – Копнежот на вековите, 167.

„Бил строг фарисеј и се гордеел со своите добри дела. Бил надалеку почитуван заради својата добродушност и дарежливост во одржување на службата во Храмот и сметал дека Божјата благонаклонетост му е осигурена“. – Копнежот на вековите, 171.

б. Во кое доба Никодим отишол да се сретне со Исус? Јован 3:2 (прв дел).

„Распрашувајќи се добро за местото на коешто Исус се повлекувал на Маслиновата Гора, чекал додека градот не потонал во сон, а потоа го побарал“. – Копнежот на вековите, 168.


Пон , 27. јан

2. ПРИВАТЕН РАЗГОВОР

а. Што покажува Исусовото нежно разбирање при примањето на својот посетител во толку доцни ноќни часови? Псалм 31:20,21.

„(Никодим) многу посакувал да разговара со Исуса, но се плашел да го побара јавно. Би било премногу понижувачки таков израелски поглавар да признае дека ја одобрува работата на еден толку малку познат учител. Кога Синедрионот би дознал за неговата посета, би се изложил на нивниот презир и осуда. Одлучил тајно да го посети Исуса, оправдувајќи го тоа со причината дека многу други ќе го следат неговиот пример, кога тоа би било јавно“. – Копнежот на вековите, 168.

б. Опишете како Никодим го започнал својот разговор со Исус. Јован 3:2.

„Во Христово присуство Никодим чувствувал некоја чудна плашливост, која се обидувал да ја сокрие под призвук на присебност и достоинство. „Рави!“ рекол „знам дека Ти си учител дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави чудесата што ги правиш ти, ако Бог не е со него”. Зборувајќи за посебните Христови дарови како учител и за Неговата прекрасна сила да прави чуда, се надевал дека ќе го приготви патот за разговор. Неговите зборови имале намера да изразат и предизвикаат доверба, но всушност изразувале неверие. Тој не го признавал Исус за Месија, туку само за учител испратен од Бога“. – Копнежот на вековите, 168.

в. Со кој концепт Исус неочекувано го изненади Никодим? Јован 3:3.

„Наместо да го прими овој поздрав, Исус го спуштил погледот на соговорникот како да ја чита неговата душа. Во Својата бесконечна мудрост, пред Себе видел човек што ја бара вистината. Знаел за целта на неговата посета, па со желба да го продлабочи убедувањето коешто веќе се јавувало во умот на Неговиот слушател, преминал непосредно на работата, велејќи свечено, но благо: ’Вистина, вистина ти велам; оној што нема да се роди одозгора, не може да го види Божјото царство’ (Јован 3:3).

Никодим дошол кај Спасителот со желба да дискутира со Него, но Исус го упатил на основното начело на вистината“. – Копнежот на вековите, 168-171.


Вто , 28. јан

3. НОВО РАЃАЊЕ

а. Како одговорил Никодим на она што Христос му рекол дека му е потребно — и зошто на сите нас, како и на него, ни е потребно искуство на ново раѓање? Јован 3:4-8.

„Сликата на преродувањето со која се послужил Исус не му била целосно непозната на Никодим. Луѓето од незнабоштвото, кои се обратиле во израелевата вера, често се споредувани со деца. Затоа сигурно сфатил дека Христовите зборови не треба да се толкуваат буквално. Сметал дека со своето раѓање како Израелец бил сигурен за место во Божјото царство. Мислел дека не му е потребна никаква промена. Затоа се изненадил од зборовите на Спасителот. Бил иритиран што тие толку непосредно се однесувале на него. Фарисејската горделивост се борела со чесната желба на човекот, кој трага по вистината. Се зачудил што Христос така зборува со него, не почитувајќи ја неговата положба на поглавар во Израел.

Изненаден од својата сталоженост, тој му одговорил на Исуса со зборови полни со иронија: ’Како може да се роди човек кога е стар?’ Како и многумина други, кои стануваат свесни за острата вистина, тој покажал дека телесниот човек не може да го прими она што е од Божјиот Дух. Во него нема ништо што би одговорило на духовноста, бидејќи духовните нешта ги сфаќаат само оние, кои се духовни.

Меѓутоа, Спасителот не одговарал на ниту еден аргумент со друг аргумент. Подигнувајќи ја раката со свечено, мирно достоинство, Тој со уште поголема убедливост ја повторил вистината: ’Вистина, вистина ти велам, оној што нема да се роди од вода и од Дух, не може да влезе во Божјото царство’“. – Копнежот на вековите, 171.

б. Кога и како поединецот може повторно да се роди? Јован 1:12,13.

„Но ’Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син’, за да може човекот да се помири со Бога. Само благодарение на Христовите заслуги човекот може повторно да дојде во хармонија со Својот Творец. Неговото срце мора да биде обновено со божествената милост. Тој мора да добие нов живот одозгора. Таа промена претставува ново раѓање, без кое, вели Исус, човекот ’не може да го види царството Божјо’“. ¬– Големата борба, 467.

„Со овој едноставен чин, верувајќи му на Бога, Светиот Дух зачнал нов живот во вашето срце. Вие како дете сте се родиле во Божјото семејство и Тој ве сака, како што го сака Својот Син“. ¬– Патот кон Христа, 51.


Сре , 29. јан

4. ЧИСТЕЊЕ И ОБНОВА

а. Што го симболизира чистењето и обновата што доаѓаат со новото раѓање? Марко 16:16 (прв дел).

„Божјата сила која преобразува може да ги промени наследените и стекнати склоности, затоа што Христовата религија има моќ да го подигне човекот. ’Наново роден’ значи преобратен, новороден во Исуса Христа“. – Адвентен дом, 206.

„Христос го направил крштавањето знак на стапување во Неговото духовно царство. Тој го направил неопходен услов кој мораат потполно да го исполнат сите оние кои сакаат да бидат признати како оние кои се потчинуваат на авторитетот на Таткото, Синот и Светиот Дух. Пред да најде во црквата свој дом, пред да премине преку прагот на духовното Божје царство, човекот мора да прими печат на божественото име: ’Господ наша праведност’ (Еремија 23:6).

Крштавањето е најсвечено одрекување од светот. Оние кои се крс тени во тројното име на Таткото, Синот и Светиот Дух јавно изјавуваат на самото влегување во својот христијански живот дека се откажале од службата на сатаната и дека станале членови на царското семејство, деца на небесниот Цар. Тие се покориле на заповедта: ’Излезете од нивната средина и одделете се... и не допирајте се до нечисто’. На нив се исполнило ветувањето: ’Јас ќе ве примам и ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот’ (2 Коринтјаните 6:17,18)“. – 6 Сведоштво, 91.

б. Што е изјавено за изопаченоста на нашата човечка природа и Божјиот план да нè преобрази? Јован 3:6; Еремија 17:9; Ефесјаните 5:26,27.

„Ние не можеме сами да се избавиме од понорот на гревот во кој сме паднале. Нашите срца се зли и ние не можеме да ги промениме... Образованието, културата, користењето на волјата, човечките напори, сето тоа има своја сфера на делување, но тука тие се беспомошни. Можеби со тоа може да се постигне надворешна коректност во однесувањето, но не може да се промени срцето; не можат да се исчистат изворите на животот. Мора да постои сила која делува одвнатре, нов живот одозгора, за да може човекот да се промени, да го остави гревот и да стане свет. Таа сила е Христос. Само Неговата благодат може да ги оживее замрените способности на душата и да ја привлече кон Бога, кон светоста“. ¬– Патот кон Христа, 18.


Чет , 30. јан

5. НОВ ЖИВОТ И ЧИСТИ ДЕЛА

а. Каква порака подоцна напишале апостолите за промената на фокусот што доаѓа со новото раѓање? Галатјаните 2:20; 1. Јованово 2:15-17.

„Божјата сила која преобразува може да ги промени наследените и стекнати склоности, затоа што Христовата религија има моќ да го подигне човекот. ’Наново роден’ значи преобратен, новороден во Исуса Христа“. ¬– Адвентен дом, 206.

„(Павле) бил осведочен дека разбирањето на восхитувачката жртва која ја поднело Величеството на небото би ја оттргнало од нивните срца секоја себичност. Тој вниманието и мислите на читателите ги насочува прво на положбата која Христос ја заземал на небото, во најблизок однос со Својот Татко; потоа Го прикажува како се откажува од таа Своја слава, доброволно се потчинува на сите понижувачки околности на човечката природа, ги презема на себе одговорностите на слуга и станува послушен до самата смрт, и тоа најнедостојната, најодвратната, најсрамната и најтешката - смрт на крстот. Можат ли христијаните на тоа чудесно манифестирање на Божјата љубов кон човекот, да останат рамнодушни, да не бидат трогнати од чувството на љубов и да не бидат свесни за фактот дека навистина не се свои? На Господа не може да Му се служи од корист и себични побуди и со мрморење“. – 4 Сведоштво, 458.

„Би сакала да ви се обратам како што Христос му се обратил на Никодим: ’Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора’ (Јован 3:7). Оние во чиишто души владее Христос нема да посакаат да се угледаат на надворешното покажување на овој свет. Тие насекаде ќе го носат знамето на крстот и ќе сведочат за повозвишените и поблагородните цели од оние за кои копнеат луѓето од овој свет. Нашата облека, нашиот дом, нашиот разговор треба секогаш да сведочат за тоа дека сме се посветиле на Бога. Со голема сила ќе располагаат оние кои на тој начин ќе докажат дека се одрекле од сѐ заради Христа“. – 5 Сведоштво, 189.


Пет , 31. јан

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Никодим, поради неговите добри дела, гледал на себе?

2. Како се однесувал Никодим во Христово присуство?

3. Што значи да се биде „повторно роден“?

4. Како се случува новото раѓање?

5. Каква промена во ставот доаѓа како резултат на новото раѓање и зошто?

 <<    >>