Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ПРВ ДЕЛ)

 <<    >> 
7 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 15. ФЕВРУАРИ 2025

Исус и Јован Крстител

Запомнете го стихот: „Тој треба да расте, а јас да се смалувам“ (Јован 3:30).

„Нашиот Спасител за Јован Крстител рекол дека тој е најголем од сите пророци. А колкава е разликата помеѓу тоа што го зборувал овој Божји човек и мнозина кои зборуваат дека се проповедници на крстот! Кога го запрашале дали е тој Христос, Јован кажал дека тој не е достоен ниту да ги одврзе обувките на својот Господар“. – 5 Сведоштво, 224.

Предлагаме да прочитате:   5 Сведоштво, 721-729. 

Нед , 9. фев

1. ПРОБЛЕМ МЕЃУ УЧЕНИЦИТЕ

а. Какво прашање се појавило меѓу учениците на Јован и Евреите? Јован 3:25.

„Јовановите ученици љубоморно ја набљудувале сѐ поголемата популарност на Исус. Биле подготвени да го критикуваат Неговото дело и набргу, нашле можност за тоа. Помеѓу нив и Евреите се појавил судир околу тоа дали со крштевање се чисти душата од гревот. Тие тврделе дека Исусовото крштевање битно се разликува од Јовановото крштевање. Набргу се судриле со Христовите ученици во поглед на зборовите што треба да се употребуваат при крштевањето, а на крај и во поглед на правото на Христовите ученици да крштеваат“. – Копнежот на вековите, 178.

б. Како Јовановите ученици ја изразиле својата завист кон Христовото дело, и каков благороден одговор дал тој? Јован 3:26,27.? Јован 3:26,27.

„По природа Јован имал мани и слабости својствени за секој човек, но се преобразил од допирот на божествената љубов. Тој живеел во атмосфера која не била заразена со себичност и желба за слава и високо над отровот на зависта. Тој не манифестирал симпатии со незадоволството на своите ученици, туку покажал колку јасно го сфаќа својот однос кон Месијата, колку радосно го дочекал Оној, за Кого го подготвил патот“. – Копнежот на вековите, 179.


Пон , 10. фев

2. МИСИЈАТА НА ЈОВАН

а. Како Јован покажал дека ја разбира својата мисија? Јован 3:28,29.

„Јован се претставил себеси како пријател, кој игра улога на посредник меѓу верниците, подготвувајќи го патот за свадбата. Кога младоженецот ќе ја добие невестата, мисијата на пријателот е завршена. Тој се радува на среќата на оние за чие соединување придонел. Така Јован бил повикан да го упати народот кон Исуса и тој со радост бил сведок на успехот на Спасителовото дело“. – Копнежот на вековите, 179.

б. Опишете го делото на Јован — и нашето. Јован 1:23,29.

„Гледајќи со вера кон Спасителот, Јован се издигнал до висина на самоодрекување. Тој не се трудел да ги привлече луѓето кон себе, туку да ги издигне нивните мисли сѐ повисоко и повисоко, сѐ додека тие не почиваат на Божјото Јагне. Тој бил само еден глас во пустината. Сега со радост прифатил молк и анонимност, за очите на луѓето да бидат вперени кон Светлината на животот.

Оние што се верни на својот повик како Божји весници, нема да бараат почести за себе. Љубовта кон себеси, исчезнува во љубовта кон Христа. Никакво ривалство нема да го попречува драгоценото дело на евангелието. Таквите луѓе увидуваат дека нивното дело е да објават, како што тоа го направил Јован Крстителот: ’Еве го Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот’. (Јован 1:29) Ќе го издигнат Исуса, а со Него ќе се издигне и човечкиот род. „Вака вели Вишниот и Возвишениот, Кој живее вечно и името му е Свети: ‘Престојувам во високо и свето место, но Јас сум и со оној што има скрушен и понизен дух, да го подигнам духот на понизните, да ги оживеам срцата на скрушените’ (Исаија 57:15)“. – Копнежот на вековите, 179,180.

„Не барајте го своето задоволство и удобност, туку настојувајте да ја спознаете и исполнувате Божјата волја. Секој нека се запраша: Можам ли да упатам некоја душа кон Божјото Јагне, кое ги зеде на себе гревовите на светот? Можам ли да утешам некого кој е во очај? Можам ли да бидам средство за спасување на некоја душа во Божјото царство? Потребно ни е силно и длабоко влијание на Светиот Дух во нашите срца, не само да обезбедиме бели облеки за себе, туку и да влијаеме на другите, така што нивните имиња да бидат запишани во Книгата на животот и никогаш да не бидат избришани“. – Historical Sketches, p. 140.


Вто , 11. фев

3. ДАРОТ НА ДУХОТ

а. Како реагираше поголемиот дел од народот на Христовата порака? Јован 3:32.

„Јовановите ученици изјавиле дека сите одат кај Христа, но Јован, имајќи појасно разбирање, рекол: ’Никој не го прима Неговото сведоштво’; мал бил бројот на оние кои биле подготвени да го примат како Спасител од гревот. Меѓутоа, ’тој што го примил Неговото сведоштво потврдил дека Бог е вистинит’ (Јован 3:33)“. – Копнежот на вековите, 181.

б. На кого му е даден дарот на Светиот Дух? Јован 3:34.

„Небесната светлина можеме да ја примиме само ако сме подготвени да се ослободиме од своето ’јас’. Не можеме да го сфатиме Божјиот карактер, ниту да го примиме Христа со вера, ако не се согласиме секоја своја мисла во послушност да му ја покориме на Христа. На сите оние што постапуваат така, им се дава светлина и Свети Дух без мерка. Во Христа ’пребива сета полнина на Божеството телесно, а вие сте исполнети во Него’ (Колосјаните 2:9,10)“. – Копнежот на вековите, 181.

в. Како клучот за добивање на Светиот Дух во уште поголема мера понатаму е откриен во Светото писмо? Јован 14:15-17; Дела 5:32.

„Ние не треба само да кажеме ’јас верувам’, туку треба и да живееме според вистината. Нашата заедница со Бога ќе ја докажеме покорувајќи се на Неговата волја со своите зборови, постапки и карактер. Кога некој ќе се откаже од гревот, кој е престапување на законот, неговиот живот, во совршена покорност ќе се прилагоди на законот. Тоа е дело на Светиот Дух. Светлината на грижливо проучуваната Божја Реч, гласот на совеста, делувањето на Духот, сето тоа раѓа во срцето искрена љубов кон Христа, кој се дал Себеси на жртва за да го откупи човекот телото, душата и духот. А љубовта се покажува во покорноста. Ќе се покаже јасна и очевидна граница по меѓу оние кои го љубат Бога и ги држат Неговите заповеди и оние кои не Го љубат и кои ги игнорираат Неговите прописи“. – 6 Сведоштво, 92.


Сре , 12. фев

4. ВРЕДНОСТА НА КРШТЕВАЊЕТО

а. Зошто е важно да разбереме каков чекор преземаме за Христа кога ќе одлучиме да се крстиме? Јован 3:36.

„Без Христа, крштевањето е како и секој друг обред, форма без вредност“. – Копнежот на вековите, 181.

„Нема потреба од расправа дали Христовото или Јовановото крштевање чисти од гревот. Христовата благодат е таа што ѝ дава живот на душата“. – Копнежот на вековите, 181.

„Само преку Христа може да се добие бесмртност. Исус рекол: ’Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не верува во Синот, нема да види живот’ (Јован 3:36). Секој човек може да го добие овој непроценлив благослов ако ги исполни условите. Сите ’кои со трпение во добрите дела се стремат кон слава, чест и нераспадливост’, ќе примат ’живот вечен’ (Римјаните 2:7)“. – Големата борба, 533.

„Крштавањето е најсвечено одрекување од светот. Оние кои се крс тени во тројното име на Таткото, Синот и Светиот Дух јавно изјавуваат на самото влегување во својот христијански живот дека се откажале од службата на сатаната и дека станале членови на царското семејство, деца на небесниот Цар“. – 6 Сведоштво, 91.

б. Објаснете ги впечатливите зборови на Јован Крстител кои ја откриваат длабочината на вистинската посветеност изразена во крштевањето. Лука 3:7,8.

„Јован ја поставил секирата на коренот на дрвото. Го укорувал гревот, не плашејќи се за последиците и го подготвил патот за Божјото Јагне.

Ирод бил трогнат слушајќи го силното и одредено сведоштво на Јован Крстител, и со длабоко интересирање запрашал што мора да направи за да стане негов ученик. На Јован му бил познат фактот дека Ирод планира да ја земе жената на својот брат, иако мажот и сѐ уште бил жив, и верно му рекол дека тоа е незаконски“. – Рани списи, 154.

„Јован Крстител отворено го изобличувал гревот и кај луѓето со скромни занимања и кај оние на високи позиции. Тој им ја објавувал вистината на царевите и благородниците, без оглед дали ќе ја слушнат или отфрлат. Тој зборувал лично и директно“. – Selected Messages, bk. 2, p. 149.


Чет , 13. фев

5. МУДАР МЕТОД

а. Што направил Исус кога сфатил дека фарисеите се обидуваат да создадат раздор меѓу Јован и Него? Јован 4:1-3.

„Христос знаел дека тие (фарисеите) нема да штедат напори за да создадат раздор меѓу Неговите и Јовановите ученици. Тој знаел дека се подготвува бура, која ќе го понесе со себе еден од најголемите пророци, кои некогаш му биле дадени на светот. Сакајќи да избегне секаков повод за несогласувања или раздор, Тој тивко престанал со Својата работа и се повлекол во Галилеја. И ние исто така, останувајќи и верни на вистината, треба да се обидуваме да го избегнуваме сето она што би можело да доведе до несогласувања или неслога, зашто, кога тие ќе се појават, резултираат со загуба на души. Секогаш, кога настапуваат околности, кои се закануваат да предизвикаат неслога, ние треба да се угледаме на примерот на Христа и на Јован Крстителот“. – Копнежот на вековите, 181.

б. Што треба да научиме од ставот на Јован за смирување на кризата? Јован 3:30.

„Меѓутоа, многумина, како Јовановите ученици, сметаат дека успехот на делото зависи од првобитните работници. Вниманието е сосредоточено на она што е земно, наместо на она што е небесно, се појавува завист, а напредокот на Божјото дело се попречува. Оној, кому на тој начин неоправдано му се укажуваат почести, Доаѓа во искушение да негува самоувереност. Таквиот човек не ја увидува својата зависност од Бога. Тој го поучува народот да се потпре на човечко водство, а со тоа народот паѓа во заблуда и се одвојува од Бога.

Божјото дело не смее да носи печат и натпис на човекот. Од време на време Господ употребува разновидни орудија со чија помош најуспешно можат да се остварат Неговите цели. Среќни се оние, кои имаат волја нивното ’јас’ да биде понижено, велејќи со Јован Крстителот: ’Тој треба да расте, а јас да се намалувам’“. – Копнежот на вековите, 182.


Пет , 14. фев

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто учениците на Јован биле љубоморни на Христовото дело?

2. Што им рекол Јован на своите ученици?

3. За која цел е даден дарот на Светиот Дух?

4. Како крштевањето ја исполнува својата вистинска цел?

5. Што направиле Исус и Јован кога ја сфатиле опасноста од криза меѓу нивните ученици?

 <<    >>