Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ПРВ ДЕЛ)

 <<    >> 
12 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 22. МАРТ 2025

Авторитетот на Синот

Запомнете го стихот: „Зашто, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе; и Му даде власт да суди, зашто Тој е Синот Човечки“ (Јован 5:26,27).

„’Моја власт е’, рекол (Исус), ’да го извршувам ова дело за кое ме обвинувате, а тоа Доаѓа оттаму што Јас сум Божји Син, што сум едно со Него по природа, во волјата и во целта. Во сите Негови дела на создавање и провидение, Јас соработувам со Бога’“. – Копнежот на вековите, 208.

Предлагаме да прочитате:   Мисли од гората, 123-129. 

Нед , 16. мар

1. ЕДНАКОВ СО БОГА

а. Освен што лекувал парализиран човек во сабота, од кои други причини Евреите го мразеле Исус? Јован 5:17,18.

„Се прогласил Себеси за еднаков со Бога...

Целиот еврејски народ го нарекувал Бога свој Татко и затоа поглаварите толку не би се разгневиле доколку Христос се прикажал Себеси, како да се наоѓа во ист таков однос со Бога. Меѓутоа, самиот факт што го обвиниле за богохулство, покажува дека тие сфатиле оти Тој го полага тоа право во највозвишена смисла“. – Копнежот на вековите, 207.

б. Како Христос го потврди авторитетот на Божјите заповеди над човечките традиции? Матеј 15:1-9,13.

„Тие Христови противници не располагале со никакви докази со кои би ги негирале вистините за кои Тој ја убедил нивната совест. Тие само можеле да ги наведуваат своите обичаи и традиции, а тие докази биле слаби и бледи во споредба со оние што Исус ги црпел од Божјата Реч и од постојаниот тек на природата“. – Копнежот на вековите, 208.


Пон , 17. мар

2. ЕДИНСТВО СО ОТЕЦОТ

а. Како Исус го објаснил својот однос со Отецот? Јован 5:19,20.

б. Кој авторитет и моќ што се однесуваат на Отецот, Христос изјавил дека и Тој ги поседува? Јован 5:21-23.

„Свештениците и поглаварите се прогласиле за судии, кои ќе го осудат Христовото дело, но Тој изјавил дека Тој е нивен судија, како и судија на целата вселена. Светот му е доверен на Христа и преку Него Доаѓа секој Божји благослов за грешниот човечки род. Тој бил Спасител и пред и по Своето отелотворување. Веднаш штом се појавил гревот, се појавил и Спасителот. Тој на секому му дал светлина и живот, и според дадената светлина ќе му се суди секому. Оној, Кој ја дал светлината, Оној, Кој со најнежно молење ја повикува душата, сакајќи да ја оттргне од гревот и да ја привлече во светоста Тој истовремено е нејзин и Бранител и Судија“. – Копнежот на вековите, 210.

в. Опишете ја промената во ставот која се случува кога ќе сфатиме дека Христос е нашиот судија. Римјаните 2:1-3; Матеј 7:1.

„Според сликата која нашиот Спасител ја употребил, човекот кој негува дух на осуда, е виновен за поголем грев од оној што е обвинет од негова страна, бидејќи не само што го прави истиот грев, туку кон него ја додава и својата вообразеност и духот на груба критика.

Христос е единствено вистинско мерило на карактерот, а оној кој самиот себеси се истакнува како мерило за другите, се става себеси на Христовото место. Бидејќи Отецот ’целиот суд му го предаде на Синот’ (Јован 5:22). Секој кој си дозволува себеси да суди за мотивите на другите, повторно го присвојува за себе правото кое му припаѓа на Божјиот Син. Тие самонаречени судии и критичари се ставаат на страната на антихристот, на оној ’кој се противи и се превознесува над сè што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себе самиот како Бог’ (2 Солунјаните 2:4)“. – Мисли од гората, 125.

„Ние не можеме да ги читаме срцата. Бидејќи и самите сме несовршени, не сме во состојба да им судиме на другите. Смртните луѓе можат да судат единствено врз основа на надворешноста. Само на Оној, кој ги познава тајните мотиви на делата, и секогаш постапува нежно и сожаливо, дадено му е право да одлучува за случајот на секоја душа“. – Мисли од гората, 124.


Вто , 18. Мар

3. СКАПОЦЕНО УВЕРУВАЊЕ

а. Какво уверување му се дава на секој посветен верник во Христа? Јован 5:24.

„Секоја заповед и секое ветување на Божјото слово содржи сила, самиот Божји живот, сила со која може да се изврши заповедта и да се исполни ветувањето. Оној кој со вера ја прима речта, го прима и самиот живот и Божјиот карактер“. – Христовите поуки, 38.

„Големото дело направено за грешникот кој е осквернет и извалкан од злото е дело на оправдување. Оној што ја зборува вистината е прогласен за праведен. Господ му ја припишува Христовата праведност на верникот и го прогласува за праведен пред вселената. Тој ги пренесува своите гревови на Исус, застапникот, заменикот и гарантот на грешникот. На Христос се полага беззаконието на секоја душа што верува. ‘Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја’ (2. Коринтјаните 5:21)...

Иако како грешници сме под осуда на законот, Христос, со Својата послушност на законот, ја бара за душата што се кае заслугата на сопствената праведност. За да ја добие Христовата праведност, потребно е грешникот да го доживее она покајание што доведува до радикална промена на умот, духот и постапките. Делото на промена мора да започне во срцето и да ја покажува својата моќ преку секоја способност на човечкото битие; но човекот не може да произведе такво покајание како ова; тоа може да го доживее само преку Христос, Кој се издигна на висините, ги поведе заробениците и им даде дарови на луѓето“. – Selected Messages, bk. 1, pp. 392, 393.

б. Кои божествени прерогативи Христос открил дека ги поседува? Јован 5:25-29.

„Затоа што до дно ги искусил човечките страдања и искушенија, затоа што ги разбира слабостите и гревовите на човекот, затоа што заради нас победоносно им се спротивставил на сатанските искушенија, затоа што праведно и нежно постапува со душите заради чие спасение ја пролеал Својата крв заради сето тоа на Синот Човечки му е дадена власт да суди“. – Копнежот на вековите, 210.

„На Христос му е дадена моќ да им даде живот на сите созданија“. – Selected Messages, bk. 1, p. 249.


Сре , 19. мар

4. ИСУС, ЦЕНТРАЛНА ТЕМА НА ПИСМОТО

а. Како Исус ја објаснил причината за неверувањето на Евреите? Јован 5:37,38.

„Наместо да се извинува за делото за кое тие приговарале или да објаснува од која причина го направил тоа, Исус им се спротивставил на поглаварите и обвинетиот станал тужител. Тој ги укорил поради нивното тврдо срце и поради непознавање на светите списи. Рекол дека тие ја отфрлиле Божјата Реч, бидејќи го отфрлиле Него, Кој бил испратен од Бога“. – Копнежот на вековите, 211.

б. Зошто Евреите не ги разбрале Светите списи? Јован 5:39,40.

„Славата на Божјиот Син ја осветлува секоја страница на Стариот завет, без разлика дали таа содржи историја, пропис, или пророштво. Сѐ што било од божествено потекло во целиот систем на Јудаизмот било компактно пророштво за евангелието. За Христа ’сведочат сите пророци’. (Дела 10:43) Од ветувањето дадено на Адам, преку патријарсите и обредниот систем, величествена небесна светлина го објаснила патот на Спасителот. Пророците ја виделе Ѕвездата од Витлеем, Шајло, Кој требало да дојде, додека идните настани минувале пред нивните очи, во својот таинствен процес. Христовата смрт е прикажана во секоја жртва. Во секој облак од темјан се издигнувала Неговата праведност. Во звукот на секоја јубилејна труба одѕвонувало Неговото име. Во величествената тајна на светињата над светињите престојувала Неговата слава.

Евреите ги поседувале светите списи и сметале дека имаат вечен живот со тоа што имале само формално познавање на Божјата Реч. Меѓутоа, Христос рекол: ’Вие ја немате Неговата Реч во себе’. Бидејќи го отфрлиле Христа во Неговата Реч, тие го отфрлиле и лично. ’И не сакате да дојдете кај Мене’, рекол Тој, ’за да имате живот’.

Еврејските водачи ги проучувале пророштвата за царството на Месијата, но тоа не го правеле со искрена желба да ја дознаат вистината, туку со цел да пронајдат докази, кои ги поткрепуваат нивните славољубиви надежи. Кога Христос дошол на начин што бил спротивен на нивните очекувања, не сакале да го примат и, за да се оправдаат себеси, се труделе да го прикажат како измамник. Кога еднаш тргнале по тој пат, тогаш на сатаната му било лесно да го зацврсти нивното противење на Христа. Токму тие зборови, кои требало да бидат примени како доказ за Неговото божество, биле протолкувани против Него. Така тие ја претвориле Божјата вистина во лага“. – Копнежот на вековите, 211,212.


Чет , 20. мар

5. СЛАВАТА БОЖЈА

а. Што ги натерало Евреите да го отфрлат Исуса и да се свртат кон лажни учители? Јован 5:41-44.

„Исус рекол: ’Јас не примам чест од луѓе’. Тој не барал признание од Синедрионот, ниту сакал нивно одобрување. Нивното признание за Него не била никаква почест. Нему му било дадено чест и авторитет од Небото. Доколку Тој би посакал, ангелите би дошле да му укажат поклонение. Таткото повторно би сведочел за Неговото божество. Меѓутоа, поради нив, поради народот чии поглавари биле, Исус сакал еврејските старешини да го распознаат Неговиот карактер и да ги примат благословите што Тој дошол да им ги даде.

’Јас дојдов во името на мојот Татко, а вие не ме примате. Кога би дошол друг во свое име, него би го примиле’. Исус дошол со Божјо овластување, носејќи го Неговиот лик, исполнувајќи ја Неговата Реч и барајќи ја Неговата слава; Сепак, водачите во Израел не го прифатиле. Меѓутоа, кога би дошле други, кои би го присвоиле Христовиот карактер, но кои би постапувале според својата волја и би копнееле по сопствена слава, тие би биле примени. Зошто? Затоа што оној што бара сопствена слава го привлекува желбата за самоизвишување и потврда пред другите. На таквите повици Евреите можеле да прифатат такви повици. Тие би прифатиле лажен учител, бидејќи тој би ласкал на нивната горделивост со тоа што би ги одобрувал нивните негувани ставови и традиции. Меѓутоа, Христовото учење не се согласувало со нивните сфаќања. Тоа имало духовен белег и барало жртвување на сопственото ’јас’. Затоа тие не сакале да го примат тоа учење. Тие не биле запознаени со Бога и Неговиот глас преку Христа бил глас на туѓинец.

Зар истото не се повторува и во наше време? Зар нема многумина, дури и меѓу верските водачи, чии стврднати срца се спротивставуваат на Светиот Дух, што им оневозможува да го препознаат Божјиот глас? Зар тие не ја отфрлаат Божјата Реч само за да ги сочуваат сопствените традиции?“ – Копнежот на вековите, 212,213.


Пет , 21. мар

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој авторитет и права се повикувал Христос?

2. Каков однос отсекогаш постоел меѓу Исус и Отецот?

3. Каква животворна сила поседува Христос?

4. Објасни го Јован 5:39.

5. Опиши ги последиците од отфрлањето на Исус како Месија од страна на еврејската нација.

 <<    >>