Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ПРВ ДЕЛ)

 <<    >> 
2 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 11. ЈАНУАРИ 2025

Јагне Божјо

Запомнете го стихот: „Тој беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стрижачите свои безгласна, така и Тој не ја отвори устата Своја“ (Исаија 53:7).

„Нека покајничкиот грешник го насочи својот поглед кон ‘Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе’“. – The Faith I Live By, p. 107.

Предлагаме да прочитате:   Копнежот на вековите, 132-143. 

Нед , 5. јан

1. СВЕДОШТВОТО НА ЈОВАН КРСТИТЕЛ

а. Што изјавил Јован Крстител за Исус? Јован 1:15-18.

б. Како им се открил Јован на верските водачи? Јован 1:19-23. Кое пророштво тој го исполнил – и како ние треба да се однесуваме кон тоа? Исаија 40:3-5.

„Во секоја фаза од историјата на оваа земја, Бог имал свои претставници за да го продолжат Неговото дело, кое мора да се извршува на начин кој Тој го одредил. Јован Крстител имал специјална задача за која беше роден и за која бил назначен – задачата да го подготви патот за Господа...

(Неговата служба во пустината) претставуваше највпечатливо, буквално исполнување на пророштвото“. – The Southern Watchman, March 21, 1905.

„Господ му ја даде (на Јован Крстител) пораката која требаше да ја објави. Дали тој отиде кај свештениците и владетелите да побара дозвола да ја објави оваа порака? – Не! Бог го оддели од нив за да не биде изложен на влијанието на нивниот дух и учење. Тој беше гласот на оној што вика во пустината: ‘Пригответе Му пат на Господ, исправете ги во пустината патеките за нашиот Бог; секој дол да се исполни, секоја планина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да бидат израмнети; и ќе се јави славата Господова, и сите луѓе ќе го видат спасението од Бога; зашто устата Господова го изрече тоа’ (Исаија 40:3-5). Токму ова е пораката што мора да се објави на нашиот народ; се наоѓаме блиску до крајот на времето и пораката гласи: Исчистете го патот на Царот; соберете ги камењата, кренете знаме за народите. Луѓето мора да се разбудат. Ова не е време да велиме: Мир и безбедност“. – Selected Messages, bk. 1, p. 410.


Пон , 6. јан

2. МИСИЈА НА ЖРТВА

а. Кога Исус дошол кај Јован за да се крсти, како Јован Го препознал и како сведочел за Неговата мисија пред присутните? Јован 1:29,34. Кое пророштво се исполни во таа прилика? Исаија 53:4-7.

„(Христос) во иста мера бил Откупител на човекот на почетокот на историјата на светот колку што е и сега. Пред својата божествена природа да ја наметне со човечка и да дојде на овој свет, евангелската порака им била објавена на Адам, Сит, Енох, Матусал и Ное. Аврам во Ханан и Лот во Содом ја објавувале оваа вест, и од поколение во поколение, верните гласници го најавувале доаѓањето на Ветениот. Обредите на еврејскиот верски систем ги воспоставил Христос. Тој бил темел на нивниот систем на принесување жртви, голем антитип на сите нивни верски служби. Крвта што се пролевала при принесувањето на жртвите укажувала на Жртвата на Божјото Јагне. Сите симболички жртви се исполниле во Него“. – Христовите поуки, 126.

б. Како Јован им го претставил Исуса на своите ученици? Јован 1:35,36. Какво влијание имаа неговите зборови врз нив — и што се случи потоа во неговиот живот? Јован 1:37.

„Следниот ден (по Христовото крштевање), додека двајца ученици стоеле во близина, Јован повторно го здогледал Исуса меѓу луѓето. Славата на Невидливиот повторно го осветлила лицето на пророкот и тој извикал: ’Еве го Божјото Јагне!’ Овие зборови, иако не биле целосно сфатени, ги возбудиле срцата на учениците. Што значело името што Јован му го дал ’Божјо Јагне?’ Ниту самиот Јован не го објаснил тоа“. – Копнежот на вековите, 138.

„Јован им кажал на своите ученици дека Исус е ветениот Месија, Спасител на светот. Бидејќи неговото дело се приближувало кон крај, ги упатил кон Исуса и ги поучил да го следат Него како Голем Учител. Животот на Јован Крстител бил исполнет со тага и самоодрекување. Тој го најавил првото Христово доаѓање, но не му било дадено да биде сведок на Неговите чуда и да и се радува на силата која што Тој ја манифестираше. Јован знаел дека неговата улога е завршена и дека мора да умре штом Исус ќе започне со Својата мисија како учител. Неговиот глас, со исклучок во пустината, многу ретко се слушал. Животот му поминал во осаменост. Не бил поврзан со семејството на својот татко за да ја ужива благодатта на семејниот и општествениот живот, туку сѐ оставил настрана за да може да ја заврши својата мисија“. – Рани списи, 154.


Вто , 7. јан

3. ИСУСОВИТЕ ПРВИ УЧЕНИЦИ

а. Кои биле некои од првите ученици на Исус? Матеј 4:18,21. Каков интерес покажале за Христа и колку време траела нивната прва средба со Него? Јован 1:38,39.

„Напуштајќи го Јован, тие го побарале Исуса. Едниот од нив бил Андреј, Симоновиот брат, а другиот евангелистот Јован. Тие биле првите Христови ученици. Поттикнати од еден неодолив нагон, тие тргнале по Исуса желни да зборуваат со Него, но Сепак полни со стравопочитување и без зборови, потонати во извонредното значење на мислите: ’Дали е тоа Месијата?’

Исус знаел дека учениците го следеле. Тие биле први плодови на Неговата служба и срцето на божествениот Учител било среќно, затоа што тие души се одѕвале на Неговата благодат. Сепак, свртувајќи се кон нив, Тој ги прашал: ’Што барате?’ Сакал сами да одлучат дали ќе се вратат или ќе ја изговорат својата желба.

Тие биле свесни само за една желба. Нивните мисли ги исполнувало Неговото присуство. Тие извикале: ’Рави,... каде живееш?’ Во краткиот разговор крај патот не можеле да го примат она по што копнееле. Сакале да бидат насамо со Исуса, да седат крај Неговите нозе и да ги слушаат Неговите зборови...

Кога Јован и Андреј би имале неверлив дух како свештениците и поглаварите, не би се нашле како ученици покрај Исусовите нозе. Би му пристапиле како критичари, за да ги судат Неговите зборови. Многумина така ја затвораат вратата на најскапоцените прилики. Меѓутоа, овие први ученици не постапиле така. Тие одговориле на повикот на Светиот Дух, упатен преку проповедањето на Јован Крстителот. Сега го препознале гласот на небесниот Учител. Исусовите зборови за нив биле полни со свежина, вистина и убавина. Учењето на списите од Стариот Завет било осветлено со божествена светлина. Повеќекратните теми на вистината се појавиле во нова светлина“. – Копнежот на вековите, 138,139.

б. Што направиле првите ученици набргу по средбата со Исус? Јован 1:41,42.

„Андреј сакал и на другите да им ја пренесе радоста, која го исполнувала неговото срце. Барајќи го својот брат Симон, тој извикал: ’Ние го најдовме Месијата’. Симон не чекал друг повик. И тој го слушнал проповедањето на Јован Крстителот, па побрзал кај Спасителот“. – Копнежот на вековите, 139.


Сре , 8. јан

4. РУШЕЊЕ НА ПРЕДРАСУДИТЕ

а. Опишете што се случило кога Исус го поканил следниот ученик да го следи. Јован 1:43-45.

„Филип го послушал налогот и веднаш станал Христов работник. Филип го повикал Натанаил“. – Копнежот на вековите, 139.

б. Што можеме да научиме од начинот на кој Исус успеал да го надмине двоумењето на Натанаил? Јован 1:46-49.

„Гледајќи го Исуса, Натанаил се разочарал. Може ли тој Човек, Кој носел знаци на макотрпна работа и сиромаштија, да биде Месијата? Меѓутоа, Натанаил не можел да го отфрли Исуса, зашто веста на Јован донела увереност за неговото срце.

Во времето кога Филип го повикал, Натанаил се наоѓал во една тивка шумичка, задлабочен во мислите за објавата на Јован и за пророштвата што се однесувале на Месијата. Тој се молел да му се открие дали Оној, Кого Јован го најавува е навистина Избавителот, и Божјиот Дух се излеал врз него, осведочувајќи го дека Бог го посетил Својот народ и дека за него подигнал рог на спасение...

Исус му одговори и рече: Пред да те повика Филип те видов, кога беше под смоквата.

Тоа било доволно. Божествениот Дух, Кој му дал сведоштво на Натанаил додека сам се молел под смоквата, сега му зборувал преку Исуса. Иако се сомневал и им попуштал на своите предрасуди, Натанаил дошол кај Исуса со искрена желба за вистината и сега неговата желба била исполнета. Неговата вера била поголема од верата на човекот што го довел кај Исуса. Тој одговорил и рекол: ’Рави, ти си Син Божји, ти си цар Израелев’.

Кога Натанаил би се доверил на рабините за водство, никогаш не би го пронашол Исуса. Гледајќи и расудувајќи самостојно, тој станал Христов ученик. Така е и денес со многумина на кои предрасудите не им даваат да го прифатат она што е добро. Колку би бил поинаков резултатот кога тие би ’дошле и би виделе’.

Сѐ додека луѓето имаат доверба во водството на човечки авторитет, никогаш нема да дојдат до спасоносно сознание за вистината. Како Натанаил, треба самостојно да ја проучуваме Божјата Реч и да се молиме за просветлување на Светиот Дух. Ангелите од светот на светлината се близу оние, кои во понизност бараат божествено водство“. – Копнежот на вековите, 139-141.


Чет , 9. јан

5. ОТВОРЕНО НЕБО

а. Што му ветил Христос на Натанаил — и зошто? Јован 1:50,51.

„(Јован 1:50,51 цитиран) Всушност овде Христос рекол: ’На брегот на Јордан се отвори небото и Духот слезе врз Мене како гулаб. Таа сцена потврди дека Јас сум Божји Син. Ако верувате во мене дека сум Божји Син, вашата вера ќе биде освежена. Ќе видите дека небото е отворено и дека веќе нема да се затвори. Го отворив заради вас. Божјите ангели се качуваат носејќи му ги на Таткото молитвите на сиромашните и несреќните и слегуваат носејќи им благослов, надеж, охрабрување, помош и живот на синовите човечки’“. – Копнежот на вековите, 142,143.

б. Што се случува кога ќе го прифатиме Христос? Јован 4:14; Откровение 22:17.

„Ако ја прими љубовта кон вистината, човекот го манифестира тоа во убедливоста на своето држење и во тонот на својот глас. Тој го објавува она што и самиот го слушнал, видел и опипал за зборовите на животот, за и другите да имаат заедница со него преку познавањето на Христа. Неговото сведоштво, кое произлегува од усните допрени со жив јаглен од олтарот е вистина за приемчивото срце, и таа го посветува карактерот...

Бог би можел да ја постигне Својата цел и да го спаси грешникот без наша помош; меѓутоа, ние мораме да учествуваме во Неговото дело, за да стекнеме карактер сличен на Христовиот. За да учествуваме во Неговата радост во радоста да ги видиме душите спасени преку Неговата жртва, мораме да учествуваме во Неговото залагање за нивното спасение“. – Копнежот на вековите, 142.


Пет , 10. јан

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Јован Крстител беше повикан да оди во пустината?

2. Како треба да го примениме начинот на живот на Јован Крстител во нашиот живот?

3. Што можеме да научиме од Јован и Андреј кога го сретнале Исус?

4. Како можеме да бидеме инспирирани од раната изјава на Натанаил?

5. Што открива дали мојата вера во Христа е вистинска или не?

 <<    >>