Нед
, 23. мар
1. ГЛАДНИ ДУШИ
а. Освен учениците, кој друг го придружувал Исус кога го преминал Галилејското Море пред Пасха? Јован 6:1,2.
„Христос се повлекол со Своите ученици на едно тивко место, но тој редок момент на мирен одмор набргу бил прекинат. Учениците мислеле дека се повлекле таму каде што нема да бидат вознемирувани; но тогаш, кога на мноштвото им недостасувало божествениот Учител, тие се запрашале: ’Каде е Тој?’ Сепак, некој од нив забележал во која насока заминале Христос и Неговите ученици. Многумина тргнале по копно да ги најдат, додека други се упатиле со чамец преку езерото. Наближувала Пасха, па групи на верници од близу и од далеку, на својот пат кон Ерусалим, се собрале да го видат Исуса. Ним им се придружиле други, така што на крајот се собрале пет илјади мажи, освен жени и деца. Пред Христос да стигне на брегот, мноштвото веќе го чекало. Меѓутоа, Тој пристигнал на копно незабележан од нив и поминал насамо извесен период со Своите ученици“. – Копнежот на вековите, 364.
б. Опишете ја духовната состојба на собраните луѓе. Марко 6:34.
Пон
, 24. мар
2. ГРИЖА ЗА НАШИТЕ ПОТРЕБИ
а. Што нежно препознал Исус дека им е потребно на луѓето – и како ја искористил оваа прилика да ја тестира верата на својот ученик Филип? Јован 6:3-6.
„Набљудувајќи го од ридот мноштвото што Доаѓало, Неговото срце било трогнато од сочувство. Иако го прекинале и му го одзеле Неговиот одмор, не бил нетрпелив. Гледајќи го народот што постојано Доаѓал, видел една поголема потреба, која барала Негово внимание. Тој ’се сожали над нив, зашто беа како овци без пастир’. Напуштајќи го Своето место на почивка, нашол едно соодветно место, каде што можел да им служи. Свештениците и поглаварите не им пружиле никаква помош, но од Христа потекла исцелувачка вода на живот, додека го поучувал мноштвото за патот на спасението...
Тој ден им изгледал како Небото да е на Земјата, па целосно заборавиле колку долго ништо не јаделе.
Денот се ближел кон крајот. Сонцето заоѓало на запад, но луѓето уште не си оделе. Исус работел цел ден без храна и одмор. Бил блед од умор и глад и учениците го преколнувале да се одмори од Својата напорна работа. Меѓутоа, Тој не можел да се одвои од мноштвото народ што се туркал околу Него...
Оној, Кој ги учел луѓето како да си обезбедат мир и среќа, мислел исто толку на нивните земни потреби Колку и на духовните. Луѓето биле изморени и ослабени. Тука имало и мајки со бебиња во рацете и со малечки деца кои се држеле за нивните скутови. Многумина стоеле веќе со часови...
Многумина дошле од далеку и не јаделе ништо од изутрината. Во околните градови и села можеле да си купат храна. Меѓутоа, Исус им рекол: ’Дајте им вие да јадат’, и потоа му се обратил на Филип и го прашал: ’Каде да купиме леб за да јадат овие?’ Тоа го кажал за да ја испита верата на учениците“. – Копнежот на вековите, 364,365.
б. Каква беше реакцијата на Филип? Јован 6:7.
„Филип фрлил поглед на ова море од луѓе и размислувал Колку е невозможно да се обезбеди храна за да се задоволат потребите на толкаво мноштво. Тој одговорил дека леб за двесте денарии не би бил доволен за да се раздели меѓу нив и секој да добие по малку“. – Копнежот на вековите, 365.
Вто
, 25. мар
3. ШТО И ДА БЕШЕ ДОСТАПНО
а. Која информација му ја дал Андреј на Исус – и што побарал Господ од учениците да направат? Јован 6:8-10.
„Исус прашал Колку храна може да се најде меѓу луѓето. ’Овде има едно момче’, рекол Андреј, ’кое има пет јачменови лебови и две мали риби. Но што е тоа за толкаво мноштво?’ Исус заповедал да му се донесе тоа. Тогаш им заповедал на учениците сите присутни да ги сместат на тревата и во групи од по педесет или сто луѓе, за да се сочува редот и сите да можат да бидат сведоци на она што Тој ќе го направи“. – Копнежот на вековите, 365.
б. Објаснете ги чекорите што Христос ги презел за да ја умножи храната – и какви поуки можеме да научиме од нив. Матеј 14:19; Марко 6:37-41; Јован 6:11.
„Исус не сакал да ги привлече луѓето кон Себе задоволувајќи ја желбата за раскош. За тоа огромно мноштво, изморено и глад-но по долгиот возбудлив ден, едноставниот обред, претставувал доказ за Неговата моќ, но и за Неговата нежна грижа за нив во секојдневните животни потреби. Спасителот не им го ветил на Своите следбеници раскошот на овој свет; тие можеби ќе мора да бидат сиромашни, но Неговиот збор претставува залог дека нивните потреби ќе бидат задоволени, а Тој ветил и нешто далеку подобро од земната благосостојба - постојаната утеха на Неговото присуство“. – Здравје и среќа, 47.
„Во извршувањето на ова чудо, Христос примил од Отецот; Тој им делел на учениците, учениците на луѓето, а луѓето едни на други. Така, сите што ќе се обединат со Христа, ќе го примат од Него ‘Лебот на животот’ и ќе го предадат на другите. Неговите ученици се средства одредени за комуникација помеѓу Христа и народот“. – Здравје и среќа, 49.
в. На каква поука за вистинската служба се потсетуваме овде? Исаија 61:6.
„Учениците донеле сè што имале, но Тој не ги повикал да јадат. Им заповедал да го служат народот. Храната се умножувала во Неговите раце, а рацете на учениците - подадени кон Христа, никогаш не останале празни. Малата залиха била доволна за сите. Кога мноштвото било нахрането, учениците заедно со Исуса јаделе од драгоцената храна, обезбедена од Небото“. – Здравје и среќа, 49.
Сре
, 26. мар
4. УБАВИНАТА НА СПОДЕЛУВАЊЕТО
а. Што треба да научиме од значајната поука што ја дал Исус откако го нахранил мноштвото? Јован 6:12,13.
„Кога кошниците со храна биле собрани, луѓето помислиле на своите пријатели дома. Сакале и тие да вкусат од лебот што Исус го благословил. Тие остатоци од храна биле разделени на желното мноштво, кое ги понело со себе во околните краеви“. – Копнежот на вековите, 368.
„Исус им заповедал на Своите ученици: ’Соберете ги останатите парчиња, за да не се изгуби ништо’. (Јован 6:12) Овие зборови имаат далеку поголемо значење од едноставно собирање на остатоците. Поуката била двојна: Ништо не смее да се расфрла. Ни овоземните предимства не треба да се омаловажуваат. Не смееме да занемаруваме ништо што би можело да биде од полза за некое човечко суштество. Треба да се собира сè што би можело да ги ублажи страдањата на гладните од овој свет. Исто толку грижливо, за да ги задоволиме потребите на душата, мораме да го чуваме и ‘Небесниот леб’. Ние треба да живееме од секој Божји Збор. Ништо што Бог изговорил, не треба да биде изгубено. Не смееме да запоставиме ниту еден збор, кој се однесува на нашето вечно спасение. Ниту еден збор не смее неискористен да падне на земја“. – Здравје и среќа, 48.
б. Дури и ако изгледа непријатно или невозможно, каква христијанска особина треба да негуваме? Исаија 58:6-8; 1. Петрово 4:9.
„Во секоја неволја треба да побараме помош од Оној, Кому на располагање му стојат бескрајни извори...
Колку често и ние, кога ги гледаме потребите на сиромашните, неуките и страдалниците, паѓаме во малодушност. Се прашуваме што можеме да сториме со нашите слаби сили и безначајни залихи за да ја задоволиме таа огромна потреба? Зар не треба да чекаме тоа да го стори некој, кој има поголеми способности или можеби некоја организација? Но Христос вели: ’Дајте им вие да јадат’. Употребете ги средствата, времето и способностите што ги имате. Принесете му ги своите јачменови лебови на Исус.
Иако вашите залихи можеби не се доволни да нахранат илјадници, тие можат да ги задоволат потребите на еден од нив. А во Христовата рака ќе можат да нахранат мнозина. И вие, како учениците, дајте го она што го имате. Христос ќе го умножи вашиот дар. Тој ќе ја награди искрената, едноставна доверба во Него. И она што изгледало многу безначајно, ќе се покаже како богата гозба“. – Здравје и среќа, 49,50.
Чет
, 27. мар
5. НАШИОТ СОЗДАТЕЛ И СНАБДУВАЧ
а. Која прекрасна Божја особина никогаш не смееме да ја заборавиме? Псалм 37:25,26; Филипјаните 4:19.
„Божјата благодат прави со мала количина сите да се нахранат. Божјата рака може стократно да умножи. Тој може да постави трпеза во пустина. Со допир на раката Тој може да ја умножи сиромашната храна така што да биде доволно за сите. Со Негова сила умножени се лебовите и житото во рацете на пророчките синови...
Кога Исус им наредил на своите ученици да му дадат на мноштвото народ да јаде, тие одговориле: ’Ние немаме повеќе од пет лебови и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе?’ (Лука 9:13). Што е тоа за толкав број луѓе?
Оваа поука важи за Божјите деца во сите времиња. Кога Господ дава налог за извршување на некоја задача, луѓето не треба да стојат и да се прашуваат дали е разумна заповедта и какви ќе бидат последиците ако ја послушаат. Можеби она што го имаат во рацете ќе изгледа недоволно да се задоволат потребите, но од рацете Господови ќе дојде и ќе претекне...
Заедницата денес мора многу попотполно да чувствува поврзаност помеѓу Бога и оние кои Тој ги откупил жртвувајќи го својот Син, мора да има повеќе вера во развојот и напредокот на Божјото дело на земјата. Никој не смее да губи време јадосувајќи се што силата е мала. Можеби надворешноста наизглед не ветува многу, но енергијата и верата во Бога ќе го оствари она што е потребно. Тој ќе ги умножи даровите кои му се принесени во благодарност со молба за Негов благослов, токму како што ја умножил храната понудена на пророчките синови и на измореното мноштво“. – Пророци и цареви, 241-243.
Пет
, 28. мар
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Опиши го ставот на луѓето кога ги слушнале Христовите зборови.
2. Како Господ ги обезбедил нивните физички потреби?
3. Што учиме од начинот на кој Христос вовел ред во мноштвото?
4. Што треба да запомнам кога некој ќе ми рече: ‘Нахрани ги’?
5. Наведете времиња кога Божјата промисла кон вас била особено впечатлива.