Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ПРВ ДЕЛ)

 <<    >> 
9 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 1. МАРТ 2025

Раѓање на мисионер

Запомнете го стихот: „Не велите ли вие дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А јас, пак, ви кажувам: подигнете го погледот и видете ги нивите како побелеле, готови за жетва“ (Јован 4:35).

„Исус почнал да го руши ѕидот што ги делел Евреите од незнабошците и да го проповеда спасението на светот. Иако бил Евреин, Тој слободно се мешал со Самарјаните, не придавајќи никаква важност на фарисејските обичаи на Својот народ“. – Копнежот на вековите, 193.

Предлагаме да прочитате:   5 Сведоштво, 182-187. 

Нед , 23. фев

1. НОВ ЖИВОТ, НОВИ ПРИОРИТЕТИ

а. Што направила жената Самарјанка веднаш откако го препознала Исуса како Месија? Јован 4:28,29.

„Жената била исполнета со радост додека ги слушала Христовите зборови. Речиси била совладана од чудесното откровение. Оставајќи го својот сад, се вратила во градот да им ја однесе веста и на другите. Исус знаел зошто отишла. Фактот дека го оставила својот сад јасно покажувал колкаво било влијанието на Исусовите зборови. Таа имала искрена желба во душата да стекне жива вода и таа заборавила зошто дошла на изворот, заборавила за жедта на Спасителот, која имала намера да ја задоволи. Со срце преплавено од радост, брзала по патот да им ја однесе на другите светлината што ја примила“. – Копнежот на вековите, 191.

б. Што направиле жителите на Сихар кога го слушнале сведочењето на нивната сограѓанка? Јован 4:30.

„Нејзините зборови ги допреле нивните срца. Нејзиното лице имало некој нов израз, а целата нејзина појава покажувала промена. Тие посакале да го видат Исуса“. – Копнежот на вековите, 191.


Пон , 24. фев

2. ЖЕТВАТА И ЖЕТВАРИТЕ

а. Кога Исус ги видел жителите на Сихар како доаѓаат, што им рекол на Своите ученици? Јован 4:35-38.

„’Жетварот,’ рекол Тој ’прима плата и собира род за живот вечен, за да се радуваат заедно и сејачот и жетварот’. Овде се обистинува поговорката: ’Еден сее, а друг жнее’. Тука Христос ја истакнал светата служба, која се должни да ја извршуваат пред Бога оние што ќе го примат евангелието. Тие мора да бидат Негови живи претставници. Тој бара нивна лична служба. Било да сееме или да жнееме, ние работиме за Бога. Еден сее семе, друг го собира родот; но и сејачот и жетварот примаат плата. Тие заеднички се радуваат за наградата на својот труд“. – Копнежот на вековите, 191,192.

б. Каков бил резултатот од сведочењето на жената за Христа — и што можеме да научиме од влијанието што го имаше? Јован 4:39.

„Кога сме обединети со Христос, го имаме Христовиот ум. Чистотата и љубовта се видливи во карактерот, а кроткоста и вистината го контролираат животот. Дури и изразот на лицето се менува. Христос, кој пребива во душата, зрачи со сила која менува, а надворешниот изглед сведочи за мирот и радоста што владеат внатре. Пиеме од Христовата љубов, како што гранката добива храна од лозата. Ако сме накалемени на Христа, ако влакно по влакно сме обединети со Живата Лоза, ќе даваме доказ за тоа така што ќе носиме богати гроздови на живи плодови. Ако сме поврзани со Светлината, ќе бидеме канали на светлина, и во нашите зборови и дела ќе ја рефлектираме светлината на светот...

„Со гледање, ние се преобразуваме; и додека размислуваме за совршенството на божествениот Пример, ќе посакаме целосно да се промениме и да бидеме обновени во сликата на Неговата чистота. Преобразбата на карактерот се случува преку верата во Божјиот Син, и детето на гневот станува Божјо дете. Тој преминува од смрт кон живот; станува духовен и ги разликува духовните работи. Божјата мудрост го просветлува неговиот ум, и тој гледа чудесни работи во Неговиот закон. Како што човекот се преобразува преку вистината, така продолжува делото на преобразба на карактерот“. – Selected Messages, bk. 1, pp. 337, 338.


Вто , 25. фев

3. ИСУСОВОТО ПРИСУСТВО ВО САМАРИЈА

а. Каква молба упатија Самарјаните до Исус — и зошто? Јован 4:40.

б. Опишете го резултатот од Христовото присуство во Самарија. Јован 4:41.

„Во зборовите изговорени на жената на изворот било посеано добро семе и колку брзо настапила жетвата! Самарјаните дошле, го слушале Христа и поверувале во Него. Собирајќи се околу Него на изворот, тие го опсипале со прашања и жедно ги примале Неговите објаснувања за многу прашања што им биле нејасни. Додека слушале, нивната збунетост постепено исчезнувала. Прилегале на луѓе, кои биле во длабока темнина и кои, тргнувајќи по неочекуван зрак светлина, излегле на светлината на денот. Но тие не биле задоволни од таа кратка средба, сакале да слушнат повеќе и нивните пријатели да го слушнат прекрасниот Учител. Го повикале во својот град и го молеле да остане со нив. Исус два дена престојувал во Самарија и уште многу други поверувале во Него“. – Копнежот на вековите, 192.

„Христос им го открил Бога на Своите ученици на начин кој во нивните срца извршил посебно дело, истото дело Тој сака да го направи и во нашите срца. Има многумина кои, фокусирајќи се претерано на теоријата, го изгубиле од вид животното влијание на Спасителовиот пример. Тие го изгубиле од вид како понизен, самопожртвуван работник, додека треба постојано да Го имаат пред очите. Секојдневно ни е потребно ново откривање на Неговото присуство“. – Reflecting Christ, p. 302.

в. Што многу Самарјани изјавиле откако Го прифатиле Исуса како Месија? Јован 4:42.

„Фарисеите ја презирале Исусовата едноставност. Тие ги игнорирале Неговите чуда и барале некој знак дека Тој е Божји Син. Меѓутоа, Самарјаните не барале никаков знак и Исус меѓу нив не извршил никакво чудо, освен што на изворот и ги открил на Самарјанката тајните на нејзиниот живот. Сепак, многумина го примиле. Во својата нова радост, тие и рекле на жената: ’Сега не веруваме поради твоето кажување, бидејќи сами чувме и знаеме дека Тој навистина е Христос, Спасителот на светот’“. – Копнежот на вековите, 192,193.


Сре , 26. фев

4. МОЌТА НА ПРОРОШТВОТО

а. На кое пророштво Самарјаните ја базирале својата вера во ветениот Месија? Создавање 49:10.

„Самарјаните верувале дека Месијата ќе дојде не само како Спасител на Евреите, туку на целиот свет. Светиот Дух го претскажал Него преку Мојсеј, како пророк испратен од Бога. Преку Јаков било претскажано дека кон Него ќе се соберат народите, а преку Авраам дека во Него ќе бидат благословени сите народи на светот. На тие записи народот на Самарија ја засновал својата вера во Месијата. Фактот дека Евреите погрешно ги толкувале подоцнежните пророци, припишувајќи му ја на првото Христово доаѓање славата на второто доаѓање, ги навело Самарјаните да ги отфрлат сите свети списи, освен оние, кои се дадени преку Мојсеј. Меѓутоа, кога Спасителот ги отфрлил тие лажни толкувања, многумина ги прифатиле подоцнежните пророштва и Христовите зборови за Божјото царство“. – Копнежот на вековите, 193.

б. Што можеме денес да научиме од фактот дека Самарјаните биле неверојатно отворени за вистината? Проповедник 11:4,5.

„Низ целиот свет мажите и жените копнежливо го насочуваат погледот кон небото. Молитви, солзи и барања се издигнуваат од душите кои копнеат за светлина, за Светиот Дух и за Божјата милост. Мнозина се наоѓаат на прагот на небесното царство, чекајќи само да бидат воведени“. – Делата на апостолите, 109.

в. Што стануваат луѓето кога навистина го прифаќаат Христа? Наведете примери. Марко 5:18-20; 7:31-37.

„(Христовиот) Дух ќе развие во човекот сѐ што го облагородува карактерот и ја воздига природата. Тој во телото, душата и духот ќе изгради човек за Божја слава...

Душите што биле деградирани толку ниско што станале орудие на сатаната, сѐ уште со Христова сила се преобразуваат во гласници на праведноста и се испратени од страна на Божјиот Син за да кажат колку ’големи нешта Господ стори за тебе и како ти се смилува’“. – Копнежот на вековите, 341.


Чет , 27. фев

5. ХРИСТИЈАНСКИ МИСИОНЕРИ

а. Какви поуки можеме да научиме од жената Самарјанка? 1. Јованово 1:1-3; 2. Коринтјаните 5:14 (прв дел).

„Веднаш штом го нашла Спасителот, Самарјанката донела други кај Него. Таа се покажала како поуспешен мисионер од Неговите сопствени ученици. Во Самарија учениците не забележале ништо што би укажувало на поволно поле. Нивните мисли биле сосредоточени на едно големо дело што треба да се изврши во иднина. Тие не забележале дека околу нив се наоѓа жетва, која треба се собере. Меѓутоа, преку жената што тие ја презирале, жителите на цел еден цел град дошле да го слушаат Спасителот. Таа веднаш им ја однела светлината на своите сонародници.

Оваа жена го претставува дејството на практичната вера во Христа. Секој вистински ученик се раѓа за Божјото царство како мисионер. Оној што пие од живата вода, станува извор на животот. Примателот станува давател. Христовата благодат во душата е како извор во пустина што извира да ги освежи сите и кај оние што се близу до смртта да создаде голема желба да пијат од водата на животот“. – Копнежот на вековите, 195.

б. Како ова искуство треба да нè мотивира денес? Проповедник 11:6.

„Не е потребно да одиме во странски земји за да станеме Божји мисионери. Секаде околу нас ’нивите се готови за жетва’ и кој и да посака може да собира ’род за вечен живот’. Бог повикува многу луѓе од Батл Крик, кои умираат поради духовната мрзеливост, да одат таму каде што е потребна нивната работа на Неговото дело. Заминете од Батл Крик, дури и ако заради тоа морате да претрпите материјални загуби. Одете таму каде што ќе бидете благослов за другите. Одете таму каде што ќе можете да засилите некоја немоќна црква. Искористете ги силите што Бог ви ги подарил“. – 5 Сведоштво, 187.


Пет , 28. фев

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што направила жената кога го видела Исуса како единствен Спасител?

2. Објасни што значи дека полињата веќе побелеле за жетва.

3. Колку дена останал Исус со Самарјаните?

4. Какво сведоштво дале Самарјаните за Исус?

5. Што се случува со луѓето штом го примат Исуса во својот живот?

 <<    >>