Back to top

Sabbath Bible Lessons

Евангелие според Јован (ПРВ ДЕЛ)

 <<    >> 
11 ЛЕКЦИЈА САБОТА, 15. МАРТ 2025

Исус и паралептичарот од Витезда

Запомнете го стихот: „А Исус им одговараше: ’Мојот Отец досега работи, и Јас работам’“ (Јован 5:17).

„Христовото дело при исцелувањето на болниот било во совршен склад со законот. Тоа манифестирало почит кон саботата“. – Копнежот на вековите, 207.

Предлагаме да прочитате:   1 Сведоштво, 560-567. 

Нед , 9. мар

1. ЛЕКОВИТИТЕ ВОДИ

а. Со која цел многу многу лица со инвалидитет одеа во Ерусалим? Јован 5:2,3.

б. Какво верување имаа луѓето за бањата Витезда? Јован 5:4.

„Во одредено време водите во оваа бања се раздвижувале и било распространето верувањето дека тоа било резултат на некоја натприродна сила и дека оној, кој прв ќе влезе во бањата, откако водата ќе се раздвижи, ќе оздрави без оглед од каква болест да боледува. Стотици болни доаѓале во таа бања. Меѓутоа, ги имало толку многу што, кога водата ќе се раздвижела, секој навалувал да влезе, газејќи сѐ пред себе, мажи, жени и деца, кои биле послаби од него. Многумина и не можеле да се приближат до бањата. Некои, кои успевале да дојдат до неа, умирале на нејзиниот раб. Околу бањата биле подигнати засолништа за да можат болните да се заштитат од горештините дење и од студот ноќе. Имало и болни, кои минувале неколку ноќи под тие тремови, од ден на ден ползејќи до водата, попусто надевајќи се дека ќе оздрават“. – Копнежот на вековите, 201.

в. Како започнал разговорот меѓу Исус и еден човек кај бањата? Јован 5:5-7.


Пон , 10. мар

2. РАЗЛИЧНИ ВИДОВИ НА ПАРАЛИЗА

а. Колку човечки невозможна задача побарал Исус да ја исполни парализираниот човек – и со какви резултати? Јован 5:8,9 (прв дел).

„Исус од овој страдалник не барал да покаже вера во Него. Тој едноставно рекол: ’Стани, подигни ја својата постела и оди’. Меѓутоа, верата на болниот се фатила за овие зборови. Секој негов нерв и мускул се исполниле со нов живот и здравјето се вратило во неговите осакатени екстремитети. Без приговор, тој се покорил на Христовата наредба и сите негови мускули се покориле на неговата волја. Скокнал на нозе и почувствувал дека е здрав човек.

Исус не му ветил божествена помош. Болниот би можел да се посомнева и на тој начин би ја пропуштил единствената можност да оздрави. Меѓутоа, тој верувал во Христовите зборови и постапувајќи според нив, добил сила“. – Копнежот на вековите, 202,203.

б. Во каква духовна состојба се наоѓаат луѓето кои се одвоиле од Христа? Исаија 1:5,6; Римјаните 7:24.

„Гревот не одвоил од животот во Бога. Нашите души се парализирани. Сами по себе, ние не сме во состојба да живееме свет живот, како што немоќниот човек не бил способен да оди. Многу луѓе увидуваат дека се беспомошни и копнеат по оној духовен живот, кој ќе ги доведе во склад со Бога; тие попусто се обидуваат да го постигнат тоа “. – Копнежот на вековите, 203.

в. Кој е единствениот лек за таквата состојба? Дела 9:34.

„Спасителот се наведнува над оние, кои ги откупил со Својата крв и со неискажана нежност и сочувство вели: „Сакаш ли да оздравиш?“ Тој те повикува да станеш во здравје и мир. Не чекај да почувствуваш дека си исцелен. Верувај во Неговата Реч и таа ќе се исполни. Стави ја својата волја на страната на Христа. Имај волја да му служиш и постапувајќи според Неговата Реч, ќе добиеш сила. Колку и да е зла навиката, какви и да се страстите, кои по долгото попуштање ги врзуваат душата и телото, Христос може и копнее да те ослободи. Тој ќе и даде духовен живот на душата која е ’мртва поради престапите’. (Ефесјаните 2:1) Тој му дава слобода на робот, врзан од слабостите, несреќите и синџирите на гревот“. – Копнежот на вековите, 203.


Вто , 11. мар

3. ОДЕЊЕ ВО НОВ ЖИВОТ

а. Како Христос ни помага да ги совладаме тешкотиите? Ефесјаните 2:1-6.

„Човекот по својата природа е наклонет да подлегнува на сугестиите на сатаната, и затоа не е во состојба успешно да се спротивстави на толку страшниот противник доколку Христос, како силен Победник, не живее во него, насочувајќи ги неговите копнежи и давајќи му сила... Сатаната знае дури и подобро од припадниците на Божјиот народ, каква моќ тие можат да имаат во борбата со него, ако својата сила ја добиваат од Христос. И најслабиот верник, кога цврсто ќе се потпре на Христос и понизно побара помош од Него како од моќен Победник, може со голем успех да го одбие сатаната и сите негови помошници “. – 1 Сведоштво, 341.

„Мораме да учиме за Христос. Мораме да разбереме што Тој претставува за оние што ги откупил. Мораме да сфатиме дека преку верата во Него имаме привилегија да бидеме учесници во божествената природа и на тој начин да ја избегнеме расипаноста што е во светот преку страста. Тогаш се чистиме од секаков грев, од сите карактерни недостатоци. Не треба да задржиме ниту една грешна склоност...

Како учесници во божествената природа, ќе ги отфрлиме сите наследени и стекнати склоности кон злото и ние стануваме жива сила за доброто. Постојано учејќи од божествениот Учител и секојдневно учествувајќи во Неговата природа, ние соработуваме со Бога во совладување на сатанските искушенија. Бог работи и човекот работи, за човекот да стане едно со Христа, како што Христос е едно со Бога. Потоа седиме заедно со Христос на небесните места. Душата наоѓа мир и сигурност во Исус“. – The Review and Herald, April 24, 1900.

б. Опишете го мирот што доаѓа од Христовата сила. Римјаните 8:3-6.

„Секое дете живее со животот на својот Отец. Ако сте Божји деца, препородени со Неговиот Дух, ќе живеете со живот кој сте го добиле од Бога... а Исусовиот живот се открива во ’нашето смртно тело’ (2 Коринтјаните 4:11). Тој живот во вас ќе развие ист карактер и ќе чини исти дела како што ги чинел и преку Него. Така ќе бидете во согласност со сите прописи на Неговиот Закон бидејќи ’непорочен е Законот Божји - душите ги укрепува’ (Псалм 19:7). Со помош на љубовта ’правдата на законот’ ќе се исполни ’во нас, кои не живееме по телото, туку по Духот’” (Римјаните 8:4)“. – Мисли од гората, 77.


Сре , 12. мар

4. ГНЕВОТ НА ФАРИСЕИТЕ

а. Игнорирајќи го благословот даден на парализираниот, зошто фарисеите се налутиле? Јован 5:9 (последен дел),10.

„Одејќи со цврст, силен чекор, фалејќи го Бога и радувајќи се на својата новооткриена сила, тој сретнал неколку фарисеи и веднаш им раскажал како оздравел. Бил изненаден, кога видел како тие студено го сослушале.

Со смуртени чела тие го прекинале, прашувајќи го зошто ја носи својата постела, во саботен ден. Строго го предупредиле дека не е дозволено да се носи товар во Господовиот ден. Во својата радост, човекот заборавил дека е сабота. Сепак, не чувствувал дека згрешил што се покорил на заповедта на Оној, Кој имал таква моќ од Бога, па смело одговорил: ’Оној што ме исцели ми рече: Земи ја својата постела и оди’. Тие го прашале кој го направил тоа, но тој не можел да им каже. Тие поглавари знаеле дека постоел само Еден, Кој можел да го направи тоа чудо, но сакале да имаат јасен доказ дека тоа бил Исус, за да можат да го осудат за прекршување на саботата. Според нивното фарисејско мислење, Тој не само што го прекршил законот со тоа што излекувал болен во сабота, туку направил сквернавење што му рекол на исцелениот човек да ја носи својата постела во сабота“. – Копнежот на вековите, 203.

б. Што направиле Евреите со саботата? Матеј 23:4.

„Евреите толку го изопачиле законот, што дури го претвориле во ропски јарем. Нивните бесмислени барања станале изрека кај другите нации. Особено саботата била оградена со сите можни бесмислени ограничувања. За нив таа не била радост, свет Господов ден. Книжевниците и фарисеите направиле празнувањето на саботата да стане неподнослив товар. На Евреинот не му било дозволено да запали оган, па дури ниту да запали свеќа во сабота. Поради тоа, тие зависеле од незнабошците за многу услуги, кои нивните правила им забранувале сами да ги прават. Тие не помислувале дека доколку тие постапки значат престап, тогаш и оние што ги вработуваат другите да им направат услуга се исто толку виновни, како самите да ја извршиле. Тие сметале дека спасението е наменето само за Евреите и дека состојбата на другите, бидејќи е веќе безнадежна, не може да биде полоша. Меѓутоа, Бог не дал никаква заповед, која сите не би можеле да ја послушаат. Неговите закони не одобруваат никакви неразумни или себични ограничувања“. – Копнежот на вековите, 204.


Чет , 13. мар

5. САБОТАТА И НЕЈЗИНАТА ЦЕЛ

а. Каков однос имал Исус кон Божјиот закон и саботата? Исаија 42:21.

„Исус дошол да ’го возвеличи и прослави законот’. Тој не ја намалил неговата достоинственост, туку ја издигнал... Тој дошол да ја ослободи саботата од тешките прописи поради кои, наместо благослов, се претворила во проклетство“. – Копнежот на вековите, 206.

б. Што треба, а што не треба да се прави во сабота? Излез 20:8-11.

„Меѓу страдалниците во бањата (Христос) го избрал најтешкиот болен на него да ја манифестира Својата моќ на исцелување и му кажал на тој човек да ја носи својата постела низ градот, за да го објави големото дело, кое било извршено над него. На тој начин ќе се поттикне прашањето за тоа што според законот може да се прави во саботен ден и ќе му го отвори патот да ги осуди еврејските ограничувања во врска со Господовиот ден и да ги прогласи нивните традиции за неважечки.

Исус рекол дека делото на исцелување на болните е во склад со законот за саботата, како и со делото и задачата на Божјите ангели, кои постојано се симнуваат и качуваат помеѓу Небото и Земјата, за да му помогнат на човештвото што страда...

Тој ден и човекот мора да работи. Мора да се обрне внимание на животните потреби, болниот мора да се негува, на сиромашните и страдалниците мора да им се укаже помош. Не е без вина оној што занемарува да ги олесни страдањата во саботниот ден. Божјиот свет ден за одмор е создаден за човекот и делата на милосрдие се во склад со намената на саботата. Бог не сака Неговите созданија ниту за еден час да ги поднесуваат страдањата, кои би можеле да се отстранат во сабота или кој било друг ден“. – Копнежот на вековите, 206,207.


Пет , 14. мар

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Какво верување преовладувало за бањата Витезда?

2. Кој посебен случај го привлече Христовото внимание?

3. Како можеме да ја излечиме нашата духовна парализа?

4. Што многу ги налутило Евреите поради чудесното исцелување?

5. Кои дела се во склад со саботната заповед?

 <<    >>