Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ПРВ ДЕЛ)

 <<    >> 
4 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 25. ЈАНУАРИ 2025

Исус во храмот

Запомнете го стихот: „А Господ е во Својот свет храм: нека замолкне целата земја пред лицето Негово“ (Авакум 2:20).

„Влезовите на Божјиот дом треба да бидат исполнети со света почит“ – 5 Сведоштво, 493.

Предлагаме да прочитате:   5 Сведоштво, 491-500. 

Нед , 19. јан

1. ХРАМОТ ОСКВЕРНЕТ

а. Опишете ја ситуацијата во ерусалимскиот храм на почетокот на Христовата јавна служба. Јован 2:13,14.

„Секој Евреин бил должен годишно да плаќа половина сикал, како ’откуп за својата душа’... Покрај тоа, биле давани огромни суми како доброволни дарови, кои биле ставани во ризницата на храмот. Исто така, сите странски пари требало да се променат за да се добијат пари кои се викале сикал и кои биле приложувани за служба во светилиштето. Таа размена на пари пружала можност за измами и уцени и се претворила во срамна трговија, која претставувала извор на приходи за свештениците.

Трговците барале претерани цени за животните што се продавале, а својата заработувачка ја делеле со свештениците и поглаварите, кои на тој начин се богателе на штета на народот“. – Копнежот на вековите, 155.

б. Како тоа влијаело на службите во храмот? Езекиел 22:26 (последен дел).

„Голем број жртви биле принесувани за време на Пасхата, па продажбата во храмот била многу голема. Метежот што владеел поради тоа, повеќе прилегал на бучен добиточен пазар, отколку на свет Божји храм. Тука можело да се слушне гласно спогодување, мукање на добиток, блеење на овци, гукање на гулаби, сето тоа измешано со ѕвекот на пари и со гневно препирање. Метежот бил толку голем, што ги вознемирувал верниците, а зборовите упатени на Семоќниот биле задушени од вревата што продирала во храмот. Евреите многу се фалеле со својата побожност“. – Копнежот на вековите, 155.


Пон , 20. јан

2. ПОЧИТ ВО БОЖЈИОТ ДОМ

а. Како Бог гледа на местото каде што го манифестира своето присуство — и која била Неговата прва наредба за планината Синај? Излез 3:1-5.

„Кога Господ се спуштил на Синајската гора, тоа место било посветено од Неговото присуство... Така е дадена поука за тоа дека секаде, каде што Бог го открива Своето присуство, тоа место е свето“. – Копнежот на вековите, 155,156.

б. Како реагирал Христос на сквернавењето на храмот? Јован 2:15,16.

„Влегувајќи во храмот, Исус со еден поглед ја согледал таа сцена. Видел нечесна трговија. Ја видел бедата на сиромасите, кои верувале дека без пролевање крв нема да бидат простени нивните гревови. Видел дека надворешното предворје на храмот е претворено во место за нечесна трговија. Светото подрачје се претворило во пространа менувачница“. – Копнежот на вековите, 157.

„Слегувајќи полека по скалите и подигајќи го камшикот од јаже што го земал влегувајќи внатре, Тој им наредил на трговците да се оддалечат од територијата на храмот. Со ревност и строгост што никогаш порано не ги покажувал, ги превртел масите на менувачите на пари. Металните пари јасно одѕвонувале на мермерниот под. Никој не се осмелил да праша за Неговиот авторитет. Никој не се осмелил да ја собере својата лошо заработена добивка. Исус не ги удирал со камшикот, но тој едноставен камшик во Неговата рака изгледал како пламен меч. Службениците на храмот, свештениците кои склопуваат нечесни зделки, посредниците и трговците на добиток со своите овци и говеда побрзале да го напуштат ова место со една мисла; да побегнат од осудата на Неговото присуство“. – Копнежот на вековите, 158.

в. Што значи Христовиот чин на чистење на храмот? Малахија 3:1-3.

„Предворјата на храмот во Ерусалим, полни со метеж и несвета трговија, премногу верно го прикажувале храмот на срцето, извалкано од присуството на сетилни страсти и несвети мисли. Чистејќи го храмот од световните продавачи и купувачи, Исус ја објавил Својата мисија; чистење на срцата од нечистотијата на гревот од земните желби, од себичните барања, од лошите навики што ја расипуваат душата“. – Копнежот на вековите, 161.


Вто , 21. јан

3. БОЖЈО ПРИСУСТВО

а. Која била Божјата првобитна цел во воспоставувањето на Неговото светилиште меѓу Неговиот народ? Излез 25:8.

„Тој храм, подигнат да биде место за престојување на божественото присуство, има за цел да биде очигледна поука за Израел и за светот. Уште од вечни времиња Божја намера била секое создание, од светлиот и свет серафим до човекот, да биде храм во кој ќе престојува Творецот“. – Копнежот на вековите, 161.

б. Зошто верниците се нарекуваат Божји храм— и како треба сесрдно да ја одржуваме светоста на овој храм? 1. Коринтјаните 3:16,17; Исаија 57:15.

„Човечкиот род, заради гревот престанал да биде Божји храм. Замрачено и извалкано од грев, човечкото срце веќе не можело да ја открива божествената слава. Меѓутоа, со отелотворување на Божјиот Син се исполнила намерата на Небото. Бог престојува во луѓето и човечкото срце повторно станува Негов храм преку спасоносната милост“. – Копнежот на вековите, 161.

„Ако веруваме дека се приближува крајот на сѐ ’каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша?’ (2 Петрово 3:11).

Секоја душа што верува во вистината ќе го покаже тоа и со своите дела. Сите треба да бидеме што посесрдни и понепоколебливи во своите напори да придобиваме души за Христа. Ако вистината се вкорени длабоко во нивните срца, тие ќе копнеат да ја всадат и во срцата на другите. Вистината премногу долго се држи во предворјето. Внесете ја во внатрешниот храм на душата, поставете ја на престолот на вашето срце и потчинете ѝ го својот живот. Ние треба да ја проучуваме Божјата Реч и да му се покоруваме. Тогаш срцето ќе најде мир, среќа и радост и нашите мисли ќе бидат насочени кон небото. Меѓутоа, ако вистината се чува одделена од животот, во предворјето, срцето нема да биде загреано од пламенот на Божјата добрина.

Мнозина Исусовата вера ја чуваат само за посебни денови или за посебни прилики, додека во останатото време ја забораваат и занемаруваат. Непоминливото начело на вистината не важи само неколку часови во сабота или за неколку дела на милосрдие, туку треба да се внесе во срцето, пречистувајќи го и посветувајќи го карактерот“. – 5 Сведоштво, 547.


Сре , 22. јан

4. ЧИСТЕЊЕ НА ЖИВИОТ ХРАМ

а. Што треба да сфатиме за нашата беспомошна состојба додека се обидуваме да го исчистиме храмот? Еремија 2:22; Јов 14:4.

„Ниту еден човек не може сам да го истера злото што се вгнездило во неговото срце“. – Копнежот на вековите, 161.

б. Која е тајната да можеш да застанеш пред светиот Бог со очистено срце? Езекиел 36:25-27; Захарија 3:3-5.

„Јаков бил виновен поради големиот грев што го сторил во своето однесување кон Исав, но тој се покајал. Престапот му бил простен и тој бил очистен од гревот, затоа и можел да го поднесе откровението на Божјото присуство. Меѓутоа, секогаш кога луѓето Доаѓале пред Бога, а намерно негувале зло, биле уништени. При второто Христово доаѓање, безбожниците ќе бидат уништени ’со Духот од Неговите усни“ и погубени со „светлината на Неговото доаѓање’. (2 Солунјаните 2:8) Светлината на Божјата слава, која им дава живот на праведниците, ќе ги погуби грешниците.

Во времето на Јован Крстителот, Христос требал да се појави како Оној, Кој ќе го открие карактерот на Бога. Самото Негово присуство ќе им укаже на луѓето на нивните гревови. Тие ќе можат да имаат заедница со Него, само ако се подготвени да се очистат од гревовите. Во Негово присуство можат да останат само оние, кои се со чисто срце“. – Копнежот на вековите, 108.

„Единствено Христос може да го очисти храмот на душата. Но Тој не сака насилно да влезе. Тој не влегува во срцето како некогаш во стариот храм, туку вели: ’Еве стојам пред врата и тропам. Оној што ќе го чуе мојот глас и што ќе ја отвори вратата, ќе влезам кај него’. (Откровение 3:20) Тој ќе дојде не само на еден ден, бидејќи вели: ’Ќе живеам и ќе одам меѓу нив..., а тие ќе бидат Мој народ’. ’Тој ќе ги погази нашите беззаконија; ќе ги фрли во морските длабочини сите наши гревови’. (2 Коринтјаните 6:16; Михеј 7:19) Неговото присуство ќе ја очисти и ќе ја посвети душата за да биде свет храм на Господа и ’во живеалиште Божјо преку Духот’“ (Ефесјаните 2:21,22). – Копнежот на вековите, 161,162.

„Додека Исус служи во небесното светилиште, со своето присуство, Исус сѐ уште служи во црквата на Земјата“. – Копнежот на вековите, 166.


Чет , 23. јан

5. ЧИСТЕЊЕ НА ХРАМОТ ДЕНЕС

а. Како Бог ги смета водачите на Неговиот народ одговорни за зачувување на светоста на Неговиот дом? Авакум 2:20; Езекиел 44:23.

„Прилозите за Божјиот храм морале да бидат сметани како свети. Меѓутоа, љубовта кон добивката направила сето ова да се заборави.

Свештениците и поглаварите биле повикани да бидат Божји претставници за народот; нивна должност била да ја исправат злоупотребата на предворјето на храмот, а на народот морале да му дадат пример на чесност и сочувство“. – Копнежот на вековите, 156.

„Чиста вистина е дека речиси целосно згасна стравопочитувањето кон Божјиот дом. Не се прави разлика меѓу светите нешта и светите места и обичните; не се цени тоа што е свето и возвишено... Бог на Својот народ во Стариот завет му дал совршени прописи во поглед на редот и точноста. Зар Неговиот карактер се променил? Не е ли Тој Големиот и Семоќен Бог кој владее во небото над небесата? Зар не би било добро често да ги читаме упатствата што самиот Бог им ги дал на Евреите, за ние кои сме осветлени со светлината не величествената вистина да се угледаме на стравопочитувањето кое тие го имале кон Божјиот дом“. – 5 Сведоштво, 495,496.

б. Објаснете ја клучната победа што треба да се извојува со Христовата сила. Матеј 5:8; 1. Јованово 3:1-3.

„Ги повикувам сите кои тврдат дека се синови Божји никогаш да не ја заборават оваа голема вистина, дека ни треба Божјиот Дух во нас за да стигнеме до небото, и Христовото дело надвор од нас за да ни даде право на бесмртно наследство“. ¬– Testimonies to Ministers, p. 442.


Пет , 24. јан

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кои биле водачите на неправедната трговија во храмот?

2. Каков треба да биде ставот на секој што доаѓа пред Бога?

3. Објасни го духовното значење што храмот во Ерусалим требал да го има.

4. Што објавил Христос при чистењето на храмот?

5. Како може да се очисти нашето несовршено човечко срце?

 <<    >>