Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ПРВ ДЕЛ)

 <<    >> 
3 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 18. ЈАНУАРИ 2025

Свадбата во Кана

Запомнете го стихот: „Сè што ќе ви рече, направете“ (Јован 2:5; последен дел).

„Исус го започнал делото на реформација стапувајќи во Близок допир со луѓето“ – Копнежот на вековите, 150.

Предлагаме да прочитате:   Копнежот на вековите, 114-153; Messages to Young People, pp. 403–418. 

Нед , 12. јан

1. ПОЧЕТОК НА ХРИСТОВАТА СЛУЖБА

а. Каде Исус ја започнал Својата служба на земјата? Јован 2:1,2.

„Исус не ја започнал Својата служба со некое големо дело пред Синедрионот во Ерусалим. На еден семеен собир во едно мало галилејско село, Тој ја употребил Својата моќ за да ја зголеми радоста на свадбената свеченост. На тој начин ја покажал Својата љубов кон луѓето и Својата желба да придонесе за нивната среќа. Во пустината на искушението Тој ја испил чашата на страдањата. Сега дошол на луѓето да им подаде чаша на благослов и со неа да ги посвети односите во човечкиот живот“. – Копнежот на вековите, 144.

б. Што се случило многу пред крајот на свадбената веселба? Јован 2:3.

„(Марија) копнеела Тој (Исус) на целото мноштво да му докаже дека Тој навистина бил Почитуван од Бога. Се надевала дека ќе му се пружи можност пред нив да направи некое чудо.

Во тоа време бил обичај свадбените свечености да траат по неколку денови. Во таа прилика, снемало вино пред да заврши свеченоста. Тоа откритие причинило голема збунетост и жалење. Било необично да нема вино на такви прослави и тоа би се сметало како знак на недостаток на гостопримливост“. – Копнежот на вековите, 144,145.


Пон , 13. јан

2. ХРИСТОС И НЕГОВАТА МАЈКА

а. Што рекла Христовата мајка, и кој бил Неговиот одговор? Јован 2:3,4.

„(Јован 2:4 цитиран). Овој одговор, колку и да изгледа остар, не изразува студенило или неучтивост. Начинот на кој Спасителот и се обратил на Својата мајка бил во склад со источните обичаи. Таков начин се употребувал кон лица на кои им се укажувала почит. Секоја постапка во Христовиот земен живот била во склад со правилото што Тој сам го дал: ’Почитувај ги твојот татко и твојата мајка’. (Излез 20:12) На крстот, во Својот последен чин на нежност кон Својата мајка, Исус повторно и се обратил на ист начин, доверувајќи ја на грижа на Својот најсакан ученик. И на свадбената свеченост и на крстот, љубовта изразена во тонот на гласот, погледот и однесувањето ги толкувала Неговите зборови“. – Копнежот на вековите, 146.

б. Што им рекла Христовата мајка на слугите — и како овие зборови важат и за нас денес? Јован 2:5.

„Приближувајќи се сè повеќе кон совршенството со вера и со љубов кон своите браќа, Неговите следбеници треба со уште поголема сила да ја објавуваат вистината. Бог обезбедил божествена помош за сите кризи на кои човечките сили не им се дораснати. Тој ни го дава Светиот Дух да ни помага во сите неволји, да ја крепи нашата надеж и нашата доверба, да го осветли нашиот ум и да го очисти нашето срце. Тој сака да се обезбедат доволно средства за остварување на Неговите планови. Ве повикувам да барате совет од Бога. Барајте го со сето свое срце и ’што и да ви каже, направете’ (Јован 2:5)“. – 6 Сведоштво, 414,415.

в. Што му рекол Исус на слугата на свадбата да направи? Јован 2:6-8.

„Покрај вратата стоеле шест големи камени садови за вода и Исус им рекол на слугите да ги наполнат со вода. Така било направено. Потоа, кога требало да се послужи виното, Тој рекол: ’Сега нацрпете и однесете му на старосватот’. Наместо вода со која биле наполнети садовите, потекло вино“. – Копнежот на вековите, 148.


Вто , 14. јан

3. ХРИСТОВОТО ВИНО

а. Кога се служеше виното, како реагираше старосватот? Јован 2:9,10.

„Ниту оној, кој бил одговорен за гозбата, ниту гостите не знаеле дека снемало вино. Кога го вкусил виното, старосватот утврдил дека никогаш порано не пиел толку добро вино и дека тоа се разликува од она што го имале на почетокот на свеченоста“. – Копнежот на вековите, 148.

б. Какво вино обезбедил Христос? Исаија 65:8.

„Виното што го обезбедил Христос за свеченоста и она што им го дал на учениците, како симбол на Својата крв бил чист гроздов сок. На тоа укажува и пророкот Исаија, зборувајќи за новото вино ’во гроздот,’ кога вели: ’Не го расипувај, зашто благослов е во него’ (Исаија 65:8)...

Неферментираното вино што им го обезбедил на сватовите бил здрав и освежителен пијалак. Неговото дејство се состоело во тоа да го доведе вкусот во склад со здравиот апетит“. – Копнежот на вековите, 149.

в. Што вели Писмото за ферментираното вино? Изреки 20:1; 23:29-35.

„Во Стариот завет Христос е Оној, Кој дал предупредување до Израел: ’Виното е потсмевач, жестокиот пијалак немирник и секој што им се предава на нив, не е мудар’. (Изреки 20:1) И Тој Самиот не се погрижил за таков пијалак. Сатаната ги искушува луѓето да попуштаат на желбите, кои го замаглуваат разумот и го затапуваат духовното согледување, но Христос не учи да ја потчинуваме пониската природа. Целокупниот Негов живот претставувал пример на самооткажување. За да ја скрши моќта на апетитот, Тој за нас поднел најтешки проби што човекот може да ги издржи. Христос посочил Јован Крстителот да не пие вино, ниту жесток пијалак. Тој барал слично воздржување и од жената на Маној. Тој изрекува проклетство над оној човек, кој става шише на усните на својот ближен. Со своето однесување Христос не му противречел на Своето учење“. – Копнежот на вековите, 149.


Сре , 15. јан

4. ХРИСТОВИОТ ПРИМЕР НА ДРУШТВЕНИТЕ СОБИРИ

а. Какви цели беа постигнати и со Христовото присуство и со Неговото чудо на свадбата, дури и за нас денес? Јован 2:11.

„Христос знаеше сè; Неговиот поглед продре низ вековите сè до нашето време и виде каква ќе биде состојбата на општеството на крајот на светската историја. Тој виде дека илјадници и илјадници ќе пропаднат поради употребата на вино и жестоки пијалаци. Светот постепено ќе дојде во истата состојба како што беше во деновите пред потопот. Сепак, небото даде предупредувачки знак за да бидат луѓето предупредени и да соработуваат со Бога во делото на самоодржување. Тој ни даде примери на апсолутна апстиненција и ни даде упатства кои, ако ги следиме, ќе резултираат со создавање и зачувување на силата, вештината и извонредноста на нашите деца“. – The Signs of the Times, April 16, 1896.

б. Опишете го освежувачкиот став што Христос го покажувал за време на Неговата служба. Матеј 11:29.

„Исус го започнал делото на реформација стапувајќи во Близок допир со луѓето. Покажувајќи најголема почит кон Божјиот закон, ја осудувал наметливата побожност на фарисеите и се обидувал да го ослободи народот од бесмислените правила кои го ограничувале. Копнеел да ги сруши преградите, кои ги одвојувале различните слоеви на општеството, за да ги здружи луѓето, како деца на едно семејство. Неговото присуство на свадбената свеченост имало за цел да биде делотворен чекор во остварувањето на таа цел“. – Копнежот на вековите, 150.

„Исус го осудувал самоугодувањето во сите негови облици, но по природа бил друштвен. Го прифаќал гостопримството на сите слоеви, посетувајќи ги домовите на богатите и сиромашните, на учените и неуките и копнеел да ги оттргне нивните мисли од прашањата на секојдневниот живот и да ги насочи кон оние работи, кои се духовни и вечни. Тој не давал никаква дозвола за распуштен живот, ниту Неговото однесување било извалкано со некаква сенка на световна лекоумност; сепак, Тој наоѓал задоволство во сцените на невина среќа и со Своето присуство ги одобрувал дружељубивите собири. Еврејската свадба бил импресивен настан и нејзината радост не предизвикувала незадоволство кај Синот Човечки. Присуствувајќи на свеченоста, Исус му укажал почит на бракот, како на божествена установа“. – Копнежот на вековите, 150,151.


Чет , 16. јан

5. ЗДРАВИ ДРУШТВЕНИ ОДНОСИ

а. Што треба да научиме од Христовиот пример што го разликувал од верските водачи на неговото време? Изреки 18:24.

„Христовиот начин на работа значително се разликувал од работата на еврејските старешини. Нивното почитување на традициите и формализмот ја уништиле сета вистинска слобода на мислите и делата. Тие живееле во постојан страв да не се осквернат. За да го избегнат допирот со „нечистите,“ тие се држеле на растојание не само од незнабошците, туку и од поголемиот дел од својот народ, не трудејќи се да му користат, ниту да го стекнат неговото пријателство. Занимавајќи се постојано со тие мисли, ги ограничувале своите сфаќања и го ограничиле кругот на својот живот. Нивниот пример поттикнувал на себичност и нетрпеливост меѓу сите народни слоеви“. – Копнежот на вековите, 150.

б. Која треба да биде нашата цел во сите друштвени односи? Изреки 11:30.

„Со своите зборови и пријателската насмевка можеме да им изразиме илјадници мали вниманија, кои ќе ни возвратат. Неразумните христијани со својата невнимателност кон другите покажуваат дека не се во заедница со Христа. Невозможно е да се биде во заедница со Христа, а да се покажува нељубезност кон другите и да се запоставуваат нивните права.

Сите треба да станеме Исусови сведоци. Друштвеноста посветена на Христовата милост, треба да се прошири, ако сакаме да ги придобиеме душите за Спасителот. Светот нека види дека не сме себично преокупирани со своите грижи туку дека сакаме со другите да ги поделиме своите благослови и предности. Да покажеме дека нашата вера не нè прави бесчувствителни и строги. Сите оние кои велат дека го нашле Христа нека им служат на другите онака како што Тој им служел на луѓето. Во овој свет никогаш не смееме да оставиме погрешен впечаток дека христијаните се тажни и несреќни луѓе“. – Адвентен дом, 428.


Пет , 17. Јан

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Опиши ги духовните плодови на Христовото чудо во Кана.

2. Опиши го односот помеѓу Христа и Неговата мајка.

3. Зошто беше изненаден старосватот на свадбата?

4. Каков вид на вино ја симболизира Христовата крв?

5. Што треба да запомниме од примерот на Исус на друштвените собири?

 <<    >>